Село Зрзе е кај што заоѓа сонце од Прилеп. Над селото има една планина, сета тукуречи е обрасната со див чај. На таја планина има една дупка (врата) што се вика: Змеоец. Откога ќе влезиш подземи, има да шеташ сета планина, само да немаш страв и да ти се види. Малку откако ќе поодиш во змеоата дупка, ќе најдиш два кобла од каменот правени уште од змеот, кога живеал таму. Коблите се широки колку едно огниште и длабоки околу пол аршин. Водата што е во коблите нито претечуа нито секнуа. Колку да можиш да леиш или да блискаш едно-подруго и колку ќе заприш блискањето, и ето ти и коблите пак полни.
Ако поодиш под планината внатре со видело запалено, ќе видиш друга земја, подземи ширина голема и ке чуеш едно бучење од голема река. За реката ето како веруат селаните, и ако појди човек да види со очи ќе поверуа оти е така. Над селово Зрзе има едно село што се вика Крапа. Тоа е на многу повисоко место од Зрзеската Планина. Од селото Крапа течи една река преку поле. Полето крапско е заградено сето со планиње и реката што течи по поле, некогаш се збирала и сето поле било езеро. Од многу години пробила една дупка реката на едно место и сега се спушта во земјата та врви низ зрзеската шуплина. Ако не одат ката година да ја пречистуат дупката кај што се спушта реката, можи пак да се затни и да ги потопи.
Да си дојдиме за Змеоец од Зрзеската Планина. Во Змеоец веруат старите оти имало некогаш еден эмев, што живеал таму. На ден Велигден си играле чупи в сретсело Зрзе и една чупа најлична го водела танецот. Од ведрината се задале едни виулици и ја кренале чупата на вишно небо. Спискала мајка ѝ, една у мајка била: „Бре што се стори, кај појде, кој ја грабна, дали ветроштињето, дали самовилите?" Таја веднашка ја снемало. По две години време отишла мајка ѝ на личната чупа на планина за да ѝ збира билки чемерики. Одејќи, шетајкум дошла кај Змеоец и си рекла со умот за да влези внатре и да види да не нешто е ќерка ѝ таму. Едно влегла внатре, и еве ти ја ќерка ѝ, кај си успива машкото дете. „Мори дали овде си ми се скрила, поземи, мила ќерко моја, ами што е тоа дете што успиваш уште немажена?" ѝ рекла плачејќи мајка è. „Молчи, мајче, не викај многу, да не го разбудиш змеот, оти сега бргу заспал да не те изеди нешто". Излегоа од Змеоец надвор и се избакнале, се испоприкажале и на одење ѝ рекла мајка ѝ да го праша змеот одошто му била умирачката. Една вечер го прашала од ошто му е умирачката и змеот ѝ кажал оти уморен кога да си дојдел од облаци, да испиел еден кобел солена вода, на часот умирал. По некој ден дошла мајка ѝ и, откога се научила од ќерка ѝ, му донесла сол и го отрула змеот. Си ја зеде ќерка си жената и си дошла дома. Го гледала детето и го сторила момче, та си го оженила. Момчето змевче било и крилја си имало под мишки. Одкога се оженило змевчето, по некоја година си ошол на жниење со невестата си. Во жниењето се расипало времето и дошло на врнење. Во тоа време момчето легнало да спие и жената му многу му додевала да го разбуди, за да не се истопи. Арно ама, змевчето тапани над глава да му чукаат, тој тогај не слушал. Откога поминала росата, се разбудило и станало, арно ама жива вода сторено. Го прашала невестата му оти толку се испотил во спиењето. Тоа нејќело да ѝ кажи. Арно туку жена, кога ќе стори инает, да те чува Господ; како црвец во дрво ќе те јади. И така му се запнала на змевчето, ја да ѝ кажи што се истопил толку многу, кога таја не била ич натопена, ја в неола ќе се фрли. Видело, невидело змевчето ѝ кажало. Еве отшто се испотив. Това бидејќум змевче, видело оти ќе врни силен град и ќе му отолчеше берикетот во полето, летнало по облаци, и ги завртело облаците в планина за таму да го истуруат градот. Кога чу жената му на змевчето оти можел тој да лета, му се запнала за да му ги види крилјата. Од голема стега од неа, виде, невиде, му ги кажа крилјата. Таја си кажала на мајка си оти имало момчето ѝ крилја и можело да лета по облаци, да го враќа градот. „Чуј, ќерко, ѝ рекла, прави што правиш, ја пресечи му ги крилјата, ja подгори му ги, оти лели лета по облаци, некогаш не ќе се Врати".
Ја послушала мајка си од змевчето невестата и една ноќ му ги пресекла крилјата со ножици. Од тој саат веќе змевчето не можело да лета по облаци за да го враќа градот. Прикажуат стари оти во тоа време понабргу врнело, и град ич не заврнуало, а сега на скраја врни и без дури не удри град, не било чаре, чунки змеоите се сотреле. Во сегашно време се мачат селаните да го одбијат градот, да не врни, за да им не тепа бериќетот, со држење величетвртоци и други многу празници. Прикажуат стари оти и ден денеска имало од сојот од змевчето, ама крилја немале, само колку два прста опашка, и мошне биле јунаци во борење и друго.