Прејди на содржината

Царот и стариот што ораше

Од Wikisource
Царот и стариот што ораше

од македонските народни приказни
Реалистична приказна.

Некое време еден цар се сторил тебдил и зел неколцина од мезличот со себе, та тргнале да шетаат по градои и села, за да видат кој што прави и кој што вели за царот. Шетајќи, им дошол патот да врват покрај некој старец што си ја орал нивата. И се вратиле кај стариот да видат и да го прашаат нешто.

— „А бре старче, што се мачиш на старост да ораш?" му рекол царот; „зер немаш челад што да ти поможат, за ти на стари дни да си починиш?"
— Челадта моја, пријателе," му одговорил стариот на царот, „му помага на светот, а пак јас, што работам на стари дни, касмет сум на друзи, чунки, двапати досега арамиине ме плениле и уште еднаш се токмат да ме пленат. Ете од тоа, пријателе, на старост орам и работам".
— „Ами со двете како си: скраја или близу ?"
— „Многу близу сум со двете, пријателе", му рекол стариот.
— „Ами со триесете и два како си?"
— "Не чинам пари со нив", му одговорил стариот, чунки без дваесет осум триесет и два имам".
— „Ами двата коња што ги имаш, те ризаат барем троа, за товарот да ти го носат?" му рекол царот.
— „Колку за коњиве, пријателе, не прашај, чунки двата три ги направив и одвај ми го носат товарот", му од говорил стариот.
— „Ами да ти пратам, неколку гуски, бре старче“, му рекол царот, „дали би могол да ги искубаш арно?"
— „Колку за гуски кубење, пријателе", му одговорил стариот, „многу сум мајстор, само ако ми паднат в раце".

Од кога го сврши царот разговорот со стариот, си повел по себе мезличот и си ошол на сарај. Фатил да им прикажуа царот многу работи, што видоа и стретија по патот. Отвори збор царот со сите што беа со него, и ги праша дали разбраа од тој разговор, што разговараа со стариот. Старците му ги повториле сите зборои што беше ги рекол орачот, арно ама царот нејќел да им ги кажуа збороите како што се рекле помеѓу стариот и царот, ами да му ги толкуат, што било реч по реч.

— „Слушајте ваму вие, старци", им рекол; „ако не ми ги докажете тие зборои што ги зборуавме со стариот што ораше, главите ќе ви ги сечам и друго ништо. Мувлет ке ви дадам да се мислите три дни и три ноќи".

Кога ги чуја старците тие зборои од царот, му се поклонија и си отидоа дома, та седнаа да мислат кој збор каков е. Мислија, шестаа, нито за еден збор не можеа да го расправат. Најпосле се согласија да одат кај стариот да го молат за да им каже. Си зеле пари доста со себе и му пошле кај стариот на нива да го прашаат.

— А бре старче, вчера кога дојдовме со еден другар, наш пријател при тебе, што те прашаше тој и што му одговараше ти? Те молиме, ако не ни кажеш, оти имаме еден голем облог со другарот“, му рекле.
— „Ејди пријатели, зер вие сакате за бадијала марифет да се учите", им рекол старио; „за секој збор сакам по сто алтани, да така ќе ви кажам". Кога чуја старците тој збор од стариот, многу мака им паднало. Се вртоа, се сукаа, бре го молија, арно ама стариот знаеше оти се пратени за да ги куби.

Видоа, невидоа старците, му кандисаа на стариот и му броија на секоја реч по сто алтани за да им каже.
 
— „Слушајте сега да ви кажам, пријатели, што ме праша вчера вашиот другар. Тој ме праша дали имам челад машка да ми помагаат, а пак јас му кажав оти имам челад, ама се женски и се мажени, таму му помагаат на мажите си. Двапати арамиите ме пленија и уште еднаш се токмат да ме пленат што му реков, тоа е што две ќерки омажив, и многу стока по нив дадов и за другата ќерка што ја имам, има да давам и многу пари по неа. Ете тоа е тој збор што му реков оти сум касмет на светот. Што ме праша за двете, али скраја сум, али близу, тој ме праша за очите, али ми гледаат скраја. А за триесетте и два што ме праша, за забите ме праша, и јас му кажав оти само четири заби имам. А за двата коња што ме праша, ме праша за нозете, дали ме ризаат; јас му кажав оти и со стапче се потпирам и одвај можам да се носам. Е, е, за гуските што ми рече да ми ги прати, за да ги окубам, тоа е вие што ќе ми давате париве. Ете тие скришни зборои беа што ги зборуавме вчера со другарот ваш, пријатели, и вашиот другар треба да е многу мудер човек, што ме прашаше така".

Од кога се научија старците за збороите, си тргнаа да си одат.

— Јазак да ни биде", му рекол едниот на дрогиот, што сме мезлич покрај царот, и да не знаеме колку еден Селски човек итрост".



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.