Уставен закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на уставот на Република Македонија (2019)

Од Wikisource


Република Македонија

Назив Уставен закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на уставот на Република Македонија
Година 2019
Службен весник Службен весник на РМ 6/19
Изгласан 12 јануари 2019
Објавен 11 јануари 2019
Законодавен орган Собрание на Република Македонија
Правен статус   ДаД во сила
Изменува/дополнува Устав на Република Македонија
Викиизвор Викиизвор и авторите на статиите не преземаат одговорност за евентуалните грешки во текстовите.


Уставен закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на уставот на Република Македонија

Уставен закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на уставот на Република Македонија
[уреди]

Член 1

        Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
        Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија не произведуваат правно дејство, не влегуваат во сила и се неважечки доколку веднаш не се исполнат условите утврдени во ставот 1 на овој член.

Член 2

        Одредбите од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон.
        Од денот на влегувањето во сила на Амандманот XXXIII, државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните.
        Државјанството, македонско/граѓанин на Република Северна Македонија во личните документи и патни исправи на граѓаните се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Државјанството, македонско/граѓанин на Република Северна Македонија во личните документи и патни исправи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, се пишува на македонски јазик и неговото писмо и на тој јазик и неговото писмо и истото ќе се утврди на тој јазик во сите закони каде што треба да се примени.
        Од денот на влегувањето во сила на Амандманот XXXIII, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

Член 3

        Постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, ќе се усогласат со Амандманот XXXIII најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила.

Член 4

        Усогласувањето со Амандманот XXXIII на постоечките документи и материјали наменети исклучиво за внатрешна употреба ќе започне со отворањето на секое поглавје од релевантното поле во преговорите со Европската Унија, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето.

Член 5

        Во однос на примената на Амандманот XXXV Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави: Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Косово и Република Србија.

Член 6

        Овој уставен закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија го прогласува Собранието на Република Македонија и влегува во сила со денот на влегувањето во сила на уставните амандмани.