Свети Спиридон и сиромајот
| Свети Спиридон и сиромајот од македонските народни приказни |
| Легенда. |
Си бил еден сиромав човек. Си имал две ќерки втасани за мажење. Арно туку пуста пара си немал да ги омажи. Думал, сметал како да прави. Му дошло на ум, та пошол кај свети Спиридона да му кажи алот. Му се расплакал сиромајот и му кажал оти имал две ќерки втасани за мажење, ами пара половица немал да им направи нешто рубичка. Кога ги чул свети Спиридон од сиромајот жалосните зборои, многу му се нажалило, та извадил од десната нога чевелот и му го дал: „На, брате, му рекол, овој чевел и појди кај некој богат човек, та кажи му го оти е мој и за атарот мој ќе ти дади пари, за да си ги омажиш девојчињата, и ако не те поверуа оти е мој чевелот, дојди другиот да ти го дадам". Го зел сиромајот чевелот и отишол при еден чорбација, та му рекол како што беше му рекол свети Спиридон. Арно туку ич ќе го поверуа чорбаџијата со чевелот од свети Спиридона? Уште му се подбиле шега и го истерале. Наведил глава сиромајот и се вратил кај свети Спиридона, та му кажал оти се подбил шега со чевелот негов еден чорбаџија. „На, му рекол свети Спиридон и другиов чевел, та да појдиш кај чорбаџијата и да му речиш: ако веруа оти чевлите се мои, нека ги кладе на една терезија и од другата страна пари и ќе познаи оти се мои". |
| Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво. |