Прејди на содржината

Рани душа да те слуша

Од Wikisource
Рани душа да те слуша

од македонските народни приказни
Реалистична приказна.

Си беше едно време еден поп и една попаја. Тие си имаа еден момок работник и една нива, посеана со бела пченица. Попот и попајата беа многу скржави луѓе, оти го пуштаа Момокот на нива со една главица кромид и еден комат сув леб.
Кога одеше момокот на нива секое утро, имаше една крушка таму, и тој застануаше под неа и ѝ велеше:
— Добро утро, крушо.
— Дал ти Господ добро, си одговараше сам.
— Ќе жниеме денеска, али ќе спиеме? Ајде да видиме во торбата што има, али саде сув леб, али друга манџа?

Виде во торбата, саде кромит и сув леб.

— Е-е, рече сам себе си, дими нема мазник и пиле, ќе спиеме". И шест недели одеше таму момокот и се тоа си го велеше. Видоа тогај селаните оти нивата стои нежната и му рекоа на попот: „Попе, што не ја жниеш нивата, ќе дојдат спаите". И попот рече: „Јас го пуштам момокот и чинам оти е ожната. Ами шо прави момокот кога иде таму?" — „Е-е, што прави, му рекоа селаните, ќе ја отвори торбата, ако си му дал пиле и зелник, ќе жниеше, ама си му дал саде кромид и леб и затоа везден спиеше". Тогај попот не се заверва на никого и отиде сам да види со очите свои и се скри таму во нивата. Кога дојде момокот, се праша пак со крушата. — Добро утро, крушо, дал ти Господ добро. Ќе жниеме денеска, али ќе спиеме? Чекај да видиме што има што нема во торбата?" Кога виде една главица кромид и сув леб, си легна пак, се кутна под крушата. Тогај попот не му се кажа и си отиде дома кај попајата, сè што виде ѝ анладиса, оти момокот не работи ич и саде зборуа со крушата. Вечерта, кога си отиде момокот, попот му рече: „А бре синко, оти е нежната нивата уште, зашто селаните викаат оти спаите утре ќе дојдат". И тогај момокот му рече на попот: „За нивата, попе, не жалај, оти утре во еден ден ја ожнивам". И попот му рече: „Четириесет дена одиш не ја ожна, Во еден ден како ќе ја ожниеш? Ти треба да сакаш нешто, затоа не работиш". — „Е-е, момокот рече, ти разбираш што сакам". Тогај попот рече скришно на попајата: „Ајде, попаје, напрај сега еден мазник и едно пиле и замеси му една погача". На утрето, уште спиеше момокот, му ја наполнија торбата. Тој си ја зеде сабајлето како си имаше адетот и пак ѝ рече таму на крушата: „Добро утро, крушо, дај Бог добро. Ќе жниеме денеска или ќе спиеме? Отвори ја торбата да видиме што има што нема, тога“... Кога ја отвори торбата, го виде мазникот, пилето и погачата: „А-а, рече, чекај да му се гостам сега, денеска нема спање, ќе жниеме. Изеде сабајлето сè и се наруча арно и се слечу угул гол. Кога му ја викна, сè ожна нивата до ручек и ја врза довечер. Така се работи најаден. — Рани душа да те слуша.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.