Се оженило едно просто момче и ќе одело у деда си на гости.
— „Слушај ваму, домаќине, му рекла невестата на момчето, еве не канија кај татка на гости за вечер да одиме, арно ама ќе те молам да не јадеш толку многу леб таму, како што си го имаш адетот, чунки е страмота, ами гледај ме мене, кога ќе запрам, и ти тогај да запреш, и кога ќе ти сторам со ишарет, да им го оставиш лебот на трпеза и веќе да не јадеш".
Тоа поучение од невестата младото и будалата момче беше го клало во умот донегде, оти било страмота кај дедото да јаде многу од нивниот леб, та, пред да киниса нагости, си ги наполнил од дома леб пазувите и џебовите, без да го види невестата му, да му се најде за таму да се донајаде, ако остане нешто недонајаден, чунки тоа било многу изјасливо, колку за тројца арни мажи што јадат леб, тоа само толку јадеше.
Нејсе, тргнаа момчето и невестата и си ошле на гости вечерта кај деда си. Дошло време за вечера и седнале да вечераат. Јале, што јале, и сите се изнајале; само зетот не беше се најал. Сирота невеста се в очи му се пулеше, за некако и тој да ѝ се опули, да со ишарет да го запре јадењето, оти лицето беше ѝ капнало од страм. Едно беше ѝ се опулило момчево во невестата, и таа си поткасала долната рилка и му мавнала со главата, да се сети и да запре да не јаде веќе леб оти било страмота. Веднаш беше се сетило момчето колку за тоа и беше запрело да јаде од лебот што бил на трпезата, се поиставило поназад од трпезата и си послало пред себе крпата, та си извадило од џеп и од пазуа од својот леб, та му легнало да си јаде. Во тоа време невестата му не била тука, да му стори со ишарет и да го запре. Таа вечер била спроти свети Андреа, 29 ноемврија, и врнало еден силен снег. Домаќинот, дедо му од момчето, бил надвор и, гледајќи го снегот што врнел силно, рекол со висок глас:
„Де, свети Андреа, гнети, гнети, да нагнети се арно, де да видиме, што ќе ни чиниш".
Ги чуло момчето тие зборои од деда си и, бидејќи го викале Андреа, му се сторило оти за него ги рекол дедо му тие зборои, та му дало еден одговор ваков:
„Абре дедо, му рекло, ами ако си гнетам јас леб, од мој леб си гнетам, а не од твој, што си излегол надвор да викаш, та светот да те чујат оти јас сум гнетел многу. Прво научи се еднаш арно, да после да викаш, а дедо".
— „Море, не реков за тебе, бре зету“, му рекол дедо му, „јас, ами реков за снегот, јади си ти леб, кој ти го запрел".
— „Море, ти, а дедо, не ме лажеш, иха, колку знам јас!" му рекол зетот. Кога ги чу тие зборои сиротата невеста, умре од страмота, завали!