Имало едно време еден цар со тројца синови. Царот се разболел и сакал да го остави царството на најарниот од синовите си. Еднош ги викнал при себе и им рекол: „Јас сум болен многу и сакам еден од вас да ставам на своето место. Затова ќе ви кажам нешто: ќе го извршите ли?" Они му рекле: „Ќе го направиме, тате". – „Сум чул, рекол им он, имало на едно место едно пиле, името му е: Интизал булбул. Ако го најде еден од вас, ќе оздравам; а ако умрам, нему ќе му оставам царството.
Овие тргнале и дошле до едно место. Таму имало три патишта и насреде имало една голема плоча. Најмалиот рекол: „За да се најдеме кога ќе се вратиме, овде да оставиме прстените". Како што рекол малиот брат, го послушале и кандисале да си турат прстените под плочата. Откриле плочата да ги турат, и виделе на неа написано: „Кој ќе иде по овој пат, ќе се врати назад; кој ќе удри по средниот, ја ќе се врати, ја не; а кој ќе тргне по трекиот пат, не ќе се врати". Големиот удрил по тој пат што пишуело: „ќе се врати", средниот удрил по тој што пишуело: „или ќе се врати или не“, а најмалиот, удрил по тој пат, што пишуело: „не ќе се врати назад"; и така се упатиле.
Малиот одил, одил, дошол до една баба. Он и рекол: „Добро-утро, бабо". Бабата му се опулила и му рекла: „Дал ти Господ добро, синко!" Па му рекла: „Сине, ако не беше ми рекол добро-утро, ќеше да те изедам. Таа била мајката на змеовите. Он и рекол: „Ти па, бабо, ако не ми речеше: „дал ти Господ добро, ќеше да те изедат змеови". Он и рекол: „Сум тргнал, бабо, да сакам наваму и ќе прашам кој го знае дека се навоѓа пилето Интизал булбул". Бабата му рекла: „Јас имам четириесет синови, ако сакаш, остани да ноќуеш, – ќе ги прашам; ако знаат, ќе ми кажат". Овој кандисал, видел времето оти се стемнило и и рекол: „Ќе останам, бабо, ама ме страв да не ме изедат синовите ти". Она му рекла. „Ќе те скријам у мене, на таванот“. И така останал. Дошло време кога ќе си дојделе синовите на бабата. Она го скрила на таванот. Синовите дошле и рекле на мајка си: „Добро-вечер, стара мајко". Она им рекла: „Дал ви Господ добро, синови". Седнале и ја прашале како помина денот? Има ли некој да е дошол? Она им рекла: „Помина убаво, и не дошол никој“. Се опулиле веднош сите, нарипале и рекле: „Овде има човек, – ни мириса на човечко месо. Мајка им им рекла: „Нема никој". Они па рекле: „има". „Ќе ви кажам право; рекла пак мајка им, ама ако нема да го изедете". Они и рекле: „Не ќе го изедеме". И она го симнала од таванот. Овој, царскиот син, како ги видел, се уплашил и ги поздравил. Они станале и му сториле место да седне, го распитале од каде иде и за каде ќе оди. Он им кажал „Јас сум син на еден цар. Татко ми се разболе и ме прати да го сакам пилето Интизал булбул. Ќе ве молам да ми кажете дека се навоѓа“. Се прашале еден на друг та рекле: „Од нас нема ни еден да знае, ама потака праша; – таму има осумдесет души браќа, они може да знаат дека се навога". Седнале, та вечерале што дал Господ. По вечерата, кога се накуткале да спијат, му рекле: „Утре ќе ти дадеме еден од нас, да те одведе дотаму".
Станале на утрото сите, го испратиле, а најмалиот го одвел до таму. Виделе една баба, ја поздравиле, и она ги поздравила. Тој, малиот змев, и рекол: „Тетко! Овој е наш човек; кога ќе дојдат братучедите ми, да не му направиш некакво зло". И така тој си се вратил назад. Царскиот син останал при другата баба. Додека си зборуеле, се мркнало. Бабата му рекла: „Сине! ќе дојдат веќе синовите ми; ела да те скријам, оти најмалиот ми син е половина човек, та да не се уплашиш". Овој кандисал; и она го скрила зад вратата, зад метлата. Дошле синовите и и направиле живо-здраво со мајка си. Она им рекла: „Денеска помина, сполај-Богу, мошне арно. Има еден царски син; го доведе најмалечкиот ви братучед и рече да му кажете што знаете и ништо зло да не му правите". Они и рекле: „Нека излезе, дека е?" Она отишла зад вратата, удрила метлата и тој излегол; ги поздравил и седнал да вечера со нив. Откако вечерале, овие го прашале зашто тргнал да сака? Он им кажал се. Сите рекле: „Не сме чуле, ни знаеме!" Саде најмалиот рекол: „Јас знам ќе ти кажам". На утрото осамнило. Сите се простиле со царскиот син и си отишле. Малиот останал да го води.
Тргнале и дошле до една вода голема и му рекол: „Седни, да ти кажам". И му кажал: „Ќе се собере на ова место пења од водата, и ти ќе ја пофанеш, и пењата ќе стане мост. По него ти ќе поминеш. Таму има едни порти. Ти ќе земеш левото крило, ќе го туриш на десната страна. Ќе влезеш во дворот. Таму има една чешма, што тече крв и гној. Ти ке се напиеш и ќе речеш: "Их, што била слатка вода". Ќе влезеш навнатре, во дворот. Таму има еден арслан и еден овен. Ќе видиш, до овенот месо, та ќе го туриш пред арсланот; а ќе земеш сеното од арсланот, и ќе го туриш пред овенот. После ќе земеш ќе ја измиеш лествицата, та ќе се качиш на чардакот; ќе видиш на една врата две сабии. Ќе земеш од левата страна сабјата, ќе ја туриш на десната страна, а од десната страна, на левата. Ќе влезнеш во одајата. Таму ќе видиш една мома: ако гледа, тогај она спие; а ако мижи, она тогај гледа. Ти ќе земеш, ќе ја бациш еднош и ќе го откачиш кафезот со пилето".
И така царскиот син фанал пењата, та станала мост и он по него заминал отспротива во сарајот, и отишол при портите и ги разменил. Влегол во дворот, се напил од чешмата што текла крв и гној и рекол: „Их, што слатка вода!. Зел, та разменил од арсланот сеното и го турил на овенот, а од овенот месото го турил пред арсланот. Измил лестви цата, измил чардакот; разменил сабјите од левата страна на десната, и од десната на левата. Влегол во одајата. Видел оти спие момата. Се прекрстил, ја бацил еднош и го откачил кафезот со пилето.
Момата се разбудила и го бркнала, ама не могла да го втаса, та се извикала и рекла: „Посечете го, сабји, да го видам кој е". Они и одговориле: „Ете, девет години не си не преместила, – аргосани сме; он денеска дојде, и не премени". И така они не ја послушале. После викнала на чардакот: „Скрши се, чардак, та отепај го, да го видам, кој е тој". Он и рекол:: „Ти не си ме девет години помела, а он денеска дојде, и ме измете!" Така и чардакот не ја послушал. После рекла: „Скрши се лествицо, да го видам кој е“. И она и одговорила како чардакот. После рекла: „Скини синџири, арслану, та изеди го, да го видам, кој е". И он и рекол: „Девет години пред мене сено стои, а пред овенот месо, та не се сети да ми го промениш, а он денеска дојде и ми го промени". Така и они не ја послушале. После па рекла: „Отпушти се, чешмо, та удави го, да го видам кој е". Чешмата й рекла: „Јас еве каде течам девет години тебе те гнас да се опулиш во мене; а тој денеска дојде и се напи". Така и чешмата не ја послушала. Најпосле рекла: „Затвори се, порто, да го видам, кој е". И она одговорила: „Девет години стана како пуста зејам, а тој дојде, та ми размени десното крило на левото, а левото на десното“. Така и портата не ја послушала.
Така после таа се фанала за коси да се кубе. Царскиот син со пилето избегал и она по него трчала и му се молила: „Земи ме и мене со пилето, оти ќе умрам без него; земи ме, ќе сум ти жена“. И тој ја зел и си тргнал патот.
Поминал покрај осумдесетте и четириесетте браќа, и им благодарил. После отишол кај плочата и чекал три дни. Таму дошле браќа му и не се познале. После си отишле при татка си и му раскажале за се како им се сторило и што им дошло на главата. Царот дал на помалиот си син половината царство и му дал изан да се ожени за таа мома.