Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXXIV

Од Wikisource
Поглавје XXXIII Во поход на Цариград — Конференција на левицата на ВМОРО во Солун — Низ Серез, Драма, Дедеагач, Димотика — Влегување во Цариград — Абдикација на Султан Амид — Големи клања на реакционерни елементи во Цариград — Средба со другарот Димитар Влахов

од Алексо Мартулков
Поглавје XXXV
Уште утрината беа екипирани и вооружени доброволците и околу ручекот заминавме за Цариград. Бевме облечени во војнички алишта, а место фесови, како што носеа војниците, беше примено да носиме бели албански кечиња, бидејќи воените расправаа дека цариградското население било многу респектирано од Албанците и султан Амид се служел повеќе со нив во столнината за да подржува ред и да го држи во покорност неселението во неа. Исто така и сега „Авџи табури“, создаден и организиран уште во минатото за борба против нашите чети, во превратот беше настанет во Цариград божем за подржувањето на конституционата власт, се покажа добар инструмент во рацете на султан Амид за да го изврши контрапревратот. „Авџи табури" беше комплетиран исклучиво од Албанци. Ние како Албанци со кечињата ќе можевме да ја изиграме улогата на респектирачка сила против населението верно на султан Амид во Цариград. Но пред да заминеме, го имавме првото заседание на комитетот, на кое се определија неговите претставители во доброволната дружина. За такви бевме избрани јас и Али Ефенди — Попето, адвокат во Велес.

Пред да заминеме, добивме телеграма од Солун да испратиме делегати за конференцијата на левицата од ВМОРО, за определувањето на нивниот однос по станативе настани по превратот. За оваа цел беше испратен како делегат Ризо Ризов. Овој кога пристиг нал во Солун, ги нашол делегатите собрани од секаде како водат распалени дебати.

После тој ми расправаше: „Едни настојуваа да им се даде полна поткрепа на Младотурците за походот нивни кон Цариград, а други да се сакаат концесии од нив, оти сега биле тие втесно и ќе биле принудени да ги дадат. А најоригинален беше Чернопеев кој велеше: „Нема што да му мислиме многу, ами да заминеме. Царевите Крум и Симеон не можеа да влезат во Цариград, а ние за првпат како победители да влеземе во Цариград, и бугарските песни да прогрмат по улиците негови". Сиот се покажа како фелтфебел од бугарската армија иако беше долгогодишен револуционерен деец, при тоа еден од водачите на левицата“. Јас не можев да се воздржам и го зедов зборот. Сите со напнато внимание чекаат да го чујат зборот на град Велес. Им реков:

„Што сте се занесле во дебати, нема место за филозофирање во овој важен момент. Велес го предреши прашањето и нашите доброволци, повеќе од 100 души, речиси комплетирани од социјалисти и демократи, заминаа за Цариград. Ние не можевме да правиме друг избор, осем да му дадеме полна поткрепа на походов за смачкување на контрапревратот и симнување на султан Амида. За нас е јасно какви ужасни последици по нашиот народ би настанале од успехот и победата на султан Амида. Ќе пропаднат сите наши усилби да се тикнат настаните напред кон полното демократизирање на Турција и создавањето и стабилизирањето на револуционерниот фронт од прогресивните и либералните елементи и националните малцинства, за разрешувањето на македонското прашање. Ќе се срине конституциониот режим кој ни дава возможност да ја разгрнеме нашата масовна политичка дејност, зашто при апсолутистичкиот режим не ќе ја имаме таа возможност. Можат да се усложнат настаните со замешување на надворешните фактори и една војна е мошие возможна и последиците од неа би биле гибелни за нашата национална кауза. Велес си го кажа зборот и вие сте исправени предсвршен факт". По моево искажување престанал секакви спорови и им се даде наредба на сите да заминат по своите места за организирање учество во походот.

Левицата на чело со Сандански и Черно беше добро претставена во походот и зеде активно учество во боевите во Цариград.

Нашата велешка дружина по целиот пат за Цариград и по неговите улици при марширањето ги пееше песните: „Песната на трудот“ од Ѓорѓи Кирков и „Жив е тој, жив е" од Христо Ботев. За прв пат овие песни одекнаа по градовите на пат за Цариград каде што имавме долги престојувања: Серез, Драма, Дедеагач, Димотика и други, а исто така и по улиците на Цариград. Доброволечки одред имаше од битолска област под командувањето на Нијази-бег, водачот на Младотурската револуција, од Солун, Велес, Кавадарци и други градови од Серска и Струмичка област. Освен федератисти и демократи од Солун, имаше доста доброволци и од Социјалистичката федерација на чело со другарот Аврам Бенарој. Од војските на Европска Турција зедоа учество голем дел од солунскиот гарнизон и одринскиот корпус под командата на Шефкет Тургут-паша, добар војсководец. Поволна околност беше за нашиот успешен поход преземањето од Гази Муфтатар-паша на проходот Чаталџа со тамошниот гарнизон.

Нашите воени сили беа околу 36 илјади души, а султан Амид располагаше со повеќе од 70 — 80 илјади души, но големиот дел од офицерите им беа верни на Младотурците и го саботираа отпорот на султановите војски против нас. Да имаше султан Амид верен офицерски кадар и држеше една офанзивна положба, ние не ќе можевме да успееме. Ете зошто младотурските водачи не ја криеја оваа опасност и за возможен неуспех, тие велеа: „Ние многу се надевавме на вас, после да се потпреме на Странџа-планина и на македонските планини за долга партизанска војна. Во неа вие ќе ни бидете учители, зашто вие имате долгогодишен опит за таква војна“. Тие не можеа да се потпрат на Анадолот, кај што беше нивното влијание слабо а на султан Амида силно, а одовдека и беа големите воени резерви на Турција.

Штом ја заминавме Чаталџа, започнаа да се јавуваат султан Амидови емисари, да нѐ пречекуваат радосно, подавајќи ни цигари, локум, дури и пари, убедувајќи нѐ дека султанот нѐ чекал со татковска радост и оти ќе ни се направел најдобар прием. Но вакви агитатори — провокатори беа фатени и им беше дадено заслуженото. До Цариград ние не сретнавме никаков отпор, макар да имаше многу згодни стратегички позиции за да бидеме смеќавани во нашиот победоносен поход.

По неколкудневно претпазливо настапување една утрина влеговме во Цариград. Влегувањето стануваше од многу страни. Ние влеговме низ Ќатаането и навлеговме во кварталот „Шишли" на Цариград и по улиците кај што сретовме војски во кварталните казарми, ги обезоружавме, само во големите казарми „Мачка“ и „Таш К'шла" се спротивија. Се отпочна бој што траеше седум часа. Потоа војските капитулираа безусловно. Тие немаа артилерија и картечници, а ние располагавме со нив и бевме надмоќни. Од другите казарми, особено од „Таксим" и Военото училиште, имаше поглем отпор, но и овие по 6 — 7 часа капитулираа. Повеќето од гарнизонот на Цариград капитулираа без бој. Вечерта ние го обградивме султанскиот дворец „Илдиз“, каде што очекувавме поголем отпор. Меѓутоа, султан Амид без отпор капитулира и веднаш истата вечер со еден воен крајцер со дел од дворската прислуга и харемот негов беше испратен за Солун. Беше настанет во вилата „Алатини“. Тој го сврши таму својот живот.

Утредента по влегувањето наше во Цариград, беше качен на престолот со голема свеченост братот на Амида Мехмед Решад.

Јас уште тогаш им пишав на другарите од Велес дека ние си ја свршивме работата со походот. На местото на едниот султан качивме друг, само со таа разлика, што новиот султан (изабен од долгогодишен затвор, каде што беше фрлен од брата си) кому му e најголемо уживање да му биде полн пагурот со ракија и грнето со чомлек за мезе, поради кое станал голем пијаница и со идиотизирана рамнодушност гледа на сешто. Тој ќе биде послушно орудие во рацете на управувачката крупноземјовладелска класа. Но со решителна и самопрегорна смислена борба, засолнувајќи ги здравите, прогресивно-демократски елементи на господарствената турска нација и националните малцинства, ќе можеме да ја спасиме положбата, за да се создаде полна демократија со административна автономија на малцинствата. Инаку, настаните стрмоглаво ќе се развиваат кон расклатување на конституциониот режим под напорот на мали и големи реакционерни сили. Формираниот (во нашиот град) општограѓански комитет за спасувањето на револуцијата и нејзиниот развиток до полниот нејзин апогеј е добар почеток: нужно е да се разјасни тоа движење по цела Турција и во сите градови и села треба да бидат формирани такви комитети.

Со серчани и струмичани не можевме да се сретнеме за да размениме мисли — што ни претстои за работа. Кај се мотаа тие, не знам. Јас со неколку наши другари отидов во Стамбол во казармата кај што беа настанети, но не ги најдов големците, а се видовме со мнозина од четниците нивни, со кои се познавав уште од минатото комитаџиско време.

Во Цариград, неколку дена со ред, беше големо клање на реакционерниот елемент, особено софтите. Босфорот, ако можеше да зборува, многу нешто имаше да каже, зашто нивните трупови беа фрлени во него. Турскиот и албанскиот елемент „Тоски“, кои беа со Нијази-бег, вршеа голем грабеж, та престојувањето наше во Цариград ни беше многу кратко, само неколку дена и нѐ повлекоа сите доброволци назад. Струмичани и серчани беа повлечени и заминаа за Солун со параброд по море, а ние по нив.

Кога се накачивме во парабродот на пристаништето „Макриќој“, дојде таму другарот Димитар Влахов со другарката си да нѐ испратат. Тој беше депутат Во турскиот парламент како мандатор на македонската левица. Тој ме запираше да останам неколку дена во Цариград како гостин при него и после да си заминам за Велес, но јас не сакав да се делам од другарите и да се бавам повеќе, зашто ни претстоеше голема ра- бота со нашите непријатели во Велес.