Прејди на содржината

Политичките убиства во Бугарија/Дел IV. Бугарската влада и македонското прашање

Од Wikisource

Улогата на мафиотите пред Првата светска војна и по неа. Импровизираниот исполнителен комитет на Македонската емиграција. Меморандумот на комитетот. Позив на Г’умурџинската емиграција. Нови правци на реваншизмот. Зошто се наложи Б. Р. П. (к) во македонското ослободувачко движење.

Додека привременото раководство развиваше дејност во полза на идеата за автономна Македонија против таа дејност врховизмот, олицетворен од реваншистичките кругови, по свој ред ги поттикна своите креатури, валандовските херои и нишките артисти од Првата светска војна кон една големобугарска дејност, пригодна за заштита на големобугарските интереси на мировната конференција во Париз.

Непосредно после катастрофата на Бугарија, бугарската влада се покажа неподготвена за новата положба, создадена од победителите. По однос на македонското прашање таа се послужи со истите дипломатски средства, со кои се беше служел и избеганиот Фердинанд, кога му претстоеше да направи диверзии. Но не само тогашната влада на Тодор Тодоров, туку и на сите други бугарски влади на Македонија гледаа како на објект за зацврснувањето на бугарскиот уплив меѓу нејзиното словенско население. Во унисон со таа се изгради и теоријата за племенската близост на Бугарите со Македонците, а во чие име се издигна и лозинката „Обединение на племето“ и започна подготовка за војна против Турција, а подоцна и со Србија и со Грција, а исто така во 1915 год. се прејде на страната на централните сили.

Владите на Бугарија, изразувајќи ги интересите на бугарската буржоазија и дејствувајќи по линија – проширување границите на Бугарија, ги изоставаа народните копнежи и тргнаа по линијата, која им ја белжеше Фердинанд. По доктат на тие влади се организираа и врховистичките чети на Михаиловски и генерал Цончев и се испраќаа во Македонија да го завладеат теренот во пограничните реони и да го разбиваат демократскиот развиток на македонскиот народ и идеата за федерација и мир меѓу балканските народи.

И после катастрофата на Бугарија, по однос на македонското прашање, врховизмот ја прифати истата предвоена политика. По тие причини владата на Тодор Тодоров прашањата пред мировната конференција во Париз ги постави на реваншистичка база и ја прифати политиката со истите предавски средства, со истите луѓе кои беа ползувани уште пред војната за разни случаи. Лицата со кои се послужи Тодоров беа: Тодор Александров и Александар Протогеров – неодамна претставените на Кајзер Вилхелм во Ниш за награда со германски ордени, оние истите кои ја извршија Валандовската провокација, а сега ја зедоа улогата на претставители на македонската емиграција во Бугарија, а во името на племенската близост меѓу бугарскиот и македонскиот народ и целокупните интереси на бугарските империјалистички кругови. Тие луѓе заедно со високиот бугарски магистер од македонско потекло Никола Каранџулов се конституираа во така наречениот на времето „Исполнителен комитет“ кој ја зеде иницијативата за собирање потписи од емиграцијата за испраќање петиција до мировната конференција.

Но тие луѓе, кои ги знаеме веќе, беа предавници на македонското дело. Тие лажни Македонци со таа своја петиција сакаа Македонија цела и неразделна да и’ се даде на Бугарија. Стварно акцијата со петицијата на лажните Македонци беше владина; на владата и’ беше нужна една официјална македонска интелигенција со чие име бугарската дипломатија ќе може да најде оправдание на своите маневри за реализирање на империјалистичките барања.

Со создавањето на „Исполнителниот комитет“, владата на Тодоров ја покажа својата неподготвеност да ја пресретне новата послевоена политичка положба, остварена со оружјето на големите сили, кои излегоа како победители и ја свикаа мировната конференција во Париз. За делегатите на конференцијата интимната битност и цел на исполнителниот комитет не беше тајна. Во Париз ги познаваа мафиотите во тој комитет. Пресни беа впечатоците од убиствата на Стојан Георгиев и Јанета Сандански, се знаеја побудите за нивната смрт. Тие луѓе беа убиени како противници на војната, и во истото нејзино навечерие обвинети уште и во тоа дека преговарале да застанат на чело на македонските маси од серскиот и струмичкиот револуционерен округ, и заедно со круговите од земјоделскиот сојуз на Александар Стамболиски да ја прогласат Бугарија за република, во случај Фердинанд да објави мобилизација, за да го натера народот во војна од страната на Германците. Делегатите на конференцијата го знаеја менталитетот на тие луѓе од „Исполнителниот комитет“. Тие беа оние кои ја извршија големата провокација против соглашението, поттикнати од страна на реваншистите во Бугарија, за нејзиното замешување од страната на централните сили. Таа провокација беше така нареченото „Валандовско востание“, инсценирано од австроунгарската влада, а преку владата на В. Радославов, благодарејќи на отпуштените 25 милиони златни австриски круни. Парите беа предадени преку д-р Татарчев, познатиот Фердинандов агент. Австријанците му предложија на д-р Татарчев да организира едно востание во Македонија под српска власт, како би се создал повод за нарушување неутралитетот на Бугарија. Но д-р Татарчев не се ангажира за една таква провокација, туку ја упати австриската влада кон Тодор Александров и Александар Протогеров, кои заедно со еден бег го организираа пограничното турско население од дојранските и валандовските села, како и дел од македонското население од Струмичкиот крај, та во пролетта на 1915 година извршија еден напад во Валандовската околија со цел да се урне железничкиот мост на Вардар при село Удово. Нападот беше организиран на бугарската територија, во градот Струмица, огништето за спроведување на германско-бугарската провокација. Струмица тогаш по Букурешкиот договор беше под бугарска власт. Струмичката постојана окружна комисија беше центарот на заверениците. Костадин Ципушев, зет на Тодора Александров, беше стварно нејзин претседател, а истовремено и пунктов началник на Алексанрова и Протогерова, раководејќи со пограничната разузнавачка служба и пограничните складови со четнички алишта, оружје и експлозивен материјал. Оружјето по заповед на Тодор Александров се раздаваше не само на поединци врховисти туку и на турското погранично население, кое по заповед на агентите на бугарската и турската влада во пролетта на 1915 година дигнаа востание против српските општински кметови, благајници и учители и скоро сите ги убија.

Против оваа провокација протестираа англискиот, францускиот и рускиот конзул и побараа анкета за да се разоткрие вистината во врска со нападот. Владата на д-р Радославов, потисната, се согласи за анкета и зеде мерки за прикривање на сите кои би могле да ги навредат дипломатските односи и да го демаскира објавениот од него, до тогаш прикриен „вооружен строго лојален неутралитет на Бугарија“. Но како постоеше опасност да бидат откриени сите материјали и оружјето во врска со Валандовскиот настан, привржениците на Александров го запалија седиштето на постајаната окружна комисија; ги запалија исто така и сите експлозивни средства, кои се наоѓаа при свештеникот во валандовското село Сидовица. Тодор Александров го натера четникот Наќе, од с. Фурка, Дојранско, тајно да ја потпали поповата куќа, во која поради експлозијата загина и свештеникот заедно со својата челад.

Па ете баш тие провокатори и по катастрофата на Бугарија се појавија на сцената, натоварени со политичка мисија од мировната конференција да бараат „правда за Бугарија“, и тоа од името на Македонската емиграција а преку „Исполнителниот комитет“, импровизиран од бугарската влада. Тој комитет немаше македонски карактер, ниту пак имше подршка од македонските емигрантски маси и македонското население под бугарска власт. Исполнителниот комитет беше фактички биро за реваншистички цели, на кого бугарската дипломатија особено се надеваше поради својата тешка положба по Првата светска војна.

Од моментот, кога се создаде исполнителниот комитет, започна стварно и вистинската идејна борба за избистрување на идеологијата по однос на македонското дело. Но таа продолжи потоа при нови политички услови. Бајракот на борбата против исполнителниот комитет прво го издигна македонската емиграција од Ѓумурџина. Тие објавија и еден позив, негирајќи го врховизмот во неговата најнова форма – „исполнителен комитет“, наблегнат на побугарените македонски кругови, чие македонско потекло е само предмет на историски спомен. Во позивот Ѓумурџинците велат: „Двајца – тројца бивши и идни министри од македонско потекло, верни на својот позив неколку души „дипломсти“, школувани, исто така од македонско потекло и верни на својот бирократски кариеризам, и една фаланга од мали чиновници и добри сметкаџии за својата утрешна пензија, стари егзархиски учители, општественици, писатели и журналисти – сите Македонци, вовлечени за секогаш во бугарскиот политички живот, кои го погребале минатото и татковинскиот си идеализам – ете, таа цела генерација без размислување сака цела неразделена Македонија да се присоедини кон Бугарија“.

Покрај изобличувањето, позивот на Ѓумурџинците ја покани емиграцијата да се подреди под бајракот на привременото раководство, кое единствено застана на чело на повоеното македонско движење.

Владата штом го забележи масовното приоѓање на емиграцијата под знамето на привременото раководство, ја измени веднаш стратегијата на својата политика, и не менувајќи ја нејзинаата битност, и заради подалечна цел, внуши на своите креатури да ја примат лозинката „Автономна Македонија“. Но немајќи вера во луѓето од привременото раководство, таа се запра пак на валандовските херои – едини што останаа верни на Фердинанда и сина му Борис, и кои ја беа веќе покажале својата приврзаност кон големобугарските кругови и круна со своето вероломство спрема македонското ослободувачко дело, подвлечено со политичките убиства над верни македонски синови и со акти, кои му ползуваа на големобугаризмот.

Ете, на тие лица, кои од 1910 година па наваму играа улога час како членови на Ц. К. на по уриетската ВМРО, час како нејзини задгранични претставници, се запре бугарската влада. Преку нив таа организира противдејство по однос на привременото раководство, кое за момент по Првата светска војна се исправи на свои нозе и одново го постави прашањето за слободата на Македонија на сцената пред балканските и европски народи и пред делегатите на Париската мировна конференција.

За да ја маскираат својата реваншистичка политика, реваншистите го посоветуваа Тодора Александров и Александар Протогеров да се пополни составот на исполнителниот комитет со други лица, а нив им ја определија нивната стара „револуционерна улога“. За таа цел на 24 ноември 1919 година во аудиторијата бр. 45 на Софискиот државен универзитет се свика конференција и се избра еден седмочлен „исполнителен комитет“ на чело со македонски отстапници, какви беа Иван Каранџулов, проф. Милев и др.

Организираниот комитет на чело со Каранџулов имаше за цел на емиграцијата да и даде возможност да ја пројави својата волја за борба, да го запре нејзиното евентуално будење на оние идеи, кои ја опојуваа во дихот на еден свој внатрешен централизам и национализам, од кого се плашеа сите родоостапници и сите големобугари, та затоа и по секаков начин го пречеа оформувањето на Македонците како одделен народ.

На конференцијата во аудиторијата бр. 45 се предложи една директива, која и понатаму остана како основа на комитетот – а тоа беа двете лозинки: „Неделивост на Македонија“ и „Присоединувањето на Македонија кон Бугарија“.

На базата на тие лозинки, конференцијата изработи и еден меморандум од името на исполнителниот комитет на емиграцијата во Бугарија. Самата директива и луѓето, кои застанаа на чело на исполнителниот комитет и оние што го приготвија меморандумот ја оцрнија дејноста на Македонците и македонското име. Нивната дејност го попречи патот на привременото раководство, кое искрено ја презеде борбата за слободата на Македонија и кое правеше големи усилби пред делегацијата на мировната конференција во Париз, да ги увери во своите искрени желби дека тие луѓе од – привременото раководство се единствените носители на чистите идеали на ВМРО и Гоце Делчев.

Само кусогледи и без општествен поглед луѓе можеа да допуштат дека државниот магистер Каранџулов и казиониот бугарски професор Милев и останатите валандовски херои ќе успеат да ги убедат делегатите на мировната Париска конференција во неопходноста Македонија да биде присоединета „цела и не разделена кон Бугарија“.

Вистинските побуди пак за да се подржува една слична дејност од овие кругови беа други. Тие беа прикриени со личните интереси на самите крепители, кои во лицето на мафиотите од македонско потекло во Бугарија го гледаа оружјето на круната. Ете баш тие мафиоти по крахот на Бугарија останаа единствената надежна сила, на која би могле да се потпрат во случај да се обиде народот да им побара сметка за крахирањето заради нивната воена политика за завладување на Македонија.

Старите крахистички партии беа осудени од народот. На законодавните избори во 1919 година реваншистите и царските псалмопевци изгубија.

Александар Стамболиски ја зеде власта во свои раце и почна да ги лекува раните на Бугарија, нанесени од авантуристите и македонствујуштите валандовски „херои“. Но кога ја зеде Стамболиски власта во свои раце, неговите претходници ја беа веќе претставиле на мировната конференција тезата „Македонски Бугарин“, и со тоа го беа прилично компромитирале македонското дело, а напакостиле и на самата Бугарија, која ја претставиле како непоправлива империјалистичка држава.

Другите претенденти пред мировната конференција излегоа со противтези по однос етничката припадност на Македонците и служејќи се со историски податоци, противни на големобугарската теза, открија пред мировната конференција дека таму во Македонија живее еден народ, кој се бори не за голема Бугарија, туку за својата слобода. Од тоа, се разбира, делегатите не се возбудија, та затоа и не и дадоа на Македонија слобода. Нејзината судбина, како и судбината на малите балкански народи, беше решена порано, како би се подржала распарченоста и постојаното непријателство меѓу балканските народи.

При таа положба на 27 ноември 1919 година Стамболиски го потпиша мировниот договор и ја поведе надворешната политика на Бугарија во духот на воените услови, создадени од жестоките мировни договори. При сета своја желба и расположение кон Македонците тој со ништо не можеше да им придонесе во нивната борба, која ја беа отпочнале, уверувајќи ја Париската мировна конференција во справедливоста на нивната кауза за слободна Македонија. Старите бугарски крахистички буржоаски партии беа веќе многу придонесле за усложнувањето на и без тоа многу заплетеното македонско прашање. Но тие и по нивното паѓање, и како опозиција, си ја продолжија својата стара политика по однос на македонското прашање, та и уште во почетокот по зимањето на власта од Стамболски започнаа да му создаваат грижи. Откако ја изгубија изборната власт, старите крахистички партии ги привлекоа околу себе Фердинандовите орудија од македонско потекло, одбележани во позивот на Ѓумурџинската емиграција, кои потпомогнати директно и индиректно од Бугарската работничка партија (комунисти), ја отпочнаа подмолно конспиративната борба против новата власт, власта на Александар Стамболиски, ползувајќи го Каранџуловото движење и создаденото од нив такво илегално начело со Александров и Протогеров – барани од воената комисија во Версај како военопрестапници во Македонија и Моравско.