Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXX

Од Wikisource
Поглавје XXIX Собрание во Софија во 1908 година за една војна против Турција — Отцепување на одринци од ВМОРО — Раздвижување во левицата на ВМОРО — Чернопеев, Делирадев и Сандански на заедничка конференција — Убиството на Хилми-паша на дневен ред — Врховистите пречат

од Алексо Мартулков
Поглавје XXXI
Се влошуваше положбата во нашата земја, особено во Западна Македонија. Од долгата практика во борбите со четите, Турците се здобија со голем опит во нивното откривање и уништување. За таа цел беа создадени специјални воени единици наречени „авџи табури“ (ловџиски одреди). Многу организациони чети беа уништени.

Поради настанатата крајно лоша положба во Македонија и поради засилувањето на Србите и Грците, неоврховистите и владеачките кругови во Бугарија се обеспокоија и почнаа уште поупорно да ги пројавуваат своите аспирации кон Македонија. Почна да се зборува дека само една војна ќе даде возможност да се излезе од таа хаотична положба.

Тогаш особено се истакна Григор Василев, широк социјалист, со своите говори на јавните протестни собранија во Софија, организирани од неоврховистите, поради масовното убивање на населението во Македонија од страна на Србите, Грците и Турците (а и самите неоврховистички чети не си поплукуваа на рацете). Григор Василев и други „патриоти" ја издигна паролата за војна. Тие истакнуваа дека се трошат огромни средства за вооружувањето на армијата точно поради тоа што треба да ја изигра својата улога во претстојното „ослободување“ на Македонија.

Сѐ тоа стануваше во текот на 1908 година. Атмосферата беше до крај напрегната и ја предвестуваше бурата. Во почетокот на 1908 година младотурските либерални кругови во странство одржаа конгрес во Париз. На конгресот учествуваа и Двете ерменски национал револуционерни организации: „Дашнак Цуцион“ и „Хан Чак“. На овој конгрес се зеде решение да се засили револуционерната дејност во Турција и преку револуција да се ликвидира апсолути стичкиот полуфеудален строј и да се воспостави конституционен режим.

Развојот на настаните во Турција, каде што се активизираа либералните кругови, не можеше а да не се одрази на нашата револуционерна дејност. Први се определија за општа револуционерна дејност во Турција одринци. Тие се отцепија од ВМОРО и почнаа да издаваат свој орган, весникот „Одрински глас“, чии што редактори беа Киров и Ангел Томов. Преку „Одрински глас“ тие почнаа да водат борба во духот на новата тактика на одринци, т. е. за општа и заед ничка борба на сите прогресивни и револуционерни сили во Турција.

Ние, македонските социјалисти, не им бевме туѓи на овие идеи. Нашиот другар Александар Андонов уште во 1907 година во низа статии во списанието „Македоно-одрински преглед“[1] издавано и редактирано од Никола Наумов во Софија, се застапуваше за горните идеи. Прв тој го застапуваше гледиштето дека сепаратистичките движења се осудени на неуспех. Тој го застапуваше мнението дека тие не можат да си ги постигнат поставените цели поради фактот што сега соопштителните средства се силно развиени, па модерно вооружената и организирана турска армија.

има возможност лесно и брзо да маневрира и може да се концентрира на териториите застрашени од востание, и да го задуши. Ете зошто македонското движење треба да си ја промени својата тактика и цел — автономија на Македонија. Напротив, таа треба да ја прими идејата за општа револуција во Турција, изградувајќи заеднички револуционерен фронт со сите прогресивни елементи за сврзнување на апсолутистичкиот режим на султаните и за воспоставување на еден конституционо-демократски режим на децентралистички начела со давање полна административна автономија на националните малцинства. Уште тогаш неговите статии оставија силен впечаток во прогресивните македонски кругови и породи стремежот за преориентирање на нашето национал-револуционерно движење.

Во пролетта 1908 година во левицата на ВМОРО започна раздвижување под влијанието на гореспоменатите идеи. Први струмичани решително се опреде лија за тој правец. Тогаш отиде во Македонија Павел Делирадев, којшто произлегуваше од социјалистичките кругови во Бугарија, заедно со Христо Чернопеев, струмички окружен војвода.

Неоврховистите и владеачките демократи со големо напрегнување го следеа секое движење во прогресивните македонски кругови. Тие настојуваа да не се засилува влијанието на новите идеи и беа готови да ги земат сите нужни мерки за да ѝ парираат на таа опасност. Нив, пред сѐ, ги вбеснуваше возможноста, центарот на македонското национал-револуционерно движење да се премести во Цариград, каде што можеше да се најдат сили со кои да се соработува за разрешувањето на македонскиот проблем преку една општа револуција во Турција. Бугарската буржоазија не можеше да се помири со фактот дека независно од нејзиното влијание нашето национал-револуционерно движење може да најде сили и средства за разрешувањето на нашето прашање.

Бидејќи разбрале за тргнувањето на Делирадев и Чернопеев владините фактори ти зеле сите мерки да им оневозможат да отидат и да ги вратат во Софија. Нивните напори останале напразно. Чернопеев и Делирадев ја поминале границата и стасале во Горноџумајско.

Бугарските погранични воени власти го разбрале тоа уште истата вечер. На пограничниот пункт „Бараково“ бугарскиот пограничен воен командир веднаш се сретнал со турскиот воен командир, мајор Ќенан-беј, кому му соопштил дека двајца многу опасни комити. Чернопеев и Делирадев, ја поминале границата таа вечер и се упатиле кон селото Добреево. Горноџумајско, каде што, веројатно, и сега се наоѓаат. Требало да се земат веднаш потребни мерки за нивното фаќање или уништување, бидејќи тие комити биле многу опасни за бугарскиот кнез, а и за султанот, за- што тие соработувале со младотурците.

За жалост, великобугарскиот патриот ја беше згрешил адресата, зашто мајор Ќенан-беј беше од левицата на младотурците. Но да не преземе ништо, беше сепак рискантно за него. Тој го повикал кај себе некој потпоручник, во кој имал полна доверба, и му поставил задача со еден вод аскери да ги обиколи селата, во кои се претполагало дека се комитите, но да не презема сериозни претреси за да имаат возможност Чернопеев и Делирадев да се сокријат. Вакво дожење на аскерот им направило силен впечаток на селаните.

Како што се гледа, бугарската буржоазија не се запираше пред ништо кога македонското национал- револуционерно движење тргнувало по пат којшто бил спротивен на нејзините империјалистички интереси и била спремна и со ѓаволот ортак да стане за да му напакости.

По преминувањето на границата, Чернопеев и Делирадев отишле во Разлошко каде што во град Банско се сретнале со Јанета Сандански. Таму имале дванаесетдневна конференција на која се претресувала тактиката и целите на ВМОРО. По долги преговори дошло до согласие.

„Сандански и серските другари — ми рече Делирадев — се согласија да ја примат нашата линија, но под еден неизбежен услов на кој најмногу држеше Јане: убиството на Хилми-паша. Без примањето на тој услов беше невозможно да се постигне согласие за општата работа. И макар што поради нивните околности — пред сѐ поради соработката со младотурците — тоа ќе претставуваше голема пречка, пред несовитливата волја на Јанета ние бевме принудени да го примиме убиството на Хилми-паша, па дури одредивме и лица за исполнувањето на таа задача. Тоа беа Мирче Икономов и Мишо Шкартов, на кои им се дадоа 10 турски лири за трошоци во Солун при исполнувањето на нивната мисија.“

„Јас и Стојо Хаџиев, демирхисарски војвода со неговата чета, придружувани од Икономов и Мишо Шкартов, се спремавме да одиме во село Горно Броди, Демирхисарско, родното село на Димо Хаџи-Димов. Кога се разделувавме со Сандански, дојде известие дека е убиен Петар Милев, којшто беше еден од најдобрите војводи во Серскиот округ. Убиството го извршил Ѓорѓи Занков, којшто навлегол од Бугарија со голема вооружена чета.“

„Пожелувајќи ми добар пат Сандански ми рече: „Оди си. Не сакам да те мешам во таа гнасотија; јас ќе се расправам со неа“. Но уште пред да појдеме, дојде и друго известие дека врховистичката чета, откако подбрала едно стадо овци, се повлекла во Бугарија. По тоа ние отидовме за Демирхисарско. Таму бевме нападнати од врховистичката чета на дедо Иљо Крчовалијата, којашто крстареше во тој крај“.

Како што се гледа, во предвечерината на младотурската револуција, неоврховистите се активизираа во Серско. По заповед на своите господари, тие ја засилуваа својата дејност за да ја обессилат левицата а да го засилат своето влијание во Серско и Струмичко. Тие пред сѐ се боеја од соработката на левицата со младотурците и од евентуална возможност Цариград да стане центар на дејноста на прогресивниот дел од македонското национал-револуционерно движење. На тој начин Софија се изместуваше како центар на борбите на македонсикот народ. Како и да се земе, во време на борбите од нашето национал-револуционерно движење, — во еден или во друг вид — Софија ја играше улогата на центар. Ние покрајните левичарски елементи, ја сфаќавме таа ненормалност и опасноста од тоа, па се боревме против неа.[2]

Белешки

  1. Навод од Ѓорѓи Абаџиев: Алекс. Севастияновъ (Ал. Андонов), Революционнитѣ проблеми въ Турция, сп. „Македоно-одрински прегледъ", год. 11 бр. бр. 25-27, 1907 год.
  2. Белешка од Алексо Мартулков: „Во 1938 год., точно во кое време не можам да си спомнам, бев тешко болен и лежев дома. Еден ден дојде кај мене младиот наш другар Антон Попов, родум од село Егуменци, Петричко. (Тој беше активен член на нашето прогресивно национал-револуционерно движење, беше осуден на смрт од профашистичкото правосудство и егзекутиран во 1942 год, како член на ЦК на БРП(к). Попов ми рече дека одел за Белград и од мене бараше некои совети по нашата, македонска, линија. Најважната порачка што тогаш му ја предадов беше: да им каже на нашите другари од Вардарска Македонија да гледаат кон Белград. Му реков дека тие таму ќе најдат сили со кои ќе можат да работат за правилното поставување и разрешување на проблемите во врска со нашето национал-револуционерно движење. Додадов дека ако ние во минатото го гледавме центарот на нашите борби таму каде што тие навистина се водеа, а не пред се кон Софија, нашето движење ќе се развиваше во друг правец.“