Прејди на содржината

Надлагуење

Од Wikisource
Надлагуење

од македонските народни приказни
Хумористична приказна.

Си имале тројца браќа една куќа што им чинела три илјади грошен. Си бил и еден стар човек што си имал една ќерка многу лична, токмо на дванаесет години била. Немало момче што да ја нејќе, од што била убава. Арно, ама стариот ја давал на тоа момче, што ќе можело да го надлажи: ако се надлажи стариот, да му ја даде ќерка му, а пак ако се надлажи момчето, да му даде на стариот три илјади грошеи. Знаејќи тројцава браќа оти имаше стариот лаж лична ќерка секому му ѕивкало за да ја земе за невеста, ама никој меѓу себе не си кажуат оти ја сакаат. Тики си намислија да ја продадат куќата и да одат да го надлажуат стариот. Еден ден беше ја продале куќата и беа си ги делиле парите, секому по три илјади грошеи.

Сопрво отишол постариот брат кај стариот да се надлажуа и му ги дал трите илјади грошеи да стоат у стариот дури да се лажат. Му извадил стариот првин една погача многу голема, ѓоа ќе ја крши и му рекол на постариот брат:
„Еј, момче, дали си видел досега ваква погача убава и олку голема?"
— „Бре братко, кај ќе видам олкава голема погача рекло момчето: оваа погача е за чудење".
— „Ете, момче, како те излагав, му рекол стариот, дај ако имаш, уште три илјади грошеи и со друга лага да се лажиме, а ако немаш, ај да ти видам плеќите, стануј дури е бргу, оди си".
Кога чу тој збор, момчето стана и нога за нога си отиде дома и си крена мотиката на рамо за да биде аргатин, да копа во лозјата.

По некоја недела отишол и средниот брат, ѓоа да го надлажи стариот и да му ја земе ќерка му; арно, и тој не могол да го излаже, тики си приќосал трите илјади грошеи и си ошол дома омацурен.

Најмалиот брат сетил оти браќа му беа пошле кај стариот и оти беа си ги приќосале парите:
„Ја чекај да види тој стар лаж, си рекол со умот помалиот брат, какво машко сум јас и како ќе му ја земам ќерка му".
И туку беше му се истресол едно утро на стариот. Влегуејќи во двор, го видела ќерка му од пенџере и ѝ тропнало срцето за него, чунки и тоа било многу лично и назлам во одот. Од кога сториле здраво и живо со стариот, беше му ги дал трите илјади грошеи, спроти адетот што го имал стариот. Бирбаш беше ја извадил старецот големата погача.
— „Еј, момче, дали си видел олкава голема и убава погача?"
— „Ејди, море дедо еј, татко ми, Бог да го прости, што имаше една погача, илјада пати беше поголема од твојава и поубава. Сета војска царска ја ранеше и на сиромаси раздаваше, нас не ранеше и на заем по комшии даваше, понада кај болни носеше и пак цела му стоеше. Е, али чу старче, што ти кажав?"
— „Може да било, рекол стариот што нема на веков?"
— „Е, кога е така, дај ја старче, ќерка ти!".

Втората лага му ја извадил стариот. Еден ќутук борина, сиот саде глужје и му клал секирата згора на борината.
„Ами знаеш, бре момче, како се цепи ќутуков од боринава?"
— "Ами како ќе не знам, кога сум гледал татко кога ги цепеше. Најди му дагата и удри му секирата, еве вака, гледај, старче, како ќе го расцепам ќутукот“.
Го исцепил и му ја фрлил секирата пред стариот.

— „Еј стаче, имаш уште лаги, му рекло момчето, али ќе ми ја дадеш ќерка ти и трите илјади грошеи".
— „Ја донеси, мори ќерко, ѝ рекол стариот на ќерка си, јарца коња, да види момчево!".
Отишло девојчето, та донесло еден голем јарец зауздан со коњска узда, со седло и узенгии.
— „Е, бре момче, али си видел ваков коњ досега?"
— „Ејди, море старче, му рекло момчето, коњов твој оди поземи, а татко ми што имаше петла коња, и по небеси и поземи одеше, а не како јацра коња што си го извадил ти. Слушај, старче, со петла коња татко што чудо направи. Си имавме едно улиште, што си вадевме од него мед, за да си облажуаме сета куќа и по комшии да даваме, а пак пчелите ни беа на место волои и крави: едни си ги молзевме, а друзи си ги спрегнуевме да ни ораат. На сите пчели татко беше му клал по едно име: која калешка, која лиска, трека бреза, четврта сурка, петта сагинка и така на сите беше им клал друзи имиња. Одошто беше мераклија татко на нив, тики секоја вечер ќе седнеше до кошарката да ги пречекуа пчелите од пасење и да ги пребројува како овци на струга; ќе си дојдеше некоја да си влезе в кошара, и татко ќе си ја погалеше со рака. Ама па што беа кротки да знаеш, старче! како некој јагниња. Една вечер беше ги преброал и усетил оти две пчели не беа дошле: калешка и лиска. Утрото рано го спрема петла коња, му се фрли на рамена и отрча со бодинаница по поле, за да ги бара. Бара ваму, бара таму, кога гледа, — ете ги преку езеро, кај си орал некој човек со нив. Сакаше да појде да си ги земе, арно ама немало мост да помине, нито пак некој каик да влезе. Стоал и туку се думал, мислел како да појде за да си ги земе, чунки и ти да беше, бре старче, ќе бараше крај да си ги земеш, чунки стока е мила. Ама не е вака, старче?"
— „Е, така е, бре момче, вистина стока е мила", му рекол стариот.
— „Е кога е така, ај дај ми ја ќерка ти и не мачи ме уште да те лажам, ама ај да ја довршам лагата, за да си видиш и познаеш мајсторот, бре старче. После, старче, стоејќи татко замислен со раката в џеб, си нашол една семка од тиква и веднаш беше ја насадил в земи и дури се позавртел, беше никнала тиквата и беше пуштила една ластунка преку целото езеро, како некој мост, мене лага тебе вистина, старче, сакаш веруј, сакаш не веруј. Кога виде татко ластунката пуштена преку езеро, дупнал петла коња и од лист на лист, скакара-скукара, беше прешол кај човекот што беше ни ги зел пчелите, беше се скарал јако со човекот, беше го страмил, беше го резилил тики дотука, за ошто туѓи волои да спрегнуа. Си ги зел пчелите, си ги товарил на петла коња и по ластунка си прешол езерото и си дојде дома. Кога го видовме оти беше ги нашол пчелите, сите истрчавме од куќи радосни, ти се нагрваливме околу пчелите да ги бакнуаме и да ги милуаме. Испотен бидејќи петла коња, му симна самарот татко за да го избрише од потта. Кога гледа, садно беше отворил на плеќите, коџамити рана. Баба ми пак беше лекарка, што знаеше да лекуа со билки чемерики, тики зеде еден орев зелен, го столчи со теслата на еден камен и му го кладе на раната од петелот. До дваесет и четири саата туку порасна еден орев голем до немај-каде и за чудење големо, заврза орев, уздреа, та сами од себе фатија да капат поземи, - мене лага, дедо, тебе вистина. Кога се нагрвалија врашки деца да собираат ореи, се расфрлија со грутки и стапои и се направи една нива на оревот згора, чунки се нафрла земја од грутките, што фрлаа децата. Кога виде татко оти се стори нива, се качи со две пчели и ја изора, та ја посади бостан. Сакаш веруј, сакаш неверуј, дедо, во дваесет и четири саати уздрејаа лубениците. Кога видов јас оти уздрејаа лубениците, бидејќи дете, скинав една најголема и ја пресеков, - кога што да видам натре? Една змија свиткана како колач! На стравот згора ја удрив одземи и ја стапив со нога, преку половина. Од зортот што виде змијата, туку извади еден ферман, така толкав голем. Ете вака, дедо, чу сега што ти кажав, али не чу?"

— „Чув, бре синко, туку како не го пеа ферманот да видиш што велеше?" му рече стариот.
— „Ами како не го пеав, зер саде еднаш го пеав, - три пати, три го пеав! Знаеш што велеше, дедо, ферманот? Нека ти ја даде стариот ќерка му и да не зборуа многу".
Не беше останало друг збор на стариот, од колку да му ја даде ќерка му, — и си беше.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.