Прејди на содржината

Моторни песни/ Вера

Од Wikisource

нема „Вера“

од Никола Јонков Вапцаров
„Пролет во фабриката“
Песната е издадена во 1940.


Ете — јас дишам,
поминувам
сам,
и стихови пишам
(како што си знам!).
Со животот често
си немаме слога,
се борам со него
до колку ќе смогнам.

Со животот ние
во кавга сме сега,
но, немој да мислиш
омраза ме стега.
Не, дури да гинам,
живеачко груба,
со шепиве челични
јас пак ќе те љубам!
Јас пак ќе те љубам!

Да речеме, јаже на вратот
ми клале,
и прашаат,
потем ме прашаат тие:
„Ќе сакаш ли, рече, да живееш час?“
Ќе сцркам на глас:
„Злосторници, долу,
симнете ја долу
ортомата вие.“

За животот кај ли
сè не би се вивнал?
По сводот
со пробна машина би летнал,
в ракета би влегол,
в бомба експлозивна
по просторот
ширен
би барал планета.

Но, сепак ќе сакам
миг среќен да сретнам,
кај синее сводот
ќе сакам да видам.
Пријатниот скокот
сепак да го сетам, —
оти уште жив сум!
Оти жив ќе бидам!

Да речеме, ете,
ми земете колку? —
Сал пченично зрно
од мојата вера,
би ревнал јас тогаш,
би ревнал до болка,
како среде срце
прострелана ѕверка!

Што тогаш од мене
ќе стане, се знае. —
По грабежот веднаш
ќе бидам јас сништен.
И појасно уште
и поточно да е —
по грабежот веднаш
ќе бидам јас ништо.

Ќе сакате може
во неврат да појде
и мојата вера
в денот што ќе дојде,
и мојата вера
дека — ни се ближи
живот појќе убав,
живот појќе грижлив?

А каков ќе биде нападот, ве молам?
Со куршуми? Нели?
Безуспешно. Сосем.
Друго. — Сè е ветер. —

Верата во мене, —
зад челичен оклоп
в гради ми се внесе,
и куршуми
кои
да ја урнат можат
откриени не се.
Откриени не се.


Поврзано

[уреди]


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.