Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXXI

Од Wikisource
Поглавје XXX Општата политичка ситуација по младотурскиот преврат — Матов во Велес — Репресалии од младотурците — Една изјава на д-р. Назим — Конфликт со егзархистите власти во Велес

од Алексо Мартулков
Поглавје XXXII
По младотурскиот преврат, во Македонија настана масовно враќање на четници и други членови на ВМОРО. Беа испратени и големи интелигентни сили како емисари на бугарскиот империјализам, какви што беа: Тома Карајовов, Матеј Геров и др. Повеќето од овие волци се сместија во Солун, од каде што се пушти паролата за создавањето на бугарски „конституциони“ клубови. Тие се образуваа по сите градови низ Македонија, со исклучок на неколку од Серската област.

Во организацијата на бугарските конституциони клубови немаше ништо конституционо. Напротив, тие беа гнезда каде што се компромитираше конституцијата. Се отпочна со една подмолна агитација дека турските маси поради својот верски фанатизам не се способни за развиток, се распалуваше омраза меѓу народите, и се ширеа други реакционерни идеи. Почнаа да издаваат и весници, од кои еден — „Отечество“ — секидневник (орган на конституционите клубови) беше крајно опозиционерен спрема сите мерки на конституционата влада. — По нивниот пример и со истите тенденции почнаа да создаваат конституциони клубови и Србите, Грците, Албанците и др.

Левицата не стоеше со скрстени раце. Таа почна да издава свој орган „Народна волја“ и „Конституциона зора". Преку своите весници таа поведе борба против конституционите клубови и ја разобличуваше нивната сушност. Овие весници го поткрепуваа конституциониот режим и го подготвуваа народот да се бори за да се тласнат настаните напред, со цел превратот да прерасне во вистинска демократска револуција и во Турција да се изгради народно-демократски режим, којшто на сите народи во империјата ќе им овозможи слободен развиток во политички, стопански и културно-просветен однос. Се разбира, и ние социјалистите исто така бевме за поткрепување на конституциониот режим и за неговото полно демократизирање. Голема активност покажаа балканските империјалисти, особено бугарските. Уште од медените месеци од превратот, боејќи се Турција да не си ја зацврсти положбата и да не се засили, Бугарија ја отфрли формалната вазалност спрема Турција и ја прогласи својата независност. Овој акт се изврши во согласност со Австро-Унгарија, којашто ја анектира Босна и Херцеговина.

Во Турција овие настани предизвикаа големо незадоволство. И Србија беше незадоволна: почна дури и со „сабји да дрнка“, но беше принудена да го проголта тоа горчливо апче за нејзините национални аспирации. Српската влада и народ беа со право огорчени против Австро-Унгарија и против Бугарија, којашто со својот преврат и даде поволен повод на Австрија да ја објави анексијата,

Младотурците започнаа една голема акција преку митинзи, собранија и печатот како и со бојкотирањето на австриските стоки. И со Бугарија односите се затегнаа. Но Турција беше принудена да се помири со настанатата ситуација. Поради се тоа, новата конституциона влада во Турција уште од почетокот беше поставена пред внатрешни и надворешни тешкотии.

И неоврховистичкиот ВМРО е на работа; во блиските денови по превратот презеде обиколка по своето „царство“ „папата“ на неоврховистите, Христо Матов. Бевме „усреќени“ и ние, велешаните, бидејќи тој го посети и нашиот град за да ја одржи својата „апостолска“ беседа.

Велешките неоврховисти свикаа големо собрание во салонот на училиштето „Св. Кирил и Методи“. Матов почна да ја чита својата напишана проповед. со која ја „докажуваше“ неспособноста на Турција да се прероди и во тој дух приведуваше различни аргументации.

По тоа започна со „басната“ којашто по неговото мнение — се раширува од противниците на ВМРО дека во предвечерината на превратот во Западна Македонија Организацијата била близу до својот банкрот. Напротив, почна да „докажува“, со цифри на рака, дека моќта на Организацијата тогаш била поголема од колку непосредно пред Илинденското востание. Изгледа дека тој ја беше измерил со драмови на терезија, па затоа рече дека ако пред востанието моќта на нашата Организација била сто драма, тоа сега, по превратот, се зголемила на петстотини.

Тој отпочна да приведува факти за потврдување на горекажаното. Пред Илинденското востание ВМРО имала 35 илјади пушки, повеќе система гра, мартинки, кримки и мал процент малихери, а сега имале повеќе од 35 илјади и тоа магазин-пушки. Следствено, во случај на потреба нејзините борци ќе можеле да се борат со помодерно оружје. Во време на востанието нашите 26 илјади борци со послабо и неефикасно оружје можеле неколку месеца да ја ангажираат целата редовна турска армија, па и сега во случај на војна постојаната војска на Турција ќе биде ангажирана од нашата вооружена сила, којашто ќе може да му се противпостави на противникот со сегашните резерви.

Овој очигледно провокаторски говор имаше за цел да се распространи меѓу масата и да стане јавна тајна. Од друга страна, кога ќе разбереа за него младотурските кругови, тој требаше да внесе во нив загриженост: да знаат во случај на евентуална војна каков противник ќе има нивната армија зад својот грб. Но, тој требаше истовремено да ги натера и да се замислат како да реагираат против таа опасност. А како можеше да се реагира инаку, освен да се обезоружи населението во Македонија? (Кога вака стана очигледна вистинската цел и провокација на Христо Матов, мнозинството од присутните на собранието го исвири и го истурка надвор од салонот и низ скали. Во туркањето особено се истакна нашит другар Ангел Коробар).

И навистина, кога почна да се згустуваат темните облаци над политичкиот хоризонт во 1910 година, младотурците ја презедоа својата обезоружителна исклучок акција низ Македонија, со исклучок во Серскиот округ. Таа отпочна со големи жестокости, бидејќи во спроведувањето на вакви акции Турците имаа голем опит од минатото. Во Штип беа дури издигнати и бесилки — и обесени неколку штипски граѓани. Водачот на ВМРО Тодор Александров издаде заповед до населението да ги грабне пушките и да бега зад граница. Тогаш неколку илјади бегалци ја напуштија Македонија; тие беа повеќе од Штипска, Кочанска. Кривопаланечка и Царевоселска околија. Во другите краеви од Македонија во поголемиот дел оружјето беше собрано од турските власти.

Во бугарскиот печат почна да се пишува за турските ѕверства. Не недостануваа и протестни собранија и митинзи против тие ѕверства.

Во тоа време во Софија се самоизбра и централен комитет на неоврховистичката ВМРО. Неговите членови беа всушност преторијанци на Кобурговата династија, бидејќи комитетот добиваше средства за водење на својата „револуционерна борба“ пари, оружје, експлозивен материјал и др. — направо од военото министерство, чија што секција и беше.

Демократската влада на Бугарија, откако го на прави превратот од 1908 година и ја прогласи независноста, распиша и изврши избори за народни претставители за Великото народно собрание. По тоа беше свикано Великото народно собрание во Велико Трново. Тоа ја потврди веќе објавената независност и донесе решение за промена на Фердинандовата титула од „кнез на Бугарија“ во „цар на Бугарите“. Така Фердинанд стана „цар на сите Бугари на земјината топка“. Се промени и член 17 од конституцијата: со тоа на царот му се даваше право да може без да бара одобрение и согласност на Народното собрание, да склучува воени одбранбени сојузи и да објавува војна. Така, на Фердинанда му се одврзаа рацете по прашањата за мир и војна.

Во летото 1909 година во Софија беше свикан собор на сесловенските друштва — „Соколи“ и „Јунаци“. На соборот дојдоа „соколи“ од Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска и др. Отидоа и македонските „јунаци“ од Скопје, Велес, Штип, Радовиш и други градови на Македонија. По повод соборот се приреди парада, којашто ја прими царот на Бугарите — Фердинанд. На парадата не дефилираа гостите од сите земји ами само бугарските и македонските „јунаци“. Тој факт веднаш се расчу насегдека, па и во Македонија.

Во тоа време јас бев во Скопје, и на една средба меѓу мене, Илија Плавев и д-р Назим, идеолог и секретар на Централниот комитет на младотурската партија „Итихат ве Терекли" — во магазинот на Илија Плавев, меѓу другото, се засегна и разгледа и фактот за учеството на македонските „јунаци“ на споменатата парада. Д-р Назим рече: „Како вие ќе го оквалификувате учеството на македонските „јунаци“ заедно со бугарските во познатата парада пред бугарскиот државен главар кога тие се отомански поданици? Та тоа е престап од антидржавен карактер, и тие секако ќе одговараат пред нашите закони".

Се разбира, јас и Плавев ја сфативме сериозноста на таа провокаторска постапка, свесно спроведена од неоврховистите, целејќи го со тоа, имено, создавањето на такви процеси и донесувањето на тешки пресуди, па потоа да грмат во печатот и по плоштади и мегдани за жестокоста и прогонувањето на „Бугарите“ во Македонија од страна на конституционото правосудство, за да можат на тој начин да го компромитираат режимот во Турција.

Во духот на горните мисли ние истакнавме пред д-р Назим дека секако судското прогонување ќе биде во корист на факторите на таа провокација. Тој согласи со нас и изјави: „За судско прогонување не може ни збор да станува. Но јас не можам да си објаснам уште што сакате вие Македонците. Во просветен и културен однос стоите многу повисоко од нас Турците, нацијата — господар. Ние можеме само да ви завидуваме. Вашите училишта се на таква висина што нашите училишта никогаш не ќе можат да ги достигнат, бидејќи колку и да се напињаме да ве стасаме, толку вие побргу ќе бегате напред.“

„Во стопански однос вие се засилувате со едно многу брзо темпо. Во цела Македонија, освен во Солун, трговијата и занаетите се скоро во ваши раце. Дури и во Солун, главниот трговско-стопански нерв на Европска Турција, вие настапувавте. Пред 60 години одвај имавте по некој Македонец во него, а сега имате околу 16 и повеќе илјади души коишто се силно застапени во трговскиот и стопанскиот живот на градот. Експедицијата за провинцијата е скоро во македонски раце, а имате и доста големи трговски магацини. Крупните трговци од Евреите, главната маса во Солун, се учат да го зборуваат вашиот јазик, бидејќи само со неговата помош можат да тргуваат со провинцијата. — Сите овие споменати услови ви даваат возможност да станете владеачки стопански елемент во Солун. мент во срцето на Европска Турција — во Солун.“

„Сите наши напори да го зачуваме распаѓањето на нашата пауперизирана крупно-земјовладетелска класа кај нас се покажуваат бессилни пред брзото соземање и забогатување на вашите селани. Тие уште пред превратот откупија многу беговски чифлици, а и сега продолжуваат да откупуваат. Без секакви политички средства или закон на државата за разрешувањето на аграрното прашање, македонските селани го решаваат во своја полза преку своето економско засилување.“

„Како што гледате, вие имате полн интерес од стабилизирањето на конституциониот режим, којшто ви дава добри услови за културно-просветен расцвет и економски просперитет. Еден народ што има културно-просветна и економска моќ ќе биде и политички моќен. Следствено на тоа, вие имате најголем интерес од политичкото и економското прогресирање и стабилизирање кај нас“ — заврши д-р Назим.

Истакнувајќи го горното, јас сакам да потцртам колку поволна беше положбата кај нас за една работа во духот на идеите на македонската левица, подржувајќи го конституциониот режим и борејќи се за неговото раширување и демократизирање до создавањето на административна автономија за националните малцинства. Владеачката турска нација немаше апсолутно ами само релативно мнозинство. Но и во самата неа прогресивните либерални кругови не беа туѓи на овие идеи. Но врховистите беа, и покрај сѐ, против конституциониот режим во Турција и со сите простени и непростени средства сакаа да го компромитираат и да ги тласнат настаните кон една војна.

Како во минатото, така и во Хуриетскиот период Егзархијата беше за еволуција. Таа се стремеше преку својата културно-просветна организација „Матица“ и преку училиштата и црквите да го преземе во свои раце национал-политичкото дело на македонскиот народ. Таа беше против пребрзаното дејствување и војните, коишто можеа да дадат спротивни резултати од нејзината крајна цел — Велика Бугарија.

Во тоа време преку училишните настојателства македонскиот народ ги назначуваше основните и прогимназијалните учители и ја контролираше нивната просветна дејност. Стремејќи се да ја има целата просветна политика на македонскиот народ во свои раце, Егзархијата се опитуваше да ја укине оваа мала автономија што постоеше во раководството на училишното дело кај нас.

Така во август 1912 година во Велес дојде до голем конфликт меѓу училишното настојателство и Егзархијата. Органот на Егзархијата во нашиот град, митрополијата, сакаше да ги земе манастирските имоти од училишното настојателство, за да ги управува таа и да ги собира приходите од нив. Меѓутоа, со тие приходи од манастирите и црквите се издржуваа училиштата. Егзархијата дотогаш му ја исплаќаше платата само на директорот на прогимназијата, а сите други учители беа назначувани на работа и плаќани од страна на училишното настојателство. Бидејќи митрополијата ги присвојуваше манастирските и црквените приходи, таа ги преземаше и сите расходи на училиштата, како и исплакањето на платите на учителите. Спрема тоа, митрополијата сакаше да се ликвидира училишното настојателство, и таа да ги преземе сите негови функции, стремејќи се по тој начин кон полна контрола над училиштата.

Во тој конфликт целото граѓанство застана на страната на настојателството, со исклучок на неколку учителчиња, прононсирани врховисти. Се зачестија големи општограѓански собранија и на нив се донесуваа најостри резолуции против политиката на Егзархијата, оквалификувајќи ја како крајно реакционерна. На едно такво собрание се избира еден граѓански комитет којшто го зеде целото црквено-учителско дело во свои раце; се одрече од секоја помош за училиштата во Велес и околијата од Егзархијата, и му се наложи на комитетот да најде средства: било од специјалните налози над граѓанството и од приходите од црквите и манастирите, било од таму што ќе се бара од државата да го даде соодветниот дел од даноците за просветата, распишани и собрани од неа.

Толку многу се изострија борбите меѓу граѓанството и митрополијата, што Балканската војна нѐ затече скоро во независен црквено-училиштен однос спрема Егзархијата.