Еден селски поп на сирни поклади или на чисти понеделник се преслагал оти од тогај до Велигден имало точно 50 дена. За да не заборави кога ќе падне Велигден, тој си изброа педесет зрна грав и си ги клал во џебот, па секој ден си изваѓал, си исфрлуал по едно зрно. Така мислел тој да прави дури да се свршат сите зрна, па тогај да го прави Велигден.
Арно така си кроел попот. Ама еднаш, кога тој си легнал да си поспие дома си, ќуркот или кусалето му било обесено за ѕидот, попаѓата потражила нешто во џебовите. Кога, што да види? Џебот му бил полн со грав. Таја не знаела зошто му бил гравот, а ѝ се сторило оти тој многу го љубел, па дури џебот си го наполнил со неварен грав. За да му стане по кевот на попот, таја зела уште еден грст грав, па му го дополнила џебот, а на попот ништо не му рекла.
Тој си станал од спање, си облекол ќуркот или кусалето, што било веќе не знам, и си ошол по работата. Тој не разбрал што му направила попаѓата, и пак секој ден си изваѓал по едно зрно од цебот и го исфрлал. Арно, фрлал, фрлал, а зрната никако не се доисфрлале. Велигден приближил, а џебот уште бил полн со грав. Дошол Велигден, а гравот не бил сосан.
На Велигден рано се собрале селаните и го прашале попатого:
„Попе! Кога ќе дојде Велигден? Се уморивме од постење, сакаме веќе да каснеме малку мевце. Оваа година ни се гледаат подолги постиве; како многу да се забави Велигден“.
— „Постојте малку, почекајте, селани", рекол попот, да видам што ќе кажат зрнава!".
И тој час пикнал раката во џебот, да види уште колку зрна му останале, па да им каже уште колку дни имало до Велигден. Броел, броел сиромав поп, ама пустите зрна не се добровале, па им извикал:
„Како што ми кажуа граов, ни годинава имаме Велигден, ни в година!"
Оттука станале селаните и си отишле секој дома ужалени, зашто го немало уште Велигден. Станал и попот да си оди дома си. А, одејќи низ село, на селското буниште видел фрлени корупки од црвени јајца и од тоа познал оти Велигден дошол па им извикал на селаните:
„Селани, селани! Дошол Велигден, дошол Велигден! Денеска е Велигден!" И така веќе сите се зарадуале со Велигден.