Коста Солев Рацин/ Резултат

Од Wikisource
< Коста Солев Рацин(Пренасочено од Резултат)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
„Резултат“

од Коста Солев Рацин
Издаден е во хрватското списание „Критика“ во август и септември 1928 година. Преведен е на македонски од Тодор Димитровски.
Сега пред вас, преку движења на раката и траги од мастило ќе ставам и трага на мислата, како резултат од процесите во мојот живот. И сега ќе се обидам кон него да ја дограбам последната патека што ми преостанува во мојот живот, на патот за Иднината.

Зашто мојата Сегашност е разрешена од спознанието: дека сум јас работник, роб на господарот којшто за готови пари ја купува мојата сила и дека тие пари ги добива пак од мене, продавајќи го мојот евтин труд за скапа цена. Така барем изгледа кога тој не работи како мене, па сепак подобро живее и им ја купува на другите силата и трудот. Уште и ова: дека мене ми е невозможно да се ослободам од ова ропство, зашто здружението на господарите, наречено држава, бдее над мене и моќно е како гладот наспроти лебот, иако нивната волја ја извршуваат луѓе како што сум и јас - купени за готови пари. И така, гледате, понекогаш ме фаќа ужас од тоа: зошто моето ропство - токму од тоа е неизбежно. Па сепак, ме утешува и друго спознание: дека робови, како што сум јас, има со милиони во светот, и ми влева храброст помислата: дека спознанието за нашето ропство ќе ни донесе нам свест, а таа, како непобедлива моќ, ќе ни донесе нам и ослободување. Зашто спознанието за начинот на ракување со робовите им донесува на господарите богатство, а нам, на робовите, спознанието дека сме робови ќе ни донесе слобода!

До таков резултат дојдов во трагањето на причините за мојата беда. А тоа ми е наедно и резултат на мојот петнаесетгодишен опит, откога сум и јас наемен роб. И колку тешко дојдов до него! Нашите господари ги испраќаат своите синови во посебни институти каде што купуваат свест и знаење како да постапуваат со нас, а ние, робовите, мораме сами да бараме свест за одбрана од нив, мораме со гола рака да пробиваме тунел низ грозотиите на робовската Темнина! Зашто сиот мој мисловен свет се движи во кругот: на фабриката, улицата и станот, а сета егзистенција на тој живот е така бедна, ограничена, тесна, мала, и доаѓа само тогаш, кога бедата добро ќе ме притисне на тлото. Инаку, секојдневните грижи за егзистенцијата на голиот живот и секојдневната болка, јад и патење ме спречуваат да влезам во полето на Смислата.

Имаше дни кога како улав ја барав таа Смисла, и тоа Значење коешто донесува во темнината Расветление, имаше моменти кога лебдев во Неизвесноста и редовно главечки паѓав во дното на ропското Незнаење. Имаше мисли што ми го параа мозокот:

„Зошто ние, што го создаваме светот, немаме право на достоен живот во него?...“

И тогаш... тогаш само ќе го сетев ужасот на молњата, и без да го чујам букотот на грмежот, толку бев далеку од Спознанието.

Еден ден ми рече жената, сета бледа од глад:

- Та зошто работиш кога не можеш од тоа да живееш?

Ни јас не умеев на тоа да и' одговорам, и молчев пред неа. Но душата ми ја кинеше прашањето:

- Зошто? ... Зошто е така?

Имаше моменти кога низ мозокот ми маршираше ваква мисла:

„Културата е најголема човечка добродетел, а љубовта кон својот ближен е врв на таа култура, зашто сите на земјава сме браќа меѓу себе.“

Ова, секако, сум го прочитал некаде.

И тоа е добро, прекрасно, величествено. Туку зошто не сме сите луѓе еднакви, зошто има меѓу нас робови и господари, потчинети, понижени, експлоатирани - со помошта на еден нечовечки предмет: Парите? Зошто?

И тогаш триумфално ќе продефилираше спознанието:

„Културата во рацете на господари и богаташи - само е инструмент за создавање на нивното богатство. За нив културата е - Експлоатација. И само тогаш, кога културата ќе биде во рацете на оние што работат - само тогаш културата ќе биде човечка!...“

Оние што работат? Милионите? Да!... Кога тие што го создаваат светот ќе бидат достојно наградени за својот труд, кога ќе исчезне експлоатацијата и искористувањето, тогаш луѓето ќе бидат браќа меѓу себе, а културата - култура!

... И така полека марширав кон Спознанието...

И до колку она сè повеќе се вкоренува во мене, трудот, под условите во кои работам, ми се чини непродуктивен и штетен за мене, зашто чистата печалба е за мојот господар, а со тоа тој и ме прави мене роб.

И ми се чини дека работата за рушењето на овие услови е многу попродуктивна отколку работата под нив, зашто сметам дека таа работа по ништо не се разликува од животинската работа и дека само тогаш кога ќе ги снема нив - работата за човекот ќе биде благослов, насмевка и бакнеж на Природата за неговиот труд! А дотогаш... дотогаш рушењето е попродуктивно.

Тоа ми е последниот Резултат.


Поврзано


PD-icon.svg Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.