Си било едно девојче. Во секое утро, кога ќе станеше од спиење и ќе појдеше на чешма да се мија образ, ќе му запеало пилето: „Ој девојче, девојче, колку сакаш миј се, пак ќе земиш умрено момче".
Многу време така беше му пеало пилето на девојчето. Си било едно момче во тој град, што било најлично во градот. Арно ама тоа момче го милуваа три сестри самовили и дури беше живо, не можеа да си го земат в планина, за да се радуат со него. Еднаш се созборуале самовилите и беа го прифатиле од надвора. „Е, умре момчето, умре", сите што го видоа рекоа, и мајка му го крена та си го однесе во гробницата, чунки си имаше правено како куќурка. Ноќта беше дошле самовилите и беа му повратиле душата, та беа си го зеле в планината, каде што живејле тие. Тие кај што живејле, имало најубави ливади со тие убави сенки, шадравани со најбели мермери, очи човечки што не виделе.
Со денеска со утре, момчето сакало да се жени. Ваму таму ја бендисало таа мома што и пееше пилето умрено момче ќе земиш", и ја свршило та си ја однесло во гробот кај што живејло ноќ. Поминало баги што живееја во гробот. Јадење пиење и носеше, и невестата се чудеше, оти како што и пејше пилето, така и се стори. Еднаш беше си рекла со умот невестата: „Ја чекај да видам кај оди момчето мое дење, што ич не седи при мене". Излегло момчето и таа назорум по него беше отишла кај што живееја самовилите. Туку едно беа го виделе самовилите момчето и беа го грабнале в раце, та беа го однесле во убавите градини.
Се засолнала невестата зад едни расје до еден извор, и таму беше и дал Господ да си роди дете машко. По некое време дошла една од самовилите за да залеј едно барде вода, и невестата и посакала да се напија. Арно ама самовилата не и дала. Дошла втората и таа не и дала; дошла треќата, таа ја пожалила и ѝ дала да се напија вода. Во пиењето вода невестата беше го клала прстенот во бардачето. Се погодило, кога се напило вода момчето, да му падни в уста. Кога видело, се зачудило од кај му дошол в уста прстенот од невестата му. Ја прашал малата самовила да не имаше некоја невеста некаде, и таа беше му кажала оти имало. На мракот си тргнаа самовилите по гората, а момчето за дома и кога се вратило кај чешмата, си ја нашло невестата со машко дете и си ја зел. „Зошто, бре домаќине, одиш по овие ѓаволски самовили? Дали лоша сум јас? Немој, домаќине, му велеше невестата плачејќи, не кајдисуј на мојата младост да ме држиш во гробот со умрените, грев нека ти биди од детево машко што ми го даде Господ, сполај му. Ај да си одиме право веќе дома кај мајка ти, за да те види и да те радуа и тебе и мене". – „Оф мила моја домаќинко, зер јас нејќум, туку ѓаволските самовили не ме пуштаат. Ако не појдам еден ден, ќе ме умртват, туку знајш што да направиш за да ме куртулисаш? Да испредиш, исткаш и сошијаш една кошула, та кога ќе дојдат самовилите да ме земат, ти веднаш да ми ја навриш кошулата и така ќе ме куртулисаш".
Ја направи кошулата невестата му, и едно беа дошле самовилите да го земат, беше му ја наврела кошулата од кај главата надолу и не знам како беше му се запнал ракавот, та беше дошле самовилите и не могле да го фатат од ленената кошула за глава, та беше го фатиле одполу удолу и си останал како удрен в глава, ни горе, ни долу. „Е, жено, и рекол, ами сега што ал се прај, аман барај ми крајот, оти ме зеде ти на душа". Тргна сирота невеста по бајарки, по вражарки, да го одврзи момчето и нашла една старичка, што беше разбирала од тие работи и беше гледала на ѕвезди, та беше и се кажало лекот. „Слушај, ќерко, и рекла бабата, мене ми се кажа на ѕвезди за болеста од момчето твое, да си напра едни железни опинци и да појдиш кај сончева мајка. У неа има лек за момчето ти. Одејќи по патот ке стретиш дрво високо. Штом ќе те праша нешто за да му речиш на сонцето, ти да му речиш: чекај да поминам, да ќе му речам. Така ќе стретиш една река и три чупи и ним така да им речиш и да си поминиш".
Од кога чу ги тие зборои, невестата тргна да оди кај сончова мајка. Дошла до дрвото, му рекла како што и рекла бабата и поминала; дошла до реката, заминала; дошла и до трите чупи, и нив ги заминала и туку се нашла кај сончова мајка. „Добро-вечер, бабице, и рекла, дали ме сакаш гостинка? – Дал ти Господ добро, ќерче, и рекла сончова мајка, сакаме гости, ќерче, ами како нејќиме, кој бега од гости. Туку ќе те молам, невевче, да се позасолниш малце, оти сега ќе си дојди од кај што греало сонцето денеска, да бидејќи е гладно, да не те шмукни цела, ја од кога ќе се изнајади, и не ќе те задева".
Ја скрила невестата, и не би час, ете го сонцето беше си дошло. „Мајко мори, што ми мириса туѓ човек во куќава?" и рекло. „Оф море синко, ами што ќе мириса туѓ човек, белки ќе ти даде Господ една сестра. Ја повели вечерај, та после ќе ти кажам". Му ставила еден казан попара со млеко и симиди надробени и беше му се навртело онцето, та беше се изнајало јако.
„Мајко, мајко, ами да ти кажам нешто што чудо сум ти видел на земјава: едно момче три самовили го здрвија од појас удолу в куќи на прагот, тики многу сум ти го ужалил, оти беше многу лично, како мене. Го зедоа на душа, Бог да ги убја, самовилите". – „Ами некој лек, бре синко, не знајш за да се излекуа?" му рече мајка му. „Море лекот му е без пари, мајко, туку кој ќе му однеси; еве му го лекот пред мене: триве трошки што ми паднаа од уста да му се дадат да ги изеди и ќе си оздрави“, и рекло сонцето и си стана да си патуа по долна земја.
Ја извади невестата сончова мајка од кај што беше ja скрила и ѝ ги даде трите трошки за да и оздрави момчето: „Ај ми со здравје, невевче, и рече сончова мајка, и едно одење дома дај му ги триве трошки на момчето ти, за да ги изеди и веднаш ќе ти оздрави. За трите девојки што ти нарачаа да го прашаш сонцето дали ќе биди поарно и полоши, дури не изминиш десетина чекори немој да им кажиш оти полоши ќе бидат, оти ќе те загубат. Ја отворете ми пат да поминам, та после ќе ви кажам, да им речиш. Така и на реката да и речиш. А кога ќе дојдиш кај дрвото што раѓа позлатени јаболки, немој да касниш од тие јаболки, оти ќе се отрујаш. Ами еве како да му речиш кога ќе праша: понаведи се малце на страна, та се ќе ти кажам. Тоа ќе се наведи и ти потурни го, та ќе се откорни од корен и ќе најдиш едно купче алтани, земи си ги и живејте си царски со момчето". Си ги зеде невестата трите трошки и ѝ бакнала рака на сончова мајка, та си отишла. Дошла кај трите девојки и кај реката им рекла како штото и рече сончова мајка, и си поминала. Дошла кај дрвото и нему му рекла како што и рече сончова мајка: „Наведи се да поминам, та после ке ти кажам". Се наведило дрвото и го потурнала, та се откорнало од корен и си го нашла азното. Си го зела и си го однесла дома, та беше му ги дала на момчето трите трошки да ги касни, и веднаш беше и оздравело момчето. Голема радост сторила невестата и момчето кога се виде оздравено, а на повеќе се израдуа мајка ѝ на невестата. Од тој саат веќе беше си имале во нивната куќа две добра: и момче со невеста лични и пари да живеат царски.