Прејди на содржината

Моторни песни/ Песни за една земја / Писмо

„Песна за жената“ „Писмо“

од Никола Јонков Вапцаров
нема
Песната е издадена во 1940.

Адреса: Сењора
        Франческа Лаборе,
        Хуеска.


Мајко,
Фернандес од денес
лежи мртов в земи.
Фернандес го скрија
полињата неми.
Фернандес од денес
не ќе ти се врати,
убиен тој падна
пред мадридските врати.

Беше толку добар, весел,
зошто врагот в смрт го прати?
По смртта на Фернандеса
зарем бојот не ќе пламти?

Мајко, сал на тебе, кутра,
можам жалва да ја речам.
Знаеш, војнава е лута,
многу солзи в неа течат. -

Се загледаш в некој опул,
утеха да најдеш, чекаш,
но и таму јад се стопил,
течат солзи како река...

Може тага е за братот,
љубениот може паднал,
може некој шрапнел пратил
Во невратка свидна младост.

Може како мене сега
попусто и таа чека,
туку земјата го стега
во својата преграб мека...

Мајко, немој да го кориш
оти тргна да се бие.
Фернандес, знај, добро стори,
чинам, згрешивме сал ние. –

Единствен од нас тој разбра
една вистина на светов –
подобро е да те згазат
место вечно да те гнетат.

Леб имавме, еден само,
колку двајца да се гостат.
Но, со синот иден, мамо,
дали ќе ни беше доста?

Потем има друго, чинам,
малку потешко се сфаќа.
Одат. Гинат. Зошто гинат?
Сал лебот ли в смрт ги праќа?

Погребаа денес ваму
стотина, што тенк ги згмечил!
Со очиве видов сама,
но, не можам сè да речам.

Колку чудно беше тоа,
несекојдневно и туѓо,
во светлина, чинам нова,
озарени видов луѓе.

Јас ги видов, секој рака
од сандакот како пружил
преку штиците, и сака
со другите да ја здружи.

Се сливаат в смртта сите,
како еден човек да е,
очите, пак, им ги кити
на смрт среќна зрачок сјаен...

Веднаш разбрав: и тој таму
сепак требаше да иде.
Ни загина најмил, мамо,
нема веќе да го видам.

Мајко, Фернандес го нема.
Фернандес е мртов, веруј.
Фернандес го голтна тема.
Плач за младоста му збери.

Но, пред стариот ни збор;
Може жалта да го столчи.
Кришум некаде низ дворот
поплачи, а потем молчи...

Ако некако се сети,
па те праша често тебе –
речи, добри сме и ете
дниве чекаме на бебе!

Ти речи му: Долорес
везден детски сказни учи -
прашаат со Фернандес
внучка сакаш или внуче?

Друго што и да ти редам
жал ќе биде, мајко моја.
Многу поздрав.
                         Твое чедо
Долорес Марија Гоја.


Поврзано

[уреди]


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.