Политичките убиства во Бугарија/Дел X. Управувањето на народниот блок и македонските убиства
Улогата на гевгелиското братство за време убиствата. Контактот на обединистите со протогеровистите. Спор за формата на борбата. Скршнувањето на протогеровистите. Теорија за поткрепа на послабата страна. Каква сила беа обединистите.
Застанувајќи на антинародна позиција, правителството на Андреј Љапчев не можеше да го завлечка слепечки бугарскиот народ по патот на туѓа воља и интереси. Народот ги разбираше длабоките причини на политичките убиства од двата лагера, исто така како што ги разбираше и тие вршени во месеците јуни и септември 1923 год.
Целата политика на правителството на Андреј Љапчев што произлегуваше исто така од „зговорот“, беше управена против народот и одговараше на интересите на крупните капиталисти, банкерите и експлоататорите. Управувањето на Љапчев беше продолжување на фашистичката диктатура на деветојунското правителство на „Демократическиот зговор“ на чело со крвопиецот Александар Цанков. Тоа се разликуваше со методите на Љапчев. „со кроце со благо.“ По прашањето за надворешната политика Љапчев беше од страната на Англија, која по тоа време го зема првенството од Франција во европската политика и Англија стана центар на меѓународната реакција, од каде се дирижираа провокациите и се спремаше крстоносен поход против СССР.
Народот при изборите на 21 јуни 1931 год. ја даде својата доверба на така наречениот „Народен блок“, кој во својата предизборна агитација и платформа ветуваше да го укине законот за заштита на државата, да даде полна безусловна политичка амнестија, слобода на организациите, зборот и печатот, со еден збор, ветуваше, дека ќе ја демократизира земјата. Паѓањето на правителството на Љапчев значеше урнување на „зговорот“ и пробивање во лагерот на Фашистичката диктатура. Народот на свој начин ја сфати изборната победа на 21 јуни 1931 год. и започна на поедини места да ги брка и затвора цанковистите. Но владата на народниот блок ги зема под заштита прогонетите деветојунски убијци. Полицијата на министерот Гиргинов безмилосно го тепаше народот по собранијата. Кога, по повод акцијата за истерување на Александар Цанков од универзитетот, студентите правеа манифестации и викаа: „долу крвопиецот Цанков“, полицијата на Гиргинов се нафрли со камшици на манифестациите. Работните маси, „демократот“ Гиргинов пак ги третираше како колонијални робови. Нивните собранија беа секојпат брутално и со огон растурани. Предизборните ветувања беа изоставени и теророт беше продолжен и засилен. Убиствата помеѓу двете крила на ВМРО продолжија затоа што уште не беше завршен процесот за конечна ориентација на Бугарија по прашањето на надворешната политика. На бугарската земја започнаа да се укрстуваат двете влијанија: - тие на Францускиот систем и оние на фашизмот. Тука се арчеа и пари, давани преку италијанската легација и преку француската, кои го поддржуваа курсот за отепување. Народот го чекаше крајот на убиствата и политичките мешаници на туѓите влијанија.
Сето тоа означуваше дека народот е излажан од сметкаџиите, кои основале ново акционерско друштво, наречено „народен блок“ за експлоатација со помошта на власт, за сметка на старото такво, наречен „демократски зговор“, кое произлегуваше од деветојунските кругови.
Така се објаснуваа причините, поради кои луѓето од блокот вршеа насилие над излажените маси. Се објаснуваат уште и со тоа, како да, со насилијата, блоковата власт се бендисуваше на тој, што ги раздаваше добрините, замесени со крвав квас.
По прашањата за надворешната политика народниот блок остана да го следи правецот на урнатиот од власт „демократски“ зговор. Народниот блок не ги направи јасни своите односи спрема соседите на Бугарија. Заради тоа и непријателствата на соседите растеа спрема неа не со денови, туку со часови.
И во средината на тоа непријателство кое се наголемуваше се створи балканскиот пакт, кој укажа влијание врз судбината на самиот народен блок, врз самата судба на Бугарија, која беше потонала во внатрешни противречија и убиства и која беше изгубила физиономија на правна држава.
БАЛКАНСКИОТ ПАКТ беше сторен после АНКАРСКИОТ СПОРАЗУМ помеѓу Турција и Грција, потпишан на 14 септември 1933 г. во Анкара. Една засилена дипломатска дејност на Балканот, линиите на која беа одбележаени од победителите на Првата светска војна, против ревизионизмот; го создаде Анкарскиот споразум приготви и Балканскиот пакт, кој што се потпиша на 9 февруари 1934 г.
Образувањето на Балканскиот пакт беше еден почеток на заплашување на Бугарија заради несогласијата, што таа ги сееше со четничкото движење, праќање на чети во Грција, а најмногу во Југославија. Во почетокот и за времето на создавањето на тој Пакт, Бугарија се свитка. Но фашистите од Италија и хитлеровистите од Германија и’ дадоа потстрек и таа одново појде по својот стар пат. Заради тоа и министерот на внатрешните работи Никола Мушанов ги нарече договорените земји што го образуваа Балканскиот Пакт – „пактоманци“, а нивната политика – „пактоманија„. Мислењето на Мушанов беше јасно кусогледство. Но неговото кусогледство беше резултат кој произлегуваше од кусогледството на сите слични на него Бугари „дипломати“, агенти на цар Борис.
Пактоманијата на Никола Мушанов го наоѓаше своето конкретно објаснување во злочинските совети, што и’ беа давани од бившите министри на круната со кои Мушанов се советуваше за поважните прашања од надворешната политичка природа. Пактоманијата очигледно го стегнуваше обрачот околу Бугарија, кој беше направен од тие што го потпишаа Пактот. Како сите царски министри, така и тие од народниот Блок, не ја гледаа опасноста за Бугарија. Во нивната политика како битно прашање си остануваше личниот успех. И тоа беше, што ги движеше; тоа беше што ги тераше да барат врски со неодговорните фактори, со „Реалните сили“, како што се изразуваше Димитар Гичев на своите блиски партизани. Врските со неодговорните постануваа на базата на откриената груба котеријност за натурање на својата партијна волја над здружените од сопственичкото спекулативно друштво, наречено „Народен Блок“. Врските на министрите од Народниот Блок со неодговорните фактори – „Реалните сили“ – имаа таква политичка особеност, што се поврзаа, се свидеа на круната, која го одушевуваше конспиративниот дух на разни одделни конспиративни групи, кои постоеја секоја во својата одделна клопка, натокмени да разнесуваат политички смрдеж во бугарскиот општествен живот. Тој начин на допаѓање пред круната, тој начин на осигурување со круната го правеше секој бугарски министер неспособен да ги гледа во територијата на Бугарија и вон неа вистинските патишта, по кои треба да оди народот и државата.
Врските на министрите со неодговорните фактори – „реалните сили“ – ја имаа уште и таа главна политичка особеност што се поврзаа, се определуваа кон едната (германска или кон другата (англиско-француската) ориентација за надворешната политика, станувајќи изразители на двете бугарски буржоаски групи, кои беа разделени по надворешната политика на Бугарија.
Само така може да се објасни поврзаноста на Димитар Гичев – министер на земјоделието – со генералот Иван Волков – министер на војната. Само така може да се објасни поврзаноста на Вергил Димов – министер на трговијата, со Иван Михајлов и министерот на судството – Врбенов со Иван Михајлов. Само така може да се објасни поврзаноста на министерот на полицијата – Гиргинов со Петро Шанднов и министерот на надворешните работи – Никола Мушанов со Иван Михајлов и т.н.
Тие министри слично на своите предодници од „Зоговорот“ ја котираа својата општествена и министерска вредност на конспиративната берза и не ја тражеа својата цена и сила во силата на народот, кој им ја даде довербата да управуваат. А не ја тражеа затоа што изневерија на неговата борба за повеќе леб, слобода и поарен живот, за повеќе социјална правда и мир.
И баш заради тоа и убиствата не запреа.
Најтрагична беше положбата на министрите од земјоделскиот сојуз, кои беа последователи на Стамболиски и министри во Кабинетот на „блокот“ – Димитар Гичев, Вергил Димов, Коста Муравие и Георги Јорданов. По лизгавиот пат на опортунизмот и во сојуз со неодговорните, тие ги уриваа принципите на народната власт и демократијата и низ политичкиот кал го расипуваа моралното наследство на Стамболиски.
Тој контакт значеше упадок на боречкиот карактер на еден дел од земјоделската интелигенција која беше корумпирана до мозокот на коските и особено Гичев, Вергил Димов, кои за време на изборите за народни претставители во Горно-Ореховско, преоѓајки преку трупот на својот противник Грозјко Константинов, кои исто така во своето паѓање отидоа до таму, што се сликаа во Рилскиот манастир со целатот Иван Михајлов и неговата жена Менча – таа што го отепа честниот македонски револуционер Тодор Паница. А тие се сликаа затоа што им требаа „реални сили“, т. е. конспиратори, кои се во блиски врски со царот.
Во средината на таа лутаница на безодговорност на политичка неправда и економско угнетување, на непријателство и одмазда која се пројавуваше во секојдневните убиства, сосема необјаснето се збркаа и некои прогресивни активности и членови на В.М.Р.О. (обединета).
Не познавајќи ги битните причини за произходот на бандитизмот а нарочно причините на секојдневните политички убиства ЦК на В.М.Р.О. (обединета) преку својот член Симеон Кавракиров влезе во врска со протогеровистите и започна преговори за меѓусебно содејствие и за потпомагање во борбата на протогеровистите против михајловистите.
Тој контакт беше корисен за протогеровистите и тие ги засилија своите позиции на софиска база. Од тој контакт со обединистите, тие ја подигнаа пред приврзениците на францускиот политички систем својата боречка цена. Политичкото предимство од тој контакт беше тоа, што тие по тој начин добиваа кредит меѓу масите и полесно врбуваа свои терористички кадрови, потребни за борбата против михајловистите.
На протогеровистите многу им помогна француската дипломатија на Балканот. Тоа го натера министерот на полицијата да застане на позициите на протогеровистите, кои се засилија и прејдоа во напад. Овој пат почнаа да паѓаат видна михајловисти. Застрелан беше и Димитар Михајлов – претседателот на М.Н.К. членот на М.Н.К. – Штерјо Божинов, видниот михајловист Ване Параспуров, Атанас Михајлов, Јордан Ѓурков, Мито Гјуздана, Мане Наташев и др.
Но и покрај променувањето на курсот, при преминувањето од италијанскиот фашизам кон францускиот систем и жртвите за зацврснувањето на италијанското влијание, француското влијание не можеше да се зацврсне.
Во истото време, кога политичките убиства беа при полн ек, се зароди и прогресивното македонско движење. Во гевгелиското братство организира и читалиште, кое го нарекоа „Роден крај.“ Роднокрајците станаа носители на едно чисто македонско сознание. Роднокрајците започнаа да ги изучуваат македонските централистички вистини. Читалиштето помагаше за идејното ориентирање на гевгелиската емиграција. Братството подигна братски дом и разви културно-просветна работа, која ги дотеруваше до беснило членовите на М.Н.К. Во сеќавање остануваат изборните борби за раководство на братството, кои секогаш се извршуваа во присуство на луѓе од МНК и кои секогаш се касираа и извршуваа повторно, но секогаш со победа на прогресивните раководства, Во историјата на емигрантското прогресивно движење, гевгелиското братство се оформи како масовно прогресивно братство. Тоа ја спечали омразата на реакцијата и ја плати извојуваната слобода за дејност со крвта на својот добар и одан син на Македонија и член на братството Павел Поп Пандов од с. Богданци, Гевгелиско. Гевгелиците први застанаа на линијата за борба против политиката на МНК и убиствата.
Се сподели надеж во иднината, таа во тешка борба при софиските политички услови, и тие се појавија како носители на прогресивната мисла со живиот збор, брошури, предавања, реферати, вечеринки и утрени забави. Тие ја издигнаа како знаме колективната волја, колективните решенија на организираната маса во братството. Тие ги поддржуваа само тие решенија кои беа продукт на собранието, земени во македонско дух и против производните распоредувања на луѓето од М.Н.К. и против неправилните директиви и мешања однадвор.
Таа пракса тие ја наречуваа прогресивна. Се за масата и се со масата. Така, по тој начин се разбудуваше чисто националниот дух на масите во братствата и се спремаше отпор против политиката на МНК, која насадуваше против македонски чувства и разбирања помеѓу македонската емиграција во Бугарија, за правилното поставување на македонското прашање, кое се користеше и од задграничната централа во полза на Б.Р.П. (к).
Целата таа прогресивна и отворена македонска работа на гевгеличаните, ги воодушеви работниците во братствата, кои го одобрија тој пример. Како резултат од тој пример, членот на ЦК на ВМРО (обединета) Симеон Кавракиров влезе во солунското братство, стана член на братството и беше избран за секретар во управата на братството. Раководејќи се од гевгелискиот пример, во управата на кукушкото братство беше избран Христо Трајков, работнички народен представител; во велешкото Александар Мартулков, исто така работнички народен преставител; во дојранското Кирил Илиев, член на ВМРО, (обединета) ит.н.
Тоа поврзување на македонските прогресивни работници со масата од братствата го помагаше развитокот на едно силно емигрантско прогресивно движење, по сушност опозиционо на врховистичкото раководство на МНК и кое се бореше против великобугаризмот и политичките убиства. Прогресивната мисла по таа линија ги завладеа и провинцијалните братства на компактната емигрантска маса во Варна, Пловдив, Плевен и др. За развитокот на свеста и емиграцијата, за покорисно исполнување на нејзиниот борбен долг тоа приоѓање даде положителни резултати. Но одот за пошироко развирхување на борбата по чисто национална македонска и прогресивна линија во братствата се запре од погрешно дадената директива на ЦК на ВМРО (обединета). Соработката на обединистите со протогеровистите ги збуни мнозина од прогресивните работници во братствата и ги фрли во недоумение. Против создадената на ваков начин фактичка положба одозгора, се создаде реакција оздола. Мнозина од братските работници се сопротивија на соработувањето и поврзувањето на обединистите со протогеровистите. Самиот Симеон Кавракиров го прими тоа не со желба, но со наредба.
Во меѓуцарството, во времето кога се тепаа протогеровистите со михајловистите, Симеон Кавракиров створи своја мрежа во царството на Иван Михајлов во Пиринска Македонија. Комунист по убедување и со ленинска спремност за националниот вопрос, тој го соединуваше легалниот метод на борба во братствата со конспиративните методи на работа помеѓу македонскиот народ во Пиринска Македонија, каде што секоја легална работа беше одземена и невозможна.
По прашањето за контактот со протогеровистите Симеон искажа надеж дека протогеровистите ќе ја примат идејата на централизмот и ќе се искажат како Македонци. За да го докаже тоа тој се запираше на нивниот весник „Слобода или смрт“, кој запре со излегувањето и на неговото место се основа „Револуционерен лист“, кој започна да пишува во македонски револуционерен централистички дух. Во сушност вистината беше друга. Променувањето на весникот и пишувањето во тој дух беше еден маневар. Тие се чувствуваа слаби со кадрови. Требаше да се измени курсот на пишувањето, за да се привлече вниманието на прогресивните сили, од каде што тие веќе започнаа најпосле да врбуваат кадар.
Тој маневар на пишувањето на централистичка линија го започнаа и михајловистите. Тие веќе престанаа да пишуваат за Тодор Лазаров. Многу малку и одвреме навреме пишуваа за Тодор Александров. А Христо Матов тие веќе го беа изоставиле. Тие се наречуваа внатрешни и постојано, макар и плашливо, зазборуваа за Делчев па дури и за Сандански, кој беше отепан од луѓето што се бореа во нивните редови.
Во својата демагогија, михајловистите почнаа да позволуваат чисто публично револуционерни изрази, кои често беа повторувани во говорите на Васил Василев, политичкиот секретар на МНК, како тие биле револуционери и пореволуционерни и од комунистите и како да се војници против војната, како се готват да објават војна на војната. Се разбираа тие ја имаа во предвид ревизионистичката фашистичка и империјалистичка војна за превласт и прерасподелување на пљачката од Првата светска војна.
Но тие сите заедно, со тие свои средства се најдоа во една смешна положба, поради тоа, дека делото на Делчев и огништето на централизмот се наоѓаше внатре во самата Македонија. Михајловистите како и протогеровистите стоеја на софиска основа и се изразуваа со својата мисла, со чувствата, и со разбирањата така како што се пројавуваа сите агенти на буржоазијата и на круната за македонското прашање. Тие не беа никаква боречка македонска формација и страна во своите борби, а беа родени од идеите на големобугаризмот, што ги одгледал за свои шовинистички цели.
Обединистите беа апротивположна, конструктивна сила, врбувани од останатите живи санданисти и федератисти и од луѓе со ленински разбирања за националното прашање. Поради тоа тие наоѓаа основа за влијание и работа и во трите дела на распарчената татковина Македонија и меѓу емиграцијата во Бугарија и меѓу таа отаде океанот.
Во врска со работата меѓу емиграцијата, тие направија грешка во контактот со протогеровистите, мислејќи, дека по тој начин ќе го забрзаат урнувањето на михајловистите. Но тоа беше едно самозалажување, кое не наоѓаше оправдание од ниедно гледиште и не можеше да биде потпомогнато со никаков мотив. Затоа што слабоста на едната или другата страна на тие што се тепаа беше во зависност од силата или слабоста на фашистичката административна власт, од потребата неа да ја заплаши другата страна. И сето тоа од настроенијата, расположенијата, и династичките интереси на царот и интересите на империјалистички настроената буржоазија спрема Македонија, која се нуркаше по него, занесувана секогаш од надворешно политичките влијанија и ефекти на големите империјалистички држави.
Со своите врски обединистите сами се подметнаа под куршумите под михајловистите. Но тие со тоа исцело ја заангажираа и прогресивната емигрантска маса, која што не можеше да не ги заштити, како што ги заштитуваше сите жртви на фашистичкиот терор.
Поради поврзувањето со протогеровистите беше навредено и движењето во Добруџа. Тоа беше масовно прогресивно движење. Гевгелиската емиграциа беше во врска со движењето во Добруџа. Добруџанскиот јавен работник Иван Георгиев зборуваше во Гевгелискиот дом од името на добруџанската емиграција на свечано собрание и свечано го поздрави собранието на гевгелиците, кое беше одржано во чест на паднатите борци во Гевгелиско во борбата против османлиите. И добруџанското движење плати крваво за погрешниот чекор за збижување со протогеровистите. Водачот на емигрантското движење, д-р Петар Вичев, беше доверено лице на македонскиот Азев, Мишо Шкатров, кој играше ролја на обединист и тој македонски Азев го поткажа Вичева на полицијата, ги разоткри и обединистите и добруџанците пред михајловистите.
Михајловистите дознаа за врските на обединистите со протогеровистите. Тие врски се дознаа од нивните взаимни односи и односите во работничкиот печат. Во в. „Работнически весник“, па и во в. „Македонско знаме“, се пишуваше, дека михајловистите се банда, а протогеровистите странка. Тоа становиште за „банда“ и „странка“ беше неправилно. Во тој случај ниту протогеровистите беа странка ниту михајловистите беа странка, а и едните и другите беа банда, слично на американската Ал Капоне, со таа разлика, што таа банда од македонско потекло беше групирана под влијанието на паричните знаци отпуштени од дворот и од фашизмот за политичка цел, а за нејзино разединување на две групи. Ние веќе за тоа зборуваме и на секого му е јасно за причините на нивното меѓусобно тепање. Но тогаш по злонамерната директива од раководството на БРП (к), спроведена преку својата егантура во раководство на ВМРО (обединета), како што беа луѓето од типот на Владимир поп Томов и Јордан Анастасов, ја дадоа директивата на Симеон Кавракиров да ја поврзе обединетата со протогеровистите со цел да се истури тепањето не врз бугарските комунисти од ВМРО (обединета), кои наедно со комунистите от Б.Р.П. (к) создадоа настроение во корист на протогеровистите по сфаќање за „странка“ и „банда“. Тоа настроение и тој однос започна уште во пролетта во 1931 година. На едно предизборно работничко собрание во театарот „Ренесанс“ македонскиот прогресивен деец Александар Мартулков ги нарече михајловистите „банда“, а за протогеровистите не рече ништо лошо. Положбата стана таква, што самиот Мартулков беше во тајни врски со протогеровистите. И Христо Трајков од кукушкото братство, и Коста поп Пандов, од гевгелиското братство, и други некои прогресивни работници беа се поврзале со протогеровистите, а таа мешаница го имаше тој резултат што подоцна стана отепувањето на обединистите од страна на михајловистите.
По докладот на Коста поп Пандов до ЦК на протогеровистите се забрза убиството на Мино Паржолата, кој по убиството на Мито Хејзданов во софискиот бегалски гевгелиски реон, на негово место беше мандатот на Иван Михајлов и со специјална инструкција да го умири гевгелиското братство, т. е. да го стави под волјата и распоредувањата на МНК и на Иван Михајловата ВМРО.
Во куќата на Михаил поп Кочов во гевгелискиот реон се одржуваа состаноци и стануваа разменувања на мисли како да се преземе раководството на гевгелиското братство од михајловистите. Конспиративно влезнатиот фашист Михаил поп Кочов на едно советување во неговата куќа го предаде решението на Иван Михајлов доброволно да се повлече раководството на гевгелиското братство или во против случај да се прејде преку трупот на раководството и да се преземе братството. Замешан во таа борба на страната на Иван Михајлов, Мино Паржолата бива отепан, а Михаил поп Кочов, по настојувањето на самите членови на раководството од братството, се спаси. Михаиловистите го убија и Христо Трајков.
Портив убиството на Христо Трајков се возбунтува целата работничка класа и од сите страни на Бугарија постапуваа протести како следниот:
ПРОТЕСТ
На продолствените работници при НРПС плоштад “Џумаята“ град Пловдив.
Убиици! С убиството на другаря Христо Трайков вие стрелявте во срцето на работническа класа, на работническа България! Вие палетата од ВМРО, верни кучета на българскатабуржоазия опрскахте лицата си със свештената пролетерска крв за да могат подобре да ве опознаят българските работници, селяни и бежанци.
Протестираме и се обрщаме към всички български работници, селяни и бежанци, да видат кои са нашите врагове тъй штедро поткреплени од всички буржоазни правителство на България, вклучитено 21- юнците-гичевци и мушановци. На край извикваме:
Долу бандитите на ВМРО който нарниха другаря Мартулков и однеха живота на другаря Трайков.
Долу полицайите од министерството на Народната просвета, които изгониха 26 народни учтели по сред гладна зима.
Долу новият закон за печата!
Долу закона за защита на државата!
Трговски и дипломатически врски със првото пролетарско отечество СССР.
Долу войните!
Мир и братство между народите!
Долу българската буржоазия във лицето на народния блок, която носи смрт и глад на нас трудящите!
За Христо Трајков ќе се повратиме да зборуваме во дел XII.
Така се беа заплеткале работите во братствата поради умислено дадена линија за погрешен метод на работа, што наши прогресивни луѓе стануваа оружје на протогеровистите и ги предизвикуваа да извршуваат дури и убиства за наша сметка. Тоа беше една неприродна појава, издиктирана од надвор, заради кое прогресивните Македонци платија крваво, не неопходно за целите на нашата идеологија и борба.
Дури по преминувањето на михајловистите во акција против дејците на ВМРО (обединета), во која беа отепани Христо Трајков, Христо Хролев Графа, Божидар Митрев, Митко Сурлев, Павел поп Андонов и др. по одвлечувањето на членот од ЦК на обединетата, новото раководство на ВМРО (обединета) прејде на јасни позиции кон непријателските терористички групи. За тој однос придонесе и околноста што по тоа време во раководството на ВМРО (обединета) беа вклучени Симо Касабов, Димитар Попаџаков и Цилјо Бистрицки – луѓе политички спремни и со јасно ленинско становиште по националното прашање. Тие го поставија прашањето не за контакт со едната или другата терористичка групација, туку за масовна борба и разјаснителна работа помеѓу емиграцијата и населението во Пиринска Македонија, за полното изолирање и изобличување на тие терористички групи како слуги на бугарската империјалистичка буржоазија.
Во ВМРО (обединета) стана јасно дека индивидуалниот терор како средство за борба против михајловистичкиот бандитизам и фашизам, кој се опираше на вооружената сила на бугарската држава не можеше да доведе до добар резултат, без создавањето на револуционерна положба во земјата – или со други зборови кажано, без поврзување со работничката партија за координирана дејност и користење на дадената револуционерна положба за едно општо вооружено народно востание за соборување господството на буржоаската клика. Вистината бара, да кажеме, дека ВМРО (обединета) по начело не се држеше за индивидуалниот терор. Но контактот со протогеровистите по линијата за едно политичко зближување доведе до подржувањето и укрепувањето на нивните терористи, оттука и потпаѓањето на некои побујни обединисти под линијата на индивидуалниот терор заедно со протогеровистите и во нивна полза.
Првите, кои подпаднаа под влијанието на протогеровистите беа, 17-те прогресивни младинци што побегнаа од Неврокопско, кои отидоа во внатрешност на Бугарија (Пловдив) за да бараат спас од тероро на михајловистите, кој беснееше во Пиринска Македонија. Нивната омраза против михајловистичкиот бандитизам беше толку силна, што од Пловдива веднаш беа испратени на разни места да отепуваат михајловисти.
Тука му е местото да кажеме дека и Работничката партија (к), која што исто така беше засегната од теророт на михајловистите, како што ќе видиме понатаму, го прими патот на самоодбрана не по пат, на контрагентство, со една категорија фашисти а низ масовна борба, масовни демонстрации, низ масовен отпор, собранија и објаснувачка работа за македонското прашање и за задушување на разбеснетиот терор. Но тоа беше подоцна по убивањето на секретарот на работничката партија, Пет-Напетов и други класни работници обвинети како учесници во заимните истребувања кои беа застанале од страната на протогеровистите. И намерно, ќе видиме понатаму, како „Работнички весник“ ги наречуваше протогеровистите „странка“, а михајловистите – „банда“.