Прва книга Мојсеева/ 1 глава

Од Wikisource

нема Прва книга Мојсеева
1 глава
од Мојсеј
2 глава


  1 Во почеток Бог ги создаде небото и земјата.
  2 Земјата беше пуста и празна; темнината се простираше над бездната, и Божјиот Дух се движеше над водите.
  3 И Бог рече: „Нека биде светлина!” И бидна светлина.
  4 И Бог виде дека светлината е добра; и Бог ја оддели светлината од темнината.
  5 Бог ја нарече светлината ден, а темнината ја нарече ноќ. И бидна вечер, па утро - прв ден.
  6 И Бог рече: „Нека биде свод среде водите, да ги дели водите од води!”
  7 Бог направи свод, и ги оддели водите под сводот од водите над сводот. И бидна така.
  8 А Бог го нарече сводот небо. И бидна вечер, па утро - втор ден.
  9 И Бог рече: „Нека се соберат на едно место водите под небото, и нека се покаже копно!” И бидна така.
10 Бог го нарече копното земја, а собраните води мориња. И Бог виде дека е добро.
11 И Бог рече: „Нека изникне земјата со зеленило - со семеносна трева, со плодоносно дрво, кое - секое според својот вид - ќе донесува на земјата плод, што го носи своето семе во себе!” И бидна така.
12 И никна од земјата зеленило, трева што се осеменува, секоја според својот вид, и плодоносно дрво што раѓа плод, што го носи своето семе во себе, според својот вид. И Бог виде дека е добро.
13 И бидна вечер, па утро - трет ден.
14 И Бог рече: „Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините,
15 и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!” И бидна така.
16 И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта - и ѕвездите.
17 И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата,
18 да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро.
19 И бидна вечер, па утро - четврти ден.
20 И Бог рече: „Нека обилуваат водите со живи суштества; и птици нека летнат над земјата, по небесниот свод!”
21 Бог создаде морски чудовишта и секакви живи суштества, што ползат и се движат по водите и крилати птици од секаков вид. И Бог виде дека е добро.
22 И ги благослови Бог - велејќи: „Плодете се и множете се и наполнете ги морските води! И птиците нека се размножат по земјата!”
23 И бидна вечер, па утро - петти ден.
24 И Бог рече: „Земјата нека произведе живи суштества, секое според неговиот вид: добиток, лазачи и земни ѕверови според нивниот вид!” И бидна така.
25 И Бог направи земни ѕверови според нивниот вид, и добиток според неговиот вид, и сите лазачи на земјата според нивниот вид. И Бог виде дека е добро.
26 И Бог рече: „Да направиме човек во Нашиот лик, според Нашата сличност, и нека владеат над морските риби, над небесните птици и над добитокот - над сета земја - и над сите лазачи што ползат по земјата!”
27 Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско.
28 И Бог ги благослови и им рече Бог: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата!”
29 И Бог рече: „Еве, ви ги давам сите треви, што се осеменуваат, по целата земја, и секое плодоносно дрво, што го носи своето семе во себе: нека ви биде за храна!
30 А на сите ѕверови земни и на сите птици во воздухот и на сите лазачи што ползат по земјата, во кои е здивот на животот - нека им е за храна сето зелено билје!” И бидна така.
31 И Бог виде сè што направи, и ете, беше многу добро. И бидна вечер, па утро - шести ден.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.