Одошто мудар и премудар беше Соломон, измислил да влезе и во стреде море, да види што има и што нема. Направил едно шише многу големо, влегол внатре во шишето и го врзал за гуша со ортома, та го пуштиле стред море измеќарите. Им нарачал, кога ќе ја помрди ортомата Соломон од море, тогај да го истргаат измеќарите на суво.
Кога чула сестра му од Соломона оти влегол стрет море во шише, беше се уплашила многу да не се удави и стрчала кај морето, та се фрлила в море, ѓоа да го извади брата си. „Аман, Господи, беше рекла, не удај ме дури да го најдам брата ми Соломона; стори ме риба, за да го најдам брата ми, да го извадам на суво, да после, ако сакаш, остај ме до векои вовек в море да седам".
За чудо големо, Господ ја сторил отполу удолу риба и ја блаосоил до векутума века да живен во морето, да го бара брата ѝ Соломон и да не можи да го најди. И за вистина била жива сестра му од Соломона, сторена на половина риба и на половина девојка. Мнозина гемиџии ја виделе и ја задреле, прашајќи вака: „Соломона ако по бараш, девојко, еве го у нас, в гемија, ела ако сакаш да го видиш. Едно ќе чуела сестра му од Соломона името Соломон, и за неколку дни што ке одела до гемијата, за да го види брата си, дури да и се здодеило и после ќе се арнисала од гемијата. Соломон кога се нашол в стрет море, на чудо беше ста нал, кога гледал уредбата на рибите, кога се биеле ценг, бој Страшни уредби имале уредени за џенгот што го правеле.
Во морето видел Соломон водни луѓе, водни коњи и друзи чудни работи. Видел една риба голема сопрво кога влегол и застанал во дното од морето. Беше тргнала да оди рибата, три дни и три ноќи што врвела покрај шишето од Соломона и пак крајот од рибата не му го видел Соломон. А пак друзи по крај неа риби, прс и плева имало, наредени на редои и на табури и пред секој табур по една голема ги предводуа војските. Врвејќи покрај шишето, големата риба се удрила во него и го мрднала; мрднуајќи се шишето, се замрднала ортомата горе кај измеќарите што ја држале, и тие веднаш беше го истргнале шишето со премудри Соломона горе на суво.
Сè што бееше видел Соломон, им кажал на старците, што биле околу него мезлич.
Од тој ден ја наредил цар Соломон војската своја по тертипот на рибите што ги видел в море. И со таква силна војска уредена што имал цар Соломон, сите цареи ги надвивал и арач на сите им земал.
Од цар Соломоновата уредба на војската, сите цареи прегледале и војските ги наредиле.