Прејди на содржината

Мома Тентелина и волци

Од Wikisource
Мома Тентелина и волци

од македонските народни приказни
Фантастична приказна.

Едно време си била една мајка. Таа си имала и едно дете машко, а многу женски и биле умреле. Еднаш, бидејќи таа тешка, си ошла на дрва. Идејќи си од планина, везана со дрва, пропаднала и се закачила во едно блато и никако не можела да излезе од него. Во тоа време тамо поминал еден волк, и таа, видувајќи го, му се помолила да и помогне, за да излезе од блатото и му рекла:
— Волку, волку, ја сврти се, да ти се фатам за опашката, та да излезам од блатово!
— Што ми даваш — и одговорил волкот, — да ти подадам опашката, за да се фатиш, та да излезеш?
— Што имам јас, кутра, да ти дадам? — одговорила жената. Немам ништо, та да ти дадам? Ако бев имала, би ти дала!
— Тоа што имаш во еебе — и рекол волкот, — кога ќе го износиш и ќе го родиш, тогаш да ми го дадеш; ако биде машко, нека ти биде твое; ако биде женско, да е мое!

Жената се ужалила многу и се задумала каков одговор да му даде на волкот. Најсетне, немајќи што да чини, за да излезе од блатото и да се куртулиса, му рекла:
— Хајде, ти го давам, ако е женеко!

Тогаш волкот се свртил со опашката кон неа, и жената му се фатила за опашка, та си излегла од блатото и си ошла дома со дрвата.

Поминале, не поминале неколку дни и и се родило момиче. Името му клале: Тентелина. Момичево пораснало и си шетало по патишта, а мајка му заборавила што му се таксала на волкот. Еден ден, кога Тентелина си шетала по патишта, ја сретнал волкот и и нарачал да оди да и рече на мајка си: „Што си му таксала на волкот, си сака да му го дадеш! Момичето рекло: „Арно“, ама заборавило да и каже на мајка си.

Друг ден волкот пак ја нашол Тентелина и ја опитал, дали и рекла мајце си тоа, што беше и нарачал да и рече.
— Не, одговорило, момичето, — заборавив!

Волкот повторно и нарачал да и рече на мајка си, да му даде тоа што му таксала, ако не, рекол тој,
кога ќе те најдам уште еднаш, ќе те изедам! Момичето си дошло дома и и рекла на мајка си:
— Апоти, нано, ме најде еден волк и ми нарача да ти речам да му дадеш тоа, што си му таксала!

Мајка и многу се ужалила и и рекла:
— Кога ќе те најде уште еднаш, ти да му речеш, оти си заборавила да ми речеш.

Момичето одговорило:
— Не поти, нано, не! Тој уште неќни ме најде и ми нарача да ти речам, ама јас заборавив да ти
кажам; а пак сега ми рече, ако не ти речам, кога ќе ме најде уште еднаш, ќе ме изеде!
— Ако, ако! — и повторила Тентелинина мајка. Така речи му ти, оти си заборавила.

Треќи пат волкот пак ја нашол Тентелина и ја опитал дали и рекла на мајка си тоа, што беше ѝ нарачал. Момичето пак му рекло:
„Заборавив!“

Волкот за последен пат ѝ рекол:
— Да знаеш оти ако те најдам уште еднаш, мутлак ќе те изедам!

Момичето дошло дома и и кажало на мајка си. Мајка му видела, оти како да е, волкот ќе го изеде, си го изљубила, арно си го исцеливала и изгушкала, му дала и едно јаболко и му рекла:
— Кога ќе те најде уште еднаш волкот, ти да му речеш: што ти таксала, да си го земеш!

Волкот пак ја нашол Тентелина и ја опитал, дали ѝ рекла на мајка си тоа, што беше ѝ нарачал да ѝ рече.
— Ѝ реков — одговорила таа, без да знае, кутрата, оти за неа и нарачал.
— Што ти одговори? — пак опитал волкот.
— Што ти таксала, ми рече мајка ми, — да си го земеш!
— Ех, кога е така — и рекол волкот, — ела со мене.

И така волкот си го зел момичето, и го однесол в планина, та си го качил на една висока јасика. Оттогаш веќе волкот шетал, каде шетал дење, а навечер си идел таму и и викал на момичето:
— Тентелино, Тентелино, Тентелино! Пушти си косите, да се качам!

Таа имала долги коси, му ги пуштала надолу, та тој се качувал по нив.

Тентелина, како што рековме, имала само еден брат, Костадин, меѓу многуте сестри, што беа умреле, а само една, таа останала. Еден ден брат и Костадин, ја опитал мајка си:
— Мајко, камо ја Тентелина, сестра ми? Што нема уште да дојде? Толку сестри имајќи, сите ни умреле! Што се стори Тентелина? Сакам да ми кажеш!

Мајка му фатила да плаче и не сакала да му каже. Тој ја стиснал многу:
— Ја ми кажуваш, што се стори сестра ми, Тентелина, ѝ велел тој, — ја не е чаре инаку!

Таа, видела не видела, најсетне му кажала:
— Бев ја таксала на волкот — му рекла мајка му, — тој ми ја зеде.

Детето многу се ужалило и и рекло:
— Кажи ми на која планина живее тој волк. Јас ќе одам, ќе си ја земам.
— Немој, синко — му вели мајка му, — таа досега е изедена; сакаш и тебе да те изеде, та да останам сама, како кукавица?
— Не, на име божје, јас ќе одам — повторил син и — само ти кажи ми, на која планина живее волкот.

Најсетне мајка му му кажала планината, каде што живеел волкот и тој отишол.

Кога приближил до планината Тентелининиот брат, Костадин, сретнал една баба и ја опитал:
— Бабо, дали знаеш каде му е седалиштето на тој волк, што зеде една момичка? Кажи ми, ако знаеш, ти се молам, ќе ти дадам голем бакшиш!

А бабата му рекла:
— Ено, на онаа, високана јасика, тамо ја качил и, кога да дојде навечер, и вика: „Тентелино, Тентелино, пушти си косите, да се качам!“ Таа ќе си пушти косите и тој ќе се качи по нив.

Сетне пак и вели детето:
— Бабо, како можам да се качам, та да ја сметнам долу?
— Јас ќе те научам — му рекла бабата, — и ошле заедно каде јасиката.

До самиот корен од јасиката бабата завалила огин и на огнот клала еден сач наопаку. Момичката озгора, кога го видела сачот наопаку, и рекла на бабата:
— Не така, бабо!
— Ами како, мори ќерко? — опитала бабата. Ја слези, те молам, кажи ми, како да го клаам!
— Би сум слегла — одговорила момичката — ама сега ќе дојде волкот, та ќе ме најде долу и ќе ме направи парчиња.

А брат и слушал зад јасиката. Бабата пак и рекла:
— Знам, мори ќерко, оти не се мамиш, ама ќе ти кажам право: брат ти дошол по тебе, за да те земе!
— Чувај се, бабо — одговорила момичката, — оти ако дојде волкот и ве најде тука, ќе ме изеде та и мене, та и брата ми, сетне куќата мајчина ми како ќе остане? Како да слезам јас да дојдам при него, кога дури и олџиците зборуваат, та ќе му кажат на волкот!
— Да те научам јас — и рекла бабата, — на олџиците меси им по едно кравајче, за да не зборуваат, та ти оди си со брата ти!

Тентелина им месила кравајчиња и им дала по едно на секоја олџица, а едно само олџиче било скриено во скоренот од волкот. Тентелина слегла од јасиката и си тргнала да си оди со брата си, а бабата им рекла:
—Земете си со себе еден чешел, еден калап ума и еден калап сапун. Кога ќе си одите патем, ако волкот трча по вас, вие фрлете ја зад себе умата — таа ќе се стори калои до колена, та тој не ќе може да ги помине и вие ќе се оддалечите. Пак ако ве превтаса, фрлите зад себе чешелот — тој ќе се стори трње и волкот ќе се запре во нив, та не ќе може да ве стаса. Најсетне, ако се приближи до вас, тогаш вие да го фрлите сапунот — тој ќе се стори планини, та ќе му пречат и вие ќе се оддалечите, ќе отбегате!
— Ајде сега, Тентелино, да си ојме — рекол брат и, — оти мајка ја оставив сама како кукавица!

Момичката тргнала да си оди со брата си, а овој и дал на бабата таксаниот бакшиш. Зеле со себе ума, чешел и сапун и си тргнале патот.

Тој ден волкот си собрал пријатели, други волци, и ги канил на гости, да ги гости со Тентелина. Кога дошол до јасиката заедно со пријателите си, гости, волкот, како што си имал адет секогаш, викнал:
— Тентелино, Тентелино, пушти си косите, да се качам!

А Тентелина ја немало да му се одговори или да му пушти прцасите си, за да се качи. Тогаш олџичето,
скриено во волчевиот скорен, се одзвало и со кночок глас викнало:
— Тентелина си ја зеде брат ѝ!

Волкот, како чул така, рекол на другарите си:
— Гази, гази, да газиме, да ја најдеме Тентелина, на неа да се навечераме!

И така сите волци тргнале по неа и по брата ѝ, и до негде ги привтасале. Тогаш тие фрлиле зад себе умата, та се сторила калови до колена и волците не можеле со лесно да поминат, а братот и сестрата доста се оддалечиле. Волците со мака префрлиле каловите и пак ги привтасале, и тие, Тентелина и брат ѝ, видувајќи ги близу, го фрлиле чешелот, та тој се сторил трње и капини, и волците многу се забавиле дури да преминат трњето и капините, и така брат и сестра пак доста отбегале. Најсетне волците пак се доближиле до нив. Тогаш Тентелина се обрзнала назад и ги видела, та му рекла на брата си:
— Брате, овие пак наближија, туку фрли го сапунот, да откинеме!

Брат и на часот го фрлил сапунот зад себе, та се сторил високи планини. Волците, кога виделе планините, скапнале и се вратиле назад многу налутени. Се скарале меѓу себе и го раскинале волкот, што беше ги викал на гости, а не ги гостил со Тентелина.

Децата, брат и сестра, си отишле дома и клукнале на вратата. А мајка им, седејќи дома сама, од жал, се сторила како кукавица: не познавала никогу, а сѐ си плачела. Кога децата клукнале, таа се одзвала:
— Кој е тој? Кој клука? Да е син ми Костадин, и ќерка ми, Тентелина, пак не станувам да им отворам!

Таа ги мислела загубени, изедени. А децата ѝ повториле:
— Отвори, мајко, оти сум јас, син ти, Костадин! Ти ја носам и сестра ми Тентелина!

Тогаш слегла мајка им да им отвори и им отворила. Кога ги видела, сина си и ќерка си, многу се зарадувала, ги изгушкала и сите заедно се зарадувале.



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.