Едно време си бил еден богат човек, и жена му раѓала само момчиња. Тој од жал си ја бојосал куќата со црна боја. Во тоа време жена му останала пак тешка, и тој е заколнал оти ако роди жена му пак момиче, ќе ја убија. Жена му, штотуку ги чула овие зборои, фатила да жала многу и се се кријала. Пред да дојди часот за да се роди детето, најголемата и ќерка, кога видела оти мајка и многу жалала, и рекла: „Мајко! ајде да ојме в планина, та таму да родиш; зашто тате сака да те опери, ако родиш пак женско. Тогај, кандисала мајка и, и станале та ошле на планина.
Дошол часот за раѓање.
Било стред ноќ.
Темница с’сток.
Заболело ја срце и половина.
Времето било многу студено.
Се родило машко дете.
Се зарадвале многу.
Од каршија имало видело: треба да имало некои овчари, што си запалиле огон и си се грееле.
Ќерка и тргнала каде виделото да земи малку огон, за да запалат и да го изгреат рулчето.
Како ошла каде огнот, гледа оддалеку оти три жени седат покрај огнот. Едната жена каде преди со урка; втората – со раката каде кажува, а третата – држи в раце ножици.
Тие, трите жени, си прикажувале и момичката ги слушала што зборуваат. Првата велела оти на богатиот човек што му се родило машко, колку време да му напишеле да живее и каков да му е касметот.
Фатиле да се пречкаат; една велела оти да живее една година, другата велела појќе да живее, а третата рекла: „Јас наоѓам мунасип да живее дваесет години. Ама кога ќе се жени, на дваесеттата година, кога ќе земи невеста, уште пред да влези в куќи, да напишиме што на пат да умри!" На това кандисале и трите наречници, и го пресекле со ножиците конецот што предела првата жена. Леункината ќерка, кога ги чула овие зборои, се вратила кај мајка си и клала на памет се што чула и видела. Штотуку дошла кај мајка си, мајка и ја опитала зашто не и донесла огон. Таја, ќерка и, одговорила, оти било далечно местото и оти се уплашила да оди дури таму, да не има нешто арамии. Ќерка и скрила од мајка си се она што чула и видела кај огнот. Во темна зора уште, кинисале да си одат дома со голема радост и да му кажат на татка си оти Бог ги зарадувал со машко дете. Како си дошле дома си, веќе се зарадувал татко им и сета роднина и пријатели. На часот повелал да ја бадамосаат куќата со вар и боја. Зијафети по зијафети; се се веселиле.
Детето од ден на ден растело и порастило до дваесет години, се маж се сторило. Татко му сакал да го жени.
Ќерка му, онаа што беше ги чула наречниците кај огнот, никому ништо не беше кажала, и не го оставила татка си да го ожени брата ѝ. Најсетне немала што да стори, кандисала и таја. Јунакот го свршиле во еден друг град за една ќерка кочена од еден богат човек.
Дошло време да ја сторат свадбата. Каниле, и свадбари се насобрале. Свекорот, зетот и свадбарите тргнале сватои да ја земат невестата. А пак сестра му што ги слушала наречниците, се променале во машки рутишта и обула скорни до колена.
Сватоите ошле у тестот. Јале, пиле, ја зеле невестата и си тргнале да си дојдат дома у зетот. Патем ги фатила горештина. Сватоите, за да си отпочинат, фатиле ливаѓето под сенките, за да пладнуваат. Зетот и сестра му, која што не се одделувала од брата си, седнале на едно одделно место, под едно големо дрво, под еден чинар. Зетот легнал да поспија, а сестра му го вардела, зашто знаела оти можи нешто да му се стори, спроти наречниците што зборувале во она време. Си собула скорните и се била на скок. Туку веднош од дрвото се фрлила една змија кај зетот. Таја, сестра му, што била готова на секоја декика, штотуку се фрлила змијата, ја пречекала во скоренот и стиснала уста на скоренот. Тога нарачала да запалат настрана еден голем огон за да ја изгорат змијата. Запалиле силен огон и го фрлиле скоренот со змијата во огнот. А таја беше нарачала на брата си уште понапред да влези во кочијата, што била затворена се со џамои. Како ја фрлиле змијата во огнот, таја фатила да пишчи и квичи. Брат и, како чул писконте, без да знај што е работата, го отворил пенџерето од кочијата да види што се тие викои. Тогај змијата скокнала и се фрлила во кочијата и го каснала зетатого во челото. Тој од болои паднал и на часот умрел. Тогај сестра му фатила да им ја раскажува сета историја братова си; како татко и бил разлутен, како сакал да ја опери мајка и зашто му роѓавала се женски, како после ошле в планина, како таму мајка и родила машко дете и како отишла после кај огнот и нашла кај него три жени, наречниците, и како тие си прикажувале за машкото дете, и како ќе умрело пред уште да влези дома си со невестата, така како што им се сторило. Затова и таја се облекла во машки рутишта за да го варди, да не му се сторело нешто, ама било се попустина. Тогај сите рекле на татка и оти пишаното си е пишано, и не је чаре това ќе се исполни. Тие си ошле дома си, а невестата си се вратила у татка си.