Прејди на содржината

Небиднина/ Втора молитва на моето тело

Од Wikisource
„Втора молитва на моето тело“

од Ацо Шопов


Ова тело што лежи како мост меѓу два брега,
ова тело што живее од мугрите на твоите желби,
ќе биде и утре какво што е сега,
само со два белега повеќе од две лути стрелби,
ова тело што лежи како мост меѓу два брега.
Ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека
да помине веселник некој и да го пробуди пак...
Протечи под ова тело како скротена река
да заечи силно од нежност со секој извиен лак
ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека.
Ова тело што лежи како мост некој бран да го плени
за да го улови во него својот заборавен лик
ќе стане со сите будења и мени
на нестварни желби стварен светилник,
ова тело што лежи како мост некој бран да го плени.

Поврзано

[уреди]