Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXXV
| Поглавје XXXIV | Враќање од походот — Случката со Јордана Шурков — Понатамошни борци со неоврховистите — Конфликт со Васила Главинов — Дејност на комитетот за општествена безбедност во Велес — Први мај 1909 г. во Велес — Работничката група во рудникот при с. Попадија — Нови борби со врховистите — Конституционо-клубистите од Алексо Мартулков |
Поглавје XXXVI |
| Патувањето ни беше по море за Солун токму на Први мај, т. е. на 18 април стар стил. На парабродот го празнувавме многу свечено. Многу муниција беше потрошена за салути. Утредента кога пристигнавме во Солун бевме свечено пречекани и починавме еден ден и една вечер таму како гости на солунската општина. Димитар Мирасчиев, еден од старите наши револуционери се грижеше за нашиот подобар поминок во Солун. Нашето пристигање во град Велес беше ознаменувано со голема свеченост. Целиот град беше се стекол на станица да нѐ пречека.
Но нашиот другар Шурков, во нашето отсуство, се запишал во „јуначкото“ друштво на градов и се истопори со сите јунаци и тој со јуначка униформа да нѐ пречека. Другарите доброволци, гледајќи го во овој негов кијафет, се нафрлија на него и сакаа да го натепаат, пороганејќи го: „Како можеш да ни го устроиш овој резилак, да се јавиш да не пречекаш како „јунак“ а не како водач на нашата социјалистичка организација! Кој ти дозволи да членуваш во едно друштво кое е орган на Конституциониот клуб, најголемиот наш непријател?“ Јас се замешав и ги умирив, инаку беше возможен лош крај. Свеченото пречекување беше помрачено од овој факт за нас и ние социјалистите веќе не учествувавме во свеченоста. Шурков беше крајно ексцентричен тип и ако јас не бидував крај него, занесувањето во некоја авантура му беше неизбежно. Инаку, беше многу надарен говорник и ги привлекуваше масите со себе, а имаше дарба и за пишување. Беше смел и ги мразеше врховистите како ѓаволот темјанот. Марксистичка култура му недостануваше и беше повлијан од руската народничка литература. Ние во Велес се наоѓавме во многу тешка положба поради големото непријателство на врховистите против нас. Нивниот водач Бано Кушев на едно нивно тајно собрание рекол: „Сешто да допуштиме да има во нашиов град: демократи, федератисти, санданисти, и како сакате речете ги, само она теќе — Работничкиот клуб — да биде растурено, да не постои во нашиов град. Име социјалист да не се чуе. Тие се наш непријател бр. 1. Тие можат да создадат навистина солидно, добро изградено и активно движење, опасно за нашите национални интереси“ (т. е. за големобугаризмот). Активниот кадар на неоврховистите, собран на тајно заседание, решава да бидат избиени некои од поиздигнатите наши другари на чело со мене. Ние бевме слаби да се бориме против нив, зашто имаа голем терористички кадар, а и убијците нивни имаше каде да се скријат и да избегаат во „мајка“ Бугарија, на топло место. Затоа ние бевме принудени да прибереме повеќе членови во нашата организација, не водејќи многу сметка за нивната социјалистичка подготовка, надевајќи се дека ќе бидат подготвени внатре во нашиот организационен живот. Исто така ние бевме причина да се организира централистичкиот елемент, кој беше непријателски настроен против конституционоклубистите во Демократска партија на чело на која застана Ризо Ризов. За истово имам повеќе пишано понапред. Им дадовме место во нашиот клуб, за да си ги сместат своите книги и да си прави заседанија нивниот раководен комитет. Во прво време Демократската партија броеше 350 члена и заедно со нас беше сила за која мораа да водат сметка нашите противници. Така можевме да им ги осуетиме сите нивни планови за нашето убивање. Макар да имавме конституционен режим и беше можно легално водење на нашите борби, нашите сили од нашето револуционерно време пред превратот не беа расформирани. Централисти и врховисти си ги запазуваа воените кадрови. Ние социјалистите за борбата против врховистите не сакавме да се потпреме на владата, ами се потпиравме на единствениот фронт со старите другари централисти. Тесните социјалисти во Софија не можеа да ја разберат оваа положба и нѐ атакуваа како широки социјалисти и стариот мој другар и учител Васил Главинов им пишуваше на наши другари дека сме оделе по лош пат и ние социјалистичкото движење ќе сме го изроделе во буржоазен демократизам и други слични формули. А за да имаат ваков однос кон нас станаа причина некои учителчиња што се сметаа себеси за социјалисти, а ваму беа шуреи на конституционоклубистите, дури и членови во нивниот клуб. Му пишуваа страшни работи за нас. Гледајќи дека оваа работа може да донесе растројство во нашите редови (писмата од Васил Главинов внесуваа голем смут во нашите редови), се собравме на општо организационо собрание за да ја разгледаме создадената положба од овој факт и решивме да му пишеме на другарот Главинов писмо од нашава организација да престане да подмолничи меѓу нас со своите писма и ако има да пишува нешто за нашите грешки или престапни дејствија, да пишува направо до организацијава. Понатаму му се веќававме дека неговите писма и совети ќе бидуваат реферисувани на општите организациони собранија, тој не треба, да им пишува на одделни другари, со кое нешто се создаваше многу неповолна положба за успешниот и правилен развој на нашето социјалистичко движење. Ако пак не престане со ваквата практика, ние, излезени од едно револуционерно минато — нека не му биде чудно, — ќе бидеме принудени да прибегнеме до радикални средства. Беше му го кажувал Васил Главинов нашево организационо писмо на дедото Благоев. Овој му рекол. „Василе, си ја пресолил со движењето и со своите односи кон нашите другари во Македонија. Ние треба да бидеме крајно внимателни за сешто што се однесува за таму, зашто таму навистина нашите другари се пржат на масло, што не го познаваме ние овде.“ Ние не допуштавме во нашиов град да проникне весникот „Народ“, орган на широките социјалисти, а весникот „Работнички весник“ се растураше во десетина броја, а исто така го примавме научниот орган на партијата „Ново време“. Широк социјалист штом надушевме, веднаш го оневозможувавме да работи во Велес. (После ќе напишам повеќе за нашата тактика и идејна постановка на движењето). „Муфтелит комисион“, т. е. комитетот за општествена безбедност, по време на нашето отсуство од Велес, беше многу активен. Комитетов решува да бидат прибрани од по селата сите учители, биле српски или бугарски, зашто во тие времиња не можеше да има доверба во нив. Исто да бидат прибрани в град и српските комитаџии на чело со Трбиќа и Бабунски и да бидат ставени под надзор. Српските учители и комитаџиите бидуваат дотерани в град преку полицијата, а за бугарските оди една делегација од комитетот при владиката Милетија да му каже да прати службено писмо по селата за да се приберат сите учители в град, каде што ќе стојат до втора наредба. Во делегацијава беа Ризов, Јордан Шурков и Методи поп-Гешов. Ризо Ризов ми расправаше: „Кога отидовме кај владиката и му ја кажавме наредбата на комитетот, тој почна да ја усукува и да одбегнува да се покори на наредбата. Меѓутоа, ние недвосмислено му дадовме да разбере дека секое непокорување на комитетот повлекува строги накажувања, без да се води сметка за чинот и положбата на непокорувачот. Ова му беше речено со таков тон за да не може да филозофира повеќе.“ По еден ден се прибраа и бугарските учители. Беа образувани неколку комисии со задача да ги поминат селата за да ги запознаат селаните со создадената положба и да бидат предупредени да не им даваат прием на некои смутители. А ако се јават при нив такви, да му бидат посочени на комитетот за да земе мерки за нивното фаќање и накажување. Во противен случај, ако некои од селаните не се покорат, ќе им биде наложено тешко накажување од револуционерниот суд. Мене ми се падна да ги поминам „Кумурџикол“ и Азот. Со мене беше Бано Кушев, претседателот на Конституциониот клуб, и еден млад офицер од велешкиот гарнизон. По селата Бано Кушев се правеше итар да не зборува. Меѓутоа, јас му изјавив недвосмислено дека сега не можат да се тераат итроштини ами да зборува. Исто така и офицерот му зборуваше да не манкира ами да зборува. Најпосле тој беше принуден да зборува во с. Теово. Мене ми беше пријатно да го гледам како се поти зборувајќи го она што никако не му е по волјата. Бабунски во тоа време забегна и стана нелегален со други српски комитаџии. Кога одевме од с. Теово за село Ораовдол, тој беше ни поставил пусија да нѐ истепа. Но ние бевме предупредени и заминавме по друг пат. По тоа забегнување тој веќе не се легализира и до крајот на војната беше комита. Виновниците за сите убиства станати за време на нашиот поход кон Цариград и нашето враќање во Велес беа судени од народен суд. Едно убиство бидува извршено во с. Ораовдол и од страна на комитетот одат Шурков, истражниот судија и еден офицер за раследување на случајов, за да биде најден убиецот и накажан. Меѓутоа, убиецот бил од истово село, „цар Перо“, еден прононсиран српски комитаџија, кој беше забегнал и се присоединил кон Бабунски, Шурков, по враќањето од селово Ораовдол, беше го убедил Емин-бега, капетан од коњицата, најголемиот фактор во "Итихат ве Терекли“, да отпочнат една решителна борба против србоманите и едно големо прочистување со терор на видните нивни претставители. Токму по ова време се вративме ние доброволците од Цариград. Јас научив за намерите негови и заедно со Риза Ризов го разубедивме да се откаже од овие намери, зашто по ваков начин ние ќе ја влошиме положбата повеќе и ќе им услужевме на надворешните фактори, што ја сакаа ситуацијата од времето пред Хуриетот. Како што спомнав, Први мај 1909 година, ние го празнувавме на параброд кога патувавме од Цариград за Солун и тоа по еден многу оригинален и свечен начин, изгорувајќи голема количина џебане (муниција) за салути. Имаше и говори по случајов и револуционерни песни се пееја през целиот ден. Во Велес истава година за прв пат официјално се манифестираше и се отпразнува Први мај многу свечено. Со партиското знаме на чело и со транспаренти на кои беа напишани соодветните пароли за случајов манифестираше маса од 400 — 500 души — речиси сите занаетчиски работници, (поголемиот дел од дуќаните беа затворени). Под звуците на музиката тие ја пееја песната на трудот од другарот Ѓорѓи Кирков и други руски и бугарски револуционерни песни, запирајќи се насекаде по пошироките места на Велес. Во своите говори другарите ја истакнуваа создадената револуционерна положба и ја подвлекуваа потребата од преземање мерки за понатамошниот развој на револуцијата во Турција, што ќе доведе до полно демократизирање на државата. На тие митинзи присуствуваше целото население на Велес, без разлика на вера и народност. Манифестацијата изигра голем улога во политичкото воспитување на масите. По завршувањето на манифестацијата, вечерта во клубот имаше голема свечена вечеринка, со голем број посетители. Ете таа е по својата импозантност првата мајска манифестација во Турција. И во Скопје се одржала таква првомајска манифестација. Меѓутоа, по својот размер бледнеела пред велешката. На неа имало околу 50 — 60 души манифестанти. За да си направат знаме и да ги покријат трошоците околу манифестацијата, организаторите прибегнале до помошта на сpпскиот трговски конзул во Скопје Балушиќ, кој им дал еден и пол наполеон. Уште во 1902 година во село Попадија, Велешко. имаше рудник за плочи, кој беше експлоатиран од една германска компанија. Таму работеа група млали велешани. Преко Алексо Авутаров, кој работеше таму и отпорано беше под мое влијание и беше напреднат доста во разбирањето на социјалистичките идеи, успеавме да образуваме таму работничка социјалистичка просветна група. Во групава членуваа: Алексо Авутаров. брака Тоде и Диме Игнови, Никола Јанчев и Велко Апостолов од с. Попадија. Јас одев при нив неколку пати во Градско, кај што работеа некои од оваа група, правејќи од плочите квадрати за покривање на куќите. Сите членови на оваа група през востанието станаа четници. По востанието, кога дојде Стефан Димитров во Велешко, се присоединија кон неговата чета и во продолжение на две години и повеќе беа нелегалии. Околу крајот на 1906 година отидоа во Бугарија и останаа таму на работа во керемитџиската фабрика „Изила“ во село Нови Ан, Софиско. Во фабрикава беше наіздравата група во фабричкиот синдикат, кој беше секција на синдикалната организација на тесните социјалисти. Таму често ги посетувов. По превратот тие дојдоа во Велес и беа едни од најпоеданите дејци во нашата социјалистичка организација. Од нив е жив и овде живее само Никола Ланчев, а другите отидоа во Северна Америка. Велко Апостолов беше убиен како војвода во Велешко през 1907 година. Го изнесувам овој факт, зашто многу работници во национал-револуционерното движење поминаа низ нашата школа и беа добри борци. По нашето враќање од Цариград, отпочнавме по Велес голема активност. Почнавме веќе да создаваме во некои села комитети слични на градскиот. Меѓутоа, против оваа наша дејност се јавија многу фактори противдејствуваат. Итихатчиите не сакаа да се развиваат нашите работи по тој правец и беа против нас а и врховистите — конституционоклубистите се стрeмеа со дозволени и недозволени средства да ни напакостат. Демократите, особено нивните раководители се плашеа од решителна дејност во поткрепа на нашава иницијатива за создавање на општограѓански комитети и понатака во селата. Бевме поставени под крстосан огин. За да може нашата идеја да биде масовно проагитирана, а и да ги засилиме своите позиции, свикавмe големо јавно собрание на граѓаните во салонот на училиштето „Св. Кирил и Методија“ за отчет на комитетот за неговата дејност. За претседател на собранието беше избран д-р Васков, а референт беше другарот Шурков. Но во разгорот на дебатите говорниците на врховистите ја напаѓаа дејноста на своите претставители во комитетот, дека им биле послушни орудија на социјалистите, кои имаат една јасно определена цел да направат се возможно да се развиваат работите во нашиов град, а и подалеку, во нивни интерес. И навистина тие во тој однос и успеваа да завлечат многу наши елементи. А исто така и со создавањето на општограѓански комитети и во селата навлегуваат во нашава божем недостапна тврдина. Тие можеа некои наши членови да ги привлечат за доброволци. Но имавме ли ние интерес да се закрепува Турција и да се стабилизирува нејзиниот конститу- ционен режим? Илјада пати не! Особено бесцензурен и краен во своите напади беше Тодор Оровчанов, еден од водачите на сарафовската тајфа кај нас. Тој ги нападна доброволците како најголеми непријатели на бугарските аспирации. Споровите беа крајно распалени, бидејќи и ние не им останувавме должни и им дававме достоен одговор. Но во моментот на најбурните дебати го повикаа д-р Васкова за преглед на еден тешко болен и јас го заменив на претседателското место. Тогаш веќе не можеа да истрпат неоврховистите и бурата почна. Почнаа извикувања: „Не може ли да биде избран за претседател друг туку најпрононсираниот социјалист Бизмарк“! Почнаа свиркања и тепања. Една голема група од сарафисти на чело со нивните водачи Андона Димов и Тодора Оровчанов навалија да го бијат нашиот другар социјалист Андреја Ронката. Се пуштија во бојот наши социјалисти и демократи, а Христо Зарезанков, наш другар, кој беше близу до сцената, го извади својот револвер да стрела и јас се фрлив спроти него и го натерав да си го прибере револверот. Ова подејствува малку умирливо можеа веќе да се прекратат тепањата, но собранието се растури. Ова престапно поведение на неоврховистите ние не сакавме да го пропуштиме ненакажано и уште истата вечер свикавме јавно собрание на сите доброволци Македонци и Турци. На ова собрание реферирав јас за станатите инциденти на граѓанското собрание дента. Особено ги истакнав грубите напади на врховистичките говорници по однос на доброволците, чија што тенденција беше јасна: да се влошат односите меѓу Македонци и Турци и да се осуети секаква соработка помеѓу нив за зацврстување на конституциониот режим и понатака за неговото полно демократизирање, т. е. да биде по секоја цена растурен општограѓанскиот комитет. Собраниево беше посетено масовно и по мојот говор, тоа донесе резолуција да бидат затворени провокаторите врховисти и да ги суди народен суд, во кој како судии да има и доброволци и да бидат најстрого накажани. Власта, поради сакањево на доброволците, беше принудена да ги затвори некои од врховистите, а другите се скрија. Ова стана уште истата вечер по собранието. Меѓутоа, Младотурците, како што спомнав и понапред, не сакаа да постои комитет, плашејќи се од задлабочувањето и раширувањето на неговата дејност. Овој случај ним добро им дојде и уште утредента ги свикаа извршните одбори на демократите, конституционоклубистите и итихатчиите на општо собрание за да се занимаваат со создаденава положба. На собранието бевме повикани и ние социјалистите, но ние откажавме да присуствуваме. На ова собрание решуваат да се свика општограѓански митинг на кој да се осудат делата на врховистичките говорници и овие да бидат повикани да се јават на митингот, за да се откажат од своите пакосни погледи и да сакаат прошка од граѓанството. Демократите во случајов се покажаа многу страшливи и нерешителни: боејќи се од усложувања, се солидаризираа со итихатчиите, та нашата кампања за решителна борба со врховистите и нивното порадикално расчистување се осуети. На митингот врховистичките говорници се јавија и сакаа прошка, но повеќе нѐ обвинија, нас социјалистите, оти сме сакале да се создадат нереди за постигање на наши „груби“, „себични“ партиски интереси, противречни на општите државни интереси. Тие биле наполно „лојални“ граѓани и се веќаваат за натака да бидат подобри и посамопрегорно да работат за нашата општа „татковина“ — Отоманската империја. А ако во својата занесеност рекле некој неуместен збор, го молат граѓанството да им прости. Се разбира, тие беа простени. Ние веќе прекинавме секаква соработка со итихатчиите. Со демократите односите ни беа веќе коректни. Нивната нерешителност и колебливост за сериозна борба се покажа гибелна за нивното постоење како политичка сила во нашиот живот. Нивната моќ место да се засилува и нивното влијание да се разраснува сред масите, почна да се топи и през 1912 година одвај можеше да се забележи. Мојот пријател Петре поп-Арсов во 1920 година во Софија ми велеше: „Ние имаме голема одговорност пред историјата, оти не бевме решителни и не ве слушавме вас за една решителна борба против врховизмот, ами се маткавме во магливост, без една прецизна и строго определена принципиелна тактика во однос на нашите национални интереси и се дојде до оваа катастрофа.“ |