Прејди на содржината

Моторни песни/ Шпанија

Од Wikisource

„Љубовна“ „Шпанија“

од Никола Јонков Вапцаров
нема
Песната е издадена во 1940.

Што беше за мене ти?
Ништо.
Сал еден загубен свет
на рицари, и на плата.
Што беше за мене ти?
Огниште
на некаква жестока љубов
опиена од својот глас,
од крв и блесоци на ками,
од шлагери и од гитари
од псалми,
ревност
и од страст.

Но за мене си судба денес.
И моја иднина си ти.
И јас сум борец твој што верно
го слуша твојот борбен крик.

И горам сега јас од радост
за секој успех, подвиг твој,
во твојот дух и сила млада -
ја влеав мојта сила в бој.

До победа се борам сега
Во картечно гнездо скрит,
по улиците на Толедо
и пред ѕидојте на Мадрид.

Го гледам в сина блуза лежи
работникот што паднал прв
и под каскетата што тежи,
му струи топла, свежа крв.

А таа крв е, знам, и моја,
во жилите што нема мир,
и јас го познав - другар мој е
од котлите во Ланкашир,

каде со лопати без одмор
работевме пред огнен ад,
каде одненадеж се роди
непобеден копнеж млад.

Спиј, другар мој, спиј мирно сега
под знамиња и бодлив тел;
ќе мине твојта крв во мојта
и потоа во светот цел.

И таа крв, глеј - веќе тече
по фабрики, од град во град,
ги буди, движи и ги влече
и селата кон денот злат

на упоритата ни надеж,
на смелоста, на трудот црн,
на грубата и моќна радост
и на слободата во крв.

И гради денес барикади,
ни влива в жилите кураж
и вика безумна од радост:
,,Мадрид е наш!
Мадрид е наш!“

Цел свет е наш! Спиј мирно, друже!
И секој молекулен дел
е наш.
Под ова небо јужно
ти спиј
и верувај
Во нашата цел!


Поврзано

[уреди]


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.