Рут (вики-превод)/ 3 глава

Од Wikisource

2 глава Рут
3 глава
од н.п.
4 глава
Превод за Викиизвор.

1Еден ден Наоми, свекрвата нејзина, ѝ рече: „Ќерко, зарем ти не треба да бараш за себе спокојство, место каде што ќе ти биде добро? 2А Боаз, оној со чии слугинки си сега, зарем не е наш роднина? Ете, вечерва тој ќе го вее јачменот на гумното. 3А ти, измиј се, намирисај се и облечи се, па симни се на гумното. Немој да му се покажуваш сѐ додека не заврши со јадењето и пиењето. 4Кога ќе легне, забележи на кое место лежи, па оди, откриј му ги стапалата и легни[1]. Тогаш тој ќе ти каже што треба да правиш.“

5Рут ѝ одговори: „Како што ми кажа, сѐ така ќе направам.“ 6Се симна на гумното, па направи како што ѝ кажа свекрва ѝ.

7Кога Боаз се најаде и се напи, и добро се орасположи, легна на самиот крај од купот жито. Рут тивко му се приближи, му ги откри стапалата и легна. 8Беше некаде околу полноќ кога човекот се стресе и се сврте, и види - жена лежи до неговите стапала.

9Тогаш ја запраша: „Која си ти?“, а таа му одговори: „Јас сум Рут, слугинката твоја. Спростри[2] го аголот од својата наметка врз својата слугинка, зашто ти си ми избавител.“

10А тој одговори: „Благословена да си од ГОСПОД ќерко, зашто покажа милост, и оваа сега е поголема од поранешната. Не тргна по млади мажи, било сиромашни или богати. 11А сега ќерко не плаши се! Сѐ што ќе побараш од мене, јас ќе сторам, зашто сите луѓе во градот[3] знаат дека си ти благородна жена. 12Но, иако е вистина дека јас сум ти роднина избавител, има и друг избавител, поблизок од мене. 13Остани овде ноќеска, а утре, ако тој сака да те избави, нека те избави, но ако не сака, јас ќе те избавам, жив е ГОСПОД. Преспиј овде до утре.“

14И така таа легна до неговите стапала сѐ до утрото, но стана пред да може да ја препознае човекот што лежеше до нив, зашто Боаз ѝ рече: „Не смее да се знае дека жена доаѓала на гумното.“ 15Па ѝ рече: „Дај ја наметката што е врз тебе и држи ја!“, па истури шест мери јачмен и ѝ помогна да го крене. Потоа тој[4] се врати во градот.

16Кога дојде кај свекрва ѝ, таа ја праша: „Што стана ќерко?“, а Рут ѝ раскажа за сѐ што стори човекот за неа. 17Уште ѝ рече: „Овие шест мери јачмен тој ми ги даде, за, како што рече: ,Да не се враќаш со празни раце кај свекрва ти.’“

18Тогаш Наоми ѝ рече: „Чекај ќерко да видиме како ќе се завши оваа работа, зашто тој човек нема да застане сѐ додека ова не се разреши уште денеска.“

Белешки

  1. Со тоа Рут треба да го потсети Боаз на неговата обврска да ја земе за жена, затоа што таа е вдовица од негов близок роднина. Слична постапка со постапката на Тамар, мајката на Перес (1 Мој 38:13-30).
  2. Рут бара Боаз да ја земе за жена. Сличен израз се употребува и денеска на Блискиот исток.
  3. Букв. покрај градската порта.
  4. Во повеќето Хебр. ракописи е тој, а во Вулгата и Сирискиот текст е таа.


Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.