Политичките убиства во Бугарија/Дел VII. Крвавите дела на реваншизмот и врховизмот
Убиството на Г’орче Петров (28 јули 1921 г.) Пиринскиот протокол. Зацврснувањето на лажните автономисти. Убиството на воениот министер Александар Димитров (30 октомври 1921 г). Како загина Федератистичкиот војвода Крум Зографов. Борбата мег’у федератистите и лажните автономисти. Нападот против Неврокоп и К’устендил (6 декември 1922 год.) Фронтот на федератизмот.
Причините за убиството на Ѓорче Петров се коренат во стремежот на реакцијата за да го подготви општеството за убиството на воениот министер Александар Димитров. Ѓорче Петров беше најистакнатиот соработник на земјоделската власт и затоа неговото убиство се готвеше како етапа за преминување кон убиството на Александар Димитров. Таа етапа се подготви психолошки со списи и измислици, кои ги распространуваа лажните автономисти дека тие, обајцата, готвеле завера за убивање на сите стари Фердинандови лакеи.
Решение за убиството на обајцата се донесе на едно конспиративно собрание во Софија. Реваншистите често се собираа во домот на полковникот Каблешков проф. Никола Милев, Рашко Маџаров, полковникот Коста Николов и други. На тие конспиративни состанци се расправаше прашањето за уривање власта на земјоделскиот сојуз, на чело со Александар Стамболиски, преку преврат, како и за неговото убиство. На состанците по тие прашања како најмеродавно се сметаше мислењето на Тодор Александров. Кога реваншистите решија кога и како да го убијат Стамболиски, Александров се искажа најнапред за убиството на Ѓорче Петров, оти во неговото лице тој гледаше човек, кој му ги растураше сите негови планови со конспиративен карактер. По негово мислење со тоа решение ќе се убие човек, верзиран по сите македонски и други внатрешни прашања од политичка природа, човек-добар советник на Стамболиски и Александар Димитров. Ѓорче Петров беше човек што ги разрешуваше и најзаплетените прашања од македонски внатрешен и надворешен политички карактер, а освен тоа сметаше дека е нужен искрен споразум со Србите. Тој беше феномен на мислата, човек од принцип. При софиските услови многу морални сили се уништија, многу македонски дејци се расипаа, но Ѓорче Петров успеа да се запази од предавство и да се спаси во бурата на политичките убиства по Уриетот и во предвечерието на Првата светска војна.
Тој истиот Ѓорче Петров беше човек кој му рече на Фердинандовиот пратеник да му каже дека македонскиот народ не му дал полномошно да влезе низ задната врата на дворот и да го претставува пред крунисани глави, туку го ополномоштил да гопретставува само пред бугарскиот народ.
Ѓорче, советникот на Стамболиски и Александар Димитров, го запираше секое започнато дело на Тодор Александров и Протогеров. Ете зошто Тодор Александров им изјавуваше на своите пријатели и завереници против земјоделската власт:“ Пред да го убиеме Стамболиски, ќе треба да го убиеме Александар Димитров, а пред обајцата Ѓорче Петров.“
По тие причини најнапред беше убиен Ѓорче Петров. За неговото убиство му беше испратено едно Турче, кое беше слуга на големиот тутунски трговец Анго Попов, родум од Кукуш, а живееше во Пловдив. Анго Попов беше еден од членовите на престапната тајфа на Тодор Александров. На 28 јуни 1921 год. Реџеп го уби Ѓорчета во Софија и се скри во куќата на жената од Тодор Александров. На идниот ден весниците ја опишаа биографијата на Ѓорче Петров. Госпоѓата на Александров ги читала весниците, а Реџеп ги слушал. Откога го завршила читањето, Реџеп се обрнал кон госпоѓата и и’ забелжил: „Госпоѓо, па тој бил добар човек, тој бил голем човек, зошто ме натераа да убијам таков човек“. Александровата жена му го кажала тоа на мажа си, и тој веднаш го повикал при себе си и наредил да го исечат на парчиња, за да се скрие вистината поради неговото каење. По желбата на реваншистите, Тодор Александров направи план и за убиството на Александар Стамболиски, спрема кого, за да се убие Стамболиски ќе биде нужно да се мине преку труповите на Ѓорче Петров и Димитров. Во лицето на Ѓорчето Александров гледаше ум, а во Димитров волја. Тие обајцата прилично ги засегаа интересите на реваншистите. За нивното убиство требаше да се внимава, додека за оноа на Стамболиски, по негова мисла, беше многу полесно. Така беше се изразил Тодор Александров пред полковникот Коста Никилов, кој по 9 јуни беше толку нахален што прикажуваше на сите страни.
По македонското прашање Александар Димитров го спречуваше патот на врховистичката агитација меѓу населението од Пиринска Македонија и меѓу емиграцијата во Бугарија. Во една своја реч пред својата смрт, пред Ќустендилското граѓанство, Димитров остро ги нападна лажните автономисти Тодора Александров и Александар Протогеров и изјави дека земјоделскиот сојуз и земјоделската власт се искрени сочувственици на македонската автономистичка идеа, а не тие царски лакеи, што тргнале да го заблудуваат народот со нечесни намери и цели.
Во врска со дејствата на лажните автономисти и убиството на Александар Димитров – еве што пишува еден од бившите четници на Тодора Александров, а подоцна негов противник: „Бидејќи во борбата на Александров најважен аргумент му беше теророт, затоа тој го замисли и организира убиството на најенергичниот човек од владата, за каков го сметаше Александар Димитров. Та затоа тој сакаше да го убие побргу него отколку Стамболиски, оти се плашеше после убиството на Стамболиски Димитров ќе застане на чело на владата и посмело ќе ја води борбата против своите противници, односно и против него“.
(Од брошурата на Славчо Иванов: „Кој беше Тодор Александров“ стр. 30).
По иницијатива на реваншистичките кругови после Првата светска војна беше се создало офицерско друштво, наречено „Воена лига“. Со своите логички разбирања А. Димитров ги расколеба членовите на офицерството од „Воената лига“ и таа доброволно серастури. Пред нејзините членови тој говореше: Господа, конспирацијата не прилега на офицерите, зашто таа го изложува нивниот авторитет со своето мешање во внатрешниот живот на земјата. Офицерите конспиратори се јавуваат како носители на најопасни преседани, кои го растројуваат општеството и државата. Вашата „лига“ е тајна „таа и не може да се движи по средината, оти постои опасност да се појави како реакционерна сила, која ќе им служи на крахистите во Бугарија . . .“
Занаејќи го тоа, реваншистите за да навлезат одново во армијата и за да ја возобнова одново „Воената лига“, решија по секоја цена да го убијат воениот министер. Тој задаток тие го возложија на Тодора Александров, кој го беше добил името „шлифуван заседаџија“, инаку разммазен наемник колач на круната кому му беше дадена право да убива без да биде казнет. Пред Балканска војна по негова наредба беше убиен тиквешкиот војвода Добри Даскалов. По негова наредба ги убија и раководителите на селата: Сирминин – Илија Велев, и на с. Баравица – Коста Гацев, па поројскиот војвода Гоно Иван Кехајов, кратовскиот војвода Дончо Ангелов и многу други дејци со цел да се компромитира уриетот, и најпосле се стигна до убиството на Г’орче Петров и Александар Димитров.
За убиството на Александар Димитров Тодор Александров испрати една група четници, на чело со војводата Панче Михајлов и Иван Брло, кои, вооружени со карабини, поставија заседа на патот за с. Козница, родното село на Димитров, и на 30 октомври 1921 година го дочекаа и убија.
По смртта на Димитров, военен министер стана еден од земјоделските дејци, Коста Томов. Тој немаше својства на општественик ниту на револуционер, ниту на државник. Реваншистите го осетија и се восползуваа од неговата бескарактерност. Со негово знаење се воспостави „Воената лига“ – Томов и’ ги разврза рацете на конспирацијата. Под негова заштита во Македонија под бугарска власт Тодор Александров ја воспостави и зацврсна наполно својата конспиративна мрежа, наречена ВМРО, нужна за целите на реваншизмот и борбата на реакцијата за реставрација на старите крахувачки партии во Бугарија.
По смртта на Г’орчета немаше кој да ги заштити македонските маси од вовлечувања. Привременото претставителство, за кого веќе зборувавме, клатејќи се меѓу работничката партија (к) и водачите на владеачката земјоделска партија, веќе се беше распаднало.
Со убиството на Г’орче Петров и Александар Димитров, Тодор Александров стана знаме на бугарската реакција. Потпран здраво на мрачните сили и фактори, добро субсидиран и вооружуван од нив самите, тој некрунисан цар, заедно со нив, се реши за сметнувањето од власт на Стамболиски.
Александров и темните сили на реакцијата сметаа дека со убиството на Г’орче Петров ќе се парализира секаква македонска централистичка и прогресивна дејност меѓу емиграцијата и населението во Пиринска Македонија и дека со убиството на Александар Димитров ќе се намали сопротивата за кутнувањето на земјоделската влада од власт.
Во тој правец реакцијата беше охрабрена и потпомогната од предавниците на „Бугарскиот народен земјоделски сојуз“, кои беа станале тајни агенти на реакцијата. Карактерно е дека непостојаните министри и други колебливи членови на БНЗС од врвовите на сојузот на власта беа свиле раздорно гнездо во средината на сојузот, и, водени од лични интереси, систематски го подготвуваа недоволството меѓу сојузната управа, и на конспиративни начала, некаде директно некаде индиректно ги потпомагаа круговите на реакцијата. На чело на внатрешниот конплот на земјоделскиот сојуз стоеше воениот министер Коста Томов, кој го зеде тој ресор по смртта на Александар Димитров. Стамболиски веруваше дека во неговата сојузна група има непријатели, ама никако не можеше ни да замисли дека најцрниот меѓу црните ќе биде Коста Томов, кому му го беше поверил воениот ресор.
Своевремено реакцијата на македонскиот сектор дејствуваше умело. Ние веќе зборувавме, кога луѓето на Александров – оние од „Исполнителниот комитет“ се соединија со луѓето од „Привремената комисија“ – на архитектот Јуруков. Тоа беше една итрост и акт за сопирање на самостојното федератистичко развивање. Друга една итрост александровците извршија пак кога ги повикаа федератистите во Тирана на преговор. На состанокот од страна на александроовците присуствуваа Протогеров и Петар Чаулев, а од страна на федератистите д-р Атанасов, Крсто Лиондов, Крум Зографов, Павел Христов, Христо Цветков и Ангел Василев. Тие донесоа решение под името „Тирански Протокол“. Во тој протокол се спомнува обединението на сите распаднати македонски сили и дека се става начело на единството меѓу Протогеровистите и Јуруковците. Но тој споразум не беше искрен, оти беше само примка за разузнавање. Сам Александров не го потпиша „тиранскиот протокол“, а Протогеров се откажа од своите обврски и од својот потпис.
Верни на своите потписи и на идеата да се свика општ конгрес на бившите дејци, кои ќе изберат едно раководно тело, преку летото на 1922 година федератистите екипираа неколку чети, определени за разни реони на Македонија под бугарска и српска власт, и на чело со Крум Зографов, родум од Велес, заминаа за Македонија. Но штом стигнаа со четите во кратовскиот крај, каде што требаше да се состанат со Тодор Александров за да го определат местото на конгресот,тие беа предадени баш од него на српската џандармерија, а преку едно нарочно определено за таа цел лице, кое и соопштило каде се наоѓаат четниците на чело со Зографов. Војската и џандармеријата српска ги обиколува, настанува борба, во која загинува и самиот војвода Зографов. (Види ја брошурата „Каков беше Тодор Александров“ Од Славчо Иванов, стр. 48 – 49).
По тој начин иницијативата на федератистите за издигање на старата ВМРО преку создавањето, внатре во поробената земја, еден избран централен комитет пропадна. Крум Зографов таа идеа ја плати со својот живот, предаден од еден фиктивен и лажен член на ЦК на некаква си ВМРО, каков што беше Тодор Александров, кој никогаш не се јавил преку својот живот ни на каков конгрес и кој никогаш не бил избиран за член на кој и да било Ц.К. на ВМРО.
Создал своја база и конспиративна формација во Бугарија (Софија) и во контакт со новообразуваната „Воена лига“ на воениот министер Коста Томов, Тодор Александров стануваше од ден на ден се поопасен за режимот на Стамболиски и за слободното пројавување по чисто македонска линија на оние Македонци, кои би сакале да заминат меѓу народот во трите дела на Македонија.
По таков начин Александровата ВМРО, како пододдел на врховизмот, израсна до степен на една организирана сила, која почна дрско да го нарушува политичкиот живот на Бугарија и мина во фаза на откриени напади.
Неазвисно од врховистичката организација на Александров и Протогеров, во Петричкиот крај беше се создала една друга конспиративна сила – онаа на Алеко Василев, наречен Алеко паша. Алеко беше бивш четник од серските чети. Тој стана илегален на индивидуални начела, подгонет од власта заради вршена контрабанда со стоки од Грција. Во летото на 1922 година Тодор Александров, за да го привлече Алекса на своја страна, влезе во врска со него и од името на еден импровизиран ЦК на чело со Александров, Протогеров и Чаулев го склони да се потчини на тој импровизиран ЦК. На Алека најнапред му беше испратено едно окружно писмо, во кое александровците лажеа: 1. Дека ВМРО се возобновува за да се бори за ослободувањето и обединувањето на распарчената меѓу Бугарија, Србија и Грција – Македонија, во една географска и политичка целина како самостојна држава, и 2. Дека ВМРО нема да се меша во внатрешниот живот на Бугарија...“
Алеко, и сам опфатен од идеата за ослободувањето на Македонија, им поверува на александровците и отпочна агитација меѓу населението од Пиринска Македонија дека Александров ги прима принципите на Сандански. Откако го испрати окружното писмо, водејќи агитација за потчинувањето и признавањето на Александровиот ЦК, од секаде му се возразуваше дека Александров не е свесен револуционер, дека е непоправлив преданик на македонското дело, дека не треба да му се поверува, оти е царски агент и друго. Но Александров со демагошки потфати беше го привлекол кон себе си Алека, кој со себе си поведе мнозина стари санданисти како Бујанов, Манолев, Говедарчето, Медникаров, Пенков и други.
Тоа окружно писмо и агитацијата на Алека изиграа една демагошка улога во полза на врховизмот. Во редовите на организацијата на Тодор Александров, поради помошта на Алека, влегоа и некои идеалисти (анархисти) заедно со сестричникот на Гоцета Делчев, Тодор Чопов, па Иван Брато, Дерменџиев, Асен Даскалов и други, кои Тодор Александров ги исползува за терористички цели. Така, на пример, Иван Брато го испрати во Гевгелија за да го стрела бившиот македонски ениџе – вардарски војвода – Иван Палош, а Асена Даскалов го определи да фрли бомба во ложата на министрите од кабинетот на Александар Стамболиски за време на една претстава во народниот театар.
Така се издигна ВМРО на Александров, кој заблудуваше дека неговата организација е приемница на Делчевата ВМРО.
Но сомненијата по однос улогата на Тодор Александров наполно се оправдаа. Тоа се разбра наскоро, кога федератистите успејаа во Тиранскиот протокол да добијат признание дека александровците дотогаш работеле како врховисти со присоединувачка тенденција. Поради тоа Тиранскиот протокол ги задолжи обете страни да го преместат седалиштето на ЦК на ВМРО во Тирана. Но, Александров, како забележивме погоре, откажа да го потпише Тиранскиот протокол, а без негова согласност протоколот ја губеше сета воја сила, бидејќи во рацете на Тодор Александров се наоѓаа паричните средства за финансирање на организацијата. Другите двајца, членови на така наречената Александрова ВМРО, беа само послушни фигуранти, пополнувајќи го комитетот, колку за оформување.
Алеко паша многу ја улесни задачата на Тодор Алексанров, оти имаше добри врски со Пирин. Масите од Пирин преку Алека станаа важна сила во рацете на Тодор Александров. По малку време после минувањето на Алеко паша од страната на Тодор Александров воените кругови замислија една акција против земјоделската власт на Александар Стамболиски. По тие причини и возможностите на 17 октомври 1922 година се случија така наречените Неврокопски собитија, во кои загинаа и неколку души неврокопци (Види го списокот, приложен кон крајот на оваа книга).
Нападот на Неврокоп беше добро обмислен од реакционерните кругови. Во тој напад преоблечени учествуваа и воени лица и луѓе на министерот Томов. Тоа се случи една утрина – на 16 октомври 1922 година. Нападачите го опкружија градот и го натераа Тодор Паница да се барикадира и се бори во самиот град. Започнатата борба траеше преку целиот ден, а и ноќта спроти 17 октомври. Но Паница со своите другари успеа да го пробие кордонот и да се спаси. Паднаа само некои од така наречените царски автономисти.
Паница остапи поради тоа што узна за вероломството на офицерите и за внатрешното предавство на владеечкиот земјоделски сојуз. Царските автономисти за да го прикријат својот состав, направија и една комедија. Тие јавно ја нападнаа казармата и запалија неколку дуќани во градот. Раздвижувањето на војската против нападачите беше стварно комедија, слична на онаа при нападот на Ќустендил.
По отстапувањето на Паница заедно со неговите другари царските автономисти извршија извесен број убиства. На 18 октомври 1922 година по повод на таа борба и комедијата на Алеко паша, кој стоеше на чело на експедицијата, бугарската и македонската општност се алармира со прочуеното окружно писмо бр. 62 дека силата на централистите се состоела од неколку чети кои го опкружиле градот и го принудиле мајорот Никифоров да не влегува во градот и да не ги гони. Тоа окружно писмо, полно со измислици, беше отпечатено во повеќе илјади примерци и беше растурано со пропагаторска цел.
После Неврокопските собитија се случија и така наречените к’устендилски настани, во кои беа искасапени исто така голем број луѓе. Истите царски автономисти, предводени сега од Панчо Михајлов и Иван Брло, една утрина го опкружија градот Ќустендил со цел да ги избијат или да ги отераат од нивните бази федератистите, каде што се беа сместиле, оти оттаму тие упаѓаа во Петричкиот крај и го обезпокојуваа Тодор Александров и Александар Протогеров, расипувајќи им ги плановите за кутнувањето и компромитирањето на земјоделската власт со убивањето на политички луѓе, приврзеници на земјоделската власт и кои не сакаа да влезат во составот на нивната царска организација. Но групата федератисти, што беа отседнале во Ќустендил, не знаеја дека силата на александровците лежи во круната и богатите слоеви, што се наоѓаа во власта, а водени како крило во земјоделскиот сојуз од воениот министер Коста Томов, со чие учество и согласие и се приготви планот за напад на Ќустендил. Затоа федератистите и се изненадија со учеството на војската од страна на царските автономисти, па затоа и на време отстапија.
И во Ќустендил, како и во Неврокоп, автономистите извршија приличен број убиства од политички карактер, односно на луѓе што не им го признаваа правото на Тодор Александров и Александар Протогеров да ја претставуваат Делчевата ВМРО. Сите тие одделни, групни и масовни политички убиства беа резултат на контранастапот на реакцијата, која имаше за цел да создаде психолошка подготовка за деветојунскиот вооружен военен преврат против земјоделската власт, кој се случи на 9 јуни 1923 година.
Сите тие крвни настани беа инспирирани, вдахнати и водени од круната, која во надвечерието на Деветојунскиот преврат пливаше во водите на италијанскиот фашизам, што дејствуваше против версајскиот мировен договор.
Неврокопските и ќустендилските собитија не беа сериозно проучени од страна на Работничката партија (к) и по нив не се донесоа никакви конкретни решенија. А владеечкиот земјоделски сојуз, респективно неговиот претседател – Александар Стамболиски им напомнуваше на своите сомисленици да го позат сојузот од внатрешни непријатели, но покрај тоа и самонадејно изјавуваше дека е тој во состојба и сам да се расправи со опасноста. Но таа самоувереност му дојде и до глава.
Кога се случија ќустендилските собитија на пријателскиот состанок меѓу Панче Михајлов и воениот министер Коста Томов, Стамболиски не можеше а да не го забележи предавството. Но мерките кои се превземаа не беа доволни да ја одстранат опасноста од реставрација на крахувачките партии и нивните тирански режими. Стамболиски не дејствуваше цврсто и решително против оѕверниот реваншизам, кој се беше обединил тајно и ја надигаше својата глава. Во моментот единствени беа федератистите кои одговараа на куршумите со куршуми, и тоа само донекаде ја возмутуваше реакцијата. Но власта на Стамболиски ни со нив не содејствуваше ефикасно, а во извесни случаи дури и им пречеше. Земјоделската власт ништо не направи да ги задржи федератистите во Ќустендил, а моментот беше таков дека беше нужно нешто да се направи, и тоа со вооружена сила против царските автономисти. Отседнатите федератисти во Ќустендил напротив, место очекуваната заштита, со помошта на земјоделската власт беа евакуирани во внатрешноста на Бугарија. А таа работа им улесни многу на Александровите луѓе.
Баш во најсилната борба меѓу федератистите и темните сили на реакцијата – автономистите, се појави и четата на Илија Пандурски. Тој беше со леви разбирања, иако неулегнати. Здрав, пргав, одличен стрелец, необично смел човек, и познавајќи ја месноста добро со својата добро вооружена чета тој им ги побрка плановите на лажните автономисти и направи меѓу нив голема паника. Пандурски со својата чета навлезе во Св. Врачкиот крај, уби некои одговорни луѓе на Алексанров и им објави војна на лажните автономисти. На помошт изјавија желба да му пријдат мнозина. Стојчо Чочков побара преку Димо Х. Димов средства од Работничката партија (к), но не ги доби. Димо х. Димов се плашеше да дејствува по таа линија за да не би го принудила борбата со оружје в рака да се појави како групација. А групациите веќе беа оцртани и мнозина мислеа да се спасуваат со лојален неутралитет. Само кметот на градот Дупница – комунистот Коста Петров, имаше определено становиште по прашањето за методите во борбата против лажните автономисти, но и нему партијата не му позволи да се определи како страна. Ама и покрај таа неутралност на 21 февруари 1923 г. Петрова го убија лажните автономисти, обвинет дека му помагал на Пандурски, иако тоа не беше вистина. Првземената акција на Пандурски беше стварно негов самостоен акт, па заради тоа тој и неможеше со својата чета да се одржи во борбата против организираната сила на лажните автономисти и беше принуден да ја премине границата и да навлезе во Македонија под српска власт, на која и и’ се предаде. А таа го приклучи кон една своја контра – чета, која дејствуваше во Малешевскиот крај.
Коста Петров беше убиен не поради давање некаква помошт на Пандурски, туку само поради неговата бистрина со која можеше да ја прецени положбата дека развитокот на лажните автономисти во лицето на Тодор Александров и Александар Протогеров е фактички почеток на борбата на реакцијата за сметнувањето на земјоделската власт и за растурањето на комунистичката партија. Загрижен за последиците од паѓањето на Стамболски од власт, Петров на чело на една делегација се јави при Стамболиски и го замоли да земе решителни мерки. Александровците разбраа за неговата посета кај Стамболиски и во заседа го убија.
Така се подготвуваа собитијата, кои достигнаа до актот вооружениот преврат на 9 јуни 1923 година.