Си бил еден цар. Си имал царица многу убава. Таа му останала тешка, а нему му дошло абер да оди на војска и пошол.
Откако поминало некое време, тој што си го имал прв и најверен во сарајот, се ашиклаисал на царицата и сакал да ја кладе в рака. Арно ама таа не сакала. Затоа тој ја клал во една темница најдлабока, за да ја умре жива зашто не се кандисала. Така ја мачел тука. Тој имал при својата жена едно детуле, та одело кај што одело, се се вртело покрај темницата. Таму имало едно дупче. Земи си леб чинело ѓоа за себе да јаде, оди пушчи си го во дупчето. Така тоа ја ранело. Потем некое време и дал Господ на царицата машко дете. И него си го гледала.
Дошло време, поминале години, па си рекол оној што ја затворил: „Ај да видиме што прави оваа, баре коските да и ги извадиме". Отвора врата, гледа, внатре таа жива со дете и гола. Тогај се уплашил, зашто приближило време да си дојде царот. И така овој викна џелати и им вели: „Да одите на планина да ја загубите и да ми го донесете од неа срцето, а од детето очите за нишан". Тие ги однесле на планина, ама им било жал да ги загубат. Се чуделе сега што нишан да му однесат, зашто во таа планина немало ништо живо. Тога, за касмет, дошло едно куче. Го фаќаат, го заколуат и му ги извадуат очите и срцето и му ги однесуат. Тој, од севда што имал, го изел срцето и очите.
Неа ја оставиле на планина. Бидејќи била гола, и било страм, та фатила камче по камче со детето, камче по камче си направила една пешчера и тука си живеела. Излези си дење чинеле, попаси си трева, пак влези си внатре. Потем неколку време некако ѝ дошла една овца и таа и берела трева, си ја ранела, а пак овцата и го доела детулето. Потем малу, од кога подрастело детулето, умрела овцата и таа си се облекла со кожата, а детулето пак голо.
Кога му изврвело времето, си дошол царот и ги нашол сите ужалени. Тие му рекле: „Да си жив ти, царицата ти умре од толку години". Сетне си седел така и како што оделе цароите на лов, така си одел и тој. Еднаш дошло ред да оди во таа планина, каде што била жена му. Таму излегол еден арслан голем – толку да биде. Загарите се пуштиле по него. Арсланот бегал право во пешчерата и таму таа се стресла од страв. Кога дошол царот, видел внатре – цел човек. Таа го познала, ама тој не. Тогај ја опитал: „Што си ти? откаде си дошла овде?" Таа си молчи. Пак ја опитал, таа пак си молчи, зашто ѝ било страв од тој што сакаше да ја кладе в рака: тој бил тука. Најпосле му рекла: „Што не покрил Господ и јас не покривам, ти ми си стопанот!" – "Ами како ?" Така, ти ми си стопанот!" Тогај, тој ќуркот од себе нејзе, исто и детето, ги качуа на коња и ајде дома. Таму ги исчистиле и промениле се. Тогај царот ја разопитал и таа му кажала како станала работата.
– Што сакаш да му направиме? ја опитал.
– Ништо не сакам, Господ да го прости.
Арно ама царот пак го качил на два коња и го раскинал. Таа отпрво не сакала да му биде стопанка на царот и му велела: „Отсега ти сум веќе сестра, а не стопанка".
Сетне пак си станала царица.