Прејди на содржината

Светов е тркало

Од Wikisource
Светов е тркало

од македонските народни приказни
Реалистична приказна.

Некое многу учено Турче во Стамбол било во некој голем суд ќатип, што земал многу ајлак. Не знам што му нашле некоја грешка и беа го истерале од ќатиплакот. Бидејќи многу учено, многу мака беше му паднало и беше направил еден арзоал, та беше го дал на самиот цар, за да види царот оти имал писмо многу убаво и зборои многу врзани, за пак да го клај ќатип. Го зел арзоалот царот и го препеал; арно ама царот нејќел да му го расипи атарот на пашата што го истерал него. Мудар бидејќи бил донекаде царот, му напишал еден шер на арзоалот вака: „Бу дуња чарки фелек, ашколсун чеваране; бу дуња јалли кујурук, ашколсун тутаана", и му го дал арзоалот на ќатипчето. Од кога го пропеал ќатипот царскиот шер што беше му го напишал на арзоалот, беше се зачудил на тие два збора и беше си рекол сам со себе: „Царот мене ми пишал: ербап олаим, пиљав јеим (достоен да сум, пиљав да јадам); ја чекај да види царот за некое време што мајстории ќе му направам, за чарки фелекот да го човардисам". Уште на часот ќатипот отишол в каршија кај женскиот пазар и си купил едни калуѓерски алишта, та се преправил од ефендија на калуѓер и отишол во некој манастир и за бргу веме беше го научил редот рисјански од игуменот уште поарно. За касметот негов умрел игуменот и бидејќи од него немало повреден за игумен да клаат, беше го клале него. Би некое време игумен и посакал да си оди на аџилак. Од кога беше се испростил со сите калуѓери, им зел и една книга со муурот манастирски оти бил игумен и работил многу убаво во црквата и во манастирот дури бил.

Станал од манастирот и си отишол право Стамбол, во патрикааната. Се претставил пред патрикот, за да му даде некоја работа. Од кога го видел патрикот оти имал голема вредност, го сторил владика прв. Поби владика некое време и фатил да оди при учени Турци и ефендии да прави муабет за верата турска и распрашуал и по нешто бендисуал. Со денеска, со утре, се туку ги распрашуал учените Турци за турската вера и најпосле се облекол во едни ефендиски алишта, та отишол во првото кавеане турско и фатил за да им ја прикажуе верата турска на сите учени. Голем кеф беа праеле Турците кога го слушале првиот владика да им ја фали верата и да сака да се потурчи.

На тоа згора, беше го однесле до шерисламот, за да го потурчи. Голем кеф беше сторил и шерисламот кога виде и чу оти првиот владика ќе се потурчуа. Арно ама, едно му пречело на шерисламот што нејќел веднаш да го потурчи, дека турски не знаел да зборуа и книга да пее: „Ако е кабил, ефенди, му рекол шерисљамот на владиката што ќе се турчел, да поучиш при некој муфтија турски да зборуаш, Чунки ти од грчки друг јазик не си знаел, и писмо треба да се научиш малку турско, да после ќе те потурчам, лели си ја азеттисал нашата вера". „Пеки, муфти ефенди, голема севда и јас имам за да се научам книга турска", му рекол на речениот владика, сторен од Турчин и пак ќе се претурчуа, без да го знаат кој е и каков е.

Го клал муфтијата во една одаја и го зафатил да го учи елиф бе (азбука). Како го учил, учил, три месеци време што го учил, едвај елиф беше го научил. Го прашал шерисљамот муфтијата: „Како, како, муфти ефенди, му рекол, али чалаштисуа владиката да се учи книга и турски да зборуа?"
— Се чудам шерислам ефенди, му рекол муфтијата, со овој грчки владика; ич да не му фаќа умот: еве три месеци време кај го учам и не можам да го научам да зборуа и да пее во ќитап! Многу беше бил тупоум. Ако не ме веруаш, ела на медрезе сам ти да го видиш. Ем не оти нејќе да се научи, ами не му фаќа умот: туку се мачи и труди везден и саноќ, ами пак не може да се научи; од севда, да дури и коран си купи и везден туку го врти лист по лист". Кога ги чул. тие зборои шерисљамот, станал стар сам да оди да види дали вистина не знае, како што му велел муфтијата.

Во одајата, кај што седел владиката, имало едно пенџере, што гледало право по сокак, од кај што иделе шериљамот и муфтијата. „Ха, си рекол сам со себе владиката, чекај, сега како ќе ве гостам, за да видите кој е ќатипот што го истераа од ќатиплакот и му даде царот шер на арзоалот: „Бу дуња чарки фелек, ашколсун чеверане". Еве сега дури го чевердисав чарки фелекот". Во истото време стана да се клања и молитви по турски да пее. Едно дошол до вратата шерисламот ги чул молитвите од наречениот сам владика. Застана да слуша и се сврте на муфтијата да му вели оти го лажел дека знаел да пее! Се чудил и муфтијата кога чул и со клетва му се колнел оти не го лажел, ама вистина до поминатиот ден не знаел оти знаел да пее владиката. Од кога го исчекале да се доклања, го прашал шерисљамот од кај се научил во една ноќ толку турски да пее. „Еј честити шерисљаме, му рекол по турски, ќе ти кажам од кој се научив, ама мачно ќе ме поверуаш; туку јас затоа што не ќе поверуаш не сакам да знам, лели мене ми се исполни желанието. Ноќеска, како што се молев, бев заспал и дојде Муавмет при мене; прво ме сунетиса и ми дувна в уста, та се се научив и коранот да го пеам и верата како што е, сета ми ја кажа". Како чул шерисламот тоа чудо, беше се фатил за брада и беше викнал: „Аллах, аллах, што е ова чудо што се стори на овој владика!" Веднаш беше му го однесол шерисљамот кај царот да го види и да го чуе што го научил Муавмет. Бргу-бргу го оженија со една најбогата жена, со не знам колку чифлизи. По некој месец умрел шерисљамот за касметот негов, тики него беше го клале шерислам. Фатил кај царот понабргу да оди да се разговара. Седел и се чудел царот каква работа шерисламот да се научи во една вечер толку турски да зборуа и верата да ја нучи од сите Турци поарно. „Џанам шерислам ефенди, му рекол царот, ќе те прашам нешто, ама атар да не ти остани, како се научи во една ноќ да зборуаш турски и законот да го знаеш?" — Честити царе, му одговорил шерисљамот, лели си ми дал шер на арзоалот мој вака: „Бу дуња чакри фелек, аш колсун чеваране". Ете и јас го чевердисав чаркот и го држав јалли кујрукот“. Тогај го извадил арзоалот и му го дал на царот да си го види шерот што беше го дал. Кога беше видел царот и беше се научил како беше направил за да дојди до тој рет, ашколсун беше му рекол и голем бакшиш му дал.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.