Прејди на содржината

Стара вражда меѓу кучето и зајако

Од Wikisource
Стара вражда меѓу кучето и зајако

од македонските народни приказни
Приказна за животни.

Госпо коа 'и создал сите ѕверои, 'и создал да се милуаат помеѓу себе и да си живеат брацки на земјата, а не да се јадат, еден друг да се пизмат и да се гонат, да је кабил очите да си изваат помеѓу себе, како што си 'и вадат.

Во тоа време песо и зајако многу си живеале, веќе како некој браќа, а пак сега неќат еден други да се видат; ем баре да било за нешто, ајде де, ами за едни пусти чорапи што и носел песо во тоа време, за тоа се скарале и се запизмиле, и до век ќе се пизмат.

Еве за ошто ти било.

Песо си бил обуен со чорапи, а зајакот си бил бос.

Лели му завидел зајако на песо оти тој да носи чорапи, а тој да оди бос, преесапил еден есап да го излажи и да му 'и земи. Отворил муабет зајако за кој поеќе можи да трча. Зајако рекол:

— Јас можам да трчам поеќе од тебе.

Песо рекол:

— Јас поеќе можам.

И дошла работата да се обидуаат кој можи поеќе да трчат, и се стокмиле двата еден до други, та прснале да бегаат до некое место кај што си определиле, и песо побрго отишол на нишано, а зајако многу поназад беше останал.

— Е, виде оти јас поеќе трчам, бре зајаку — му рекол песо — ајде опни пак одовде назад да трчаме, ако сакаш да видиш оти јас сум посилен во трчање, а не ти.

— Е, знам во што ти е силата, силата ти е во чорапите, оти нека не ти се чорапите, да видиш оти не можиш со мене да трчаш — му рече.

— Е, ај ќе 'и собуам чорапите, бре зајаку, и без чорапи да трчаме — му рече.

— Ај собуј 'и, ама јас да 'и обујам чорапите, да тогај да трчаме, ако ме втасаш, ашколсун ќе ти речам! — му рекол зајакот.

— Еве да 'и собујам, бре кафпе, и обуј ји ти, да ќе видиш оти па ја ќе те наттрчам.

— „Собуј ји де" — му рекол зајако.

И 'и собул песо, та 'и обул зајако, и се стокмиле да трчаат, пак до нишано.

Трчајќи, пак песо наттрчал и зајако останал поназад, та ватил песо да му се смеи и да му се шегуа оти не можел.

„Али шега ќе ми се биеш, бре песу крастав — си рекол само со себе — чекај да видиш дали ќе 'и видиш со очи чорапите." И наместо да трча на нишано кај што беше застанал песо, тој ти вати напреку и му се подбил шега на песо:

— Нааа, ал бабам чорапи кај да 'и најдиш, да си 'и земиш!

Така му рекол зајако и му помаал со рака, та трештил да бега настрана. Коа виде неправда сиромашкио пес оти го изигра зајако со чорапите, туку му се пушти по него да го вака и да му 'и зема чорапите.

— Ах, анас'н', али вака ти мене ќе ми праиш? Чекај ти, курво букурешка, да видиш што ќе патиш, само ако те клаам в рака, да крвта ќе ми ти ја локам јас тебе и после чорапите ќе ти 'и земам!

Така му се повали песо и трешти по зајако да го ваќа.

Зајако бегај, песо трчај и вали му се. Зајако бегај, песо вали му се, и тамам ќе го привтасаше да го чапни, зајако ќе му кршни и така го мачи цел ден да не можи да го вати, да дури се стемни. И откоа се стемни, зајако избега многу далеку и се скри да не можи да го најди.

Откоа се раздени утрото, му тргна по трага песо на зајако да го бара, чунки чорапите му биле дента прани со гирит сапун, та кај што беше газил зајако по росната трева, се остануало од миризбата на сапуно и го душел песо, та па го нашол. Арно ама не би кабил да го вати, да му 'и земи чорапите и да си 'и има и да си 'и носи и ден-денеска, ами му останаа у зајако да си 'и носи и ден-денеска. Кој не веруа нека му 'и види нозете на песо и ќе види оти му се боси, а од зајако обуени.

Е, арно, било како било во тоа време, треба да ја остаи таа пизма песо и да не му 'и бара чорапите на зајако, чунки поминаа сума годиње, арно ама и ден-денеска кај да го види, се ќе трча по него и ќе вика по него:

— Чорапите предај ми 'и, оти ако те ватам, крвта ќе ти ја локнам!

Едно ќе го види зајако песо и ќе му го чуе гласо, не да му 'и собуе чорапите и да куртулиса од тоа пусто бркање од песо, ами ќе трешти да бега и да му кршка, само и само да не му 'и дава чорапите.

Ама и песо инаетчија, а пак зајако уште поинаетчија: глава дава, ама од инато не се остаа.

— Е, олан, за едно рало чорапи што бидуа, дај му 'и и крши му глаата, смири го, да не те гони дури до века — вака рече еден чоек што слушаше коа ми се прикажуаше ова нешто во една берберница од пријателот ми Коста.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.