Небиднина/ Осма молитва на моето тело - или кој ќе ја смисли таа љубов

Од Wikisource
„Осма молитва на моето тело-или кој ќе ја смислитаа љубов“

од Ацо Шопов


Под овој меч,
под овој меч на тишината,
под ова отворено небо,
овие трепетлики,
лежи ова в неврат издолжено тело,
со око стрела в око на вишините,
земјата ја корне со чело.
Под овој меч,
под овој меч на тишината
кој ќе ја смисли таа непозната љубов,
тој збор што не постои во речникот
на секојдневните средби,
на секидневните поздрави,
во очајот на оставените,
во мирот на погубените,
во гласот на вљубените.
Издолжено в неврат лежи ова тело,
со око стрела в око на вишините,
замјата ја корне со чело.
Земјо,ти веќе не си земја,
ти си грутка надеж,
црна од мака, од соништа зелена,
ти си око фрлено во вселена.
Кој ќе ја смисли таа непозната љубов-
пред ова будење
пред ова заспивање-
тоа чудо во чудо,
тоа завивање!
Издолжено в неврат лежи ова тело
под овој меч,
под овој меч на тишината,
земјата ја корне в чело,
на рамо ја носи месечината.
Готово, месечино, довека готово!
Во твојата преполна шарена мрежа,
мрежа од страдања,
во твојата мрежа од лаги и измами
од притворства и слатки бладања,
од многу надеж изгубени,
нема веќе место за никого,
најмалку за тие што се вљубени.
Боли, месечино. Нека боли.
Болат твоите ребра погодени.
Под тебе светот и ние сме голи.
Штотуку родени.
Кој ќе ја смисли таа непозната љубов,
пред ова будење
пред ова заспивање.-
Тоа чудо во чудо,
тоа завивање.

Видете исто така[уреди]