Спроти Илинден

Од Wikisource
Спроти Илинден
од Мите Богоевски

Спроти Илинден

Гумно е.
Под копитата тешки на којни
се рони клас по клас.
По гумејната жешки горат селаните –
скап е секој час!
Сонцето печит,
потта течит
ко река
полека,
полека.
Лебот се берит,
плодот се мерит
(на маките со маки),
сонцето врвит зад горите…
Фрлејте ји вилите,
пуштејте ји којните,
починејте
на овој свет ден
И л и н д е н!


Ко вчера да беше,
ко овој час –
се вдаде глас:
„Станејте!“
Првата пушка пукна,
оган и крв.
Часот последен чукна:
„Умрејте за да живејте!“
Робот се дигна,
Пламен се вивна,
пламна
село,
град…
Се стресе душман
бездушен султан
и посеј
чемер
јад.


Македонија мачна родена
пак пропадна
и поробена остана.
Утре е Илинден
свети ден.
Гумно е.
Под нозете на работниците
и на селаните
од Македонија
и од сиот свет
нека падне овој систем клет.
Време е плодот да се берит,
фрлејте ји вилите,
грабнејте ји косите,
удрејте ги тираните.