Прва книга Мојсеева/ 9 глава

Од Wikisource

8 глава Прва книга Мојсеева
9 глава
од Мојсеј
10 глава


  1 Тогаш Бог ги благослови Ное и неговите синови и им рече: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата.
  2 Нека се плашат и нека треперат од вас сите животни на земјата, сите птици во воздухот,
  3 сè што се движи и живее нека ви биде за храна; ви дадов сè како што ви ја дадов зелената трева.
  4 Само не јадете го месото со неговиот живот, односно со неговата крв.
  5 А за вашата крв, за вашиот живот, ќе барам сметка: ќе ја барам од секое животно; и од човекот за неговиот брат; ќе барам сметка за човечкиот живот.
  6 Кој пролее човечка крв, Човек ќе ја пролее неговата крв! Зашто Бог го создаде човекот Според Својот образ.
  7 А вие, плодете се и множете се, наполнете ја земјата и подложете ја под себе!”
  8 Уште Бог им рече на Ное и на неговите синови, со него:
  9 „Еве, Јас го склучувам Својот Завет со вас и со вашето потомство, после вас,
10 и со сите живи суштества што се со вас: со птиците, со добитокот, со ѕверовите, - со сè што излезе, со вас од бродот - со сите живи суштества на земјата.
11 Го поставувам Својот Завет со вас, така што никогаш повеќе потопните води нема да ги уништат живите суштества, ниту пак некогаш потопот ќе ја опусти земјата.
12 И Бог рече: „А ова е знакот на Заветот, Што го склучувам меѓу Себе и вас И со сите живи суштества што се со вас, За идните поколенија:
13 Го сместувам Мојот божилак во облакот, За да биде залог за Заветот, Меѓу Мене и земјата.
14 Кога ќе дотерам облаци над земјата, А божилакот се појави во облакот,
15 Ќе си спомнам за Својот Завет, За Заветот меѓу Мене и вас И секое живо суштество: И потоп повеќе нема да има, За да го истреби секое суштество.
16 Кога божилакот ќе се појави во облакот, Јас ќе го видам И ќе си спомнам за вечниот Завет Меѓу Бога и секоја жива душа, И секое тело на земјата.”
17 И Бог му рече на Ное: „Тоа нека е знак на Заветот, што го склучив меѓу Себе и сите живи суштества на земјата.”
18 Ноевите синови, што излегоа од бродот, беа: Сим, Хам и Јафет. А Хам е прататко на Ханаанците.
19 Тројцава беа Ноеви синови и од нив се насели целиот свет.
20 А Ное почна да ја обработува земјата и посади лозје.
21 Се напи вино и се испијани, па се разголи во својот шатор.
22 Хам, прататкото на Ханаанците, го виде разголениот татко и им го кажа тоа на своите двајца браќа надвор.
23 А Сим и Јафет зедоа наметка, па ја префрлија преку своите раменици и одејќи назадечки ја покрија со неа, татковата голота. Лицата им беа свртени на другата страна, така што не го видоа татка си гол.
24 Кога Ное се отрезни од виното и дозна што му направи најмладиот син,
25 рече: „Проклет да е Ханаан, и да им биде слуга на своите браќа!”
26 Тогаш продолжи: „Благословен да е Господ, Симовиот Бог, а Ханаан ќе му биде слуга!
27 Бог нека го рашири Јафета, аа да живее во Симовите шатори, Ханаан нека му е слуга!”
28 А по потопот Ное поживеа триста и педесет години.
29 Ное живееше вкупно девет стотини и педесет години; и почина.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.