Прејди на содржината

Прва книга Мојсеева/ 29 глава

Од Wikisource

28 глава Прва книга Мојсеева
29 глава
од Мојсеј
30 глава



 1 Јаков го продолжи патувањето и дојде во Источната Земја.
  2 Одеднаш забележа кладенец во полето. Три стада овци се одмараа околу него, зашто се напојуваа од кладенецот. Голем камен се наоѓаше врз кладенецот.
  3 Единствено кога ќе се собереа сите сточари таму, можеа да го поместат каменот од отворот и да ги напојат овците, потоа пак го ставаа каменот на неговото место, врз отворот на кладенецот.
  4 „Од каде сте, браќа мои?” ги праша Јаков. „Од Харан”, одговорија.
  5 „Дали го познавате - ги праша натаму - Нахоровиот син Лаван?” „Го познаваме”, одговорија.
  6 „Дали е здрав?”, пак ги праша. „Здрав е; и ете, доаѓа неговата ќерка Рахила со стадото”, одговорија.
  7 „Уште е многу рано - продолжи тој - не е време за прибирање на добитокот. Зошто не го напојувате и не го отерате на пасење?”
  8 „Не можеме додека не се соберат сите овчари - одговорија - да го отстранат каменот од отворот на кладенецот, така да можеме да ги напоиме овците.”
  9 Додека тој уште зборуваше со нив, дојде Рахила со овците на татка си. Имено, беше овчарка.
10 Кога Јаков ја здогледа Рахила, ќерката на Лавана, брат и на мајка му, со стадото на вујка му Лавана, Јаков се доближи и го измести каменот од отворот на кладенецот и го напои стадото на вујкото Лаван.
11 Потоа ја пољуби Рахила, а тогаш заплака.
12 И Јаков и кажа на Рахила дека тој е внук од сестра на татка и, син Ревекин. Таа се растрча и му соопшти на татка си.
13 Кога Лаван ја чу веста за Јакова, за синот на својата сестра, му истрча во пресрет. Го прегрна и го пољуби, па го доведе во својот дом. Му раскажа на Лавана сè што му се случи.
14 А тогаш Лаван рече: „Навистина, ти си моја коска и мое месо!” И Јаков живееше кај него цел месец.
15 Лаван му рече: „Зар ќе ми служиш бесплатно, зашто си ми внук од сестра! Кажи ми колку ќе бараш за наем?”
16 А Лаван имаше две ќерки. На повозрасната името и беше Лија, а на помладата Рахила.
17 Лија имаше слаби очи, а Рахила беше складна и убава на лице.
18 Бидејќи Јаков се вљуби во Рахила, рече: „Ќе ти служам седум години за твојата помлада ќерка Рахила.”
19 Лаван одговори: „Подобро да ти ја дадам тебе, отколку на некој туѓинец. Остани со мене!”
20 Така Јаков служеше, за Рахила, седум години, ама му се видоа, заради љубовта кон неа, како неколку дни.
21 Потоа Јаков му рече на Лавана: „Дај ми ја мојата жена, зашто моето време се исполни, па сакам да влезам при неа.”
22 Лаван ги собра сите луѓе од местото и им даде гозба.
23 Но вечерта ја зеде својата ќерка Лија и неа ја воведе кај Јакова, и тој и пријде.
24 Лаван и ја даде својата слугинка Зелфа на ќерка си Лија за слугинка.
25 Кога бидна утро, а тоа, ете, Лија! Тогаш Јаков му рече на Лавана: „Зошто ми стори така! Зар не ти служев јас за Рахила? Зошто ме измами?”
26 Лаван одговори: „Во нашето место не е обичај помладата да се омажи пред повозрасната.
27 Заврши ја со неа свадбенава седмица, а тогаш ќе ти ја дадам и втората, за уште седум години служба при мене.” Јаков се согласи: ја сврши свадбената седмица.
28 Тогаш Лаван му ја даде и ќерка си Рахила за жена.
29 Лаван и ја даде својата слугинка Вала на ќерка си Рахила за слугинка.
30 Тогаш Јаков и пристапи на Рахила. Ја љубеше Рахила повеќе отколку Лија. И така му служеше на Лавана уште седум години.
31 Господ виде дека Лија не е љубена, па ја направи плодна, додека Рахила остана неротка.
32 Лија зачна и роди син; му го даде името Рувим, а тоа значи, како што протолкува таа: „Господ ја виде мојата неволја и затоа сега мојот маж ќе ме љуби.”
33 Пак зачна и роди син, па изјави: „Господ чу дека не сум љубена, затоа ми го даде и овој, и го нарече Симеон.”
34 Пак зачна и роди син, па изјави: „Сега мојот маж ќе се приврзе кон мене: му родив три сина.” Затоа го нарекоа со името Левиј.
35 А кога зачна уште еднаш и роди син, изјави: „Ќе го фалам Господа овој пат.” Затоа на синот му даде име Јуда. И прекрати да раѓа.

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse