Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXXII

Од Wikisource
Поглавје XXXI Враќање во Скопје — Дискусии за егзархијата — Штрајк на железничките работници — Моето учество во штрајкот — Борба со врховистите во Велес — Собрание во училиштето „Св. Кирил и Методи“ — Митинг против српската пропаганда — Основување на работничко друштво „Класно единство“ во Велес — Формирање на демократска партија во Македонија — Борби со неоврховистите во Велес

од Алексо Мартулков
Поглавје XXXIII
Превратот на 10 јули 1908 година во Турција ме затече во Софија и јас бев задржан и не можев да заминам веднаш за Македонија поради неодложни причини од личен карактер и покрај што ме тргаше срцето. Мојот другар Лазар Плавев замина уште вториот ден по превратот за Скопје и се настани да живее при брата си Илија Плавев, наш другар социјалист и виден деец од нашето национал-револуционерно движење. Но кон крајот на месец јули заминав за Македонија, задржувајќи се во Скопје два дена при браќа Плавеви, за да размениме со нив мисли за тоа што ни претстои да правиме при новосоздадената ситуација во нашата родина по превратот.

Утредента, по пристигањето мое во Скопје, дојде и Христо Чернопеев, придружен од неговите другари Тошев и Ѓорѓи Декторов, видни членови од левицата на македонското национал-револуционерно движење. Ова беше среќен случај за мене да можам да се видам и да научам од нив како му бие пулсот на презратот во неговиот центар — Солун. Уште со своето пристигање во Скопје, откако се настануваат во хотел „Турати“, испраќаат човек да нѐ викнат мене и Илија Плавев. Ние двајцата со Плавева отидовме веднаш. Среќавањето ни беше неописливо срдечно, како на стари пријатели и другари од револуционерната борба и тоа при такви околности кога во нашата родина настана нов живот и се открива поле за работа во многу поповолни услови одошто во минатото. По прегрнувањето и избацувањето, уште не сме се распрашале за нашето здравје, веднаш пристапивме кон разговор по актуелните прашања на денот: што ни претстои да правиме за поткрепувањето на превратот и неговиот понатамошен развиток до полното демократизирање на Турција. Но уште при првите разговори се одбележа разликата меѓу мене и нив

Другарите од Солун, Струмичко и некои серчани беа отишле многу напред во своето отоманизирање и имаа јавни отомански централистички настроенија, јавно повлијани од итихатчиските кругови. Тие негираа секакви минати придобивки уште од епохата на преродбата, меѓу кои најглавно го негираа нашиот национал-политички институт — Егзархијата и подржуваа, нејзините атрибути да бидат примени од државата. Нашето училишно дело да биде раководено и контролирано од државата, а училиштата да бидат издржувани од неа, како и другите привилегии на општините, — со еден збор институтот — Егзархијата — да биде поништен. Но јас не можев да се сложам со нив, зашто ние од социјалистичката група во Софија по ова прашање бевме на друга мисла

Не само јас, многу Македонци од левицата без против становиштето на Чернопеева и неговите другари. Мненијата на противниците на тоа становиште се поклопуваа наполно со моето мнение. Него го споделуваа Јане Сандански, Димо Хаџи-Димов, Ѓорче Петров, Пере Тошев и многу други. Уште во почетокот по превратот се создадоа две струи во македонската левица и тоа јавно се гледаше од нивниот печат. Меѓу двеве струи разликите не беа само по прашањето за Егзархијата, но и по други политички прашања и тоа се гледаше јасно од пишувањето на нивните весници и нивната содржина, на пример од една страна на весникот „Народна волја“ и весникот „Единство“, а од друга — на весникот „Конституциона зора". Овие разијдувања уште појасно се оцртаа на првиот конгрес на левицата во 1909 година, кога беа турени основите на Федеративната партија. На тој конгрес, кога беше поставено за разгледување прашањето на Егзархијата, а Чернопеев и другите негови сомисленици го поддржуваа истото мнение во однос на неа, Јане Сандански реско изјави да не се посета на тој национален институт и, ако се посегнело еден ден на Егзархијата, тој бил готов одново да ја фати пушката и да отиде во Пирин да се бори за да ја заштити.

Јас во споров тогаш им реков дека ние не можеме уште од почеток со една клоца да ги кошнеме, сите наши национални институти, ами напротив треба да ги земеме во наши раце и да ги направиме полезни за наше национално самоуправување. Објективните изгледи за вакви возможности беа на лице и се сакаше само субјективниот фактор да си е на своето место. Да е јак со сплотувањето на вашите народни сили и со јасно одреден поглед на работите, со јасно оцртан пат и без двоумење да се оди напред. Ние ќе имаме добри резултати за постигање на нашата цел, иако таа е обусловена од сложезите околности во нашиот живот сега, и секое двоумење, нејасност и тркалање во магливост со правење политички комбинации и експерименти што не одговараат на реалните возможности во нашиот живот можат да бидат многу гибелни за нашиот народ.

По подолга расправија јас бев принуден да се разделам со нив и си отидов во Велес. Тие останаа да свикаат јавно собрание во Скопје другиот ден. Такво собрание станало, ама не си поминале арно на него Чернопеев и неговите другари, зашто сретнале голема опозиција на неоврховистичките елементи, кои меѓу Македонците во Скопје имаа господствувачко влијание и овие речиси не можеле да се искажат на собранието.

По три дена тие дојдоа во Велес и ваму си поминаа поарно, зашто во градов наш левицата во национал-револуционерного движење беше јака и можеше да ги натера неоврховистите да мируваат и да слушаат на собранието. Во Велес тие можеа да си го кажат зборот по актуелните прашања на денот. За одбележување беше фактот дека тоа што беше во Велес возможно, не беше возможно во многу градови на Вардарска Македонија, со исклучок на Струмица. Кавадарци и Пехчево. Во останатите градови неоврховистите имаа полна возможност да го осуетат секакво јавно собрание од левицата. Во Велес Чернопеев и неговите другари најдоа во својот поголем дел левицата да го споделува мнението, искажано од мене при споровите во Скопје со нив по прашањето за Егзархијата и воопшто по создадената ситуација кај нас и што ни претстои да правиме во иднина. Во нашиов град ние, напредните елементи, бевме доста самостојни, за да не можеа да ни влијаат фактори од каква и да била величина. Нашето гледиште по настаните на денот и целите обусловени од нив се изградуваше од нашата лична оцена за ситуацијата.

На неколку дена по моето пристигање во Велес, избувна штрајкот на железничките работници по Хиршовите железници во Турција и Бугарија. Bo Турција беше подржувано само движењето на патничките возови и сите други возови беа запрени. Беше воопшто запрена секаква друга работа. Веднаш јас отидов при работниците штрајкачи кои ме примија многу радосно, особено Турците работници ме пречекаа со извикувањето: „Бизам социјалист гелди“ (нашиот социјалист дојде). Јас веќе им се ставив на чело и го примив раководството на штрајкот. Како социјалист, бев популарен меѓу железничките работници уште од минатото пред Хуриетот, кога избувна нивниот штрајк по подржувањето во велешката секција — од Демир Капија до Зелениково. Тогаш пиќорот во Криволак, Пишмак, родум Словенец, по убедување социјалист, беше му рекол на нашиот другар Андона Шулев дека во овој штрајк имало наш прст но „...терајте, тоа добродошло за да може да се борат работниците и овде за подобрување на своите животни услови, зашто нивната положба во тој однос е многу лоша. Но со последиците од тој штрајк ќе се постигне нешто и за политичкото издигање на работниците, макар и малку да е возможно при сегашните услови".

Многу оригинално беше водена штрајкачката борба во Велес. Тукуречи целиот ден работниците манифестираа на чело со тапани и зурли и се веселеа низ сето време на поразија, но јас откога пристигнав кај нив и го примив раководството, почнав и политичка работа меѓу нив. Зборував на многу места во градот при нивното манифестирање и по локалите каде што се збираа. Во тие говори истакнав пред работниците — штрајкачи оти со создаденава положба кај нас, по станатиот преврат во нашава земја, им се даде возможност уште во првите дни да се подигнат во борба за подобрување на нивните животни услови: наголемување на работната плата и намалување на работното време. Условите при кои работеа до штрајкот без крајно лоши и нивното премавнување беше неопходно.

Самиот штрајк траеше малку дни и јас уште со неговото објаснување другиот ден отидов во Скопје, за да влезам во врска со обласниот штрајкачки комитет за координирањето на неговото раководство и работата сред штрајкачите, за да бидат, покрај економските, поставени и возможните политички барања. Но, за жалост, во Скопје не можев да се сретнам со други, освен со некои стари, познати штрајкаџии. Во раководството на штрајкот беа началникот на Скопската станица и некои повисоки службеници и поради нивниот висок бирократски положај не беа достапни и погодни за борба, каква што се налагаше во тој момент. Тие во борбата речиси не полагаа усилби за организационото изградување на железничарите, а и збор не можеше да има да спроведуваат некаква политичка дејност за политичкого исползување на штрајкот. Го водеа штрајкот по команден начин. Нашите другари — социјалисти во Скопје речиси ги немаше, и ако некој се наоѓаше, го немаше да се мерие пред штрајкачите и тоа во многу поволното време за социјалистичка работа. Јас се вратив веднаш во Ве- лес, за да сум постојано во врска со штрајкачите.

Итихачиите — младотурците беа крајно растревожени од штрајков, особено од развојот на штрајкачкото движење во Бугарија, зашто и таму во Хиршовите железници беше едновремено објавен штрајк. Неговите раководители во Бугарија беа широките социјалисти. Штрајкот ја имаше согласноста и поткрепата на бугарската влада, која ги окупира, ги презеде железниците и ги направи државни. Страшејќи се од поголеми политички усложнувања, младотурците извршија јак натиск над меродавните фактори да биде прекратен штрајков, удоволувајќи еден дел од барањата на штрајкачите.

Освоените од Бугарија железници ѝ беа платени на компанијата на многу висока цена и таа многу спечали. Но да стане ова вака причината беше, што во Хиршовите железници голем акционер беше и кнез Фердинанд Кобург. И тој спечали многу од ова. Бугарските управници можеа и во подруго време да ги земат железниците и тоа при многу поповолни услови за Бугарија, но тие имено тогаш го сторија овој акт за да ја постават при отежнета положба конституционата власт во Турција, против која беа непријателски настроени. Како што ќе видиме подолу тие се готвеа и за поголема акција со истите намери.

Во Велес кратко време по превратот се создаде низ нашето граѓанство извонредно големо настроение за борба против србоманството кај нас и првенствено во Велешка околија. Си добиваше голема почва на влијание оваа идеја кај граѓаните како наследство од грозното и ужасно минато. Усилбите и стремежите на српската хегемонистичка клика да го дена-ционализираат нашиот народ по силата на импери-јалистичките интереси на кралството Србија и изродените меѓусебни борби, кои беа водени без секакви скрупули, голтнаа од нашиот народ големи материјални и човечки жртви. Особено во нашата околија тие беа рекордни и ги држеа нашите маси под една страшно напната психоза. Масите сакаа решителна борба против тоа зло.

Уште во првите дни по превратот, неоврховистите во Велес свикаа големо јавно собрание во училиштето „Св. Кирил и Методи" за избирањето на ново раководно тело на ВМОРО. По долги расправии и распалени дебати се пристапи кон изборот на раководното тело. На својата листа неоврховистите го поставија и Риза Ризов, макар овој да не беше дојден од Бугарија, кај што беше емигрирал уште во 1905 година. Неоврховистите го поставија на својата листа, за да можат да ги придобијат прогресивните избирачи, знаејќи го неговото влијание сред нив. И навистина, тој се ползуваше со голем авторитет сред нашето граѓанство како еден од основувачите на РО и беше чесен деец.

Но меѓу поставените кандидати за избор бев и јас, а тоа беше многу непријатно за неоврховистите. Затоа тие развија голема агитација сред избирачите да не бидам избран. Гласањето беше тајно со билетчиња, но, и покрај се, јас добив повеќе од една третина од дадените гласови и за еден глас бев биен од последниот, избран на листата од неоврховистите. По добиениот резултат од изборот, јас им реков на неоврховистите — големците, на чело со д-р Петар Кушев, дека сум доволен од изборниот резултат за мене и тие треба да држат сметка за моето влијание. Заедно со моите блиски другари и пријатели ќе имам возможност да парирам секаква нивна градивна работа и избраново сега раководно тело наскоро ќе биде безгласна буква, како што ќе се види понатака. Тоа стана факт. Ние од прогресивната левица не стоевме со скрстени раце против неоврховистите и се боревме како што треба.

За одбележување е борбата што се разгори во прво време по прашањето за решителна борба против српската пропаганда. Се свика големо јавно собрание на граѓаните во салата на училиштето „Св Кирил и Методи“

За решителна борба беа и неоврховистите преку нивниот веќе создаден раководен комитет на ВМОРО, но овие подржуваа на ова собрание борбата да се води по старому и со испробаните нивни средства, со кои се водеше досега. Тие немале верба во конституциониот режим, оти може да биде долготраен, а и владеачките фактори во Турција биле од оние кругови, кои биле базата и на минатиот апсолутистички режим на султан Амида. А познато е дека овој, со својата макијавелистичка политика и поспецијално преку својот ученик Хилми-паша — губернатор на Македонија пред превратот, во периодот на Мирцштегските реформи на големите империјалистички сили кај нас, ревносен спроводник на таа политика, ѝ беше нанесол голем удар на „бугарштината“, ја засилил и зацврстил српската пропаганда кај нас, та и денее бил тој велик везир на конституционата Турција. Факт што не можеше да се одрече и имено таму врховистите без силни. Со него тие навистина можеа да импонираат низ масите. Ете зошто тие апелираа кон граѓаните да имаат верба во нивниот раководен комитет, кој ќе најде погодни средства што ќе ги употреби во ефикасната и решителна борба против пропагандата. Нека ги слушаат за во иднина неговите совети и наредувања и да не се подаваат на влијанието на други фактори, кои се стремеле да го изместат нашиот центар за борба.

Ние веќе не си правевме илузија за упорната и тешка борба на ова собрание и требаше голема сообразителност и такт од наша страна. Противникот беше многу силен и требаше да биде подбиена неговата сила. На нивната теза за борба ние, се разбира, решително се противставуваме. Ние не одрекувавме дека србоманството е едно големо зло во нашиот живот како и другите „манства“, кои беа спроводник на стремежите на балканските империјалисти, било бугарски или грчки и ја подржувавме борбата против нив, и сега сме наполно согласни во врска со борбата против српската пропаганда, но ние се разликувавме од нив, од луѓето на „раководството“ на ВМОРО по методите и средствата за таа борба. Ние не можевме да плаќаме данок на старите методи и средства за борба, кои се покажуваа крајно гибелни за нашето национално постоење и имено преку нив се стигна до банкротирање на ВМОРО во Втората револуционерна област, западна Македонија, а исто така и во многу места од централна и северна Македонија, кадешто спаѓа и нашата околија. Ако тие средства и методи беа ефикасни и целесообразни ќе стасаше ли положбата до тој степен од која не спаси станатиот преврат на 10 јули?

Превратот беше дело на крупно-земјовладелска- та класа во Турција, чија што целина беше застра- шена и нивните синови — офицери во армијата го на- правија. Но факт е дека во таа класа и во редовите на нејзината политичка организација „Итихат ве Терекли" (Обединување и напредок) имаа надмоќ конзервативните елементи и тие го држеа управувањето во своите раце. На пример, на чело на владата како велик везир ќе го имаат Хилми-паша, типичен конзервативец, но не може да се одрече и фактот оти во редовите на таа партија имаше прогресивен либерален елемент. Тој беше, вистина, малцинство, но не можеше ли утре да стане мнозинство, ако во животот на нашата земја се создадеа оние услови, за да можеа да ја одиграат својата улога во позитивна смисла? А тоа беше возможно ако сите прогресивни демократични сили и инородните малцинства ќе изградеа општ револуционерен фронт, да го тласнат развитокот напред за прерастување на Младотурскиот преврат во вистинска политичка револуција, за да може Турција наполно да се демократизира.

Ако се одеше по овој пат, можеше да се смета дека ќе се засилеа споменативе прогресивно-либерални елементи во „Итихат ве Терекли". И обратно — ако се одеше по стариот пат од неоврховистите: со бунтови и вооружени борби да создадат поволни услови за малите и големите империјалистички држави кај нас, да се одржува анархична положба во Турција, и таа болна држава да не може да го закрепи своето здравје и при удобен момент да биде разделена од тие империјалистички волци, — не ќе дојдеше ли до тоа, во господувачката турска нација, застрашена за постоење на државата, непоткрепена од другите нации да се засилат конзервативните реакционерни елементи — и во неа и во „Итихат ве Терекли".

А тоа беше страшна опасност за нас Македонците. Ние јасно можевме да видиме од минатото на нашите борби дека не можејќи само со сопствени сили да го разрешиме македонскиот проблем, а надевајќи се да предизвикаме едно замешување на големите империјалистички сили за неговото разрешување немавме успех, и покрај и тоа што дадовме огромни материјални и човечки жртви. (Па и до колку беше предизвикано тоа замешување, даде такви негативни резултати, што беше поставено во прашање нашето национално постоење).

Уште пред превратот, во 1906 година, ние, македонските социјалисти, јa гледавме оваа трагедија. При тогашни развиени средства за сообраќај и при модерно организираната армија кога државната власт имаше возможност да ги концентрира своите вооружени сили за да задржи секоја појава на бунтови; невозможно беше да имаме успех во нашата борба, а помошта од туѓите заинтересувани кругови не мо жевме да ја имаме. Затоа дојдовме до логички извод дека е потребно да се изгради општ револуционерен фронт во Турција, за општа револуција во неа, во резултат на која може да биде успешно разрешено македонското прашање.

Сега, кога по Десеттојулскиот преврат отпочна соработување меѓу прогресивно-демократските елементи кај нас, со изградувањето на гореспоменатиот фронт, требаше да се создадат национал-демократски партии како федеративни единици на општа демократска партија, која ќе има за цел да се демократизира Турција и да се изгради нејзиното управување на децентралистички основи со давање возможност да се изгради административна автономија за малцинствата. Ова ќе можеше да стане само при веќе создадената положба кај нас, макар да имавме еден ограничен конституционен режим.

Се разбира, и различните класи кај нас ќе си имаа и ќе си создадеа свои класни политички партии, кои ќе имаа за цел да ги заштитат нивните класни интереси. На пример, ние социјалистите ќе создадевме социјалистичка партија, т. е. партија на работничката класа кај нас, но ние во минатото се боревме за заштита на нашите национални интереси и во таа борба дадовме доста голем процент жртви, така и сега ќе се боревме за заштитата на тие интереси. Но ова ќе го правевме по своја иницијатива, а не како катранушка на нивната кола. Како што се гледа од напред изложеното, ние никогаш го немавме за цел компромитирањето и поништувањето на конституциониот режим, а напротив се боревме за неговото зацврстување и полното демократизирање.

Рековме, сега кога бевме собрани тука на ова собрание за опсудување мерките и средствата за отпочнување на една решителна борба против србоманската пропаганда, инсистиравме да се води таа во рамките на конституциониот режим, макар правата што ни ги даваше да беа ограничени, но сепак можеа да бидат порезултатни од оние што ги препорачуваше управниот комитет на ВМОРО. Ќе баравме преку собранија, митинзи, демонстрации, печатот и др. да се донесе закон против пропагандите, да им се пресечат изворите за средства добивани однадвор, и други мерки што ќе придонесат за намалувањето и премавнувањето на тоа зло кај нас. На прво време предлагавме да се свика општограѓански митинг преку кој да се бара од власта да се бори против ова зло.

Паролата за митинг фрлена од нас најде одушевен прием во мнозинството на собранието и нашист предлог да се избере комисија за подготвувањето и организирањето на митингов беше примен, и покрај бесниот повик на неоврховистите. Меѓу другите, во комисијата бев избран и јас. Но во комисијата беа избрани и некои членови на комитетот. Добро стана што бев избран и јас во комисијата, зашто неоврховистите не се откажаа од својата намера да не се одржи митингот. Тие преку своите претставители во комисијата при нејзините заседанија за подготовката на митингот продолжуваа да го расколебуваат мнозинството во комисијата да се откаже од митингот. За да го засилат своето влијание над неа, го доведоа најголемиот фактор, д-р Петар Кушев.

Но напразно! Сите нивни маневри беа осуетени. Не можејќи да го осуетат свикувањето на митингот, тие се обидоа при изработувањето на резолуцијата на митингот, да биде усвоена нивната проект-резолуција, со што сакаа да спроведат тенденции, митингот да мине под нивно знаме и издигнатите барања да се во духот на нивната идеологија. Но и овде удрија во камен. Нивната проект-резолуција како и предложената од другарот Шурков, беа отфрлени и ми беше определено јас да изработам резолуција. Таа беше примена со големо мнозинство.

До колку ми иде на памет, преку неа се сакаше од владата да ги земе нужните мерки по законодавен пат да биде забранета дејноста на туѓите пропаганди кај нас. Сега кога се изградуваше нов режим, за да можеме да ја зацврстиме и заздравиме нашата земја. пресекувајќи го патот на надворешните непријатели, та внатрешната реакција да се распадне, не можеше да не се лекуваат раните од минатото. Ако ги оставевме така, имаше опасност одново да заболи нашиот државен организам поопасно одошто во минатото. Ете зошто се налагаа енергични мерки за отстранувањето на оваа опасност. Граѓаните на Велес, искрени приврзаници на новиот конституционен режим, настојуваа неотстапно да бидат земени мерки по однос на пропагандите.

За говорници на митингот беа одредени Милан Горев и Христо Соколов, споредни личности од општествено-политичкиот живот на Велес. Со ова се целеше да бидат отстранети предлаганите говорници од неоврховистите. Се разбира, за да успееме во тоа, ние се откажавме од предложените наши говорници. На митингот се стече целото граѓанство, бидејќи беше прекината секаква работа. Власта беше многу обеснокоена и зеде извонредни мерки, боејќи се од поголеми усложнувања и ја постави на нога целата полиција и воениот гарнизон, но по ислушувањето на говорниците и примањето на резолуцијата, граѓанството си се разотиде без инциденти.

Борбите против аспирациите на Србите уште од зародувањето на нивната пропаганда кај нас беа многу решителни и се водеа без избор на средствата; првенствено без застапени насилието и теророт. Ние, социјалистите и прогресивните сили, во нашето национал-револуционерно движење водевме борба против ова зло, но се разликуваме од конзервативните елементи во ВМОРО, внатрешните и надворешните врховисти. Додека тие ги водеа борбите, опрени на некакви стари историски традиции и ултрашовинистички подбуди, ние во борбата против српската пропаганда како и против другите пропаганди, се раководевме од принципот дека секој Македонец е слободен да го определи своето национално чувство и национална припадност не врз основата на историските традиции и ултрашовинистички подбуди, ами врз основата на слободното самоопределување. Бевме крајни непријатели на насилието и теророт. Станат како систем, тој дава обратии резултати. Забранетиот плод е секогаш повкусен. Ние не се стремевме да ја сечеме гранката на злото, а напротив сакавме да го искорениме тоа зло од корен. Ете зошто требаше преку револуционерна просветна дејност да се создаде повисока политичка сред нашиот култура сред нашиот народ, особено сред нашиот борбен елемент, за да може јасно да ги видиме при чините на тоа зло и борбите против него да бидат смислени и целесообразни.

Но засилуваната ултрашовинистичка борба и последуваните од неа непријателства, го растројуваа и го распаѓаа нашиот народ, го правеа некадарен за борба против власта на турските калифи а за неговото политичко ослободување. Но за да бидеме приврзаници на таа борба, требаше голем такт и умеење. Борбата требаше да се овозможи од сите сили на нашиот народ, макар некои од нив да беа под влијанието на тие фактори. Прогресивните сили на ВМОРО веруваа дека овие можат да бидат спечалени за нашата ослободителна кауза, зашто масите од србомани и гркомани исто така страдаа од режимот на турските калифи, како што страдаа и Македонците. Резултатите од таа дејност на прогресивните револуционерни сили беа на лице. Во најголемиот револуционерен акт, Илинденското востание, ние ја имавме веќе поткрепата на многу места од србоманите и гркоманите.

Уште при формирањто на ВМОРО, почна да се создава социјалистичко движење, а после и анархистичко. Овие движења, особено социјалистичкото, укажаа поголемо благотворно влијание за правилниот и успешен развиток на нашето национал-револуционерно движење, а и сега, по превратот, беше на лице. Нашето влијание неоврховистите не го потценуваа. Ете зошто сите нивни усилби беа насочени да се закрепат во Велес, за да ги засилат своите позиции а во останатите градови на Македонија да ги повратат своите сили и да ја зацврснат својата доминантна положба, што беше пострадала многу од превратот. Не задоцнија да создадат и конституциони клубови. Тие располагаа со голем интелигентен кадар во Велес и ние навистина имавме голем и опасен непријател со кој ни претстоеја многу тешки борби. Нашите борби беа многу бурни и никаде во Македонија немаше таков интензивен политички живот како во Велес. Изнесените факти од тие борби имаат значење за цела Македонија во Хуриетскиот период.

На конференциите за подготовката на митингот (некои од нив беа проширени) присуствуваа некои од повидните граѓани. На една од овие конференции беше дошол и нашиот стар другар и учител Васил Главинов. Во распалените дебати тој зеде учество и наполно ги поткрепи од мене искажаните мисли на конференцијата.

На неколку дена по митингот свикавме едно собрание во куќата од Лазара Аврамов, родум од с. Ораовец, зет на другарот Главинов. На собранието присуствуваа околу 20 работници: шивачи, дрводелци, кондураџии, железничари и др. На ова собрание ги поставивме за прво време основите на работничкото друштво наречено „Класно единство“, (септември 1908 г.). Си поставивме задача да подготвиме терен за неговото понатамошно прерастување во социјалистичка организација и преку неа да создадеме синдикати. Може да се каже оти тогаш ги поставивме основите на организациониот живот нa социјалистичкото работничко движење; заправо тоа во нашиов град година постоеше во еден или друг вид уште од 1895 непрекинато, само често се засилуваше или ослабуваше, во зависност од условите. Поскоро може да се каже дека сега го обновивме при новосоздадените услови во периодот по превратот 1908 год. Од конспиративно тоа сега стана легално.

Избравме раководен комитет од пет члена. Во комитетот бевме: јас, Петар Хаџи-Јанков, Иван Нојков, Тоде Игнов и Тоде Јанчев. За секретар на комитетот бев избран јас. На ова основувачко собрание беше и другарот Главинов. Тој направи една обиколку тогаш и ги посети Солун, Битола, Крушево и Скопје, но не успеа да создаде наши организации по овие градови.

Нашата работничка организација веднаш отпочна со жива дејност и во скоро време порасна на околу 60 члена. Кон нас се присоедини и другарот Јордан Шурков, откако даде изјава дека ги восприема нашите идеи и принципи наполно. (Јас понадолу ќе се запрам на тоа зошто бевме ние принудени да ги отвориме нашироко вратите за навлегување во нашата организација). Шурков беше примен и ние при едно собрание го примивме и за член на нашиот комитет. Јас бев назначен за учител во с. Нежилово — Азот и не можев да бидам постојано во градот. Затоа го избравме Шурков за секретар и јас бев избран за претседател.

Во тоа време имавме во Велес таков интензивен политички живот, на кој можеа да му завидат многу други градови во Македонија. Тоа се должеше, ако не исклучиво, а она предимно на нашата организација. Собранијата беа многу чести и за да се задоволи нуждата бевме принудени да имаме наша просторија. Решивме и најдовме еден дуќан сред град, близу до правителствениот дом. Тој беше доста згоден и можеше да ги задоволи нашите нужди. Просторијата ја нарековме „Работнички клуб“. Бев принуден јас од мојата учителска плата да го плаќам наемот, бидејќи нашата организација материјално стоеше многу слабо. Само со членските вноски мачно можеа да се покриваат пораснатите нужди на нашето движење.

Ја засиливме нашата културно-просветна ност. Создадени беа соодветни комисии. Исто така беше создадена театарска група. Особено есента и зимата ретко пропуштавме празничен ден без да има вечеринка. Се играа пиеси со револуционерна содржина. Едни од најдобрите артисти ни беа Тодор Зографски и Христо Зарезанков. Се рецитираа избрани револуционерни стихотворби. Воопшто може да се каже дека нашиот културен живот за времето беше доста развиен. Вечеринките бидуваа задоволително посетувани. Некои и семејно ги посетуваа, а тоа за времето беше необично нешто, зашто во нашиот стопански и културен живот жената беше многу слабо застапена и таа, може да се каже, беше заклучена во семејството. Со нашата културно-просветна дејност ние ја рушевме еснафската рутина на нашиот општествен поредок. На нашите вечеринки секогаш имаше говор на актуелна политичка тема.

Сѐ ова ги вбеснуваше неоврховистите, нарекувани тогаш „конституционоклубисти“. Тие водеа една жестока кампања во борбата против нас, не одбирајќи средства. Употребуваа дури и терор, најважното нив но средство. Но нашата политичка сила беше достаточно силна за да им се противставиме. Многу нивни обиди да не убијат Шуркова и мене беа осуетени. Ние ја имавме за сојузник во борбата против нив левицата на национал-револуционерната организација. Нашето влијание сред неа беше големо.

За да биде нашата борба поефикасна и смислена, со Шурков ја зедовме иницијативата да биде организирана политичка легална партија. За оваа цел се свика голем јавен собор во училиштето „Св. Кирил и Методи“. На соборот говореше другарот Шурков и потем долги дебати се прими нашата иницијатива. Се удри темелот на Демократската партија — прва во Македонија, по превратот, во левицата на ВМОРО. За претседател на партијата беше избран Ризо Ризов, а во раководниот комитет беа избрани Илија поп-Јорданов, Миле Узунов, Јованче Варналиев, Дачо Јотов и др. Во партијата беа запишани 350 члена, а и ние се бевме засилиле веќе и броевме над 80 членови, повеќе од 60 членови од кои влегуваа веќе во заедничкиот синдикат, образуван подоцна. Заедно со демократите бевме голема сила и по тој начин неоврховистите требаше многу да се замислат кога ќе претприемаа против нас нешто.

На Божик 1908 година, една група од прононсирани неоврховисти оди на визита по случај празников кај поп-Симона и таму почнува да бујствува. Поп-Симон бидува принуден да го повика Илија Касов, градски војвода на ВМОРО, член на Демократската партија, тој да оди со Пера Караколев, терорист на Организацијата, за да ги смири неоврховистите разбујствувани, но станува големо избивање и Касов бидува нападнат со ножови од неколцина неоврховисти. Перо Караколев, гледајќи ја оваа опасност за Касова, го извадува пиштолот свој и стрела по нив. Еден од групата, најневиниот, паѓа убиен, поради кое јунаштвото" на неоврховистите се испарува и тие се разбегнуваат.

Ова станува кога ни беа дошле нагости другари од скопската социјалистичка организација, која беше веќе создадена таму. Со ова отпочна нашето масовно општување. Иако ние бевме доста растревожени поради гореспоменатата случка, свечената вечеринка по случај гостувањето на скопските другари беше успешно спроведена. Петре Караколев по убиството беше прикриен и ние не сакавме да го предадеме во рацете на власта. Го испративме другарот Лазара Плавев да појде во Кавадарци и да се сретне со Добрета Даскалов да ни даде содејство за препраќањето на Караколева во Струмица и оттаму за Пиринска Македонија, каде што можеше да биде прикриен успешно. Но неоврховистите на чело со Сандо Чапото, „војвода“, заедно со полицијата, почнуваат да го бараат Караколева и по неколку дена беше откриен и затворен.

За прв пат во нашиот долгогодишен револуционерен живот во Велес стана тоа: една од партиите да се послужи со полицијата во својата борба против противникот. Касов беше затворен уште истиот ден кога стана убиството. Неоврховистите преку лажни сведоци го обвинија Касова како убиец, а Караколева како негов помошник. Судот го осуди Касова на 15 години, а Караколева на 5 години строг темничен затвор.

Утредента по убиството, кога стана закопот на убиениот Милан Тикваров, проагитиравме сред граѓанството да земе масовно учество на закопот. Другарот Шурков одржа една многу силна прочувствена посмртна реч, во која ги нападна остро неоврховистите. Ги обвини дека тие ја создаваат оваа затегната атмосфера во Велес на која е жртва покојниот Тикваров.

Со оваа наша акција им нанесовме голем морален удар на неоврховистите и сочувството на широките народни маси беше на наша страна. За станатиот случание свикавме големо протестно јавно собрание, на кое ги нападнавме силно неоврховистите и решивме да биде отправено едно писмо до нивниот „конституционен клуб“, а исто така и до Демократската партија. Во писмото им предлагавме да се уредуават општи јавни заеднички собранија со политичките партии во Велес за разгледување и дискутирање по политичките прашања, наложени од моментот. По таков начин борбите ќе се легализираат и ќе бидат избегнати подмолните и терористички акции, кои му нанесуваат голема штета на ослободителното дело на нашиот народ. Се разбира, можеа ли тие да се фатат на оваа јадица! За ова ние не си правевме илузија. На отправеното писмо до нив и до Демократската партија тие не одговорија.

Во Скопје животот на социјалистичкото движење се развиваше понормално и спокојно, зашто таму истакнатите водачи на организацијата беа од левицата на ВМОРО и речиси не си поствуваа национал-револуционерни задачи, ами чисто класни. Социјалистите ја немаа врз себе омразата на скопските неоврховисти. А и инаку нивниот живот во Скопје, како поголем центар, не беше страшен и за другите фактори. Така, кога изработуваат тие устав (статут) за социјалистичката организација, власта им го потврди. Меѓутоа, истиот устав, кога направивме постапки да биде одобрен, власта во Велес не го потврди.

Им беа наложени некои барања од работниците на мајсторите — шивачи и кондураџии. Им се зголемија надниците и се определи десетчасовен работен ден. За времето и оваа придобивка беше голема. Работниците земјоделци во градов можеа да наложат повисоки надници за својата работа. Нашето влијание се засилуваше сред сите работници и тоа даваше реални резултати, возможни тогаш. Но зачленувањето на работниците во синдикатот стануваше многу тешко и во тој однос работата не ни одеше.

Многу работници што заминуваа за Америка или други места во туѓина, пред да заминат, се организуваа во нашиот синдикат и заминуваа со своите редовни синдикални книшки. Во Северна Америка, во гр. Милвоки, работниците велешани беа главната сила во емигрантската прогресивна организација таму, зашто мнозина од нив беа подготвени од нашата социјалистичка организација во Велес.