Уставен закон за основите на општественото и политичкото устројство и органите на власта на Народна Република Македонија

Од Wikisource


Народна Република Македонија

Назив Уставен закон за основите на општественото и политичкото устројство и органите на власта на Народна Република Македонија
Година 1953
Службен весник Службен весник на НРМ 3/53
Изгласан 2 февруари 1953
Објавен 10 февруари 1953
Законодавен орган Народно собрание на Народна Република Македонија
Правен статус   НеН вон сила
Претходна регулатива Устав на Народна Република Македонија (1946)
Следна регулатива Устав на Социјалистичка Република Македонија (1963)
Викиизвор Викиизвор и авторите на статиите не преземаат одговорност за евентуалните грешки во текстовите.


Уставен закон за основите на општественото и политичкото устројство и органите на власта на Народна Република Македонија

I. ОСНОВНИ НАЧЕЛА
[уреди]

1) Народна Република Македонија
[уреди]

Член 1

        Народна Република Македонија е социјалистичка демократска држава на работниот народ на Македонија доброволно соединет со работниот народ од другите народни републики во Федеративна Народна Република Југославија како сојузна држава на суверени и рамноправни народи.

Член 2

Секоја власт во Народна Република Македонија му припаѓа на работниот народ.

Работниот народ ја врши власта и управува со општествените работи преку свои претставници во народните одбори и Народното собрание, во работничките совети и во другите самоуправни органи, како и непосредно преку избирање, отповикување, референдум, собири на избирачите, совети на граѓаните, учество на граѓаните во управата и правосудството и преку други форми на непосредно управување.

Член 3

Општествената сопственост на средствата за производство, самоуправувањето на производителите во стопанството и самоуправувањето на работниот народ во општината, градот и околијата се основа на општественото и политичкото устројство на земјата.

Загарантирано е самоуправувањето на работниот народ во областа на просветата, културата и социјалните служби.

Самоуправувањето на производителите и работниот народ се остварува во согласност со општите општествени интереси изразени во закон и други одлуки на претставничките тела на работниот народ - Сојузната народна скупштина, Народното собрание и народните одбори.

Член 4

Загарантирани се:

  • слободното здружување на работниот народ за остварување на демократски политички, економски, социјални, научни, културни, уметнички, стручни, спортски и други заеднички интереси;
  • личните слободи и другите основни права на човекот и граѓанинот;
  • правото на работа.

Член 5

Самоуправувањето на производителите во стопанството се состои особено:

  • во правото на работните колективи да управуваат со стопанските организации непосредно и преку работничките совети, собранијата на земјоделските задруги и преку други претставнички органи што сами ги избираат и отповикуваат;
  • во правото на производителите да бидат избирани во претставничките тела во стопанските организации;
  • во правото на стопанската организација самостојно да ги утврдува своите стопански планови; во правото на стопанската организација, по извршување на општествените обврски, самостојно да располага со доходот на организацијата; при што на организацијата ѝ се гарантира минимумот определен со закон; во правото на стопанската организација во границите на својот доход да им ги определува заработките на трудбениците, при што на трудбениците во стопанските претпријатија со закон им се гарантираат минималните заработки од општествените средства;
  • во правото на производителите преку свои претставници во соборите на производителите да ги утврдуваат материјалните средства што се одделуваат за подмирување на општествените потреби и да одлучуваат за употребата на тие средства.

Производителите ги остваруваат самоуправните права врз основа на Сојузниот устав, Уставот на НРМ и законите, а во рамките на општествените планови.

Работните колективи се здобиваат со самоуправните права со самото основање на стопанската организација.

Член 6

Самоуправувањето на работниот народ во областа на просветата, науката и културата и социјалните служби се остварува преку самоуправни установи, преку учество на претставници на професионалните и другите општествени организации и граѓаните во органите на управата од тие области, како и преку други форми на општествено управување.

Член 7

Народните одбори, како органи на народното самоуправување, се основни органи на власта на работниот народ од Републиката и највисоки органи на власта на општината, градот и околијата.

Народниот одбор на околија го сочинуваат околиски собор и собор на производителите а народниот одбор на град го сочинуваат градски собор и собор на производителите.

Одборниците на народниот одбор на општина, градскиот и околискиот собор ги избираат како свои претставници и ги отповикуваат граѓаните на општината, градот односно околијата, а одборниците на соборот на производителите на народниот одбор на град односно околија ги избираат и отповикуваат производителите од градот и околијата.

Народниот одбор на град и околија избира судии и судии-поротници на околиски и окружен суд.

Работниот народ власта во општината, градот и околијата ја врши и непосредно преку референдум и собири на избирачите, преку учество на граѓаните во правосудството како судии-поротници, преку советите на народните одбори, совети и комисии на граѓаните, селски одбори, преку учество на граѓаните во органите на самоуправните установи во општината, градот и околијата, како и преку други форми на непосредно управување.

Член 8

Работниот народ на Републиката остварувајќи го правото на самоуправување избира републички органи на власта и преку нив ги врши работите од општ интерес за републичката општествена заедница.

Правата и должностите на републичките органи на власта се утврдуваат со Уставот на НРМ.

Само со закон може во општината, градот и околијата да се образуваат управни органи за вршење на работи од надлежноста на републичките органи на власта непосредно подредено на републичките органи на управата.

Член 9

Републичките органи на власта имаат следни права и должности:

  • обезбедуваат плански развиток на стопанството во Републиката во рамките на единствениот стопански систем и општествениот план на Федеративна Народна Република Југославија;
  • се грижат за остварување и заштита на самоуправните права на производителите во стопанството и самоуправните права на работниот народ во општината, градот и околијата и во установите;
  • ги уредуваат прашањата од општ интерес за заедницата во областа на просветата, науката, културата, народното здравје и социјалната политика и обезбедуваат основни услови за развиток на просветата, науката и културата и за заштита на народното здравје; обезбедуваат единство на школскиот систем и наставата; се грижат за вршењето на социјалните служби;
  • се грижат за остварување и заштита на слободата и демократските права на граѓаните и нивната рамноправност без обѕир на народност, раса и вероисповед; ги штитат правата на националните малцинства во Републиката и го осигуруваат нивното рамноправно учество во општествениот живот;
  • обезбедуваат единство на правниот поредок на Републиката, законитост и единствено применување на законите;
  • се грижат за организирање и функционирање на органите на власта и ја ускладуаат работата на народните одбори во рамките на единствениот систем на власта;
  • го организираат правосудството на Републиката;
  • го обезбедуваат и штитат јавниот поредок на територијата на Републиката;
  • учествуваат во извршувањето на работите од исклуивата надлежност на Федерацијата во областа на заштитата на општественото и политичкото устројство и извршуваат други работи што им се определени со сојузни закони и други прописи.

Овие права и должности републичките органи на власта ги остваруваат спрема надлежноста што им е уредена со овој закон.

Член 10

Вон правата што со Сојузниот устав и Уставот на НРМ се утврдени за сојузните и републичките органи на власта, народните одбори ги вршат самостојно сите работи од општ интерес за заедницата во областа на стопанскиот, комуналниот, културниот и созијалниот живот и развиток на општината, градот и околијата.

Народните одбори, на основа и во рамките на овластувањата што им се дадени со закон и општи прописи од повисоките државни органи, донесуваат дополнителни прописи за уредување на работите од својата надлежност, а во работите од непосреден интерес за стопанскиот, комуналниот, културниот и социјалниот развиток на општината, градот односно околијата што не се уредени со закон самостојно донесуваат прописи и други акти.
Народните одбори непосредно ги извршуваат сојузните и републичките закони донесувајќи управни акти и преземајќи други управни дејства, доколку тоа со Сојузниот устав и Уставот на НРМ или закон не е ставено во надлежност на сојузните и републичките органи на власта.

Народниот одбор на општина ги врши сите работи од непосреден интерес за стопанскиот, комуналниот, културниот и социјалниот развиток на општината, доколку за одделни работи не е определена надлежност на народниот одбор на околијата.

Член 11

Народниот одбор ја врши власта на основа и во рамките на Сојузниот устав и Уставот на НРМ и законите.

Народниот одбор со статут ја пропишува својата организација и работење.

Во вршењето на работите од својата надлежност народниот одбор се опира на стопанските организации, самоуправните установи, здруженијата и иницијативата на граѓаните и спрема тие организации и установи врши само права определени со закон.

Член 12

Народниот одбор самостојно располага со делот на доходот што стопанските организации, задржувајќи го оној дел што како гарантиран минимум им припаѓа, го одделуваат за општината, гарадот и околијата согласно сојузниот и републичкиот општествен план и има право на процент од данокот утврден со закон и право на воведување локален данок, а народниот одбор на општина и град и право на воведување местен самопридонес.

Народниот одбор самостојно го донесува буџетот на општината, гарадот и околијата, а народните одбори на град и околија самостојно го донесуваат и општествениот план на градот и околијата.

Народниот одбор врши надзор над управувањето на општонародниот имот, а народните одбори на општина и град вршат и право на управување со сета земја и згради што се општонароден имот, доколку тоа право не им припаѓа на други државни органи, стопански организации, установи и заедници.

Член 13

Републичките органи на власта имаат спрема народните одбори само права утврдени со закон.

Републичките органи на власта имаат право на надзор во поглед законитоста на работата на народните одбори, а народниот одбор на околија, во границите на закон, има право на надзор во поглед законитоста на работата на народниот одбор на општина.

Народниот одбор има право да му поднесува на Извршниот совет односно Собранието приговори за заштита на самоуправните права, ако смета дека со пропис или акт на повисок државен орган му е повредено некое право утврдено со закон.

2) Народна Република Македонија и Федеративна Народна Република Југославија
[уреди]

Член 14

Освен правата утврдени со Сојузниот устав што работниот народ ѝ ги доверил на Федерацијата, Народна Република Македонија власта ја врши самостојно.

Член 15

Територијата на Народна Република Македонија е составен дел од територијата на Федеративна Народна Република Југославија и нејзиното единствено државно и стопанско подрачје.

Прометот на стоката во Народна Република Македонија како и прометот на стоката помеѓу Народна Република Македонија и другите народни републики на Федеративна Народна Република Југославија е слободен и не може да се ограничи со акт на републичките органи ниту со акт на народните одбори.

Член 16

Сојузните закони и другите акти на сојузните органи се задолжителни на територијата на Народна Република Македонија.

Во случај разијдување помеѓу сојузен закон и закон на Народна Република Македонија се прилага сојузниот закон.

Член 17

Управните и сојузните акти и исправите на државните органи од другите народни републики на Федеративна Народна Република Југославија имаат иста важност во Народна Република Македонија како и во народната република во која се издадени.

Член 18

Државјаните од другите народни републики на Федеративна Народна Република Југославија уживаат исти права на територијата на Народна Република Македонија како и државјаните на Народна Република Македонија.

II. РЕПУБЛИЧКИ ОРГАНИ НА ВЛАСТА
[уреди]

А. НАРОДНО СОБРАНИЕ
[уреди]

1) Права на Народното собрание
[уреди]

Член 19

Народното собрание е претставник на народниот суверенитет и највисок орган на власта на Народна Република Македонија.

Народното собрание своите права и должности ги врши на основа и во рамките на Сојузниот устав, Уставот на НРМ и сојузните закони.

Член 20

Правата што им припаѓаат на републичките органи на власта ги врши Народното собрание непосредно и преку Извршниот совет како свој извршен орган. Определени извршни работи вржат републичките органи на управата по смерници и под надзор на Извршниот совет.

Правата што им припаѓаат на републичките органи на власта во областа на правосудството ги врши Врховниот суд на Народна Република Македонија на основа законите.

Член 21

Во исклучива надлежност на Народното собрание спаѓа:

1) измена на Уставот;
2) избирање и разрешување претседател и членови на Извршниот совет;
3) избирање и отповикување со Сојузниот устав определен број народни пратеници за Сојузниот собор на Сојузната народна скупштина;
4) избирање и разрешување судии на Врховниот суд на Народна Република Македонија;
5) донесување на републички закони; донесување на републичкиот општествен план и републичкиот буџет; потврда на завршниот биланс за извршување на републичкиот општествен план и потврда на републичката завршна сметка за извршување на републичкиот буџет;
6) одлучува за измена на границите помеѓу Народна Република Македонија и другите народни републики со потврда на Сојузната народна скупштина;
7) одлучува за правецот на работата на Извршниот совет и републичките органи на управата во рамките на правата на републичките органи на власта;
8) основање на самоуправни установи од интерес за целата Република и основање на високи школи и виши специјализовани школи;
9) амнестија за кривични дела определени со закон на Народна Република Македонија;
10) одлучување за продолжување траењето на мандатот на народните одбори на општините, градовите и околиите најмногу за една година, како и за распишување на општи избори за народните одбори пред да истече времето за кое се избрани; решавање по приговорите на народните одбори за заштита на самоуправните права против актите на Извршниот совет.

Собранието донесува декларации и резолуции по прашањата од надлежноста на републичките органи на власта и по други прашања од општ интерес за Републиката.

Собранието дава препораки за работата на државните органи, самоуправните установи и стопанските организации.

Член 22

Народното собрание донесува закони самостојно.

Во областите во кои се донесени сојузни општи закони Народното собрание донесува закони во склад со начелата утврдени со сојузниот закон.

Во областите во кои се донесени сојузни основни закони Народното собрание донесува доплнителни закони.
Во областа од исклучивото сојузно законодавство Народното собрание донесува закони само ако и доколку е затоа посебно овластено со сојузниот закон.

Народното собрание може да донесува закони по прашањата од областа на сојузното општо или основно законодавство и кога не е донесен сојузен закон. Со донесување на сојузен основен закон престануваат да важат одредбите на републичкиот закон што се однесуваат на прашањата уредени со сојузниот основен закон.

Член 23

Само со закон можат да се утврдуваат прашањата од областа на:

  • организацијата на власта и јавните служби од општо значење; републичкото државјанство;
  • поделбата на територијата на Републиката на општини, гарадови и околии;
  • изборот и отповикувањето на народните претставници; здруженијата, собирот и договорот; амнестијата и помилувањето; планското управување на стопанството;
  • стопанските организации;
  • сообраќајот, врските и патиштата и добрата во општа употреба;
  • буџетот и општествениот придонес, даноците и другите давачки;
  • искористувањето на народните богатства и сили;
  • универзитетите и високите школи; школите за општо образование, стручните и основните школи; трудот;
  • фамилијата, бракот и старателството; сузбивањето на заразните болести;
  • службениците на државната администрација и другите прашања од исклучива надлежност на републичките органи на власта.

По овие прашања народните одбори можат да донесуваат прописи само ако се и доколку се за тоа посебно овластени со законот.

Народното собрание утврдува со закон само општи начела за прописите на народните одбори или со закон ги утврдува основните прашања во работите од непосреден интерес за стопанскиот, културниот, комуналниот и социјалниот развиток на општината, градот односно околијата, ако тоа бара општиот интерес на Републиката. По овие работи народните одбори донесуваат свои прописи во рамките на општите начела утврдени со републичкиот закон, односно со своите прописи ги дополнуваат соодветните одредби на републичкиот закон. Ако вакви закони нема народните одбори можат самостојно и по своја иницијатива да донесуваат свои прописи. Со донесување на републички закон престануваат да важат прописите на народните одбори што се однесуваат на основните прашања утврдени со републичкиот закон.

Во случај разијдување помеѓу прописите на народните одбори и републичките закони се прилага републичкиот закон.

Член 24

Со републичкиот општествен план за републичките органи на власта се определуваат само оние финансиски средства утврдени со закон што служат за извршување на работи од нивната надлежност, за помош на градовите и околиите и за помош на установите и стопанските организации од општ интерес за целата Република.

Со републичкиот буџет се утврдуваат и распоредуваат финансиски средства за извршување на работи од републичката надлежност и за работата на републичките органи и установи.

Член 25

Народното собрание може да одлучи законскот предлог, пред или по неговото усвојување, или некое друго прашање од надлежноста на републичките органи на власта да се изнесе пред избирачкото тело на одлучување (референдум).

Референдум можат да предложат една петина членови од еден дом и Извршниот совет.

Одлуката на избирачкото тело е задолжителна. Две години по извршениот референдум не може да се донесе закон или друг акт противен со одлукта на избирачкото тело.

За референдумот ќе се донесе посебен закон.

Член 26

Законите се објавуваат во службен весник и влегуваат во сила осмиот ден по објавувањето, ако со самиот закон не е инаку определено.

Член 27

Законите не можат да имаат повратно дејство, освен ако тоа со законот изрично е предвидено.

Закон што установува казна може да има повратно дејство само ако е поблаг за сторителот.

Член 28

Народното собрание се избира на четири години.

Собранието може во случај на војна или други вонредни прилики да го продолжи траењето на својот мандат за времето додека таа состојба трае.

Собранието може да одлучи да се распушти и пред да истече времето за кое е избрано.

Член 29

Избори за ново Народно собрание мора да се распишат пред да истече последниот ден од периодот за кој Собранието е избрано. Ако мандатот на Собранието е продолжен, изборите мора да се распишат штом престанат околностите поради кои мандатот е продолжен.

Од денот на распуштањето на Народното собрание до денот на изборите не смее да измине повеќе од три ни помалку од два месеци.

Член 30

Предлог за измена на Уставот можат да поднесат 20 члена на еден дом и Извршниот совет.

Собранието во секој дом претходно одлучува со мнозинство гласови за тоа дали ќе се пристапи кон решавање по предлогот за измена на Уставот.

Измената на Уставот е усвоена ако за неа гласаат три петини членови на секој дом.

2) Устројство на Народното Собрание
[уреди]
а) Домови на Собранието
[уреди]

Член 31

Народното собрание го сочинуваат два дома: Републички собор и Собор на производителите.

Член 32

Републичкиот собор го сочинуваат народни пратеници што ги избираат граѓаните во околиите и градовите на основа општо, еднакво и непосредно избирачко право. Еден пратеник се избира на 12.000 жители.

Член 33

Соборот на производителите го сочинуваат народни пратеници што ги избираат производителите на работа во производството, транспортот и трговијата сразмерно со учеството на стопанските области во вкупниот општествен производ на Народна Република Македонија.

Пратениците на Соборот на производителите, како претставници на своите стопански организации, ги избираат работниците и службениците на стопанските претпријатија и членовите на земјоделските задруги, како и занаетчиите и занаетчиските работници. Еден пратеник се избира на 15.000 производително население.

Член 34

Пратеници за Соборот на производителите избираат индустриските, селско-стопанските и занаетчиските производители одделно секој во својата производителна група.

Индустриската група ги опфаќа работниците и службениците на работа во индустријата, рударството, шумарството, градежништвото, транспортот, трговијата, угостителството и комуналната дејност.

Селско-стопанската група ги опфаќа земјоделците членови на земјоделските задруги и работниците и службениците на селско-стопанските добра.

Занаетчиската група ги опфаќа трудбениците на работа во занаетчиството.

Право да избираат пратеници за Соборот на производителите имаат производителите што уживаат општо избирачко право.

Во секоја производителна група се избира оној број пратеници за Соборот на производителите што му е сразмерен на учеството на групата во вкупниот општествен производ на Народна Република Македонија утврден во текуштиот републички општествен план.

Во рамките на секоја производителна група пратениците се избираат по норма: еден пратеник на еднаков број производително население.

Член 35

За член на Републичкиот собор може да биде избран секој граѓанин што ужива општо избирачко право.
За член на Соборот на производителите може да биде избран секој производител што ужива општо избирачко право и припаѓа на производителната група од која се избира пратеникот. За член на Соборот на производителите може да биде избран и синдикален функционер што како таков е избран од страна на производителите.

На пратеник што трајно ќе престане да биде производител или ја мени производителната група во која е избран му престанува мандатот.

Член 36

Народните пратеници избрани во Републичкиот собор се здобиваат со право на одборник на околискоит односно градскиот собор на народниот одбор на околијата односно градот на чие подрачје се избрани.

Народните пратеници избрани во Соборот на производителите се здобиваат со право на одборник на соборот на производителите на народниот одбор на околијата односно градот на чие подрачје се избрани.

Член 37

Избирачите имаат право да го отповикаат народниот пратеник.

Член 38

Изборот и отповикувањето на народниот пратеник се врши со тајно гласање.

Член 39

Републичкиот собор и Соборот на производителите рамноправно учествуваат:

1) во одлучувањето за измена на Уставот;
2) во утврдувањето на републичкиот општествен план и републичкиот буџет; во потврдувањето на завршниот биланс за извршување на републичкиот општествен план и завршната сметка за извршување на републичкиот буџет;
3) во донесувањето на закони од областа на стопанството, трудот и социјалното осигурување;
4) во одлучувањето за продолжување мандатот на Собранието; во утврдувањето дека престанале околностите поради кои бил продолжен мандатот на Собранието; во одлучувањето за распуштање на Собранието;
5) во одлучувањето за распишување референдум по прашања од областа на стопанството, трудот и социјалното осигурување;
6) во решавањето по приговорите на народните одбори за заштита на нивните самоуправни права во областа на стопанството, трудот и социјалното осигурување;
7) во добесувањето на декларации и резолуции по прашања од областа на стопанството, трудот и социјалното осигурување;
8) во одлучувањето на наградите на народните пратеници и принадлежностите на претседателот, потпретседателите и секретарот на Народното собрание и претседателот и членовите на Извешниот совет.

Член 40

Републичкиот собор и Соборот на производителите заседаваат одделно.

Законскиот предлог во чие донесување рамноправно учествуваат двата дома може да биде поднесен на едниот или другиот дом.

Домовите може да одлучат да претресат на заедничка седница одделни законски предлози или други прашања во чие решавање учествуваат двата дома, но гласањето за законските предлози се врши одделно на седница на секој дом.

Член 41

Народното собрание на заедничка седница на обата дома врши следни работи:

1) избира и разрешува претседател, потпретседатели и секретар на Народното собрание;
2) избира и разрешува претседател и членови на Извршниот совет;
3) избира и разрешува судии на Врховниот суд на НРМ;
4) избира и разрешува членови на одборите и комисиите на Собранието;
5) ја прогласува измената на Уставот.

Член 42

Сите работи од надлежноста на Народното собрание во чие решавање рамноправно или заеднички не учествуваат обата дома, или по кои не расправа сам Соборот на произвводителите, ги врши Републичкиот собор.

Членовите на Соборот на производителите имаат право да му предлагаат на Републичкиот собор измени во законските предлози по кои решава Републичкиот собор, како и да поднесуваат предлози за измена на законите што важат, а што ги донел Републичкиот собор.

Член 43

Предлог на закон или друг акт во чие донесување рамноправно учествуваат обата дома е усвоен ако во двата дома е изгласан во истоветен текст.

Секој дом има право да предложи измени во предлог на закон или друг акт што веќе е изгласан во другиот дом. Вака изменетиот предлог му се враќа за согласност на домот од којшто потекнал.

Ако домовите не се сложат со текстот за законот ќе определат заедничка комисија составена од еднаков број членови на двата дома, за да се постигне согласност.

Ако во комисијата не се постигне согласност од мнозинството претставници на секој дом или домовите не го одобрат текстот што го предложила комисијата, претресот по спорното прашање се одложува за седум дена.

По истекот на овој рок на седниците одново се претресуваат прашањата по кои не е постигната согласност и ако ни по два претреса едноподруго не се постигне согласност, Народното собрание се распушта и се распишуваат избори за ново Собрание.

Член 44

Споровите за надлежност помеѓу домовите ги решава Народното собрание на заедничка седница на двата дома.

Член 45

Соборот на производителите може да дава препораки на стопанските организации за нивната работа и на државните органи и самоуправните установи по прашањата од областа на стопанството, трудот и социјалното осигурување.

Соборот на производителите, во рамките на правата определени со закон, може да донесува одлуки за работата на стопанските организации, државните органи и самоуправните установи.

Член 46

Секој дом сам решава за верификацијата на мандатите на своите членови.

Член 47

Секој дом може да одлучи да се распушти пред да истече времето за кое е избрано Собранието, но останува на должност за времето додека не се избере нов дом. Новоизбраниот дом се распушта кога ќе истече времето за кое Собранието е избрано.

Член 48

Секој дом донесува свој правилник за работа, а обата дома заедно донесуваат правилник за работа за заедничките седници.

б. Претседател на Собранието и претседатели на домовите
[уреди]

Член 49

Народното собрание избира од редот на пратениците претседател на Собранието, еден или повеќе потпретседатели и еден секретар.

Претседателот, потпретседателите и секретарот се избираат за времето за кое Собранието е избрано, но остануваат на должност и по распуштањето на Собранието до нов избор на претседател, потпретседатели и секретар.
Претседателот на Собранието го претстставува Собранието, ги потпишува покрај Претседателот на Извршниот совет, указите за прогласување на законите, претседава на заедничките седници на обата дома, се грижи за прилагање на правилникот за работа и за извршување на одлуките на Собранието и неговите домови.

Потпретседателите на Собранието го заменуваат претседателот кога тој е спречен да ја врши претседничката должност.

Претседателот односно потпретседателите на Собранието кога претседаваат на седницата не можат да учествуваат во претресот и да гласаат.

Секретарот на Собранието се грижи за администрацијата на Собранието.

Член 50

Домовите избираат на една година од редот на своите членови по еден претседател, потпретседател и по тројца запосничари.

Претседателот на домот претседава на седниците на домот и се грижи за прилагање на правилникот за работа.

Претседателот односно потпретседателот на домот кога претседава на седницата не може да учествува во претресот и да гласа.

3) Права и должности на народните пратеници
[уреди]

Член 51

Секој пратеник има право да му поднесува на домот чиј е член предлози на закони, одлуки, препораки, декларации и резолуции. Пратениците имаат право да поднесуваат и предлози на одлуки, препораки, декларации и резолуции за чие донесување е надлежно Народното собрание на заедничка седница на обата дома.

Пратениците што не се членови на одборите имаат право да учествуваат во работата на секој одбор на оној дом чии се членови, но без право на одлучување.

Член 52

Секој пратеник има право да упатува прашања до Извршниот совет, на кои Извршниот совет одговара на седница на домот, или на заедничка седница на обата дома, или писмено.

Пратеникот што поставил прашање има право да му предложи на домот односно Собранието да се отвори дискусија по прашањато што го поставил.

Секој пратеник има право преку домот чиј е член да бара известија од државните секретари. Државниот секретар е должен да ги даде бараните известија писмено, освен ако домот или Собранието не одлучи државниот секретар да ги соопшти лично на седница.

Член 53

Членовите на Републичкиот собор се должни да ги известуваат избирачите за својата работа, за работата на Републичкиот собор и Собранието, непосредно или преку околискиот односно градскиот собор на народниот одбор во кои имаат право на одборник.

Околискиот односно градскиот собор на народниот одбор во кој народниот пратеник има право на одборник, има право да бара од пратеникот да го извести Републичкиот собор односно Собранието за неговиот предлог или мислење, ако се однесува на прашања од надлежноста на Републичкиот собор односно Собранието. Народниот пратеник е должен да го изложи таквиот предлог или мислење.

Член 54

Членовите на Соборот на производителите се должни да ги известуваат избирачите за својата работа, за работата на Соборот на производителите и Собранието, непосредно или преку соборот на производителите на народниот одбор во кој имаат право на одборник.

Соборот на производителите на народниот одбор во кој народниот пратеник има право на одборник може да бара од пратеникот да го извести Соборот на производителите односно Собранието за неговиот предлог или мислење, ако се однесува на прашања од надлежноста на Соборот на производителите односно Собранието. Народниот пратеник е должен да го изложи таквиот предлог или мислење.

Член 55

Членовите на Републичкиот собор имаат право на постојана месечна награда.

Членовите на Соборот на производителите својата должност ја вршат почесно и имаат право на накнада на трошковите причинети со вршењето на својата пратеничка должност, како и право на накнада на загубената заработка за време додека ја вршат таа должност.

Член 56

Народниот пратеник не може да биде повикан на одговорност, лишен од слобода ни казнет за изразеното мислење или дадениот глас во Собранието.

Пратеникот не може да биде лишен од слобода, ниту против него може да се започне кривична постапка без одобрение од домот кому припаѓа, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна строг затвор во траење подолго од пет години. Во таков случај државниот орган што го лишил пратеникот од слобода или против него започнал кривична постапка, е должен за тоа веднаш да го извести Претседателот на Народното собрание, кој го изнесува прашањето пред соодветниот дом на одлучување дали постапката ќе се продолжи односно дали лишувањето од слобода ќе остане во сила.

Кога домот не е собран, за давање на одобрение за лишување од слобода и за започнување односно продолжување на кривична постапка против пратеник одлучува мандатно-имунитетниот одбор на соодветниот дом, со дополнителна потврда од домот.

Член 57

Народен пратеник не може да биде истовремено службеник во државната управа ниту судија.

4) Седници
[уреди]

Член 58

Народното собрание е во постојано заседание во текот на времето за кое е избрано (свикување) и работи во посебни седници на домовите, во заеднички седници на обата дома, во постојаните и други одбори и комисии.

Новоизбраното Собрание се состанува најдоцна на триесетиот ден од денот на изборите.

Член 59

Седниците на одделните домови ги свикува претседателот на Народното собрание на основа одлука од самиот дом, по предлог од претседателот на домот, од одбор, од една петина членови на домот, од Извршниот совет, по сопствена иницијатива, како и кога тоа е определено со овој закон.

Заедничка седница на двата дома свикува Претседателот на Народното собрание на основа одлука од Собранието, по предлог од еден дом, од одбор, од Извршниот совет, по сопствена иницијатива, како и кога тоа е определено со овој закон.

Ако Претседателот на Собранието не свика седница или не ја свика кога тоа е определено или предложено, Собранието односно неговиот дом ќе се состане по покана на дваесет пратеници односно Извршниот совет.

Член 60

Домовите на Собранието донесуваат полноважни одлуки со мнозинство гласови на седница на која присуствува мнозинството од нивните членови.

Народното собрание на заедничка седница на двата дома донесува полноважни одлуки со мнозинство гласови. За донесување на одлуки е потребно присуство на мнозинството членови и на едниот и на другиот дом.

5) Одбори и комисии
[уреди]

Член 61

Републичкиот собор и Соборот на производителите имаат како постојани одбори законодавен одбор и мандатно-имунитетен одбор.

Секој дом може да образува постојани одбори и за други прашања од својата надлежност, како и анкетни одбори и комисии за вршење на посебни задачи.

Народното собрание има постојана комисија за толкување на законите и постојана комисија за народни одбори.

По потреба можат да се образуваат одбори како и други комисии на Народното собрание.

Член 62

Членовите на Извршниот совет не можат да бидат членови на одбори или комисии ниту можат да бидат избрани на други постојани должности во домот или Собранието.

Претседателот на Собранието не може да биде член на одбор или комисија.

Член 63

Одборите ги проучуваат законските предлози, ги претресуваат прашањата што ќе ги отворат членовите на одборите и сите други прашања од надлежноста на домот и му поднесуваат на домот свои извештаии и предлози.

Секој законски предлог пред да му се поднесе на домот на претрес мора да биде расправан во соодветните одбори на домот, освен ако домот одлучи предлогот да се претресува по итна постапка.
Секој член на одбор има право да предлага да се стават на дневен ред на одборот или при претресувањето во одборот да ги изнесува, во рамките на делокругот на одборот, сите прашања што се однесуваат до примената на закони, до работата на државните органи, самоуправните установи и стопанските организации, или до други прашања од општ интерес за Републиката или од интерес за изборната единица во која е избран.

Пратеник што не е член на одбор има право пред одборот на домот чиј е член да отвори прашање од делокругот на одборот. Одборот одлучува дали таквото прашање ќе го стави на дневен ред.

Член 64

Одборите може да донесуваат резолуции и во рамките на својот делокруг да донесуваат препораки за работата на државните органи, самоуправните установи и стопанските организации.

Член 65

Одборите може да бараат од Извршниот совет да им одговори на прашања и да им дава известија за својата работа.

Членовите на Извршниот совет можат да присуствуваат на седницата на одборите и да учествуваат во претресувањето, но без право на одлучување.

Извршниот совет може да предложи да се стават на дненевен ред на седница на одбор одделни прашања и да се свика одборот за да се изнесе ставот на Извршниот совет по тие прашања. Одборот може да ги претресува тие прашања, да донесува резолуции и да дава препораки.

Одборите можат да повикуваат државни секретари, потсекретари, директори и други службеници и стручњаци усно или писмено да им одговораат на прашања и да им дадат известија и објасненија.

Одборите можат да плвикуваат народен пратеник да ги извести за состојбата во изборната единица односно во стопанските организации што го избрале.

Член 66

Одборите можат да вршат анкети и сослушувања и поради тоа да бараат од сите државни органи, самоуправни установи и стопански организации да им поднесуваат потребни податоци, списи и документи.

Член 67

Комисијата за толкување на законите има право да дава задолжителни толкувања на републичките закони.
Предлог за толкување на законите можат да поднесат: секој народен пратеник, одбор на дом, Извршниот совет и Врховниот суд на Народна Република Македонија.

Комисијата им ги поднесува задолжителните толкувања на дополнителна потврда на надлежните домови.
Комисијата за толкување на законите има девет членови што Собранието ги избира од редот на народните пратеници на заедничка седница на двата дома.

Комисијата за толкување на законите останува на должност и по распуштањето на Собранието до избирање на нова комисија.

Член 68

Комисијата за народни одбори решава по споровите помеѓу околискиот односно градскиот собор и соборот на производителите на народен одбор на околија односно град.

Комисијата за народни одбори ги проучува приговорите на народните одбори за заштита на нивните самоуправни права поднесени против актите на Извршниот совет и ги разгледува прашањата од областа на организацијата и работата на народните одбори за кои е надлежно Народното собрание и им поднесува на домовите односно Народното собрание предлози за нивното решавање.

Член 69

Секој одбор и постојана комисија работи по правилник за работа што сам го донесува а го потврдува домот односно Народното собрание.

Секој одбор и постојана комисија има свој претседател и секретар што сам ги избира.

Одборите на еден дом и одборите на двата дома како и комисиите по потреба можат да одржуваат и заеднички седници.

Б. ИЗВРШЕН СОВЕТ
[уреди]

Член 70

Народното собрание му го доверува на Извршниот совет претставувањето на Народна Република Македонија, грижата за спроведување на законите, надзорот над работата на републичката управа, надзорот во поглед законитоста на работата на народните одбори и определени самоуправни установи и другите извршни работи од надлежноста на републичките органи на власта.

Член 71

Извршниот совет:

1) се грижи за извршување на сојузните и републичките закони; се грижи за извршување на републичкиот општествен план, републичкиот буџет и другите акти на Народното собрание, како и за извршување актите на Сојузниот извршен совет и Сојузната народна скупштина и донесува прописи и презема мерки за нивното извршување; презема мерки за извршување на работите од надлежноста на републичките органи на власта; врши општ надзор над примената на законите;
2) ги утврдува предлозите на републичкиот општествен план и републичкиот буџет и ги поднесува на Собранието; составува и поднесува предлози на закони;
3) утврдува смерници за работата на републичките органи на управата како и за работата на народните одбори во управните работи од надлежноста на републичките органи на власта чиешто извршување е пренесено врз народните одбори;
4) основа републички органи на управата, освен државни секретаријати и совети; ја пропишува организацијата на републичките органи на управата; пропишува начела за организацијата на органите на управата на народните одбори; презема мерки за подобрување на администрацијата на републичките органи на управата и народните одбори; се грижи за спроведување на службеничкиот систем;
5) ги поништува и укинува актите на републичките органи на управата донесени вон управната постапка ако се во спротивност со сојузен и републички закон или прописи на сојузниот или републичкиот извршен совет како и прописи на сојузните органи на управата; решава во управната постапка во границите на закон;
6) врши, во границите на закон, надзор во поглед законитоста на работата на народните одбори; ги потврдува статутите на народните одбори на околиите, градовите и градските општини; решава во границите на закон по приговорите за заштита на самоуправните права на народните одбори;
7) основа претпријатија, го пропишува делокругот и основите на организацијата на самоуправните установи што ги основало Народното собрание;
8) располага со буџетските резерви на Републиката;
9) назначува и разрешува државни секретари, секретари на советите, потсекретари, јавен правобранител на Републиката и други виши службеници за кои тоа е определено со закон;
10) донесува акт за распуштање на Народното собрание во случај несогласност на домовите; распишува избори за Народното собрание;
11) ги прогласува законите со указ; се грижи за објавување на републичките закони и другите прописи;
12) врши помилување согласно посебен закон;
13) решава по жалбите на народните одбори на општините против одликите на народните одбори на околиите односно градовите со кои е поништен или укинат акт на народниот одбор на општината;
14) врши работи утврдени со закон.

Извршниот совет може да го изнесе секое прашање од својата надлежност пред Народното собрание и да предложи претрес и донесување на одлука по него.

Член 72

Во вршењето на надзор над работата на народните одбори Извршниот совет има право да ги поништи или укине незаконитите акти на народните одбори на околии и градови, а во работите што не се уредени со закон или општ пропис на сојузните или републичките органи има право да ги поништи или укине и актите на народниот одбор со кој е повреден општиот интерес.

Народниот одбор чиј акт е поништен или укинат има право против решението на Извршниот совет да поднесе жалба до Народното собрание.

Член 73

Извршниот совет може да распушти секој народен одбор односно само околиски или градски собор или собор на производителите ако нивната работа очигледно е во спротивност со Сојузниот устав и Уставот на НРМ или со закон.

Членовите на распуштениот одбор имаат право на приговор до Народното собрание.

Член 74

Извршниот совет ги врши работите на основа и во рамките на Сојузниот устав и сојузните закони, Уставот на НРМ и републичките закони, како и уредбите на Сојузниот извршен совет.

Член 75

Извршниот совет може да донесува уредби за извршување на републичките закони, а за вршење на други работи од својата надлежност може да донесува одлуки, упатства и решенија.
Извршниот совет може да донесува уредби за извршување на сојузните закони и сојузните уредби како и републичките општи закони само ако за тоа е овластен со законот или уредбата.

Извршниот совет донесува уредба за својата организација и работа, која ја поднесува на потврда на Народното собрание.

Член 76

Во Извршниот совет се избираат петнаесет до дваесет и пет народни пратеници од редот на членовите на Републичкиот собор.

Новоизбраното Народно собрание на првата заедничка седница на двата дома го избира претседателот и другите членови на Извршниот совет.

Кандидати за претседател и членови на Извршниот совет можат да предложат 20 народни пратеници.

Член 77

Извршниот совет се избира за времето за кое е избрано Народното собрание, но Собранието може да го разреши целиот Совет или одделни негови членови и пред да истече тоа време.

Извршниот совет останува на должност и по распуштањето на Собранието, до избирање на нов Совет.

Член 78

На чело на Извршниот совет се наоѓа претседател.

Претседателот на Извршниот совет го претставува Советот, претседава на неговите седници, во името на Советот му поднесува извештај на Народното собрание за работата на Советот и ги потпишува указите за прогласување на законите и уредбите.

Претседателот на Извршниот совет има право да задржи од извршување акт на Извршниот совет со кој не се сложува, со обврска спорното прашање веднаш да го изнесе пред Народното собрание за донесување на одлука. Во тој случај претседателот на Народното собрание е должен веднаш да свика седница на Собранието.

Претседателот на Извршниот совет во случај на отсутност или подолготрајна болест го заменува еден од потпретседателите што ќе го определи Извршниот совет.

Член 79

Извршниот совет има еден или повеќе потпретседатели.

Потпретседателите ги избира Извршниот совет од редот на своите членови, кои и ги разрешува.

Член 80

Извршниот совет за својата работа му одговара на Народното собрание.

Извршниот совет е должен да го известува Народното собрание за својата работа.

Собранието во секое време може да бара од Извршниот совет да му пиднесе извештај за својата работа или за одделни прашања од својата надлежност.

Народното собрание води претрес по извештаите на Извршниот совет и на основа претресот може да донесе резолуции и да даде препораки.

Ако Собранието во текот на претресот установи дека некој акт на Извршниот совет не е во согласност со закон, може да го укине.

Овие права Собранието може да ги врши на заедничка седница на двата дома или на седница само на еден дом, ако за соодветните прашања исклучиво е надлежен тој дом.

Член 81

Работите од својата надлежност Извршниот совет ги решава на седница.

Извршниот совет решава со мнозинство гласови.

Член 82

Извршниот совет од редот на своите членови може да образува одбори и комисии за проучување на одделни прашања и подготвување предлози на закони, уредби и други свои акти, како и за донесување решенија во определени работи од надлежноста на Советот.

Член 83

Извршниот совет избира секретар од редот на своите членови.

Секретарот се грижи за администрацијата на Извршниот совет и врши други работи за кои ќе го овласти Извршниот совет.

В. РЕПУБЛИЧКА УПРАВА
[уреди]

Член 84

За непосредно вршење определени извршни работи од надлежноста на републичките органи на власта се образуваат државни секретаријати, самостојни управи, управни установи и други самостојни органи на управата.

За вршење работи на општествено управување од општ интерес во областа на просветата, науката, културата, народното здравје и социјалната заштита и за вршење управни работи од надлежноста на републичките органи на власта во овие области се образуваат совети.

Член 85

Републичките органи на управата непосредно ги извршуваат законите и другите акти на Народното собрание, уредбите и другите акти на Извршниот совет кога нивното извршување е ставено во надлежност за тие органи со Уставот на НРМ и републички закони.

Републичките органи на управата непосредно ги извршуваат законите на Сојузната народна скупштина како и прописите на Сојузниот извршен совет и сојузните органи на управата кога нивното извршување е ставено во надлежност на тие органи со сојузен закон или сојузна уредба.

Непосредното извршување на републички закон со кој се утврдуваат општи начела за прописите на народните одбори или се утврдуваат основни прашања за работите од непосреден интерес за животот и развитокот на општината, градот и околијата може да се стави во надлежност на републичките органи на управата само кога извршувањето е од општ интерес за Републиката.

Во непосредното извршување на законите републичките органи на управата донесуваат управни акти, преземаат управни дејства и донесуваат прописи за кои се овластени.

Освен прописите чиешто извршување е ставено во надлежност на сојузните или републичките органи на управата, сојузните и републичките закони и другите прописи непосредно ги извршуваат народните одбори.

Член 86

Републичките органи на управата работите од својата надлежност ги вршат на освова и во рамките на сојузните и републичките закони, прописите на сојузниот и републичкиот извршен совет, како и прописите на сојузните органи на управата донесени во рамките од надлежноста на Федерацијата, а во согласност со смерниците на Извршниот совет.

Републичките органи на управата ги вршат овие работи самостојно во рамките на дадените им овластенија.

Член 87

Државни секретаријати се основаат за вршење работи од една или повеќе гранки на управата од надлежноста на републичките органи на власта.

Државни секретаријати се: Државен секретаријат за внатрешни работи, Државен секретаријат за правосудна управа, Државен секретаријат за работи на стопанството, Државен секретаријат за работи на буџетот и државната администрација.

Државните секретаријати се основаат, спојуваат и укинуваат со закон.

Член 88

На чело на државните секретаријати стојат државни секретари кои самостојно ги вршат овластувањата дадени на државните секретаријати со закон, прописи на Сојузниот извршен совет и прописи на Извршниот совет.

Државниот секретар за својата работа му одговара на Извршниот совет.

Државните секретари полагаат заклетва пред Претседателот на Извршниот совет. Текстот на заклетвата го утврдува Извршниот совет.

Член 89

Државниот секретар има право да донесува правилници, наредби и упатства за извршување на уредбите и другите прописи на Извршниот совет. Државниот секретар може да донесува правилници, наредби и упатства за извршување на закони и сојузни уредби само ако со законот односно сојузната уредба на тоа е овластен.

Со закон или уредба можат да се одредат обврски за државниот секретар одделни правилници и наредби да му ги поднесе на претходна согласност на Извршниот совет.

Член 90

Државните секретари, во рамките на својата надлежност, а во границите на закон, имаат право на надзор во поглед законитоста на работата на органите на управата на народните одбори, самоуправните установи што ги основаат републичките органи на власта како и оние установи и стопански организации за кои тоа ќе се определи со закон или уредба. Во вршењето на овој надзор државниот секретар има право да ги поништи или укине нивните незаконити акти.

Органот на управата на народниот одбор, установата и стопанската организација чиј акт го поништил или укинал државниот секретар има право на жалба до Извршниот совет согласно одредбите на закон.

Државниот секретар може да поништи, укине или задржи од извршување акт донесен во управната постапка само под услови предвидени со прописите односно начелата на управната постапка.

Член 91

Државниот секретар има право да ги задржи од извршување незаконитите акти на народните одбори на околии и градови и да му предложи на Извршниот совет да ги поништи или укине.

По работите што не се уредени со закон или други прописи на државните органи државниот секретар има право и должност да му укажува на Извршниот совет на актите на народните одбори со кои е повреден општиот интерес и да му предложува да преземе соодветни мерки за кој Советот е овластен.

Член 92

Во државниот секретаријат можат да се назначуваат еден или повеќе потсекретари.

Државниот секретар може да пренесе на потсекретарите одделни свои овластенија со согласност на Извршниот совет.

Член 93

Совети се: Совет за просвета и Совет за народно здравје и социјална заштита.

Советите се образуваат, спојуваат и укинуваат со закон.

Член 94

Советите се колегијални тела и се составени од претставници на самоуправни установи, стручни и општествени организации како и граѓани што се истакнуваат со својата работа во бластите од надлежноста на советот.

Советите за својата работа одговараат пред Извршниот совет.

Член 95

Во вршењето на управните работи од надлежност на републичките органи на власта советот може да донесува правилници, наредби и упатства за извршување на уредбите, а овие акти може да ги донесува за извршување на законите и сојузните уредби само ако со тие прописи на тоа е овластен. Овие работи советот ги врши согласно смерниците што ги утврдува Извршниот совет.

Советот донесува препораки за работа на самоуправните установи, а задолжителни одлуки може да донесува согласно правата утврдени со посебен закон.

Член 96

На чело на советот се наоѓа претседател.

Претседателот ги подготвува седниците на советот и раководи со нив, ги потпишува правилниците, наредбите и упатствата што ги донесува советот и врши други работи што му се ставени во надлежност со закон или уредба.

Член 97

Претседателот и членовите на советот од редот на граѓаните ги именува Извршниот совет, а другите членови на советот ги делегираат установите и организациите.

Извршниот совет може да го разреши секој член на советот. Ако разрешениот член на советот е претставник на установа или организација Извршниот совет ќе побара од установата односно организацијата да делегира друг претставник.

Установата односно организацијата може да го отповика својот делегиран член на советот и наместо него да делегира друг член.

Член 98

Советот има секретар кој раководи со работите на администрацијата и ги извршува одлуките и заклучоците на советот. Секретарот е државен службеник и во областа на управата може да има овластенија што му се определени со закон или прописи на Извршниот совет.

Секретарот има право да учествува во работите на советот но не учествува во донесувањето на одлуките и заклучоците.

За сите прашања од надлежноста на советот секретарот одговара на советот, а за вршење работи за кој посебно е овластен одговара и пред Извршниот совет.

Член 99

Самостојни управи, управни установи и други самостојни републички органи на управата се основаат за вршење на определени управни работи од надлежноста на републичките органи на власта. Самостојните управи, управните установи и другите сакостојни републички органи на управата се основаат со уредба.

Член 100

На чело на самоуправните управи, управните установи и другите републички органи на управата можат да се назначуваат директори и други службеници што самостојно ги вршат овластенијата дадени на тие органи.

Овие органи на управата во вршењето на правото на надзор во поглед законитоста на работата на органите на управата на народните одбори имаат исти права коко и државните секретари, а во поглед незаконитите акти на народните одбори имаат право и должност да му укажуваат на Извршниот совет на таквите акти и да му предлагаат да преземе соодветни мерки за кој Советот е овластен.

Извршниот совет може да пренесува на овие раководни службеници одделни овластенија дадени на државните секретари само кога со закон е овластен за тоа.

Член 101

Со закон и со прописи на Извршниот совет раководните службеници во државните секретаријати, советите и другите републички органи на управата можат да се овластат да донесуваат решенија во определени работи.

Член 102

Извршниот совет е должен да ги поднесува на согласност на надлежните одбори на домовите нацртите од своите прописи за основање и организациони измени на органите на управата што повлекуваат издатоци кои не се предвидени со буџетот или треба да се вршат од буџетските резерви.

Член 103

Против актите на државните секретари, советите и другите самостојни републички органи на управата може, согласно одредбите на посебен закон, да се започне управен спор пред надлежниот суд.
Против актите на државните секретари, советите и другите самостојни републички органи на управата донесени во прв степен по работи во кои е исклучен управен спор може да се подаде жалба до Извршниот совет, ако со закон или уредба не е определено жалбата да се поднесува на друг државен орган.

Член 104

Службениците на републичките органи на управата одговаараат за штетата што со својата незаконита работа ќе ѝ ја сторат на државата.

Државата одговара за штетата што службениците со својата незаконита работа ќе ја сторат на граѓаните или правните лица. Државата има право на накнада од службеникот што ја сторил штетата со својата незаконита работа.

Одредбите од претходните ставови важат и во поглед одговорноста на претседателот и членовите на Извршниот совет.

III. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
[уреди]

Член 105

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат главите VI, VII, VIII, IX и XII од Уставот на Народна Република Македонија од 31 декември 1946 година, како и одредбите од Уставот, законите и другите прописи што се во спротивност со одредбите на овој закон.

Овој закон влегува во сила кога Народното собрание ќе го прогласи, а неговото спроведување ќе се врши по одредби на посебен закон.