Прејди на содржината

Политичките убиства во Бугарија/Дел XI. Заодот на блоковата власт во Бугарија

Од Wikisource

Капитулацијата на блоковата власт пред михајловистите. Михајловистите одвлечуваат и убиваат. Народот се бори сам и без помош на власта. Сам ги обезоружува бандите на Иван Михајлов. И Симеон Кавракиров бива одвлечен, Гевгелијците протестираат. Што изјавува министерот Гиргинов. Убијствата продолжуваат. Образување комитет за акција. Спорови за комитетите за акција.

Во текот на месец март 1932 година една чета михајловисти на 4 километра од село Добриниште запре еден автомобил, кој одеше од Софија, со тројца неврокопски општински советници и ги заплени. Пленетите ги одведоа во гр. Банско кај членот на ЦК на михајловистичката организација – Жоро Настев. Жоро Настев даде наредба пленетите да се одведат во село Осиково каде што останаа два дена и две ноќи. Оттаму задржаните ги однесоа во село Покровник. Селото во тој момент беше блокирано од војници, кои како божем ги бараа пленетите општински советници. Кога четниците за едно со пленетите го наближија селото, офицерот што ги познаваше тие кои се приближуваа даде заповед да се повлечат војниците, за да можат четниците слободно да влезат во селото.

По тој начин, полицијата на Гиргинов, место да ги фати претстапниците сама влезе во врска со нив и започна преговори како со политичка странка. Четниците преку вечниот „конспиратор“ Михаил Монев (наречен од емиграцијата „Црниот Монев“) ги издиктира условите на министерот Гиргинов. По тие услови, министерот се задолжува да го растури неврокопскиот општински совет и веднаш да му откаже служба на неврокопскиот околиски началник. Тие срамни за министерот и за Блоковата власт услови министерот Гиргинов ги потпиша.

Населението во Неврокопско и воопшто Македонците и Бугарите, сметаа, дека давајќи ја својата доверба на 21 јуни 1931 година на Блоковата власт, земајќи ја власта последниот ќе ја растури бандата на Иван Михајлов, ќе престане со теророт, за да се одмори народот. Меѓутоа, Блоковата власт не ги поткрепи напорите на народот во тој правец и не ја оправда довербата што и’ беше дадена за да управува.

Но народот не се отчаја од измамата на Народниот блок и, опирајќи се на своите сопствени сили ја продолжи борбата. Така во с. Албанци, самите селани ја разоружаа четата на белогвардеецот Аспарух, која броеше дест души, оформена како михајловистичка банда. Во текот на летото во 1932 година селаните од Сатовче и Долен, вооружени со свои средства ја разоружаа четата на Ангел Бозолука. Но селаните се зачудија кога војните власти се смешаа и го вратија оружјето на разоружаните михајловисти.

После многу факти, населението разбра дека е излажано од Блоковата власт и реши на своја глава и со свои сили да поведе борба против неодговорниот терор. Во новите општински избори, по капитулантската заповед на министерот Гиргинов, населението во град Неврокоп не се потчини на унизителната положба, во која го поставуваше „демократот“ министер и си избра свои советници, а не ги избра назначените од Иван Михајлов. Како одговор на тоа михајловистите се собраа и решија да ги отепаат граѓаните Михаил Мишев, архитектот Наралиев, адвокатот Владимир Мондов, и Бакалчев. На конференцијата за решавање на убиствата на геревизираните лица учествуваа: Иван Михајлов, Владо Куртев, Жоро Настев, д-р Дино Станишев, новиот претседател на МНК Георги Кондов, потпретседателот на МНК Велко Думев, Васил Василев, Петар Мрмев, д-р Кушев и Стојан Филипов – сите од така наречената „македонска парламентарна група“. Тие луѓе ние ги одбележивме за да се види нивната улога. Тоа решение се исполни на 16 јуни 1931 г. Една група терористи влегоа во гр. Неврокоп околу трите саатот по пладне, го нападнаа Нарлиева. Возбунети граѓаните се дигнаа на оружје против бандитите, но беа попречени од војниот гарнизон, кој благовремено го окупира градот, за да даде можност на напаѓачите да избегаат и го држеше населението два дена во домашен затвор.

Јавното бранење на михајловистите од страна на војската во Пиринска Македонија, стана очевидно при гореспомнатиот факт, како и со отепувањето на четитена Пандо Струмилки така и за Борис Изворски, за кое веќе зборувавме.

Дрски во одбраната на периметарот – „Пиринска Македонија“ – што им беше дадена од царот за експлоатација и политички цели, михајловистите решија да отепаат уште маса луѓе од секое село, за да ја задушат секоја изјава на негодување кон нив. Тоа ја предизвика емиграцијата на посвесните луѓе од селата и градовите, кои што дојдоа во Софија и образуваа една делегација, која требаше да се јави при министерот Мушанов и да му го изнесе положението во Пиринска Македонија и да го помоли, да преземе мерки за заштитување животот на населението. Кога избраната делегација се јави при министерот Мушанов, тој ги дигна рамењата и им изјави: „Земете си ја грижата да се чувате сами, прајте што знаете, јас сум министер, но немам сила да се борам со нив“.

Истата делегација се јави при министерот Вергил Димов. Тој пак ги испрати при Македонскиот национален комитет и ги посоветува да дадат декларација за лојалност пред михајловистите. Тогаш еден од делегатите се возбуди и му рече: „Господине министре, подржувајте ја Вашата декларација за лојалност со убијците на Стамболиски, а не нас не ни давајте совети. Ние дојдовме при Вас да Ве помолиме да ни кажете како да излеземе накрај со тие бандити, а Вие не терате да се покориме. Таква подлост ние никогаш нема да пројавиме спрам себе си“ . . .

На 8. VI. 1932 година михајловистите го завлечкаа и членот на ЦК на ВМРО (обединета) Симеон Кавракиров, кој си одеше по една од улиците на Софија. Кавракиров се бореше машки и викаше за помошт, но додека граѓаните се прибраа, бандитите неколкумина вооружени луѓе се збуричкале, го удирле со тапо оружје по главата, го замелушиле и го поставиле во такси, спремено на улицата за таа цел. Завлечканиот го понесе крстот на голгота и цели две години беше пронесуван низ темните места на Пирин. Таа голгота беше спремена од раководството на БРП(к), кои го убедуваа Симеона дека се задолжуваат да ги поправат сите грешки направени од нив по македонското прашање и подоцнежните грешки со нивната борба против федератистите, кои беа дале возможност, преку контактот со протогеровистите да биде откриен пред полицијата и михајловистите.

Завлечкувањето на Симеон Кавракиров беше почеток на заплашувањата спрема сите прогресивци, дека тие, михајловистите ќе започнат со убиствата на прогресивците и ќе бидат безогледни, така како што се такви спрема протогеровистите. И навистина, тие го исполнија заплашувањето и го отепаа секретарот на Работничката партија, Петко Напетов и други прогресивни . . .

Откривањето на Симеон Кавракиров дека е тој член на ЦК. на ВМРО (обединета) како и некои преговори со протогеровистите, беше дело на македонскиот Азев – Мишо Шкартов, бивш санданист, што си ја беше продал совеста на цар Борис, тајно ги шпиунираше сите, служејќи на Дирекцијата на полицијата. Одделението за државна сигурност при Дирекцијата на полицијата подржуваше секретни врски со михајловистите. Ако михајловистите сакаа да исчистат некого, Дирекцијата го пренесуваше ова преку секретната врска на михајловистите, тие го наоѓаа и утепуваа, без пресуда и суд. И обратно, михајловистите си служеа со Дирекцијата на полицијата кога требаше да се пронајде некое сомнително за нив лице. Содржината на протоколот од цариградската конференција што беше одржана во началото на 1932 година му беше позната на началникот на државната сигурност, Стоил Драганов, уште пред да бидат со неа запознаени самите членови на ВМРО (обединета). Обединистите го беа субсидирале Миша Шкартов за вршење на организациона работа. Тој тоа и го правеше и полицијата брзо узнаваше за организираните и преку својата секретна врска ги обавестуваше михајловистите. Мишо Шкартов за таквата своја работа земаше пари како од обединените и михајловистите, така и од протогеровистите и полицијата. Тој живееше раскошно, безразборно арчејќи пари по софиските локали. Таков тип ретко се раѓа. Македонскиот Азев го настаса и надмина рускиот. Мишо беше молчалив и го сметаа за „тежок човек“. Околу Мишо се собираше секогаш група од пијаници. Езиците им се поотпуштаа штом се поднапијат. Тешкиот бај Мишо само молчи. Тој само слуша а сите околу него пијат за негова сметка. Компанијата му ја сочинуваа се бивши војводи и четници, копаранчауши и некои бивши и сегашни анархисти. Мишо е умен, тој ништо не зборува, „тежок човек“ – купува но не продава. На симеон Кавракиров ова му правеше впечатление а многумина се прашаа од каде Мишо има толку пари, се тој плаќа, но секој си одговоруваше: Москва е штедра, пари се даваат на најспособниот, на човекот со широки врски всред бугарските и македонските маси, само да се врши работата.

Во овие борби на Македонија се јавува и втор македонски Азев во лицето на Јордан Анастасов, сограѓанин на Миша Шкартов, а како трет Азев се јави Симеон Ефтимов. Во послевоениот период на борбите, и првиот, и вториот, и третиот минаваа како федералисти во федеративното движење раководено од архитектот Јуруков и д-р Филип Анастасов, но нивната задача беше да го провоцираат федеративното движење.

9 јуни 1923 година, т. е. после воениот преврат во Бугарија, Јордан Анастасов го среќаваме како „емигрант“ во странство, и како таков успеал да се вмакне помеѓу некои луѓе на задграничната централа на временото претставништво и времената комисија што беа избегале од Бугарија поради теророт.

Штом беш основана ВМРО (обединена), Јордан Анастасов, успе, заедно со Владимир поп Томов, да се вмакне во составот на раководството на задграничната ВМРО (обединета). Тие двајцата го ориентираа и врзаа раководството на ВМРО (обединета) кон раководстворо на БРП (к), претворувајќи го во негова стална агентура. Помеѓу сите Македонци, дејци што се навоѓаа во странство, како и помеѓу тие од задграничното претставништво на ВМРО (обединена), како најмрачен и најбескруполозен тип се покажа Јордан Анастасов. По природа зборлив, тој лавираше меѓу сите и агитираше да се предаде раководството на ВМРО (обединета) на раководството на БРП (к), кое преку Васил Коларов и Владимир поп Томов имаше блиски врски со Черкски. Луѓето што се наоѓаа зад границата, кои беа врбувани од Јордан Анастасов и Владимир поп Томов за каузата на Черкски, биваа наградувани парично преку раководството на БРП (к), а сите други кои сакаа ВМРО (обединена) да има независно раководство, кое би имало само контакт со советските власти, беа клеветани и останувани без средства за живот.

Така работеше Јордан Анастасов и на ВМРО (обединена) и’ се наложи партијното раководство на БРП (к) што го изопачи македонското револуционерно движење на политичката положба на Балканот по воените настани од 9 јуни 1923 година.

Ова цел на Черкски и потчинените му сомишленици од БРП (к) заедно со оние што ја предадоа независноста на ВМРО (обединета) на раководството на БРП (к) и на Черкски го потпомогна распаѓањето на ВМРО (обединена) и масовото враќање на Македонците емигранти од странство во Бугарија и Југославија.

На Јордан Анастасов му е познато кој и колку луѓе беа тие што се вратија и зошто се вратија. Оние што се вратија во Југославија (тогаш С.Х.С) станаа агенти на Жико Лазиќ, а оние што се вратија во Бугарија станаа агенти на Иван Михајлов. Сите тие што се вратија декларираа дека се откажуваат од македонска дејност. Само д-р Филип Атанасов не даде декларација но за сметка на тоа тој изброи 1 милион лева за Иван Михајловата организација.

Кривицата за распаѓањето на ВМРО (обединена), за отстранувањето на многу стари и познати дејци од нејзините редови паѓа пред се на политиката на Советска Русија по македонското прашање. Дел од кривицата носи и раководството на БРП (к), кое го претставуваше македонското дело како бугарско, неправилно осветлувајќи го пред советските луѓе вистинскиот карактер на македонската национално ослободителна борба. Токму тука, во спроведувањето на провокаторската политика против целта на македонската национално-ослободителна борба, Јордан Анастасов, заедно со сите луѓе на Черкски, што се наоѓаа во Бугарија или странство играше гнасна улога.

Како член на задграничното претставништво на ВМРО (обединена) што се наоѓаше во Беч и Берлин, Јордан Анастасов држеше постојани врски со Мишо Шкартов во Бугарија, кој беше секретен соработник на одделението за државна сигурност при бугарската дирекција на полицијата и со Симеон Ефтимов (до неговото убиство) кој отворено беше минал во логорот на Александровата и Протогеровата ВМРО, а по убиството на Александров во 1924 година и по убиството на Протогеров во 1928 година во Иван Михајловата ВМРО.

Преку Мишо Шкартов беа крстосани органите на бугарската државна сигурност со луѓето од задграничната ВМРО (обединена) кои како луѓе на Черкски беа провоцирани од Јордан Анастасов.

Преку Јордан Анастасов луѓето од ВМРО (обединета) се беа крстосале со органите на државната безбедност при Дирекцијата на полицијата во Бугарија. А Мишо Шкартов во исто време и му продаваше и купуваше од Јордан Анастасов шпиунски податоци.

Мишо Шкартов преку Јордан Анастасов беше секретна врска на луѓето од задграничното претставништво на ВМРО (обединена) и на Черкски, а Јордан Анастасов преку Мишо Шкартов беше секретна врска со одделението на државната безбедност при Дирекцијата на полицијата во Бугарија.

Списокот на времената комисија на федератистите беше доставен на Дирекцијата на државната сигурност и на Тодор Александровата и Протогеровата ВМРО, од страна на Мишо Шкартов, Јордан Анастасов и Симеон Ефтимов, а како резултат на ова сите беа групно или поединечно убиени („Револуциен лист“ бр. 9 од јануари 1933 год. зборува за улогата на Симеон Ефтимов).

Мишо Шкартов и Јордан Анастасов беа едновремено супсидирани од Черкски, од михајловистите, од полицијата и од протогеровистите.

Митко Паликрушев, кој како михајловист беше паднал во немилост, ни расправаше за улогата што ја играле Мишо Шкартов како врска помеѓу Јордан Анастасов и со сите централи во Софија и Беч, а за овие „услуги“ од секаде добивале парични средства. Кога михајловистите разбраа дека Митко Паликрушев станал симпатизер на комунистите – Македонци, тие го испратија во Југославија со една петорка со задача да не се враќа жив во Бугарија, како што и стана. Паликрушев со потерката си загина во Кочанско при судрување со југословенските џандари.

Мишо Шкартов и Јордан Анастасов, близнаци по своите методи на шпиунирање го предадоа на михајловистите и Симеон Кавракиров член на ЦК на ВМРО (обединена) и областен секретар на Комунистичката Партија. Од заседа тој беше жив пленет од михајловистите во една од софиските улици, а по тоа михајловистите се фалеа дека фатиле голема риба – член на Ц.К. на ВМРО (обединена).

Мишо Шкартов испраќаше самоиницијативно шпиони во Југославија. Во 1934 година тој го испрати како таков во Југославија. Во 1934 година тој го испрати како таков во Кавадарци Блаже Видов, кој беше откриен од агентите на српската полиција и се врати назад во Бугарија. Тој имаше воспоставено врски и со некој од политемигрантите југословени што се враќаа од Виена за Југославија а имаа врски со Жика Лазиќ. По овој начин михајловистите се беа доближиле до органите на југословенските власти и до пооделни луѓе од раководството. Како резултат на ова дојде до убиството на редакторот на в. „Јужна Ѕвезда“, кој излегуваше во Битола до убиството на Поповиќ, Генерал Ковачевиќ во Штип, Прелиќ во Скопје а самиот Жика Лазиќ беше ранет во неговиот кабинет во Белград.

Како што рековме, откога многу од емигрантите се вратија во Југославија и Бугарија, подоцна се врати и Јордан Анастасов, и наместо казна, тој беше назначен за началник на одделение при дирекцијата на трудот која се наоѓаше под оперативно раководство на министерот Стојчо Мушанов. Но, кога во Софија ги судеа членовите на ВМРО (обединена) во 1936 година помеѓу нив се јави како затвореник, и беше исправен божем да одговара пред судот и Јордан Анастасов. Тој си го откри своето провокаторско лице одговарајќи на поставеното прашање од обвинителот: „Вие господин Анастасов се обвинувате и затоа оти кога се вративте од странство, не се јавивте во одделението на државната безбедност, а живеевте како нелегален, за кое се разбира треба да бидете казнети. „На ова прашање тој одговори, дека не се јавил да се легитимира, оти така му било наредено од Мишо Шкартов, за да не би се издал пред персоналот од одделението на државната безбедност.

За време на Втората светска војна, Јордан Анастасов пак игра провокаторска улога. Тој лично организира работни групи од Бугарија и ги испраќа во Германија за да го засилат германското воено производство.

Во првите денови на октомври во 1944 г. Јордан Анастасов беше уапсен од органите на Дирекцијата на милицијата, но за кратко време, а по налог на некои политемигранти во Русија, членови на раководството на БРП(к), кои се беа вратиле во Бугарија, тој беше пуштен со задача да стане член на Македонскиот национален комитет на Македонците во Бугарија, член на управниот совет на Македонскиот научен институт и одговорен редактор на списанието „Македонска мисла“, орган на институтот. Се разбира дека таа задача му беше дадена на провокаторот Јордан Анастасов кој и за натаму продолжи да ја спроведува во живот големобугарската политика на раководството на БРП (к) всред Македонците во Бугарија и македонскиот народ во Пиринска Македонија.

Денеска, Јордан Анастасов стои на информбировската линија, го развеа знамето на големобугарскиот црвен врховизам, поткрепен од предавникот на бугарските национални интереси, узурпаторот на бугарската власт В’лко Червенков.

Ете под такви политички услови на создадена шпиунажа и контрашпиунажа стана жртва и членот на ЦК на ВМРО (обединета), Симеон Кавракиров, издаден од азевците Мишо Шкартов и Јордан Анастасов. Така се подготви голготата на Симеон Кавракиров и на другите познати на полицијата и на михајловистите македонски прогресивни дејци од ВМРО (обединета).

Како одговор на одвлекувањето на Симеон Кавракиров, македонската емиграција протестираше, а Гевгелиското братство испрати протестна телеграма до министерот на внатрешните работи Александар Гиргинов. Собраните, во редакцијата „Македонско знаме“ околу триесет члена, отидоа кај министерот Гиргинов. Од името на сите, еден од делегатите, сега полковник Данаилов, го запраша министерот, т.е. носителот на редот, безбедноста и животот на граѓаните, за да им кажи што знае за одвлекувањето на Симеон Кавракиров, Министерот Гиргинов изјави, дека е тој готов да рескира жртви од страна на полицијата но и да ги откри посегнувачите, кои по негово мислење биле македонски револуционери, дрски во секој однос. Еден од возбудените делегати се обиде да ги откаже револуционерните квалитети на посегнувачите на Кавракирова, изјавувајќи дека тие дејствуваат под закрилата, на старата зговористичка полициска администрација која се уште не е сменета од страна на министерот. Но тој не би ја ни сменил оти народниот блок водеше иста угнетувачка политика спрема народор, како и деветојунците од демократскиот зговор кои самите се беа – оформиле како раководна партија. Еден друг делегат се обрна кон министерот Гиргинов со следните зборови: „Вие велите дека посегнувачите на Симеон Кавракиров се македонски револуционери? Дајте ми една дружина војници и во рок од 15 дена, јас сам ќе излезам на крај со нив.“

Но работата е во тоа што со тие луѓе одат и војници, одговори министерот Гиргинов, па потоа продолжи: „Господа, оваа положба не може да остане за понатаму, на убиствата и одвлекувањата треба да им се тури крај. Владата презеде нешто за да се разбере со воените, кои ги подржуваат михајловистите, се разбира не сите, а еден дел од воените. Но бидете уверени дека во најскоро време ќе го сториме возможното“.

Како по убиствата, така и по одвлекувањето на Симеон Кавракиров, член и секретар на солунското братство, МНК не протестираше, а како централна институција на братствата дури не презеде мерки, ако не друго а да се информира, за да ги замагли очите на членовите на братствата. Ова предизвика негодување кај емиграцијата од македонските студенти и членовите на ВМРО (обединета). Им стана јасно дека е крајно време за посмела и посистемска организирана протестна борба против убиствата и одвлекувањата. Весниците „Македонско знаме“ и „Студентски лист“ истапуваа со остри напади. Се пушти идеја за создавање на специјален акционен комитет. На некои места и се образуваа такви. Но, методот на борба преку акциони комитети се укажа како неправилен. Акционистите си беа поставиле за цел од македонските емигрантски братства да создадат некаква нова македонска братствена организација со централен акционен комитет. Мислата за образување на прогресивно движење надвор од рамките на македонските емигрантски братства се покажжа во моментот како неправилна и непрактична за масовно движење. Братствените раководства протестираа против убиствата и одвлекувањата и без акциони комитети. Акционистите спремајќи се да создадат нова форма на движење на емиграцијата, се изолираа од братствата. Како резултат на тоа акционистите се беа одделиле од емигрантските маси, кои членуваа и се наоѓаа под влијанието на идеите на македонската внатрешност и спомените на големите и крвави борби против Турците, големосрбите, големобугарите и големогрците.

Ова изолирање на акционистите од братствата дојде како резултат на влијанието што го имаше Б.Р.П. (к) на раководството на македонското прогресивно движење. Партиското раководство нареди да се образуваат акциони комитети по сите братства во провинциските градови и Софија. Раководството на Б.Р.П. (к) го оневозможи развитокот на македонската борба по македонска национална линија, го оневозможи омасовувањето на борбата. Акционите комитети се создадоа со цел да се расцепи емиграцијата и да се парализира нејзиното идеолошки влијание и растежот во духот на македонските централистички идеи.

Се повтори старата пракса кога раководството на Б.Р.П. (к) го растури „Привременото претставителство“ за да не се создаде единствено македонско масово револуционерно движење, за да не би се влијаело на македонскиот народ што живееше во трите дела на неговата распарчена татковина. Но во пракса резултатот беше како и во минатото, - повлекување на прогресивните елементи од братствата, оставувајќи ја целата маса на расположение на реакционерните елементи кои се наоѓаа под влијанието на врховизмот.

Фашизираниот Македонски национален комитет го исползува моментот кога некои лица ги напуштаа редовите на братствата и се обидоа да создадат нова емигрантска организација покажувајќи ги на полицијата акционистите како бунтовни елементи. Одделени од братствените маси, акционистите стануваа полесно плен на полицијата, која почесто ги фаќаше и разбиваше. Акционистите ја беа заборавиле старата легенда за силата на Антеја, а на раководителите од Б.Р.П. (к) им одеше во интерес да не бидат потсетувани на таа легенда.

Акционистите, критикувани од некои македонски национал-револуционери, беа принудени да реагираат на заповедите од раководството на Б.Р.П. (к). За оваа цел беше издадена и брошурата „Целите и задачите на македонското прогресивно движење“. После подолги расправи во врска со наредбата за создавање акциони комитети, се дојде до согласие, дека линијата на борбата на македонската емиграција не може да има друга форма, освен заедничката борба со самата емигрантска маса.

Старите централисти кои се наоѓаа во редовите на братствата, не можеа ладнокрвно да гледаат како се пролева невина македонска крв на заблудените поткупени Македонци, кои взаимно се избиваа и ги избиваа прогресивните дејци – најбудните синови на Македонија.

Во врска со убиството и одвлекувањето на СИмеон Кавракиров, по иницијативата на старијот централистички деец и претседателот на Солунското братство, Божин Димитров, заедно со претседателот на Охридското и Битолското братство, упати апел да се прекрати со убиствата и против одвлекувањето на Симеон Кавракиров. Колку и да беа братствата и нивните раководства под политички и идеен уплив на Македонскиот национален комитет, помеѓу нив имаше и многу чесни и напредни луѓе, кои реагираа против линијата на МНК по однос на убиствата по овој начин и идејата за образување на акциони комитети стана безпредметна.