Прејди на содржината

Три сестри

Од Wikisource
Три сестри

од македонските народни приказни
Фантастична приказна.

Си биле три сестри и се расправале која е од трите поубава. Неможешчем да знаат која била поубава, тие еднаш го опитале сонцето и му рекле: „Сонце, сонце, која од нас е поубава?" А сонцето им одговорило: „Најмладата!" Двете по големи сестри не се благодариле од сонцевиот одговор, та за тоа тие го повториле и потретиле опитвањето си; а сонцето се истиот одговор им давало.

Тогај тие, поголемите сестри, намислиле да ја загубат помалата си сестра. Месиле питар, и свариле пченица за да раздадат ѓоа за мајчина си душа, што била умрена и рекле на сестра си: „Ајде, сестро, да ојме, да го раздајме питаров за мајчина ни душа!"

Таја, кутрата, ништо не знаела, што и мислиле сестрите. Си ја зеле со себе и кинисале да одат. Колку дошле сите до едно место пусто, таму застанале и ѝ рекле: „Ти сестро, ами заборавивме да ги земиме свеќите! Поседи ти малу овде, ние да ојме, да ги земиме! Двете поголеми сестри се вратиле ѓоа за да ги земаат свеќите, а таја останала тука, да ги чека. Чекала, чекала до квечерината, и приближило веќе да се стемни, и ними ушче ги немало да дојдат. Тие ја оставиле таму со ниет да дојди некој, ѕвер да ја изеди.

На вечерта и дошло каде неа едно јагне, а таја му фрлила троа од пченицата варена, што била ѓоа за раздавање за мајчина душа. Јагнето, откако ја изело пченицата, си тргнало да си оди; а таја сама во себе си помислила: „Овде мене ќе ме стемни, та ќе ме изедат дивотните. Ја ајде да одам и јас по јагнето!" Јагнето било од девет браќа.

Кога си отишло јагнето дома и момичката по него, стопаните му, деветте браќа, не биле тука; тие си биле на работа и уште не биле дошле од работа. Момичката, кога ја видела куќата сама и неспастрена, ја испомела и ја спастрила. Зготвила вечера за деветте браќа и се скрила зад врата. Ноќта кога дошле деветте браќа, се почудиле кој така им ја спастрил куќата и им зготвил вечера? А таја од зад врата не излегуала, туку стоела таму и си молчела. Утрината еден од браќата, најголемиот, им рекол на браќа си: „Тој што ни зготвил вечера сношчи, тој можи да ни зготви и денеска за вечер; јас ќе седам денеска овде да го вардам и да го видам кој е?"

Везден тој седел и вардел; вардел, што вардел, а дури квечерината му се приспало, та задремал. Тогај момата излегла од зад врата и со брзина направила како понапрежниот ден: спастрила куќата, им зготвила вечера и пак се скрила зад врата.

Кога се разбудил вардачот, се почудил виждаешчем оти пак вечера им се зготвила без да види тој кој бил што им ја зготвил и си велел: „Како ќе им одговорам на браќа ми јас што останав да вардам и да видам? Кој е тој што ни ја спастира куќата и ни готви вечера?"

Утрината останал да варди вториот брат туку и тој недовардил. Така се поредиле осумте браќа, ама никој од ними не можел да доварди. Најпосле му дошол редот и на најмалиот брат. Тој си рекол: „Како овие седоа, а не довардија? Jac ќе седам и ќе довардам!"

Вардел што вардел тој, момата не излегла. После легнал да спија од нанафул, а неспијал. Девојката си помислила оти спија, та излегла да си врши катаднешната работа; да мети да ја спастира куќата и да готви вечера. Тогај тој скочил веднаш, ја грабнал за рака и и рекол: „Их сестро! Ти што ни си сторила олку добро, ти си сестра наша!"

Вечерта, кога дошле друзите му браќа и ја виделе, многу се почудиле и се зарадуале, та од тогај си ја имале и си ја љубеле како вистинска своја сестра. За да не седи сама, кога си оделе на работа, тие и купиле два голоба, да си седи со ними.

Некое време друзите две сестри чуле оти сестра им што сакаа да ја загубат, била жива и на арно. И завиделе, та намислиле да ја отрујат некако. Пратиле една баба за да и отнеси едно кравајче, месено со отрујачка, за да касни од него, та да се отруја. Бабата ѝ го отнесла како дар пратено од сестрите, и таја го зела. Колку скршила од кравајчето за да јади од него, се сронале неколку трошки, а голобите што биле до неа, тојчас ги зобнале трошките и на часот умреле, Тогај од тоа момата се усетила оти кравајчето било месено со отрова та не јала од него.

Вечерта, кога си дошле деветте браќа од работа, ги побарале голобите, а момата им раскажала како умреле. Тога тие и велат: „Ако уште еднаш дојди таја баба, ти никако да не ја прибираш овде, нито да и отвараш вратата, да не ти стори некоја пакос, оти ни си кочена една сестра во девет браќа.

Кога сестрите и чуле и разбрале оти сестра им останала жива, многу пати уште ја праќале бабата да оди при неа за да ја отрујат со некој маривет или со некоја дубара, ама момичката никако не ја прибирала и не и отварала вратата. Најпосле кучките сестри измислиле една итрост, со измама да ја отрујат. Тие ја пратиле бабата и и дале еден прстен да ѝ го однеси на сетра им, а и отрова и дале да ја отрујат. А бабата им рекла: „Јас да одам, таму таја не ме приберуа и нито вратата ми отвора!" – Ако не ти отвора тие и повториле на бабата, ти оди, клукни на вратата, а, кога ќе подизлези таја од пенџера, за да види кој клука, ти речи и оти сестри ти од голема жалба за тебе што не можат да те видат, ме пратија ме не и ми дадоа еден прстен да ти го донесам. Пушчи си баре раката, да ти го кладам прстенот. Таја ќе ја пушчи раката, а ти, на место да и кладиш прстенот, подсечи ѝ го малото прсте и посоли ѝ го со отрујачката. Таја, од бола, ќе си го клади прстот в уста, та ке се отруја и ќе пукни. Бабата отишла со прстенот и со отровата, сторила како што ја научиле сестрите, ја отрула сестра им и оваа умрела.

Вечерта, кога си дошле дома деветте браќа, ја нашле умрена! Пишчат плачат тие од жалба и се чудат кој им гого стори тоа зло? После си ја лазаросале како невеста и си ја тажеле. А од жалба голема не ја закопале в земја како сите мртовци, туку направиле ковчег од срча, та ја клале во него. А куќата си се со црна свила ја иззавиле. Ковчегот со мртовецот го качиле на едно високо дрво крај река, од која што царските коњи пијале вода.

Утрината, кога коњите дошле на река да пијат вода, тие никако не пијале поради светлината од ковчегот и од мртовецот што бил во него. Така се сторило многу пати. Најпсле царот опитал: „Зашчо аџиба коњите му да не пијат вода?" И сам царев син отишол да види. Кога го видел ковчегот на дрвото, царевиот син повелал да го сметнат, за да види што има внатре. Го сметнале и, кога го видел мртовецот во ковчегот, многу му се смилил за убавината му, та си го зел дома заедно со ковчегот и го затворил во една одаја; и секога по еднаш во денот си го погледнуал.

Еден ден царевиот син отишол надалеку и нарачал мајце си да не влегуа никој во таја одаја, каде што бил ковчегот нито некој да ја отвара. Откако си отишол, мајка му, како жена, не можела да дотрпи да не влези во одајата и да не види што има во неа, та што толку ѝ нарачуал син и да не влегуа никој. Та еден ден таја отворила и влегла, а, кога го видела мртовецот, се почудила на убавината му. После ѝ текнало, та наквасила едно тулбенче во вино и го спрострила по лицето на мртовецот. Тогај, за чудо мртовецот оживел!

Радоста на царицата била голема! Таја си ја облекла и променила како царска снаа и си ја клала во друга одаја да гувај како невеста. Кога си дошол царевиот син, право тргнал во одајата каде што беше мртовецот, и многу се почудил и налутил кога не го нашол; фатил да вика и да се кара зашто против неговата повела влегол некој, та го отмел мртовецот. Тогај мајка му разкажала се, како таја влегла и како мртовецот оживел и оти ете во другата одаја гувејла оживената невеста. Тој тогај со голема радост си влегол при неа во одајата каде што гувејла. После голема царска свадба се сторила; царскиот син си ја зел за жена.

Ете како најмалата од трите речени сестри со правината најпосле се сторила царица.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.