Во едно маријовско село се научила една мечка да им прави на селаните големи пакости; имање не можело да излезе од село надвор. Селаните се собрале да се мислат како да се откинат од неа, да ја отепаат. Од нив се нашол еден појунак, Трајко,
„Јас, им рекол, ќе ја отепам!"
Мечката си имала леглото во една длабока јама. Трајко им рекол на селаниле:
„Јас ќе влезам во јамата и ќе ја отепам. Врзете ме за појас со една ортома па, кога ќе ви мрднам со ортомата вие да ме истеглите".
Селаните го врзале Трајка со ортома за појас и го спуштиле внатре да ја отепа мечката. Штотуку тој наближил до мечката, таја зинала и му ја лапнала главата. Трајко, од болови фатил да мрда и со раце и со нозе, а на селаните им се сторило оти Трајко ја отепал мечката, па им мрднал со ортомата, за да го извадат надвор, па тргнале ортомата и го истеглиле без глава. Главата му се скинала и останала во мечкината уста. Кога селаните го виделе без глава, се прашале меѓу себе:
„Имаше ли Трајко глава или немаше?"
А не знаејќи никој од нив оти имал Трајко глава или не, ја прашале жената му:
„Трајковице, имаше ли глава Трајко или немаше?"
— „Е, да, не знам, одговорила Трајковица; од Велигден на Велигден купуваше по една волненица, а имаше глава или немаше, не знам", рекла кутрата Трајковица.