Прејди на содржината

Рут (вики-превод)

Од Wikisource
(Пренасочено од Рут (слободен превод))

Книга на израелеви судии Рут
Библија (вики-превод)
од н.п.
Прва книга Самоилова


Глава 1

[уреди]

Наоми и Рут.

[уреди]

1Беше тоа во деновите кога владееја[1] судиите. Глад завладеа во земјата и еден човек се пресели од Витлеем[2] Јудејски во Моавските области за да живее таму; тој, неговата жена и неговите два сина. 2Името на човекот му беше Елимелех[3], а на жена му Наоми[4]. Имињата на неговите два сина беа Махлон и Килион. Тие беа Ефратјани[5] од Витлеем Јудејски и заминаа во Моавските области, па таму живееја.

3Но умре Елимелех, мажот на Наоми и таа остана со своите два сина. 4Тие се оженија со Моавки[6]. Името на едната ѝ беше Орпа, а на другата Рут[7]. Живееја таму околу десет години. 5Тогаш умреа Махлон и Килион, па остана жената и без двата сина и без својот маж.

6Кога слушна дека ГОСПОД му помогнал на својот народ и обезбедил храна за него, се приготви таа, заедно со нејзините снаи, си замина од Моавските области и се врати дома. 7Го напушти местото каде што живееше и заедно со своите две снаи тргна по патот кој водеше кон Јудејската земја.

8Тогаш Наоми им рече на своите две снаи: „Одете, вратете се назад во домовите на вашите мајки! Можеби ГОСПОД ќе покаже милост кон вас, исто како што вие покажавте кон починатите и кон мене. 9Може ГОСПОД ќе ве награди и секоја од вас ќе најде спокојство во домот на својот маж.“, па ги бакна.

Но тие викнаа да плачат 10и ѝ рекоа: „Ќе се вратиме со тебе кај твојот народ.“

11Наоми им рече: „Вратете се ќерки мои! Зошто да доаѓате со мене? Има ли во мене уште синови[8] кои би можеле да ви станат мажи? 12Вратете се ќерки мои, одете! Јас сум премногу стара за да се мажам. Дури и да мислев дека има за мене надеж, уште оваа вечер да поминев со маж и да родев синови, 13зарем би ги чекале да пораснат? Зарем би останале немажени заради нив? Не ќерки мои, мојата горчина е поголема од вашата, зашто против мене се протегна раката ГОСПОДОВА.“

14Викнаа тие одново да плачат и тогаш Орпа ја бакна свекрва си, но Рут се припи кон неа.

15„Гледај!“ - рече Наоми - „Твојата јатрва се враќа кај својот народ и кај своите богови. Врати се и ти со твојата јатрва!“

16Но Рут одговори: „Не терај ме да те напуштам, да ти свртам грб! Каде ти ќе одиш, таму ќе одам и јас. Каде ти ќе застанеш, таму ќе застанам и јас. Твојот народ е и мој народ, твојот Бог е и мој Бог. 17Каде ти ќе умреш, таму ќе умрам и јас и таму ќе бидам погребана. Така ГОСПОД нека направи со мене, жесток нека биде, ако било што, освен смртта, нѐ раздели. 18Кога сфати Наоми дека Рут решила да оди со неа, престана да ја тера.

19И така тие двете одеа, сѐ додека не дојдоа во Витлеем. А кога стигнаа во Витлеем, се дигна на нозе целиот град заради нив и прашуваа: „Оваа Наоми ли е?“

20А таа им рече: „Не викајте ме Наоми[9], викајте ме Мара[10], зашто Семоќниот[11] горчина голема ми донесе. 21Полна излегов, а ГОСПОД празна ме врати. Зошто да ме викате Наоми? ГОСПОД ме порази! Семоќниот несреќа врз мене донесе.“

22Така се вратија Наоми и нејзината снаа Моавката Рут со неа, се вратија од Моавските области и пристигнаа во Витлеем во времето кога започнуваше жетвата на јачменот.

Глава 2

[уреди]

Рут го среќава Боаз.

[уреди]

1А Наоми имаше еден роднина по мажот, многу прочуен човек од родот на Елимелех. Името му беше Боаз[12].

2Моавката Рут ѝ рече на Наоми: „Пушти ме да одам во полето и да собирам[13] меѓу снопјето зад оние во чии очи ќе најдам наклоност.“, а таа ѝ рече: „Оди ќерко!“ 3Па ја остави и отиде да собира во полето зад жетварите. Така се случи да се погоди на делот од полето што му припаѓаше на Боаз, кој беше од родот на Елимелех.

4Токму тогаш Боаз пристигна од Витлеем и ги поздрави жетварите: „ГОСПОД со вас!“, а тие му одговорија: „ГОСПОД да те благослови!“

5Боаз го праша слугата, оној што ги водеше жетварите: „Чија е онаа жена?“ 6А слугата, оној што ги водеше жетварите, му одговори и рече: „Таа млада жена е Моавката која се врати заедно со Наоми од Моавските области. 7Ми рече: >,Пушти ме да собирам, да го прибирам она што ќе остане меѓу снопјето зад жетварите.’, и ете ја, работи од утро, па сѐ до сега, само малку што си почина под сенка.“

8Тогаш Боаз ѝ рече на Рут: „Слушај ќерко, да не одиш да прибираш на друга нива и да не си одиш одовде! Тука остани со моите слугинки. 9Гледај каде ќе жнеат и оди[14] по нив, а јас им реков на мажите да не те задеваат. Кога ќе ожеднеш, оди кај стомните и напиј се од она што го налеале мажите.

10Тогаш таа падна на колена, се поклони до земја и извика кон него: „Со што сум нашла наклоност во твоите очи, и си ме забележал, иако сум туѓинка?“

11А Боаз ѝ одговори, и ѝ рече: „Многу ми имаат кажувано за сѐ што си направила за твојата свекрва, по смртта на нејзиниот маж. Дека си го напуштила татко ти и мајка ти и својата родна земја и си дошла кај народ кој до вчера не си го ни познавала. 12ГОСПОД нека ти плати за твоите дела, богата нека биде твојата награда од ГОСПОД, Бог на Израел, под чии крилја си дошла да бараш прибежиште.“

13Таа рече: „Можам ли да најдам наклоност во твоите очи, господару мој, зашто ти ме утеши и му проговори на срцето на твојата слугинка, иако јас не сум ни колку твоите слугинки?“ 14А Боаз ѝ рече: „Кога ќе дојде време за ручек, дојди и јади од лебот, макај во оцетот.“ А кога седна до жетварите, ѝ понуди пржено жито. И таа јадеше, се најаде, и дури ѝ остана.

15Кога стана да собира, Боаз им нареди на мажите: „Дури и ако собира меѓу сноповите, да не ја вознемирувате, 16туку фрлајте ѝ од она што ви е во рацете, оставајте за таа да може да собира и немојте да ја прекорувате!“

17Така таа собираше во полето сѐ до вечерта. Тогаш го оврши она што го собра и имаше околу една ефа[15] јачмен. 18Го зеде и го однесе во градот. Виде свекрва ѝ што беше собрала, а Рут ѝ носеше, и ѝ даде од она што ѝ беше останало од храната.

19Тогаш свекрва ѝ ја праша: „Каде собираше денеска? Каде работеше? Благословен нека биде оној што те забележал?“, а Рут ѝ раскажа на свекрва си со кого работеше и рече: „Името на оној со кого работев денеска му е Боаз.“

20Наоми ѝ рече на снаа си: „Благословен да е од ГОСПОД оној чија милост не престанува ниту кон живите, ниту кон мртвите.“, па ѝ рече: „Тој човек ни е близок роднина и наш спасител[16].“

21Моавката Рут тогаш рече: „Тој човек дури ми рече да останам со неговите работници, сѐ додека не ја завршат целата негова жетва.“ 22Наоми ѝ рече на својата снаа Рут: „Добро е ќерко што ќе одиш со неговите девојки, за да не те повредат на некоја друга нива.“

23Така таа остана близу до слугинките на Боаз и собираше сѐ додека не заврши жетвата на јачменот и жетвата на пченицата, и живееше со својата свекрва.

Глава 3

[уреди]

Рут и Боаз на гумното.

[уреди]

1Еден ден Наоми, свекрвата нејзина, ѝ рече: „Ќерко, зарем ти не треба да бараш за себе спокојство, место каде што ќе ти биде добро? 2А Боаз, оној со чии слугинки си сега, зарем не е наш роднина? Ете, вечерва тој ќе го вее јачменот на гумното. 3А ти, измиј се, намирисај се и облечи се, па симни се на гумното. Немој да му се покажуваш сѐ додека не заврши со јадењето и пиењето. 4Кога ќе легне, забележи на кое место лежи, па оди, откриј му ги стапалата и легни[17]. Тогаш тој ќе ти каже што треба да правиш.“

5Рут ѝ одговори: „Како што ми кажа, сѐ така ќе направам.“ 6Се симна на гумното, па направи како што ѝ кажа свекрва ѝ.

7Кога Боаз се најаде и се напи, и добро се орасположи, легна на самиот крај од купот жито. Рут тивко му се приближи, му ги откри стапалата и легна. 8Беше некаде околу полноќ кога човекот се стресе и се сврте, и види - жена лежи до неговите стапала.

9Тогаш ја запраша: „Која си ти?“, а таа му одговори: „Јас сум Рут, слугинката твоја. Спростри[18] го аголот од својата наметка врз својата слугинка, зашто ти си ми избавител.“

10А тој одговори: „Благословена да си од ГОСПОД ќерко, зашто покажа милост, и оваа сега е поголема од поранешната. Не тргна по млади мажи, било сиромашни или богати. 11А сега ќерко не плаши се! Сѐ што ќе побараш од мене, јас ќе сторам, зашто сите луѓе во градот[19] знаат дека си ти благородна жена. 12Но, иако е вистина дека јас сум ти роднина избавител, има и друг избавител, поблизок од мене. 13Остани овде ноќеска, а утре, ако тој сака да те избави, нека те избави, но ако не сака, јас ќе те избавам, жив е ГОСПОД. Преспиј овде до утре.“

14И така таа легна до неговите стапала сѐ до утрото, но стана пред да може да ја препознае човекот што лежеше до нив, зашто Боаз ѝ рече: „Не смее да се знае дека жена доаѓала на гумното.“ 15Па ѝ рече: „Дај ја наметката што е врз тебе и држи ја!“, па истури шест мери јачмен и ѝ помогна да го крене. Потоа тој[20] се врати во градот.

16Кога дојде кај свекрва ѝ, таа ја праша: „Што стана ќерко?“, а Рут ѝ раскажа за сѐ што стори човекот за неа. 17Уште ѝ рече: „Овие шест мери јачмен тој ми ги даде, за, како што рече: ,Да не се враќаш со празни раце кај свекрва ти.’“

18Тогаш Наоми ѝ рече: „Чекај ќерко да видиме како ќе се завши оваа работа, зашто тој човек нема да застане сѐ додека ова не се разреши уште денеска.“

Глава 4

[уреди]

Боаз ја зема Рут за жена.

[уреди]

1Се искачи Боаз до градската[21] порта и седна. Кога избавителот за кого Боаз зборуваше дојде, Боаз му рече: „Дојди, седи овде пријателе!“, а тој дојде и седна.

2Викна десетмина[22] старешини од градот и им рече: „Седете овде!“, и тие дојдоа и седнаа. 3Тогаш му рече на избавителот: „Наоми, онаа што се врати од Моавските области, го продава делот од земјата што му припаѓа на нашиот брат Елимелех. 4Јас си реков, да ти кажам, да ти предолжам пред сите овде присутни и пред овие старешини од мојот народ - купи го! Ако сакаш да ги избавуваш, избави ги! Но ако не сакаш, кажи ми за јас да знам, зашто нема кој друг освен ти и јас после тебе.“ И тој рече: „Ќе ги избавам!“

5Тогаш Боаз му рече: „Оној ден кога ќе ја купиш земјата од Наоми и од Моавката Рут, вдовицата на починатиот треба да ја прибереш, за да се сочува името[23] на починатиот, заедно со неговиот имот.“

6Тогаш избавителот рече: „Јас не можам да ја избавам, зашто така може да го доведам во опасност сопствениот[24] имот. Ти избави ја, наместо мене, зашто јас нема да можам.“

7Е сега, во Израел, во старо време, кога се избавувало, или се купувало и продавало, за да се заклучи работата, човек ја собувал сандалата и му ја давал на другиот човек. Така се заклучувале работите во Израел. 8Па му кажа избавителот на Боаз: „Ти купи ја!“, и ја собу сандалата.

9Тогаш Боаз објави пред старешините и пред сите луѓе кои тој ден беа присутни за да сведочат: „Јас од Наоми купувам сѐ што му припаѓа на Елимелех и сѐ што им припаѓа на Килион и Махлон. 10А Моавката Рут, вдовицата на Махлон ќе ја приберам кај себе како жена, за да се сочува името на починатиот, заедно со неговиот имот и да не исчезне името на починатиот меѓу неговите браќа и во градот[25]. Денеска вие сте ми сведоци.“

11Тогаш сите луѓе кои стоеја пред портата и старешините рекоа: „Ние сме ти сведоци. Нека ГОСПОД ја направи жената што доаѓа во твојот дом како Рахел и Леа, двете жени кои го подигнаа домот на Израел. Нека се здобиеш со високо место во Ефрат и нека се прочуе името твое во Витлеем. 12Со потомството што ќе ти го даде ГОСПОД преку таа млада жена, нека стане твоето семејство како семејството на Перес, кого Тамар му го роди на Јуда.“

Родословот на Давид.

[уреди]

13Така Боаз ја зеде Рут и му стана жена, па влезе кај неа. Даде ГОСПОД таа да зачне и роди син. 14Тогаш жените ѝ рекоа на Наоми: „Нека се слави ГОСПОД, Кој денеска не дозволи ти да останеш без избавител. Нека се прочуе името Негово низ Израел. 15Тој ќе ти го обнови животот и ќе те гледа на стари денови, зашто твојата снаа што го роди и која те сака, ти вреди повеќе од седум синови.“

16Тогаш го зеде Наоми детето, си го стави[26] во скутот и се грижеше за него. 17Жените што живееја таму си рекоа: „На Наоми ѝ се роди син.“ и му дадоа име Овед[27]. Тој е татко на Јишај, а тој татко на Давид.

18Значи оваа е семејната лоза на Перес:

Перес му е татко на Хесрон,
19Хесрон му е татко на Рам,
Рам му е татко на Аминадав,
20Аминадав му е татко на Нахшон,
Нахшон му е татко на Салма,
21Салмон му е татко на Боаз,
Боаз му е татко на Овед,
22Овед му е татко на Јишај
и Јишај му е татко на Давид.

Белешки

[уреди]
  1. Букв. судеа, период од 1380 до 1050 г. пр. Хр.
  2. Витлеем, или поточно Бетлехем, што значи дом на лебот, е родниот град на Давид (1 Са 16:18).
  3. Елимелех значи: мојот Бог е цар
  4. Наоми значи благословена.
  5. Ефрат е името на областа околу Витлеем.
  6. Женењето со Моавки не било забрането (1 Мој. 19:36-37), иако ниту Моавците, ниту нивните синови до десеттото колено не смееле да влегуваат во „собранието на ГОСПОД“ (5 Мој.23:3).
  7. Рут на Хебрејски звучи како зборот за пријателство. Таа е една од четирите жени во родословот на Исус, даден во Евангелието според Матеј, останатите три се Тамар, Рахав и Бетшеба.
  8. Израелски закон, со кој се заштитува вдовицата и се обезбедува продолжување на семејната лоза (5 Мој 25:5-6).
  9. Наоми значи благословена.
  10. Мара значи горчлива, акцентот, како и кај повеќето хебрејски зборови паѓа на последниот слог.
  11. Хебр. Шадај.
  12. Боаз веројатно значи: во него е силата. Тој влегува во родословот на Исус (Мат 1:5; Лука 3:32).
  13. Мојсеевиот закон им наредува на земјосопствениците да го оставаат за сиромашните, туѓинците, вдовиците и сираците она што жетварите ќе го испуштат, за да може и тие да соберат храна.
  14. Спротивно од обичаите кај нас, кај Евреите мажите жнееле, а жените оделе по нив и го врзувале ожнеаното во снопови. На Рут ѝ било дозволено да оди зад жените и да го собира она што тие ќе го испуштат.
  15. Околу дваесет и два литри.
  16. Роднина кој е одговорен за заштита на бедните членови од поширокото семејство: да обезбеди наследник за починатиот брат (5 Мој 25:5-10), да ја откупи земјата која сиромашниот роднина ја продал надвор од семејството (3 Мој 25:25-28), да откупи роднина продаден како роб (3 Мој 25:47-49) или да се одмазди за убиството на роднината (4 Мој 35:19-21).
  17. Со тоа Рут треба да го потсети Боаз на неговата обврска да ја земе за жена, затоа што таа е вдовица од негов близок роднина. Слична постапка со постапката на Тамар, мајката на Перес (1 Мој 38:13-30).
  18. Рут бара Боаз да ја земе за жена. Сличен израз се употребува и денеска на Блискиот исток.
  19. Букв. покрај градската порта.
  20. Во повеќето Хебр. ракописи е тој, а во Вулгата и Сирискиот текст е таа.
  21. Место за обавување на зделки и заклучување на сите законски и јавни работи.
  22. Собрание неоходно за заклучување на законски работи.
  23. Првородениот син на Рут ќе го сочува името на Махлон и ќе го наследи неговиот имот.
  24. Тој немал обезбедено сопствен наследник, па ако со Рут добиел само еден син, тој би го наследел и неговиот имот, но би го носел името на Махлон, на тој начин неговиот имот би преминал во семејството на Елимелех.
  25. Букв. пред градската порта.
  26. Веројатно симболизира посвојување.
  27. Овед значи слуга, а веројатно е скратена форма од слуга ГОСПОДОВ.