Прејди на содржината

Раковите свадба чинат

Од Wikisource
Раковите свадба чинат

од македонските народни песни
смешна македонска народна песна

Раковите свадба чинат,
а желките панаѓурват,
ежовите сеир чинат.
Ми се спушти едно еже,
ми целива една желка.
Го догледа желурокот,
та се спушти по ежето:
— Море еже, пуштараче,
чија жена си целивал? —
Ракот му се одговара:
— Море еже, пуштараче!
Ние на брак те канивме,
да ми јадеш, да ми пиеш,
голем аинк да ми чиниш,
да не бациш туѓа жена! —
Кутро еже одговара:
— Море, раче осмокраче,
море, долго мустакинче,
море, луто кавгаџиче,
ко ќе јадеш, ко ќе пиеш,
лели ќе се опијаниш
та сѐ ќе си заборавиш —
кое е свое, кое е туѓо!


Поврзано

[уреди]
Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.