Прејди на содржината

Нани ми, нани, малечок Јован

Од Wikisource
Нани ми, нани, малечок Јован

од македонските народни песни
приспивна македонска народна песна

Нани ми, нани, малечок Јован,
нани ми, нани, малечок Јован!
Со нога лулам, со рака предам,
со рака предам, со уста пеам:
Нани ми, нани, да ми порастиш,
да ми порастиш ти голем јунак,
ќе му земиме на цара царство,
на цара царство, на крала кралство,
на бана банство, на крала кралство! —
Од уши в уши — на царо в уши.
Бог да убие клети комшии,
што ми дочуле ѓузел Ангелина,
што ми отишле право кон царот:
„Честити царе, ти се повалија,
ќе ти го зема твоето царство,
твоето царство, на крала кралство,
на крала кралство, на бана банство!”
Царо ми пуштил двоица гавази
да ми го зема малечок Јован.
,,Ај, фрлете го долна коњушница,
белки ќе го изгазат, белки ќе го исцапат!“
„Честити царе, ни ми го газат,
ни ми го газат, ни ми го цапат.”
„Ај, фрлете го горна коњушница,
белки ќе го исклоцат, белки ќе го избуцаат.’
„Честити царе, ни ми го клоцаат,
ни ми го клоцаат, ни ми го буцаат.”
„Ај, фрлете го у белата фурна!”
„Честити царе, сред фурна седи,
на чело има ѕвезда Деница.”


Поврзано

[уреди]
Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.