Прејди на содржината

Политичките убиства во Бугарија/Дел XII. Длабокиот смисол на политичките убиства

Од Wikisource

Предлогот на михајловистите за примирје. Лозунги на гевгеличаните. Еден оригинален протест против круната. Убиството во централниот затвор и Александровската болница. Еден интересен некролог. Декларацијата на Работничката партија во врска со убиствата. „Македонската правда“ на сцена. Напорите на министерот Гиргинов да ги прекрати убиствата Американската емиграција протестира.

Создадените акциони комитети, шумот што се подигна околу нив и почестите политички убиства над михајловистите, кои тие го сметаа како резултат на заедничката дејност помеѓу работниците и протогеровистите, како и општата акција против нив, ги натера да се позамислат и дојдат до заклучок, дека силата на протогеровистите, да почнат со така дрски убиства од заседа, се крие во помошта што работниците ја даваат на протогеровистите. Михајловистите дојдоа до овој заклучок, наблудувајќи како некои прогресисти, како што беа Христо Трајков, Коста поп Андонов, Александар Мартулков, Кирил Илиев и др, кои имаа врски со раководството на Работничката партија (к) и се поврзуваа со протогеровистите.

Од сите работнички и македонски дејци михајловистите го беа најмногу намразиле Христо Трајков, сметајќи го за еден од водачите на ВМРО (обединета) во Софија. Во камарата тие постојано го провоцираа. Циникот Петар Мрмев од псевдомакедонците во, парламентарната група го нарече српско орудие, шумадиска свиња, предавник ит.н. Михајловистите му испратија заплашувачко писмо предупредувајќи го да се откаже од македонската дејност во братствата, оти во противен случај ќе биде убиен. Како одговор на ова писмо тој излезе со остра и силна декларација. Тогаш решија да го убијат.

Декларацијата на Христо Трајков предизвика неспокојство во МНК. По наредба на МНК декларацијата беше разгледана пред широката јавна конференција на кукушани. На таа конференција учествува од името на МНК политичкиот секретар на комитетот Христо Зографов. Поранешниот секретар Васил Василев, како и поранешниот претседател на МНК Костадин Станишев не учествуваа. Тие двајцата беа сменети од Иван Михајлов поради тоа што се беа компромитирале со идењето на Перо Грубар во Бугарија и приемот што му го беа приредиле како на револуционер во градското казино. Поради тие причини Иван Михајлов го беше назначил за секретар на МНК Христо Зографов, кој на широката конференција на кукушани, кога се разгледуваше декларацијата на Христо Трајков изјави дека, ако Христо Трајков ја повлече декларацијата МНК ќе ги смета спорот и заплашувањето со убиство од страна на Иван Михајлов како ликвидирани. Овој предлог не го прими Христо Трајков. Во согласувањето со еден таков предлог тој гледаше навреда за еден напреден деец.

После отфрлувањето на предлогот михајловистите се поколебаа да го убијат Христо Трајков, тие се обидоа по дипломатски пат да ги раскинат врските на обединетите и работниците со протогеровистите. Сметајќи дека раководителите на акционите комитети и работничката партија се едни исти, тие решија да ги неутрализираат во однос на борбата со протогеровистите. Преку Васил Василев и Козма Георгиев, уште пред излегувањето на декларацијата на Христо Трајков, тие му беа предложиле да се разберат со него и со работничката партија. Васил Василев изјавуваше дека организацијата (михајловистите) има желба да се разбере со работниците и македонските комунисти. „Нашата организација, велеше Васил Василев не се служи со аргументи, таква е нејзината положба, таа реагира со куршум. Но таа нема интерес да стрела на работниците оти не знае до кај ќе отиде работата, ако и работниците се послужат со куршум и, што е главно оти организацијата има свој објект и противник за нишан – протогеровистите“.

Од овие зборови се гледа, дека михајловистите во лицето на Васил Василев и Козма Георгиев го идентифицираа работничкото класово движење со движењето на обединистите. Тие идеа до овој заклучок поради тоа, што некои членови на работничката партија беа истовремено и членови на обединетата и со своите дела по национална линија ја ангажираа работничката партија, и обратно, работничката партија со својата политика по националното прашање ги ангажираше обединистите.

Василевците и Козма Георгиевците во случајот предлагаа услов на ненапаѓање. Тие бараа од Христо Трајков да не ги напаѓа во парламентот. Но Христо Трајков не го извести ЦК на работничката партија за предлогот на михајловистите. На него влијаеше еден лош и недобросовестен „другар“ Христо Калајџиев, со кого се беа договориле да не кажат никому за предлогот на михајловистите. За овој предлог тој не го извести дури ни својот другар Александар Мартулков, депутат на работничката партија, со кого беа заедно избрани по предлогот на Симеон Кавракиров како прогресивни дејци од ВМРО (обединета).

Михајловистите бараа споразум со Христо Трајков оти него го сметаа за еден од водачите на ВМРО (обединета), а тоа стана тогаш кога Симеон Кавракиров беше одвлечен од михајловистите.

Оживувањето на протогеровистите беше важен момент за михајловистите. Затоа и тие сакаа да се разберат со работниците и со луѓето од ВМРО (обединета). Но кога не им се одговори, стана јасно, дека тие ќе ги избијат раководителите на класното работничкото движење и луѓето од ВМРО (обединета).

Контактот на обединистите со протогеровистите и контактот на поедини членови на работничката партија со обединистите и протогеровистите беше повод за започнување на убивањето на работничките дејци. Но тие не задоцнија со заплашувањето спрема прогресивните луѓе во братствата.

Тие со тоа сакаа да ги придобијат симпатиите на целата буржоазија. Кога започнаа со убиствата на напредните братствени дејци, тие трубеа преку својот орган „Свобода или смрт“, дека во Софија постои страпен заговор помеѓу комунистите и протогеровистите, против буржоаските институти и дека луѓето на Иван Михајлов се јавувале во моментот како чувари на круната и на националните интереси на буржоазијата.

Изјавата на михајловистите дека се тие национални чувари, го засегаше честољубието на дел од буржоазијата. Во стремежот да ги зацврсне своите интереси таа се повеќе и повеќе се ориентираше кон политиката на францускиот систем, поради што таа и не слушаше никого освен гласот на својот џеб, ориентирајќи ги своите симпатии кон протогеровистите и кругот „Звено“, претставувајќи се како борци против круната и германизмот што таа сакаше да го наметне.

Протогеровистите отворено изјавуваа, дека силата на михајловистите за да убиваат и одвлекуваат се криеше во помошта и охрабрувањето на круната. Тие ова го знаеја од обидот што го имаа, поправо беа контраагенти кои произлегуваа од една иста банда. Протогеровистите и звенарите, дејствувајќи заедно, сметаа дека круната ги изгубила квалитетите и силата како чувар на животот и слободата на граѓаните и дека управата треба да се замени со една авторитетна сила, а звенарите се држеа за идеите на авторитатизмот.

Од ваквото гледање и од така задлабочената противречност, положбата на ЦК на Работничката партија (к) стануваше деликатна. Органот на михајловистите „Свобода или смрт“ пишуваше за нуждата од „Вартоломејска ноќ“, што би ја направиле тие, но политичките услови не им позволуваа. Единството на реваншизмот и големобугаризмот, беше расклатено, дел од силата на реакцијата беше веќе тргнала по линија на политика за зближување со Франција и со нејзиниот повоенен систем, што го гарантираше повоениот мир. Но имаше и опасност од општо народно негодување, кое би го расклатило и така расклатениот престиж на официјална Бугарија. Поради тоа круната бегаше од вартоломејската ноќ, а ги толерираше само поединечните политички убиства. Но и убиствата добиваа масов карактер. Ова ја компромитираше круната поспецијално власта на Народниот блок. Но круната свесно ги трепеше убиствата. Таа имаше своја цел. Со ова се овозможуваше дискредитирањето на партијните режими.

Со појавувањето на германскиот фашизам, уште пред да дојде на власт Хитлер, крволокот Александар Цанков ја прекина својата франкофилска политика, и во 1932 година по углед на Хитлера го образува своето „Народно социјално движење“. Неговото „Народно социјално движење“ беше поткрепено од најголемите капиталистички елементи, од мрачните деветојунски „херои“ и престапниците од Првата светска војна. Поради тоа што брзо растеше заплашувајќи ја земјата со воведување на отворена фашистичка диктатура Цанков отпатува со авион во Берлин за инструкции. Ова му беше познато на цар Борис, кој ја потпираше таа германофилска фаланга а фазшизмот што растеше во Бугарија. И самиот цар го помагаше Цанковиот авторитатизам.

На бугарската политичка сцена се јави и списанието „Звено“. Неговиот редактор Димо Казасов се солидарисуваше со царските авторитаристички разбирања, идеолошката разработка и подготовката на буржоаската интелигенција за да бара идење на некаква „волева“, „компетентна“ и „надпартијна“ власт. Димо Казасов, сметајќи се за специјалист, пишуваше за сите прашања од внатрешен и надворешен политички карактер. Со особено мајсторство тој пишуваше за методите и средствата за дискредитирање на партијниот режим. Казасов ја водеше и учеше буржоазијата како да си ја сочува волчјата нарав, како внимателно да си ги чува своите позиции и здраво да оди по својот диктаторски пат набележен од фашизмот.

Кога фашизмот заплашуваше со војна, Казасов пишуваше статии без маска. Книгата „Звенизам без грим“ е негово дело, во кое тој откриено ги застапуваше идеите за авторитаризам во Бугарија.

Ете што носеа политичките убиства.

Затоа убиствата се толерираа и форсираа од највисокиот фактор – круната. Ова не можеа да го разберат министрите од Народниот блок, кои беа сменети со ноќниот вооружен преврат на 19 мај 1934 година. За оваа опасност не се презедоа енергични мерки и од раководството на Комунистичката партија во Бугарија, која дејствуваше потајно, поради тоа не му беше предочено на народот, дека е конституцијата во опасност, оти слободата на граг’аните се наог’а во опасност, како би се соединиле сите демократски сили, и да се подигне целиот народ против страшната опасност. Независно од подготовката на звенарите за вооружен преврат, Комунистичката партија доцна ја даде паролата за да се предодврати намерата на крволокот Цанков, кој беше наредил на своите сомисленици од „народното социјално движење“ да тргнат кон Софија на 19 мај, за да со револуција ја преземат власта од народниот блок. Не може да се рече дека Комунистичката партија беше заспала сосема. Таа сепак и’ даде на работничката класа парола за противдејство против „народното социјално движење“ на Александар Цанков и против готвената револуција за преземање на власта. Долниот протест како отворено писмо го потврдува тоа:

ТРАНСПОРТНА ПРОФОПОЗИЦИЯ ВЪ БЪЛГАРИЯ

ОТКРИТО ПИСМО

До настоятелствата на секциитѣ, групитѣ, дружествата и тѣхнитѣ членове, БЖС, ЛО, ЖПЧ, ЖП Подържане, МСО, ТПС и неорганизиранитѣ транспортни работници.

Драги другари,

На 21, 22 и 23 май т. г. се свиква конгреса на Цанковата банда. Този конгресъ на Цанковитѣ бандити е пробна мобилизация за властъта. Другари, 1923 година Цанковъ, подпомогнатъ отъ цѣлокупната буржуазия, въ това число и водачитѣ на БЖС и ТПС извърши нощенъ превратъ за да установи откритата фашистка диктатура въ нашата страна. Неговото осемъгодишно управление записа повече отъ 30.000 избити работници и селяни въ това число и транспортни работници, хиляди желѣзничари и транспортци и т. пощенци отстранени и уволнени. Неговото правителство разтури работническитѣ класови организации и Транспортния съюзъ. То намали заплатитѣ на желѣзничари и т. поштенци, съкрати маса персоналъ – отне придобивкитѣ и вложи положението на транспортнитѣ работници.

Другари, правителството на Народния блокъ, което продължи грабителската политика на Цанковия и Ляпчевия сговоръ, като намали нѣколко пѫти заплатитѣ на транспортнитѣ работници, неможе повече да задържа подема и борбитѣ на работницитѣ и селянитѣ, които сѫ отвратени отъ неговата политика и грабежъ. Буржуазията виждайки расклатено своето господство, отново, обръща погледъ къмъ Цанкова и като изпипан палачъ иска да предаде утре на него властьта. Тя щедро го субсидира финансово и откриля съ властьта на народо-блокаритѣ, за да разлива изъ цѣлата страна социална демагогия, да прави “НАЦИОНАЛНИ СИНДИКАТИ“, съ които да проваля борбитѣ на работницитѣ, да организира своитѣ партийни банди.

Другари транспортисти,

Антифашисткия комитетъ въ България издига лизунга: Растуряне конгреса на Цанковата банда, арестуване на Цанковъ, Русевъ, Калфовъ, Сл. Василевъ, Д. Казасовъ и др. и Народен сѫдъ за цѣлата банда.

Другари желѣзничари, шофъори, т. пощтенци и всички транспортни работници!

Ние, макъръ и синдикални организации, трѣбва активно да вземемъ участие въ антифашистичката акция, за осуетяване и проваляне конгреса на цанковите палачи. Нашето пасивно държане значи подпомагане и качване Цанкова (открития фашизъмъ) на власт. ЦАНКОВЪ НА ВЛАСТЬ, това е Хитлеръ въ Германия, Долфусъ въ Австрия. Мусолини въ Италия. А това значи посѣгане на работническитѣ организации и придобивки, нови масови съкращения, тероръ, концентрационни лагери, война!

Ето защо, ТРАНСПОРТНАТА ПРОФОПОЗИЦИЯ отправя братски апелъ къмъ всички желѣзничари, шофьори и др. транспортни работници, организирани и не, безъ разлика на политическо убеждение, да се наредимъ решително на антифашисткия фронтъ, като свикаме, общи антифашистки събрания по гари, пияци и станции, на които да изберемъ антифашистки комитети и пратимъ нашъ представителъ за общия антифашистки комитетъ въ дадения градъ.

На 21, 22 и 23 май ние не бива да превземъ нито единъ „делегатъ“ на Цанковата банда съ влака и автомобила. Ние трѣбва на обявимъ стачки по мѣста и участвуваме съ цѣлото антифашистко движение по градове и села, за осуетяване конгреса и разгромяване на Цанковите банди.

15-и май 1934 год.

Отъ транспортната профопозиция.

Ова откриено писмо кое беше издадено како директива од Транспортната профопозиција во Бугарија ни зборува дека една внимателно подготвена борба против Цанковото движење би го раздвижила целиот бугарски народ и би го осуетило со револуционерни средства готвениот преврат од дворот и од Александар Цанков, внушени од Хитлер.

Но тоа не стана поради натпреварувањето помеѓу кругот „Звено“, воден од Дајман Велчев од една страна, и „Социјалното движење“ водено од Александар Цанков, од друга, за кутнувањето власта на „Народниот блок“. Бугарската Комунистичка партија не ја испита истовремено силата на „Звено“ и тајното соперничество меѓу „Звено“ и „социјалното движење“ и остана изненадена на 19 мај 1934 година со извршениот преврат, кога на улицата се појавија вооружени војници, водени од офицери членови на кругот „Звено“, кои ја соборија власта на „Народниот блок“.

Но нека не се отклонуваме од темата на овој дел за длабоката смисла на политичките убиства. За улогата на 19-мајците ќе зборуваме подолу.

Условите во кои се беше разгорела борбата противу михајловистите и протогеровистите и поврзаните со неа политички убиства, не беа никаква мистична појава, од која не можела да се подразбере саканата цел. Политичките убиства беа резултат на противоречностите во политиката на буржоазијата, помеѓу нејзините орудија, т.е. меѓу михајловистите и протогеровистите помеѓу кои немаше идејни спорови, оти помеѓу нив немаше ни идејни неразбирања. И едните и другите беа наемници, нужни за наложување на туѓа волја – волјата на буржоазијата и круната. И двете крила ние ги сметаме за фашисти. Како такви се покажа и со својот менталитет и со своите разбирања. Како фашисти ги сметаше и пленетиот Симеон Кавракиров. Тој пишуваше во своите искази пред михајловистите: „Ме прашате, какви се нашите врски со протогеровистите и како гледаме ние на настаните во ВМРО во 1928 г. По тоа прашање го кажувам следното:

„По нашата преценка, расцепот што стана во 1928 година, помеѓу раководителите на ВМРО не беше резултат на некакви идејни неразбирања. На нас ни беше јасно уште во 1924 година дека главиот виновник за убиството на Александров беше генерал Протогеров. Во тој дух зборуваа сите списи на Комунистичката партија и на ВМРО (обединета). За доказ беше издадена и книгата „Измениците на македонското дело“.

Кога во летото 1928 година беше убиен генерал Протогеров, ние ја преценивме ново создадената положба и констатиравме, дека за нас настапуваат благопријатни услови за работа со македонската емиграција и македонските револуционери.

Инструкциите што ги добивавме од задграничното раководство на ЦК на ВМРО (обединета), преку Глигор имаа ист карактер. Нашите односи кон двете непријателски страни беа исти. Ние ги третиравме како фашисти, а нашата цел беше да се ослободи македонската емиграција од такво влијание и да се воспитува во национално-револуционерен дух, за заедничка борба со работниците. Нашите главни удари беа управени против Ивана Михајлов, по проста причина оти околу него се беа концентрирале сите револуционерни сили на ВМРО како и македонската емиграција. Требаше да го дискретираме меѓу сите Македонци, ползувајќи ги директно протогеровистите и непријателствата помеѓу непријателски расположените странки.

Во оваа смисла ние успешно манипулиравме со лозинката: „Долу убиствата“, што правеше силен впечаток не само на македонската емиграција и на бугарската јавност, туку и на надворешниот свет. Групата на протогеровистите откако ја изолираа во конгресите на македонските братства, а особено после неуспешните експедиции во Петричко, таа побара поткрепа од бугарските буржоаски кругови, надевајќи се особено на подршка од фашистичкиот круг „л’ч“. Но уште тогаш Перо Шанданов правеше обиди за воспоставување врска со Комунистичката партија и со луѓето од ВМРО (обединета). Нашето држање беше резервисано, оти протогеровистите наоѓаа поткрепа кај фашистите во Бугарија, служејќи се со фашистички идеологии, а од друга страна се тврдеше дека некој од нив подржувал врска со Србите.

После фаќањето на Ѓеорѓи поп Христов и на некои нивни луѓе, на протогеровистите им беше нанесен нов удар, што ги натера одлучно да побараат наша поткрепа. На еден состанок меѓу нашите луѓе и Перо Шанданов, одржан во странство, последниот беше ветил, дека ќе раскинат со минатото, ќе ја осудат врховистичката политика на македонските организации, дека ќе прекратат да пишуваат славопојки за Тодор Александров, ќе го претстават како водач на врховистите и дека практично ќе го подржат единствениот фронт на ВМРО (обединета). Последното не го прифатија нашите луѓе, прво поради блиското минати на шандановци; второ, поради нивните врски со фашистичкиот круг „Звено“, кој тие во странство не го криеја и поради едно трето соображение, кое беше од извонредна полза за нас, односно ние претпочитавме, шандановците да постојат како одделна ВМРО од Михајловата, водејќи меѓусебна борба, отколку да станат јавни пприврженици на ВМРО (обединета) и како такви да водат борба против Иван Михајлов. Во последниот случај ударите на Михајловата ВМРО би се концентрирале на нашите луѓе, а тоа ние не го сакавме, ниту пак одеше во прилог на нашата кауза. Во горната смисла беше постигнат споразум меѓу нашите луѓе и Перо Шанданов.

Не ми е познато дали на Шанданов му беше дадена некаква сума и колкава, но од тој момент протогеровистите го изменија тонот на својот весник. Се пишуваше против врховистите, беше публикувана декларацијата на нашиот народен пратеник Христо Трајков, се жигосува македонскиот фашистички сојуз во Америка, крепејќи го комунистичкиот народен сојуз на македонските народни организации и др. На некои места употребуваа дури и чиста наша терминологија.

Но наскоро добивме директива да бидеме особено внимателни со протогеровистите, поради врските што тие ги имаа со Србите.

Српската Комунистичка Партија ги беше предупредила нашите пријатели во странство, дека протогеровистите имаат врски и ги подржува српската полиција во Белград. Белград настојуваше со сите средства да создаде раздор во македонските организации и по тој начин да ги обесили. Освен тоа, ние дознавме и за тајната средба на Перо Шанданов и Шонтиќ во Париз. Шонтиќ беше познат српски шпиун, тој имаше задача да се сретне со Шанданов во Париз и да се договорат за подробностите околу нивната соработка.

Од нашите испитувања констатиравме точно, дека српскиот воени аташе во Софија – Дража Михајловиќ, држи врска со Крстан поп Тодоров преку Михаил Пундев. Порано Крстан одржуваше врска со Ѓорѓевиќ од кого неколку пати добивал и средства. Пундев беше главен шпиун во српската делегација во Софија, поради што и одржуваше постојани врски со Крстан поп Тодоров. Сето ова не тераше да бидеме по резервирани во односите со протогеровистите.

14. VI. 1932 год. Симеон Кавракиров

Од изнесената изјава на Симеон Кавракиров, јасно се гледа, како македонските прогресивни дејци во Бугарија и оние од Југославија ја разбираа суштината и карактерот на политичките убиства.

После одвлекувањето на Симеон Кавракиров, - откога Христо Трајков откажа да ја повлече својата декларација после безуспешниот обид на михајловистите да воспостават врска со ЦК на Комунистичката Партија за споразум и по силата на окружното од МНК, МНК го исклучи Христа Трајков од Кукушкото братство. Македонскиот НК ги исклучи и Александар Мартулков, од Велешкото братство; Коста поп Пандов и Павле поп Пандов од Гевгелиското братство; Кирил Илиев, од Дојранското братство и т. н. и т. н.

Гевгелиското братство не ја исполни наредбата за исклучување на своите двајца членови. Но, исклучени или не, тие беа осудени на смрт. Ова ги заплаши животите на многумина. Многумина обединисти емигрирајќи, ја напуштија Бугарија, а многу паднаа убиени. Убиени беа Христо Трајков, Павел поп Пандов, Христо Хролев (Графа), Митко Сурлев, Делчо Камберов, Божидар Митрев и др. а Александар Мартулков беше ранет.

Св. Дух, беше општ празник на емиграцијата. На овој ден – „Ден на Македонија“, Гевгелиското братство во Софија во м. Јули 1932 година ја поведе скоро целата гевгелиска емиграција на манифестација со следните пароли испишани на транспаренти: „Со критика и самокритика кон полно единство“, „Долу убиствата“, „Долу империјализмот“, „Империјализмот е непријател на слободата“. Овие пароли, испишани на транспаренти, беа носени по улиците на чело на манифестацијата, која се раководеше од раководството на Гевгелиското братство. Но на плоштадот „Александр Невски“ манифестацијата беше нападната од неодговорни михајловисти, од една вооружена група на чело со членот на МНК Штерјо Божинов и ги искинаа паролите. Меѓу младинците од братството и нападачите се дојде до мала тепаница кога тие ги кинеа паролите, но раководството на братството не им дозволи на младинците да се противставуваат и упростуваат. Журналистите го беа забележиле ова и направија анкета.

Со ова МНК си го откри вистинското лице. Кинејќи ги паролите против убиствата, тој покажа дека ги форсира убиствата. Членот на МНК Штерјо Божинов, организаторот на нападот, го псуеше раководството, ги провоцираше гевгеличаните за да предизвика расправии и создаде атмосфера за убиства. Но гевгеличаните не нагазија на Штерјовите провокации, кој наскоро беше убиен од протогеровистите.

Со убиството на Штерјо Божинов, протогеровистите сакаа да ја здобијат довербата на гевгеличаните. Перо Шанданов умееше мајсторски да се ползува со такви и слични потфати. Всушност Штерјо Божинов имаше други тешки престапи кон протогеровистите. Тие беа дознале, дека во неговата куќа се решавало кој каде и како да биде убиен од протогеровистите.

Нападот на гевгелиската манифестација од страна на Штерјо Божиновата банда направи голем впечаток на љубопитното граѓанство. Група журналисти поставија низа прашања на братствените дејци и побараа да им се кажат имињата на нападачите.

Тие се луѓе од МНК на Михајловистите, кои убиваат и му служат на империјализмот. Поради тоа тие и не можат да ги трпат паролите: „Долу империјализмот“, и „Долу убиствата“ – им одговорија гевгеличаните.

На идниот ден некои од весниците го беа регистрирале нападот, но без подробности. Во врска со ова гевгеличаните протестираа кај МНК кој преку својот член Штерјо Божинов, раководител на банда и убијци, ги искина нивните напредни народно-револуционерни пароли. Место одговор и објаснение МНК објави војна. Претседателот на МНК Георги Кондев, кој го беше сменил недамна убиениот од протогеровистите Димитар Михајлов, започна, со поедини членови на гевгелиското братство да крои планови, како да го смени раководството на гевгелиското братство кое имало смелост да истапи со такви пароли против фашизмот.

Поради тие причини, како што рековме, гевгелиското братство на своите годишно собранија правеше двојни избори. Поради тоа Иван Михајлов беше лично заинтересиран и издаде оригинална заповед која беше предадена преку Михаил поп Кочов: „Да се премине преку труповите на раководството, но да се преземе братството“.

Откога ги беа испокинале паролите, гевгелиското братство си го измени дотогашниот став на трпеливост кон луѓето од МНК. Братството не се уплаши од заплашувањето на Иван Михајлов. Луѓето од МНК беа држале низа конференции со некои лица од братството, на кои се дискутираше за начинот, како да се ликвидира раководството на братството, како, сервилните луѓе на МНК да го преземат раководството на братството.

Кога разбраа дека раководството на братството не мисли доброволно да се откаже од раководството, михајловистите одржаа уште една конференција во куќата на Михаил поп Кочов, и решија да го поканат раководството на братството, за да му се укаже дека е тоа должно, согласно со наредбата на Иван Михајлов, во рок од 7 дена да ја предаде братствената архива на МНК, а доколку ова доброволно не го сторат да им се каже дека се осудени на смрт. На конференцијата беа присутни Мино Паржолата и Димитар Г. Динов, кои не беа непријателски настроени кон гевгелиското прогресивно раководство и кои сакаа по мирен и компромисен начин да се разберат со МНК. Тие предлагаа на конференцијата да не се менува раководството по ултимативен пат, а по пат на договор и зеимно согласие, барајќи во скоро време да се свика општа конференција, да се избере ново раководство во кое да влезат и луѓе со доверба во МНК. Тие двајцата изјавија дека ја примат на себе си грижата да ги уредат сите спорни прашања и создадат основи за зеимно согласие. Вакво предавно ветување, дека тие ќе ги изгладат односите помеѓу братството и МНК беше очевидна грешка и од двајцата, обидот им најде на тврд отпор. Ултиматумот на Иван Михајлов не го уплаши раководството на братството.

Смртта не престанува ништо за нас, „Кучиња“! Ние носиме свест на граѓани – револуционери – и борци за слобода на нашата татковина. Ние не служиме само на гевгелиската емиграција, туку и на делото на мирот и демократијата.

Испотепајте не, кучиња, ние нема да потклекнеме, и никогаш нема доброволно да се согласиме и да работиме со предавниците на нашето ослободително дело. Држејќи се за принципите на македонската борба, по патот на нашите татковци кои си ги дадоа животите за Македонија, ќе умреме и ние како македонски дејци и како лојални граѓани на таа земја, беше одговорот на раководството на гевгелиското братство, зад кое стоеја сите гевгеличани, како еден човек.

Во еден неделен ден, беше изненадено Гевгелиското братство од смелиот напад на михајловистите. Раководени од Никола Коларов, во братствениот дом го нападнаа домаќинот Димитар Караколев, при влегувањето во домот, и му ги зедоа клучовите. Исполнувајќи ги смртните пресуди изречени од Иван Михајлов, тие прогласија свое раководство на гевгелиското братство, ги избркаа малкуте гевгеличани што се наоѓаа во домот и забранија влегување во истиот. Гевгеличаните не ја предадоа архивата на братството, но од тој ден домот се наоѓаше во рацете на михајловистите и беше затворен. Но братството нелегално ја продолжи својата работа. Подоцна михајловистите го убија прогресивниот деец, член на гевгелиското братство Павел поп Пандов, го прогонија брат му Коста, и стрелаа на еден друг член од братството. Иван Михајлов ја манифестираше својата сила и волјата си со убиства. Тој служеше на бугарската круна а подоцна и како агент на меѓународната реакција.

Но од Иван Михајловата сила и неговиот терор не се уплаши емиграцијата. Варненската емиграција презеде мерки за брзо вооружување со цел да си ги запазат своите животи и животите на своето раководство изјавувајќи дека за секој убиен прогресивен деец од варненската емиграција, тие ќе отепаат пет души михајловисти. Доследно спроведувајќи го ова свое решение, на едно убиство што михајловистите го извршија над еден член од нивната емиграција, тие ги пронајдоа и ги екзекутираа двајцата испратени од Софија убијци.

По пат на терор се се беше искомплицирало. Убиствата не престануваа. Власта стана немоќна пред своите должности. Се слушаше: вооружувајте се. Позаможните си купија пиштоли. Оваа положба беше мајсторски исползувана од протогеровистите. Фронтот на протогеровистите се засили. Вооружена, а не случајна демонстрација претставуваше и убиството на директорот на в. „Македонија“, Симеон Ефтимов, пред царскиот дворец, на 28 декември 1932 година. Подлоста на овој директор – злочинец останува и до денеска ненадмината. Симеон Ефтимов, пред Мишо Шкартов за кој зборувавме, беше првиот македонски Азев.

Неговата улога е позната на емиграцијата во Бугарија, но нужно е на читателот да се прозбори за неговата крвава природа, за да се знае кој беше Симеон Ефтимов, што го величаа фашистите и сите слуги на цар Борис. Тој е бивш федератист. Со својата сервилност тој го спечали доверието на федератистите и тие го беа избрале во 1921 година за член на својата федератистичка управа. Но низ целото време како таков тој доставуваше на Тодор Александров и Александар Протогеров елементи за состојбата на федеративната организација. Во време на деветојунските настани тој „голем“ федералист се пројави како прв „автономист“ од типот на Иван Михајлов, Јордан Гурков, Васил Шалдев и Кирил Дрангов и другите нивни собраќа – шпицкоманди од студентското фашистичко друштво „Вардар“, кои го колеа и убиваа народот во јуни и септември 1923 година, по време на Горноџумајските настани и подоцна по повод на атентатот во катедралата Св. Недела. И како изразен „автономист“ тој беше во одредот на мајор Харлаков, кој водеше борба против независноста на бугарскиот народ. Помеѓу жртвите на Симеон Евтимов централно место заземаат имињата на македонските маченици – федератистите: архитектот Јуруков, Климент Размов, Славчо Ковачев и други кои загинаа по негова наредба.

Поради вакви крвави дела тој стана директор на една тутунова фирма во гр. Дупница. Подоцна како директор на в. „Македонија“, тој го распираше фанатизмот на најцрната реакција и беше еден од најцрните, неодговорен претставник на круната, која ги инструктираше. Со својствениот си цинизам тој ги подбуцнуваше убиствата и со менторски тон, полн со злоба и заплашувања се наложуваше на целата бугарска јавност. Неговата подлост ја одразуваше подлоста на шефот на подлоста во Бугарија Тодор Александров и неговиот втор син по садизам Иван Михајлов.

Убиството на Симеон Ефтимов по политичката замисла и подготовката, не претставува обично, секојдневно тогашно убиство. Во тоа убиство беа ангажирани не само протогеровистите, туку и други сили во чии раце беше политичкиот кредит. Тоа беа звенарите, задоволни од убиството. Со ова убиство беше нанесен тежок удар на круната, но во случајот овој удар не беше смртоносен. Но начинот и местото каде што беше извршено убиството на Симеон Ефтимов, претставуваше сериозни предупредување за големата одговорност на круната која ја крепеше политиката на Иван Михајлов.

Крепејќи ја политиката на Иван Михајлов, на буржоазијата и’ стана јасно дека царот си отвара пат за откриена диктатура, која ќе му овозможи спроведување на таква политика која би му одговарала на неговите интереси.

Ете ја политичката смисла за убиството на Симеон Ефтимов, технички извршено пред портите на царскиот двор.

Емиграцијата го познава физичкиот „убиец“ на Симеон Ефтимов. Тоа беше младинецот Христо Трајанов Изворски, член на читалиштето „Роден крај“, воспитан во македонски централистички дух. Христо не беше жесток, туку по природа благороден и многу начитан младинец. Но, ѕверската постапка на садистот Иван Михајлов, кој го уби чичко му Борис Изворски и ја искла целата негова чета, го измени Христовиот лик и благиот му карактер, и направи од него жаден за одмазда младинец. Ова го ориентира кон протогеровистите кои го вооружија и тој тргна да одмаздува. Заедно со својот другар, исто член на „Роден крај“ – Иван Василев, облечени во ловџиски алишта, со ловџиски пушки и кучиња, застанаа пред портите на дворецот каде се наоѓаше трамвајската станица. Во градите им гореше жажда за одмазда против михајловизмот. Тука го дочекаа неговиот голем претставител со двојна охрана Симеон Ефтимов, го отепаа пред носот на царската стража. Но охраната на Ефтимов не беше рамнодушна. Таа стрелаше на ловџиите и го рани Христо Трајанов Изворски, а потоа полицијата го одведе ранетиот Христо во Александровската болница, кај што од една „милосрдна“ сестра беше убиен во постелата.

По случај смртта на Христо Трајнов, неговите другари издадоа, по својата оригиналност ретко интересен некролог, чиј текст го даваме:

Реквием: „Занесен во слатка дремка од инжекциите на една „милосрдна“ сестра, ти загина во средноќната штама, вероломно прострелан под мрачното небо на крвавото царство, каде што чесноста се смета за подлост, а подлоста за справедливост. Ти падна со ореол на ненадминат херој пред чии посмртни остатоци смирено се поклонува поробена Македонија.

Ти падна во царството на развратот, на сплетките и издајството за да живее твоето име во душите и срцата на поробените браќа.

По твоите посмртни остатоци нема да се трупаат ниту продадените човешки души, ниту бедните робови на стравот, ниту пак лажен плач ќе ги исполни улиците на развратната Софија.

По твојот светол дух ќе тргнат легиони борци за слобода, еднаквост и братство. По твојот краток животенпат ќе се проточат озарените од љубов кон понижените и навредените – кон вечната правда.

Пред твојот величествен подгвиг македонските гори ги наведнуваат своите заскрежени врзови, се поднишуваат од студениот ветер, ги шепотат зборовите на бесмртниот поет – револуционер.“

„Тој што ќе падне в бој за слобода, Тој не умира . . .“

Низ овој некролог збореше тагата на група луѓе за паднатиот Изворски, кои беа попаднале со оглед на конкретните политички услови во средината на протогеровистите но се наоѓаа под влијание на прогресивните идеи.

Штом го однесоа Христо Трајнов Изворски во болницата, неговите пријатели ја предупредија полицијата, дека тој таму ќе биде сигурно убиен. Ете што пишуваше „Револуционен лист“ бр. 9 од м. јануари 1933 година: „Претставителите на ВМРО во Софија веднаш ги предупредија органите на полицијата, дека е животот на Христо во опасност, оти Александровската болница од неколку години наваму е претворена од еден проф. хирург (Александар Станишев, брат на д-р Дино Станишев, претседател на МНК б.(н) во свратиште на сите терористи на Ивана Михајлов. Таму скоро сите убиваат во името на „шефот“ Иван Михајлов. Таму убива професорот хирург, таму убиваат и неговите асистенти од македонско потекло; таму убиваат и така наречените чувари на болницата, какви ги има со десетици. Но ние знаеме дека од таа ужасна болест боледуваат и „милосрдните сестри“ кои носејќи на градите кст за милосрдие постапуваат на таа висока и морална служба, откога ќе дадат клетва за верност во службата. Таквото вероломно убиство на Христо Трајнов, за последен пат не натера да се позамислиме за неморалните и нечовечни дела во таа болница, кои ги беа достигнале крајните граници. И навистина што може да се очекува од духовниот раководител – професорот на болницата, кој прв во свое време даде сигнал за газење на лекарската клетва, со тоа што со сопствената си рака закла на операционата маса еден виден македонски револуционерен деец, што му се беше поверил да го оперира?“ (Тој виден македонски револуционер беше Тоската Серски.

Констатацијата на в. „Револуционен лист“ за професорот хирург беше наполно оправдана. Подоцна тој стана министер на фашистичката полиција, ориентирајќи се кон убиствата на бугарскиот народ и на своите сонародници – македонските борци против фашизмот, кои се беа дигнале на вооружена борба против големобугарските окупатори на Македонија. Овој заслепен шовинист, обиколувајќи ја Македонија изјави: Македонија е наша, бугарска земја и нема сила на војо свет која би можела да ни ја земе“. Тој родоостапник заборави дека е Македонец, дека Македонија им припаѓа на Македонците што ја населуваат. Македонците се насмејаа на неговите зборови, односно глупоста што ја кажа продолжувајќи ја борбата противу големобугарскиот фашистички окупатор, рамо до рамо со другите југословенски народи до своето конечно ослободување.

Протогеровистите и’ обрнаа внимание на полицијата дека проф. Александар Станишев практиква специјален вид хирургија, но полицијата промолча и поради тоа Христо Трајнов Изворски стана жртва на садизмот на една „милосрдна сестра“.

Тешко може да се опише убиството на Изворски. „Милосрдната сестра“, „надгледувајќи“ го ноќта болниот извади пиштол од чантата и со неколку куршума го застрела. Во историјата ретко се сретнува подлост, која може да се срамни со оваа.

Михајловистите сакаа да го намалат всред масите ефектот на убиството на Симеон Ефтимов пред вратата на царската палата во Софија.

Убиствата што стануваа се почести, всушност го копаа гробот на врховизмот чија пропаст се доближуваше. Протогеровистите ги засилија убиствата. Михајловистичките главари почнаа да паѓаат еден по друг, како на пр.: Димитар Михајлов, Штерјо Божинов, Атанас Михајлов, Симеон Ефтимов, Јордан Гурков, Ване Параспура, Мане Накашев, Мито Гуздана и др. Михајловистите се свиткаа. Нивниот терор се скрши пред напаѓачкиот дух на протогеровистите, што ги инспирираа – звенарите и оној дел на буржоазијата што се беше насобрала околу кругот „Звено“.

За да го заблудат народот, за да ги засенчат причините за протогеровското засилување и за да се извлечат од тешката положба, михајловистите почнаа да зборуваат за некаква „комунистичка опасност“ во Бугарија и почнаа да ги убиваат истакнатите работнички дејци-комунисти. Тогаш паднаа многу работнички и напредни македонски дејци. Но со тие убиства тие не можеа да ја заблудат буржоазијата која се помногу се концентрираше и обединуваше околу кругот „Звено“, одејќи по патот на Францускиот систем по кои ги водеа Коста Тодоровците.

Поради убиствата на прогресивните македонски дејци, помеѓу кои падна и секретарот на работничката партија Петко Напетов, македонските прогресивни и работнички маси се раздвижија.

Тогаш работничката партија излезе со декларација, која се содржеше следната констатација:

„Од в. „Македонија“ јасно се гледа дека ВМРО на Иван Михајлов заплашува дека одново активно ќе се нагрби со познатата улога од 1923 год. и 1925 год., улога на платен колач против дејците на класното работничко движење. Таа улога почна да добива практичен карактер уште со убиството на Симеон Кавракиров, Душан Спасов и Божидар Митрев“.

„Во рамките на внатрешната си политика ВМРО на Иван Михајлов е верна потпора на најцрната реакција“.

„Во „новите земји“ таа е активен учесник во ограбувањето на населението, како со даноците, така и со ниската цена на откупот“.

Поради сето тоа ВМРО на Ивана Михајлов, се повеќе го губи влијанието над македонските народни маси во земјата и во „новите земји“ (наводник наш). Ова го докажаа на убедлив начин изборите, осносно резултатите од изборите кога најголемиот дел гласаше против листата на Иван Михајлов. Во прилог на ова збореа конференциите и конгресите на македонските масови организации, како и активната масова самоодбрана, а исто така и трудбениците манифестираа против терористичките чети на Иван Михајлов.

„Позициите на врховистичката ВМРО се уште се крепат само благодарејќи на крвавиот терор и помоќта од полицијата и војската“.

„Што се однесува до така нареченото протогеровско крило на ВМРО, одбележувајќи го процесот на засиленото скршнување в лево и приближувањето му кон правилното разбирање на методите за борбите за националното ослободување, Р. П. Констатира дека неговите раководители се уште не си ги прекинале врските со бугарската буржоазија, се уште не се ослободени од материјалистичките надворешно-политички влијанија и се уште плаќаат данок на старите индивидуалистички методи на борба“.

Оваа декларација беше важен елемент за отстранување на една беда. Нејзината принципна страна јасно го оцртуваше односот на комунистичката партија општо и посебно кон македонските политички убиства во Бугарија како и кон терористичките групи што помеѓу себе се гложеа. Но, тоа се јави со извесно задоцнување, и тоа стана поради притисок на луѓето што се бореа против хегемонијата на раководителите на БРП(к) во македонското движење кои ја наречуваа Пиринска Македонија „нови земји“.

Во тоа време се јави и б. „Македонска правда“ под редакција на федератистот Димитар поп Ефтимов. Со овој весник федератистите сакаа да ја прикријата својата природа, да покажат дека не се исто што и михајловистите, туку се неразделен дел на деветојунците. Работничкиот печат имаше негативен став спрема в. „Македонска правда“.

Прогресивните Македонци навреме му одговорија на в. „Македонска правда“, за неговата улога всред емиграцијата. В. „Македонско знаме“ што тогаш го редактираше Цилјо Бистрички, излезе со статија, напишана од редакторот под наслов: „Местото и улогата на в. „Македонска правда“. Статијата беше отпечатена уште во почетокот на излегувањето на в. „Македонско знаме“. Во неа беа потцртани двете противречни тенденции на протогеровскиот весник. Едната тенденција беше на неговиот редактор Димитар поп Ефтимов, кој како резултат на својата политичка наивност веруваше дека протогеровистите можат (особено во тогашниот политички момент) да се борат за една напредна идеја, каква редакторот лансираше, на име, Автономна Македонија, во рамките на една создадена од народите Демократска Федеративна Југославија.

Другата тенденција беше на Крстан поп Тодоров, кој стоеше зад весникот и го финансираше со средства од нечисти извори, тенденција што се гледаше меѓу редовите на весникот, на име обединување на двете држави (Бугарија и Србија), се разбира ни најмалку да не се докачат царскиот и кралскиот институт. Крстан се восхитуваше како теле од бацувањата и гушкањето на цар Бориса и крал Александар на станицата во Белград, кога цар Борис се враќаше од странство. Тој беше наивен и веруваше во искреноста на тие бацувања.

Редакторот на в. „Македонско знаме“ раскривајќи ги тие две противречни тенденции во протогеровскиот весник „Македонска правда“, ги канеше вовлечените помеѓу протогеровистите прогресивни елементи (Димитар поп Ефтимов, Коста Ламбрев) да ги прекинат врските со нив и да ја напуштат редакцијата. Откога Крстан поп Тодоров беше повикан во дирекцијата на полицијата во врска со пишувањето во весникот, тој побара од редакторот ди не им дава место во весникот на статии со лева тенденција, а да ја спроведува во весникот државната линија по македонското прашање, со што Димитар поп Ефтимов не се согласи и заедно со Коста Ламбров ја напуштија редакцијата. За ова најмногу придонесе – статијата „Нашиот одговор на протогеровистите“ што беше отпечатен во в. „Ехо“ напишана од Симо Касабов.

Во врска со ова се наложува да размислиме за уште едно прашање. Станува збор за лозинката „Интегрална Југославија“ што ја подржуваа протогеровистите во 1933-34 год. Некои од нив кои подоцна еволуцираа на лево кон прогресивната демократија и ја доживеа нашата ера, ја мешаат горната лозинка со сегашниот стремеж на јужните Словени за обединување. Ние ја разбираме нивната желба да се претстават како стари симпатизери на таа идеја, но тие не можат со тоа да ги сокријат грешките и престапите на своите поранешни водачи, со кои се беа поврзале, и по чија наредба и тие се беа замешале со убиства (шандановците б. н.)

Информбировската резолуција тури крај на нивната желба да се претстават како стари поборници за јужнословенското единство. По резолуцијата тие замолчеа и никој веќе не смее да парадира со чувствата на јужните Словени. Но, и покрај ова интегралистите не го беа изјасниле својот став по македонското прашање: дали се Македонците Срби, Бугари или пославенети елини. Интегралистите беа утописти идеалисти. Нив ги раководеше чувството да ги видат јужните Словени под еден покрив. Сега, од кога е раскинат 20 годишниот договор за пријателство и взаемна помоќ што беше потпишан во Евксиноград во 1947 година помеѓу Титова Југославија и Димитровска Бугарија, тие останаа да жалат ако се свесно покајале како што жали целиот бугарски народ кој молчи под притисокот на СКП (б) и владата на СССР, против кои треба да се борат.

Паролата „Интегрална Југославија“ во 1933 – 1934 год. беше идеја на Версајска Франција против италијанското влијание на Балканот. Таа идеја беше поздравена од југословенската и бугарската буржоазија. Интегралисти имаше и во Софија и во Белград. Таа идеја „Интегрална Југославија“ наоѓаше одраз кај сите буржоаски општествени организации. Таа се беше вовлекла и во некои дејци на ВМРО (обединета). Како најрасположен елемент за восприемањето на таа идеја се покажа Георги Занков.

Преку интегралната идеја, короните од Белград и Софија, тајно секоја за себе си, кроеја планови за хегемонија. Имаше буржоаски елементи трговци и интересите на југословенската буржоазија, која обединета би можела да реализира некои привредни и политички интереси, како и во воена смисла да завладее некои територии на југ. Тие беа перспективите што излегуваа од паролата „Интегрална Југославија“, приложена на буржоаската политичка основа, која како остварена, ги доведуваше балканските народи пред прагот на една нова балканска империјалистичка војна.

Георги Занков, на Цариградската конференција на ВМРО (обединета) направи обид да се прими интегрализмот како етапа за преминување на балканска федерација на буржоаска политичка основа. Но, најде на решителен отпор, а потоа беше исклучен од редовите на обединетата. Имајќи свој Азев во редовите на ВМРО (обединета) полицијата знаеше за решенијата на цариградската конференција. Азевците се беа вметнале во редовите на обединетата, а Мишо Шкартов достави на полицијата препис од протоколот на конференцијата на ВМРО (обединета) во Цариград.

Во тоа време, додека Народниот блок се наоѓаше на власт, се беа засилиле протогеровистите, што им даде повод на михајловистите, откриено да ја обвинат полицијата на Гиргинова дека таа стои од страната на протогеровистите и со некои работи им помага. Тоа беше вистина. Додека во времето на управата на Андреј Љапчев, Софија беше наполно база на михајловистите, тоа положбата се измени со доаѓањето на Гиргиноов на власт. Во тоа време на Андреј Љапчев сите полициски станици им стоеја на расположение и услуга на неодговорните михајловисти. Штом Гиргинов дојде на власт, полициските станици почнаа да им помагаат на протогеровистите, кои станаа дрски и почнаа да ги убиваат михајловистите.

Политиката на Гиргинов ја подржаше и еден дел на воените, поради кое дојде и до размена на мислите помеѓу воените и него, а во врска со тоа и до согласие да се блокира Софија со цел да им се земе оружјето на михајловистите и се принудат да капитулираат. Блокадата на Софија се изврши во м. Јули 1933 година. Беа фатени голем број михајловисти и протогеровисти. Михајловистите беа задржани со цел да се отстранат од Софија и се обессилат, а протогеровистите беа задржани про форма. Тоа беше политиката на министерот Гиргинов, ориентирана кон Франција. Во владата на „Народниот блок“ само Гиргинов поткрепен од претседателот на народната скупштина Малинов ја подржаше таа политика. Мушанов и владата на „Народниот блок“ како целина пливаше во германо-италијанскиот (воинствен) ревизионизам.

Со политиката за зближување со Југославија требаше да се спечали време и одеше во прилог на Германија која се спремаше да ја придобије Југославија на своја страна, во што Хитлер успеа после убиството на крал Александар, за што ќе збориме понатаму.

Но, и со оваа мерка владата на „Народниот блок“ не го реши дефинитивно прашањето за политичките убиства. Убиствата се одразија длабоко во душите и на македонската и на бугарската емиграција во Америка. На конгресот на Македонскиот народен сојуз што беше одржан на 5, 6 и 7 мај 1933 година во Клевеланд – Охајо, се изработи Манифест, кој беше испратен до сите македонски и бугарски установи, друштва, политички клубови, и до целата емиграција во С. А. Д. и Канада. Манифестот ги осудуваше политичките убиства.

Тој манифест со оглед на неговата содржина и констатациите е многу ценен документ. Неговото значење е од особена важност, оти тој ни дава богат материјал за задлабочување и вникнување во душите на широките народни маси од бугарско-македонската емиграција зад океанот, на емиграцијата која се наоѓа далеку од политичката кал на бугарската стварност и која ги проценува со широчина и човечност настаните во Бугарија. Слободно и демократски, така како што великиот Вашингтон им беше завештал на синовите на Соединетите држави. Манифестот е карактеристичен и по тоа, што ни овозможува да се увериме во тоа, дека македонската емиграција во Америка не се вовлекла во разорната дејност на михајловистите и протогеровистите – агенти на големобугаризмот, а застанаа на здравите македонски позиции.

Манифестот ги покани сите: „Да протестираат против авторите и потпалувачите во Софија, Петричко и цела Бугарија и Македонија на варварската система на политичките убиства и да дадат морална и материјална помош на жените и децата на паднатите борци и на затворените национални и социјално – револуционерни борци во Македонија и Бугарија како и на самите затвореници, кои живеат во занданите, поради своите политички разбирања и својата сеодајна служба на народното дело . . . . . . . . . „Тие убиства, се вели понатаму, се врв на човечкото безумие, а против нивните автори и потпалувачи треба да се крене целата организирана и неорганизирана емиграција. Тие убиства, од кој и да идат, претставуваат најголемо зло за македонското движење и им ползуваат само на поробувачите на Македонија и им служат на нивната денационализаторска и асимилаторска политика, фрлаат на илјади македонски семејства во Бугарија во црн траур и вечна мизерија; тие го компромитираа името и борбата на македонскиот народ; нив никој и со ништо не може да ги оправда, независно од било какви теории на „шпионаж“ и „родоостапништво“, ќе се фабрикуваат секојдневно. „Како и во сите други движења, така и во македонското, имало, има и ќе има разни струи. Но борбата помеѓу нив не треба да се води со парабелуми и ками, а со слово, преку печатот, и тоа на идејна база, во рамките на толерантност... „Македонци кои зборуваат за единство, а истовремено ракоплескаат на братоубијците, се јавуваат како несвесни поткрепувачи на политичките убиства, со кои се нанесуваат така страшни рани на македонското ослободително движење.“