Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXXIII
| Поглавје XXXII | Враќање во Скопје — Дискусии за егзархијата — Штрајк на железничките работници — Моето учество во штрајкот — Борба со врховистите во Велес — Собрание во училиштето „Св. Кирил и Методи“ — Митинг против српската пропаганда — Основување на работничко друштво „Класно единство“ во Велес — Формирање на демократска партија во Македонија — Борби со неоврховистите во Велес од Алексо Мартулков |
Поглавје XXXIV |
| За одбележување е фактот дека во нашето социјалистичко движење беше првенствено застапен работничкиот елемент, а интелигенцијата и занаетчиите беа многу слабо застапени. За чорбаџискиот елемент збор да не станува!
Меѓу учителите имаше мнозина да ни сочувствуваат. Тоа нешто се истакна кога на собранието за избирање на делегати за учителскиот конгрес през 1909 година, кој се одржа во Солун, јас добив многу гласови. Избраните двајца делегати: Диме Ничев и Тодор Оровчанов ме победија со малце гласови. Тогаш јас сред учителското движење кај нас го подржував становиштето: учителите не можат да бидат организирани на работничко-синдикална база, бидејќи не е ангажиран нивниот труд непосредно во производството и не можат да се борат на економска база. Тие не можат да ги засегнат непосредно интересите на работодателот преку штрајк, запирајќи го производството. Буржоазијата, вистина поради напреднатата техника во производството, има интерес да му даде на работниот народ елементарно образование, нужно за работа во производството. Ете ја гледаме денешната буржоазна држава како со закон ја пропишува задолжителноста на основното образование, но еден учителски штрајк не може да ја принуди да отстапи во случај на штрајк, зашто загубите во моментот на борбата не се чувствуваат, ами тие може да се осетат по десетина години и повеќе и таа нема да отстапи и да биде присилена да ги прима поставените барања. Од сето ова излегуваше дека борбата на учителите за нивните интереси може да се води само на политичка база, со политички средства. Затоа и нивната организација можеше да биде само политичка. Не само, учителството со својата политичка организација беше бессилно да води успешна борба. Неговата борба може да успее само ако има подршка од други политички сили. Меѓутоа, ваква помош од буржоазните и ситнобуржоазните политички партии беше апсурд да се очекува. Ете зошто учителите како пролетери, дел од работничката класа, можеа да ја имаат поткрепата од нејзината политичка партија и нивната организација требаше да биде нејзина секција. Бидејќи политичката партија на пролетаријатот е социјал-демократска, следуваше дека првенствено основните учители, кои беа мнозинство, треба да им дадат покрепа на нашите социјалистички организации, што веќе постоеја, да им дадат поткрепа станувајќи нејзини активни членови, а таму кај што немаше вакви организации, да бидат поткрепени нашите усилби за да бидат изградени и тие кога ќе се слеат во општа организација и кога ќе се постават темелите на социјал-демократската партија во Турција. Во името на овие принципи работевме сред учителството и јас како делегат на конгресот ќе се борев тие да бидат примени за да легнеа во основите на учителската организација. Во 1909 година, месец март, през Велигденската недела, јас и мојот другар Јордан Шурков бевме во Скопје, каде што ги поминавме велигденските празници и бевме на стан во хотел „Балкан". Во истиов хотел живееше и нашиот пријател Петар поп-Арсов, видниот наш македонски револуционер и еден од основувачите на ВМОРО. Тројцата ние го поминавме времето повеќе во ресторанот и пивницата на споменатиов хотел. Вечерта, на 23 март, бевме се запиле и задлабочиле во разговор[1] по текуштите работи од општествено-политички карактер во нашата земја, до 23 часот. Во тоа време дојдоа кај нас тројца видни членови од обласниот младотурски комитет: Азис и Кемал ефенди, жандармериски поручници и Асан Азис, член на скопскиот окружен суд. Тие веднаш ни рекоа дека дошле при нас и многу добро било оти не сме си отишле да си легнеме, зошто имале важна работа со нас. Јас се завртив кон нив со прашањево: „Хаир абер?" Тие нѐ известија дека султан Абдул Амид направил контрапреврат во Цариград, го растурил парламентот, ја суспендирал конституцијата и го воспоставил стариот апсолутистички режим. Ние од ова известие останавме како здрвени. Им го зададов прашањево: „Сега што мислите да правите при настанатава положба?" Тие ми одговорија дека Централниот комитет на „Итихат ве Терекли" организира воен поход на Цариград за симнувањето на султан Амида и воспоставувањето на конституцијата. „Дојдовме кај вас да ве прашаме, продолжија тие, дали ќе не поткрепите со доброволци од вашата организација и дали ќе влезете по формираните доброволни одреди во Велес и други градови на Македонија. Вашето учество во тој поглед му придава општонароден карактер на нашиот поход. Ние држиме не толку на вашата воена поткрепа но повеќе држиме на политичката поткрепа, која е од големо значење за нас. На други народни елементи во нашава земја ние не можеме да сметаме. Албанците во својот голем дел се непријателски настроени спрема нас, а и му се верни на султан Амида, кој фаворизираше мнозина од нивните водачи, давајќи им големи чинови во државата, и им овозможуваше да забогатат. Масите на албанскиот народ се на многу ниско, политичко и културно стапало и се влијаат од нивните водачи. Трците, речиси без исклучок, уште при прогласувањето на конституцијата, зедоа негативен став спрема неа, не сакајќи го стабилизирањето на нашата држава и нашата конституција, зошто тие плаќаат данок на старите свои метало-идеи за создавање на Велика Елада. Цинцарскиот елемент кај нас е малоброен и во својот поголем дел е под влијанието на Грците. Ерменците во Европска Турција се малку, а исто така и Евреите не се толку надежен елемент, зашто тие се интересираат повеќе за својата трговија и шпекула. Извесен дел од нивното работништво во Солун е доста прогресивно и може да се смета на поткрепата негова. Врховистичките елементи од вашиот народ се опасни и веруваме дека со ваше содејство, а при обид да создаваат нереди, ќе бидат спречени. За Србите и србоманите кај вас збор да нема! Ние немаме никаква доверба во нив. Само на вас сметаме и се надеваме да бидеме поткрепени. Вашата помош е неоценлива за нас“. Јас им одговорив прво: „Ние не можеме во сегашниов критичен момент да имаме друг став, да ви дадеме полна поткрепа. За нас е од големо значење и запазувањето на конституциониот режим, макар и недостаточен, но при него ќе имаме возможност да ги разгрнеме нашите сили и да се бориме за полното демократизирање на нашава држава, за да си осигураме услови за нашиот политички, стопански и културно-просветен развиток; да го осигураме нашето национално постоење. Ние ѝ сме непријатели на султанската апсолутистичка власт против која сме со бориле долго време и сме дале огромни жртви. Ние сме се бореле и против туѓите влијанија. Немаме друг пат во сегашниов момент и потворувам[1] дека ќе ви дадеме полна и безрезервна поткрепа". Моите другари, Поп-Арсов и Шурков се солидаризираа со мене и рекоа дека немале што да додадат повеќе. Опсудивме за прво време што да правиме. Решивме да заминам уште утрината другиот ден за Велес, за каде имаше увеселителен воз за скопјани кои одеа на празникот „Балакри" во манастирот „Св. Димитрија" во Велес. Задачата ми беше да органраме општограѓански митинг и да проагитираме низ нашите другари за неговото масовно посетување, в другарот Шурков да дојде со возот од поручек. Кога пристигнав во Велес, го најдов таму граѓанството возбудено. Ги собрав на организационо собрание нашите другари и ја разгледавме создадената положба од станатиот преврат. Откако изложив за станатото и што ни претстои да правиме во дадениот момент, решивме: да биде масовно проагитирано низ граѓанството да го посети митингот и исто така да се агитира за запишување доброволци за поход кон Цариград. Свикавме општо собрание со комитетите на Демократската партија и „Итихат ве Тереки". Решивме за митингот и ги определивме Ризо Ризов и Али Ефенди-Попето да говорат на митингот. Митингот беше посетен речиси од целото граѓанство. По ислушувањето на говорниците се зеде резолуција против контрапревратот и да се организира доброволен одред од граѓаните за поход кон Цариград за симнувањето на султан Амид од престолот и воспоставувањето на конституцијата. На апелот за запишување доброволци се запишаа над 400 души и беше образувана една дружина од Велес. Турци беа повеќе, а Македонци околу 100 души. Најповеќе бевме застапени ние, социјалистите и демократите, а имаше мал дел и членови од Конституциониот клуб. Дојдоа доброволци Македонци околу 20 души на чело со Васил Пачаџиев од Кавадарци. Пред митингот на општото собрание на гореспоменатите комитети, ние социјалистите предложивме да се образува комитет за општествена безопасност сличен на оние во време на Великата Француска револуција. Овој предлог го мотивиравме со тоа дека со контрапревратот, растурањето на парламентот и суспендирањето на конституцијата, кај нас веќе немаше законска власт. Следствено на тоа, ние имавме револуционерна положба, и затоа требаше да се создаде револуционерна власт преку овој комитет, за да му бидат потчинети сите административни, полициски и воени организации на комитетов под чија контрола да бидат и да ги исполнуваат неговите заповеди. Се разбира, „итихатчиите“ не на драга волја и по долги дебати се согласија да се создаде комитетов и го нарековме „Муфтелит комисион". Одредивме комитетот да се состои од шест члена Турци и шест Македонци. Од Македонците, кои имаа три политички партии се реши да бидат по два члена од партија за стапени во комитетот. „Итихатчиите" многу лесно ги определија своите претставители, но ние Македонците бевме во отежната положба. Социјалистите ме избраа мене и другарот Шурков, демократите Риза Ризов и Илија поп-Јорданов, но за претставителите на Конституциониот клуб беше мачно. Се собравме вечерта во куќата на Бано Кушев, претседател на Конституциониот клуб, целиот состав на комитетот, од Конституциониот клуб, од Демократската партија, и од социјалистите бев само јас. Откога го изложив нашето решение да се образува комитет за општествена безопасност, споменувајќи ги причините кои го наложиле неговото образување, ги поканив да се присоединат и конституционоклубистите кон комитетов со двајца претставители. Го зеде зборот прв Тодор Богданов, член од извршниот одбор на Конституциониот клуб. Тој изјави дека тие немале ништо против образувањето на комитетот и оти биле тие согласни да земат учество со свои претставители. Но не можеле да се согласат со решенијата да бидат претставени понатокмо со социјалистите, кои биле една мала група, а тие опфаќале во својата организација две третини од целото граѓанство на град Велес, а и од селата населението било речиси под нивно влијание. Затоа и би требало сообразно со нивното мнозинство да бидат претставени со мнозинство, а демократите да биле претставени исто со двајца, бидејќи и тие имале свои приврзаници во нашето „солидно“ граѓанство. Но социјалистите да не биле допуштени со своите претставители, зашто тие биле малечка група, која се состоела од чираци и калфи, елемент „несолиден“, а нивните водачи безотечественици, кои исповедувале разурнувачки противнародни идеи. Се разбира, неговите мисли беа поткрепени со мнозинството на конституционоклубистите. Јас го зедов веднаш зборот и изјавив: „Ние овде дојдовме не да ни диктирате услови за образувањето на комитетот и неговиот состав, ами да ви соопштиме за нашето решение со „итихатчиите" и демократите и оти вие можете да бидете претставени во комитетот со свои претставители на кои ние имаме доверба. Во сегашниов судбоносен момент не е вашиот „калабалак" кој ќе диктува, зашто вие сте врховисти и со негативно настроение по однос на конституциониот режим со исклучок на некои потрезвени членови од вас, во кои имаме доверба. А исто така ние целиме со вашето учество во комитетот да ве обврземе да одите со нас и да можеме да ве контролираме подобро. Силата значењето на вашиот „калабалак“, се разбира, „солидниот" се ништожни. Силата и значењето во денешниве моменти не се во квантитетот ами во квалитетот, а тој квалитет го имаме ние социјалистите, зашто најреволуционерниот елемент од нашиот народ е во нашите редови. Кај нас има јасно определени принципи и идеи во поглед на политичкиот и стопанскиот развиток на нашава земја и ние најдобро сме определени во поглед на нашите национални интереси и начинот како да бидат тие заштитени. Ние не плаќаме данок на туѓи интереси и уште од создавањето на национал-револуционерното движење се боревме против врховистите какви сте вие, и ќе се бориме против вашите аспирации. Ако сега се согласиме да работиме со вас, тоа не е заради вас, ами заради масите што се наоѓаат во вашите редови. Ние нив не сакаме да ги игнорираме, ами ќе се стремиме секогаш да сме меѓу нив и да работиме сред нив. Затоа и сега ние определуваме кои делегати можат од вас да бидат членови во нашиот комитет, а тие се: д-р Панче Васков и Димитар Ничев, уште во минатото чесни национал-револуционери". Се разбира, споровите многу се распалија и јас станав да си одам, изјавувајќи им дека нашите услови се познати и понатака јас нема што да седам и да се занимавам, велејќи им за последен пат дека и без петли може да се раздени. По моето отидување, Ризо Ризов им рекол: „Нема што да се филозофира многу, зашто тие се фактичка сила засега и тие диктираат и ако сакате да се восползувате да бидете претставени во комитетот, нека бидат избрани напред посочените ваши другари, друго нема да стане“. Тие, конституционоклубистите, не смееја да откажат соработка, зашто се страшеа да не бидат поставени под надзор. Во вакви моменти немаше место за лавирање. Белешки |