Небиднина/ Шеста молитва на моето тело

Од Wikisource
„Шеста молитва на моето тело“

од Ацо Шопов


Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам.
Од дивина со крвта ми викаш, од далечина:
„Кон твоето тело неподвижно итам
јас непозната, глув водопад од месечина.”
На твоето чело високо пасат плашливи елени,
ти имаш раце силни и зараснати длабоко вземи,
во твоето грло растат треви зелени,
твоите зборови се ковчести и остри, но неми.
Везилка си на оваа игра, на оваа домородска песна
а не знам дали си моја ноќ, дали си ден,
и оваа грутка црвеница врз која лежам е тесна
за овој пораз мој величествен.

Видете исто така[уреди]