Прејди на содржината

Небесните светила

Од Wikisource
Небесните светила

од македонските народни приказни
Етиолошка приказна.

ДЕН И НОЌ. Господ имал две клолчиња: едно бело и другото црно; белото било врзано со црното. Кога ќе го одвиткал белото, ќе било ден, а кога ќе го одвиткал црното, ќе се сторело ноќ. Толку многу долго било преденото, што дури да го соберел белиот конец на клопче, ќе почнел да го одмотува црното и ќе било ноќе.

Бидејќи врзани биле крајовите на клопчињата, кога го виткал белото во зимно време, господ виткал и од црното предено на бедото клопче, и од тоа се малел денот, а се големеела ноќта. Така и лете растел денот, и ноќта малела.

ЗЕМЈОТРЕС. Господ земјата ја имал врзана сета со телови и сите крајови од теловите му биле во левата рака. При се што биле теловите со милиони, милиони и милион, милиони што број немало, пак господ го знаел кој тел од кој синор е и едно ќе видел, оти се разлошиле од некоја страна луѓето, туку господ ќе потргнел телот од тој синор али од таа земја и веднаш ќе се стресела земјата. Ако потргнел силно телот, силно ќе се стресела и земјата.

КАИН НА МЕСЕЧИНАТА. Кога убил Каин брата си Авела, господ го прашал, кој го убил.

— Каине, Каине, кој го уби брата ти — му рекол, — да умре?
— Јас не сум вардач, господи — му рекол Каин, — ноќеска да го вардам и да видам кој го отепал.

Кога чул господ тие зборови од Каина, лажливи, го проколнал да биде обесен на месечината векутума века, за да биде вардач ноќе, да гледа сите ноќни убиства, што ќе прават лошите луѓе и да се плаши и страши и да се тресе, обесен како лист на некоја гора. Секој човек можел да го види Каина обесен на месечината, кога е полна месечината и ден денеска.

СОНЦЕТО И МЕСЕЧИНАТА. Кога го направил господ сонцето и месечината, еднакви беше ги направил да светат: сонцето да свети дење, а месечината ноќе, за да биде како денот, така и ноќта. Арно, ама пуста завист и фодулук од месечината, ја донесла работата да се скара со сонцето и сега да биде темна. Зашто? Ич за ни за што! Од будалалакот на месечината!

Откога ги создал господ, почнала месечината да му се фали на сонцето и да му вели:
— Јас сум поубава! Јок, јас посилно греам, јок, јас поголема сум!

Еднаш, дваш беше и претрајало сонцето, арно ама таа не се сеќавала оти е срамота да се фали и откога му допгло веќе до носот на сонцето и му пребликнало:
— Е, доста се кабардисува, мори месечино — и рекло сонцето, — мори бесрамнице, еве за гебе што треба, да ти се затае устата со една волска лепешка!

На тоа згора, грабнало сонцето една лепешка и фрлило на месечината за устата да ѝ затне, арно ама и устата, и образот и окото и ја зашлакало. Ете оттогаш остана месечината темна и срамна и набргу се крие од срамот на сонцето.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.