Прејди на содржината

Царот што барал умна девојка за жена

Од Wikisource
Царот што барал умна девојка за жена

од македонските народни приказни
Реалистична приказна.

Еден цар сакаше да се жени, ама барал умна и разумна девојка, што да заприлега за царица, Арно ама, во градот кајшто седеше тој немало девојка како што ја барал тој.

Покрај царот имало еден стар човек што се допрашувал до него за секакви работи. Лала си го викал царот тој стар.

Му отворил зборот еднаш царот на Лалата за оти сакал да се жени.

— Слушај вамо ти, Лала — му рекол, — одамна време кај барам девојче, умно и разумно, што да заприлега за царица. Во столнинава кај што седам нема такво девојче. Јас сакам да сториш еден завмет: твоја милост да прошеташ по сета царштина моја и да ми најдеш едно такво девојче како што ти кажав.

Кога чул Лалата тие зборови од царот, му се поклонил и на часот беше тргнал да оди по царева земја, да бара девојче умно и разумно.

Одејќи по патот Лалата срел еден човек што седел на патот да се одморува. Седнал и Лалата да се почини и се конуштисале двата. Откога се одморил човекот, станал да си оди и му се здружил Лалата со него да патува. Оделе што оделе по рамен пат и втасале до едно угорниште. Одејќи по угорното му се смачило на Лалата и му рекол на човекот:
— А бре човече, мене многу ми се смачи од угорново, ама како гледам тебе уште повеќе ти се смачило. Затоа, да ни дојде полесно одењето на угорново, ај да се поносуваме еден други: ти ќе ме поносиш мене, јас тебе и веднаш ќе го поминеме угорново.
— Бре, ќе се носиме еден други — му рекол човекот, — кој ќе не види ќе ни се смее!! Ај, ај, со лафои како да е ќе го поминеме угорново.
— Ај, така нека е! — му рекол Лалата.

Одејќи по патот видел човекот една нива посеана со просо и му рекол на Лалата:
— Е, машала, што просо убаво има во нивана, тамам за жниење било сега. Блазе си му на стопанот што си го има, ќе го наполни амбарот!
— На, кај има просо во таа нива— му рекол Лалата, на човекот, — тоа го изел стопант уште од летоска.

На тоа згора, човекот ништо не му рекол, чунки чинел оти се смее.

Патувајќи двата, втасале до селото од човекот и бидејќи се стемнувало, го поканил човекот Лалата да преноќева во куќата негова. Асли тоа бараше Лалата и му се вратил дома му.

Човекот имал една ќерка многу разумна и носот и бил малце накривнат.

Седејќи вечерта и правејќи муабет Лалата и човекот, ќерка му од човекот само слушала и итро го гледала Лалата во устата што зборувал. Лалата сѐ во неа се пулел и сакал и таа да ја замеша во разговорот, та да ја види што знае да каже.

— Арно, бре братко, арно се имаш:: твоја куќа и покуќнина, ама уште оџакот да не беше крив, тогај немаше кој што да ти рече! — му рекол Лалата.

Тој збор не му го рекол за оџакот, ами за носот од девојчето, дека и бил крив.
— Море, каде е крив оџакот, бре братко — му рекол човекот, — зер така ти се гледа тебе?

На тоа згора се сетило девојчето оти за носот нејзин рекол Лалата и веднаш беше му рекла:
— Ако ни е оџакот малку крив, стрико, лели чадот ни излегува направо?

Кога ѝ чул зборот од девојчето Лалата, веднаш беше се сетил оти е итра и прилична за царица. Откога си легнал Лалата да спие, татко и и девојчето си чинеле лакардии за каков човек е Лалата. Му се чудел тој на зборовите што му велел дома и по патот, кога си иделе.

— Мори, ќерко — ѝ рекол татко и, — за чудење ќе биде овој човек на зборовите што ги вели. Идејќи на угорното ми рече да се носиме еден други, за полесно да ни биде; ич бидува тоа, јас не му кандисав да се носиме.
— Е, да не ти велел да се носите на рамо, бре татко, туку ти велел да чините лакрдии, за полесно да ви дојде.
— Арно тоа, ќерко — ѝ рекол, — тоа може така да е, ами што видов една нива со просо сеана и втасана за жниење и му се пофалив оти ќе наполни амбарот стопанот. Тој ми рече оти просо немало во нивата, чунки било изедено уште кога било зелено.
— И тоа што ти го рекол, право ти го рекол, чунки нивата е од некој сиромав и уште летоска зел просо на вересија и го изел. Многу умен треба да е тој човек, татко — му рекло девојчето.

Сите тие зборови ги чул Лалата, чунки не спиел и утрото и дал нишанот и ја свршил за царица да биде.

Си отишол Лалата кај царот и му кажал оти му нашол девојка умна и разумна и му ја свршил. По малку време курдисал свадба царот и ја зел девојката за невеста.

По неколку месеци царот не бидејќи тука дошле двајца да се судат, на едниот беше му се ождребила кобилата под колата на другиот и тој со колата му го земал ждребето ѓоа колата го родила. Откога видела царицата од тие двајца жалбата, посакала таа да им даде пресудба.

— Ти, човече, ќе му го дадеш ждребето — му рекла царицата, — што си го нашол под колата, чунки кола ждребе не раѓа.
— Дури не излезам пред царот, честита царице — и рекол човекот, — да се пресудам, не му го давам. — Царот отиде в поле, бре човече, за да затне ѓеризите, оти излегоа рибите та опасаа оризите и пчениците!
— Ами ич пасат рибите орис, честита царице!
— Ами ич раѓа кола ждребе? — му рекла царицата и му го зела ждребето, та му го дала на тој со кобилата.

Откога си дојде царот од прошетка, му кажала царицата за пресудбата како пресудила двајцата со кобилата и ждребето. Кога чул царот пресудбата од царицата, недраго му паднало оти таа да знае да пресуди поарно од него и на часот беше и рекол вака на царицата:
— Слушај вамо, царице, ти да земеш што ти е најмило и да си одиш кај татка ти, оти јас те нејќам.

Кога чу царицата тој збор, вечерта беше го опила царот со билки чемериќи и беше го клала во една кочија, та беше си го однесла дома кај татка и. Кога се разбудил царот и се нашол кај татка и од царицата, се зачудил и ја прашал царицата што барал тамо.

— Ти како што ми заповеда, честити царе, да си земам што ми е најмило и да си одам дома и јас од тебе помило друго немам и тебе те зедов.

Кога чу и виде царот тоа чудо од царицата, си ја зеде и си ја ќердоса за векот.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.