Прејди на содржината

Чавдар Војвода и Лауш

Од Wikisource
Чавдар војвода и Лауш

од македонските народни песни
македонска епска народна песна

Чавдар на Лалча думаше:
— Лалчо ле, момче ујчево,
вика ме, Лалчо пашата,
пашата софијанската,
дава ми паша убава,
на ден цела жолтица,
а на вечер половинка.
И дарба ќе ми подари:
на секи јунак златен кафтан,
а па на мене дори два,
дори два златни кафтана!
Дали да идам, или не? —
Лалчо ујчу си думаше:
— Тук седи, ујчо, не оди,
не си е добра работа,
тоа е турска измама:
пашата ќе не измами,
живи ќе да не излови,
на синџир ќе не наниже;
едни ќе да си обеси,
други ќе на кол побие.
Не оди, ујчо, седи си! —
Чавдара јад го дојаде,
дојаде та го догневи,
та си на Лалча думаше:
— Лалчо ле, момче ујчево,
твојата, Лалчо, работа,
како на жена непразна,
ти чекаш се на готово! —
На Лалча многу докриве,
докриве, та му домачна
и на ујча си подума:
— Ујчо ле, ујчо Чавдаре,
молба ќе ти се помолам,
а па ти да ме послушаш:
ја ајде, ујчо, ја ајде,
јунаци да си раздвоим,
раздвоим, да го разделим:
ти земи, ујчо, одборот,
на мен остави изметот.
Ујчо ле, јас ќе останам
во софенската корија;
ти иди, вујчо, на Софен,
при таа паша софенска,
нека ти дарба подари:
на секи јунак злат кафтан,
а па на тебе дори два,
дори два златни кафтана;
нека ви ачец заплаќа,
на ден по цела жолтица,
а на вечер половинка. —
Чавдар си Лалча послуша,
та си јунаци раздвои,
раздвои, на две оддели:
Чавдар си зеде одборот,
на Лалча даде изметот.
Лалчо с дружина остана
во софенската корија:;
Чавдар отиде, на Софен,
при таа паша софенска.
Кога го виде пашата,
оддалеку му се поклони,
а одблизу му продума:
— Чавдаре, Чавдар војводо!
Оставете си пушките,
истакнете си пиштоли,
откачите си сабјите,
ај елате да седнеме.
да си појадем, попием,
убаво да си прикажем,
та дарба ќе ви подарам:
на секи јунак по кафтан,
на тебе Чавдар дори два,
дори два златни кафтана,
и акот да ви претплатам!—
Чавдар пашата поверва:
оставија си пушките,
истакнаа си пиштоли,
откачија си сабјите,
та при пашата влегоа.
Пашата дума на слуги,
думаи нарачува им:
— Слагајте бели трпези,
давајте гозби секакви,
донесете вино црвено,
и врла, бистра ракија . . .
Слуги на паша послушни,
сложија бели трапези,
даваа гозби секакви,
носија вино црвено
и врла, бистра ракија.
Паша ишарет чинеше,
слугите го разумеа:
по малку вино да вливат,
по многу татул да турат,
да си опојат Чавдара,
па после да си уловат
Чавдара, Чавдар војвода.
Слугите вино точиле,
точиле, пресно давале:
помалко вино вливале,
по многу татула турале.
А Чавдар не се досети
ни некој од дружината.
Опи се Чавдар војвода,
опи се та си позаспа;
и дружината му заспала.
Паша на слуги думаше:
— Принесите танки дарови,
танки, сукани сиџими,
ситни ковани синџири. —
Па си стана сам пашата,
та ги премени, премени:
на секи јунак по сиџим,
а на Чавдара дори два —
на раце танки синџири,
на нозе тешки томруци,
на шија дребни синџири.
Кога се Чавдар собуди,
та си погледна и виде
в какви е лични премени,
тој си на паша думаше:
— Пашо ле, паша ефенди!
Од пат сум вчера пристигнал,
на твоите чесни трапези,
од твоите чудни икрами
срцето ми се заклучи
и дремка ми се придрема.
Много ќе ти се помолам,
сега да би ме послушал,
ја да ми дадеш свирката,
сос свирка да си посвирам,
да ми се срце отклучи,
да ми се дремка отдреме. —
Паша Чавдара послуша:
донесоа му свирката,
раслабија му рацете.
свирка ми свири, говори:
— Лалчо ле, момче ујчево,
де да си, сега да дојдеш,
да ме погледаш и видиш
в какви сум лични премени:
на раце танки сиџими,
на нозе тешки томруци,
на шија ситни синџири;
да дојдеш, ујку, да дојдеш,
да дојдеш да ме извадиш. —
Лалчо си зачу свирката,
та и тој од далеч засвири;
свирка му дума, говори:
— Ујчо ле, ујчо, Чавдаре,
не можам, ујчо, да дојдам,
не можам да те извадам,
то не е моја работа;
мојта работа невредна,
како на жена непразна;
јас чекам се наготово,
јунаци ми се сѐ измет!
Чавдар на свирка повтори:
— Лалчо ле, момче, ујчево,
много ќе ти се помолам,
било што било — забрави
и на наваму се управи,
поскоро да не извадиш;
малку е време остало,
Лалчо ле, ќе не избесат!—
Та стана Лалчо, Лалчо ле,
и си јунаци поведе,
јунаци, олан, изметот,
та се на Софан стигнали,
на софенските конаци,
порти им беа затворени.
Лалчо се брзом забрза
и тропиком си потскочи,
та си портите прескочи,
прескочи и ги отвори,
уведе внатре јунаци,
та на тамница отиде:
с раце камен кртеше,
сос заби синџири касаше,
та си вратата отвори
и си Чавдара извади,
и неговата дружина,
оние одбор јунаци.
Тога си Лалчо отиде,
на пашовите конаци.
Разби си Лалчо ареми,
та си пашата искара,
та к’с по к’с го режеше,
режеше и го питаше:
— Пашо ле, курво кафпио,
ќе ли да лажеш јунаци,
с измама да ги затриваш? —
Па му главата одреза
и на мадрак ја натакна,
та си јунаци поведе,
и свирката си свиреше.
Кога низ Софен врвеше:
— Јаллате месо пашово,
секому не е дадено,
да оди да го продава;
сал на Лалча е дадено,
да може да го продава,
на Лалча на бајрактара,
што води измет јунаци,
та вршат таква работа,
каква и одбор не вршат!


Поврзано

[уреди]
Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.