Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XLV
| Поглавје XLIV | Спогодбата Пашиќ — Стамболијски — Крум Заграфов влегува со чета во Источна Македонија — Македонска група во Бугарскиот земјоделски сојуз — „Црниот блок“ и „Автономистите“ — Акциите на александровци во Неврокоп и Ќустендил — Државниот удар на 9 јуни 1923 годинa — Автономистички банди вршат клања и други ѕверства во Бугарија и Пиринска Македонија — Септемвриското востание — „Автономистите“ активни учесници во шпиц-командите — Бесилките во Горна Џумаја од Алексо Мартулков |
Поглавје XLVI |
| Средбата меѓу претседателот на владата на кралството на СХС Никола Пашиќ и претседателот на бугарската влада Стамболијски во Ниш, на која се постигна спогодба за пријателство меѓу двете земји, предизвика големо раздвижување во емиграцијата. Оваа спогодба беше умело исползувана и од бугарските буржоазни политички партии и нивните агенти од македонско потекло. Тие пропагираа дека Стамболијски со оваа спогодба божем се откажал од бугарските претензии на Македонија и по тој начин им ја дал курбан на Србите. Се крена една страшна бура на негодување во бугарските политички кругови и во круговите на врховистите. Преку својот печат и преку собранија тие започнаа една жестока кампања против оваа спогодба.
При ратификацијата на спогодбата во бугарското народно собрание, народните претставители од буржоазните политички партии и од партијата на широките социјалисти во своте говори истакнуваа дека Стамболијски ги изневерил традициите на бугарскиот народ којшто секогаш ја помагал борбата на Македонците да извојуваат автономија на Македонија. Не пропушта да кажат дека автономијата на Македонија е единственото справедливо решение на ова прашање за воспоставувањето на мирот на Балканот. Министер-претседателот Александар Стамболијски, којшто беше и министер за надворешните работи, им одговори на овие свои критичари и во врска со автономијата на Македонија го рече горе долу ова: Уште за време на европската војна беше испратен од дворецот и владата на Радославов Михаил Такев, водач на демократската партија и другар на Никола Мушанов и Малинов, во Женева да влезе во контакт со емисарите на силите од Антантата и да почне преговори за склучување сепаратен мир со Бугарија. Овој успеа да се сретне со споменатите емисари и при започнатите преговори од страна на Антантата му било предложено да ѝ се даде автономија на Македонија под протекторатот на силите на Антантата. Со ова тие и правеле концесија на Бугарија сакајќи што поскорешен крај на војната, а за кое Бугарија може да помогне истапувајки од сојузништвото со централните сили. Но Такев го отфрлил овој предлог на емисарите од Антантата изјавувајќи: „Бугарите никогаш не војувале за автономијата на Македонија, а ја пролевале крвта на бугарскиот народ и сега ја пролеваат само за уголемувањето на бугарската државна територија". „И затоа, — продолжи Александар Стамболијски. посочувајќи со прст кон десницата во собранието, — не коштунствувајте со зборот автономија, со овој свет збор за македонскиот народ, затоа што вие сте гробари на неговата автономија. Запрете и не валкајте го во вашите усти зборот автономија. Јас излегувам од положбата што е создадена со катастрофалните војни за нас и го гледам излезот единствено во спогодбата со нашата сосетка. Само ова ќе може да го гарантира мирниот развиток и напредок на нашата држава, а на македонскиот народ не му го одрекувам правото сам да се бори за своето ослободување.“ Федералистите, како што споменав, беа единствената опозиција во емигрантските организации на националниот комитет и другите негови секции: Македонската младинска организација, Македонското студентско друштво „Вардар" и Македонското женско друштво, а исто така и во Илинденската организација. Уште во 1921 година тие замислуваа да создадат во Македонија своја револуционерна организација. За таа цел вооружуваат една голема чета под војводството на Крум Зуграфов, во која влегуваат мнозина четници што се отцепија од ВМРО на Алаксандров[1] — Протогеров поради фракциски причини. Штом ја преминала границата оваа чета му предлага средба на Тодор Александров за заемно разбирање и обединување. Александров, којшто здраво се беше закрепил во своето скривалиште на планината Емирица — Кратовско (за да не биде скривалиштето откриено и да се запази неговата тајна, мајсторите што го направиле беа убиени), не се јавува, ами го испраќа војводата Панчо Михаилов со неговата чета да се сретне и да води преговори со Крум Зуграфов и неговите луѓе. Панчо Михаилов имаше инструкции да ги провлекува преговорите за да има Александров време да организира напад на и да ги уништи. Меѓутоа, имајки ја предвид големината на четата на Крум Зуграфов, составена од стари и опитни борци коишто добро ја познават територијата на Источна Македонија. Александров не се решаваше на отворена борба а прибегна до предавството пред српската власт. По подолги безрезултатни преговори, Крум Зуграфов со својата чета продолжи да навлегува во Македонија но во Штипско беше откриен од српските потери. Во борбата паѓа убиен само војводата а четата свртува грб и избегува во Бугарија. Така се сврши обидот на федералистите за револуционерна дејност во внатрешноста во Македонија. Meѓv четниците на Крум Зуграфов се наоѓаше и Александар Панов, родум од село Чичево, Велешко, интелигентен човек, којшто имаше дарба за пишување. Тој влезе во редовите на Земјоделскиот сојуз и напиша биографија на Стамболијски, создавајќи си влијателна положба во партијата. Земјоделците не задоцнија преку него да создадат македонска група во Земјоделскиот сојуз по примерот на комунистите. Меѓутоа оваа македонска група скоро беше ликвидирана од луѓето на Тодор Александров. Тие го убија и Александра Панов, којшто беше организатор на групата, како што го убија и архитектот Јуруков, водачот на федералистите. На конгресот на братствата во пролетта 1923 година федералистите беа добро претставени. Може да се каже дека силите и на едната и на другата страна беа рамни. Конгресот почна со многу оживени и разгорештени дискусии и федералистите, коишто во своите редови имаа доста интелигентни делегати и добри оратори, а и инаку посилни во своите аргументи, беа понадмоќни на конгресот. Но, токму во време на конгресот беше убиен еден храбар четник, Богдан, родум од село Црнилишта — Штипско. Овој четник беше се одвоил од четниците на Александров и присоединил кон четатата на Крум Зуграфов. Убиството се изврши сред бел ден во една кафеана на улица „Цар Симеон". Ова убиство имаше за цел да се изврши притисок врз делегатите на конгресот. При изборот на Националниот комитет беше избран за претседател еден од поумерените врховисти, Владимир Кусев, родум од Прилеп. Во новоизбраниот состав на Националниот комитет преовладуваа прононсирани врховисти. Бугарските буржоазни политички партии сѐ повеќе ја засилуваа својата борба против земјоделската влада и го образуваа таканаречениот „црн блок" во 1922 година. Тие свиква општ народен собор од цела Бугарија во град Горна Ореховица. На овој собор заминаа сите водачи на бугарските политички буржоазни партии. Но и земіоделците свикав општ народен собор во истиот град. Нивните маси се собираа кон собиралишното место во големи групи. И во определениот ден за соборот се судрија двете сили. Се разбира, земјоделците, коишто имаа огромно мнозинство и можеа лесно да го растурат соборот на „црниот блок", надвладаа. Многумина од приврзаниците на блокот беа испотепани и малтретирани, а на некои од нивните водачи им беа исечени брадите, место да им се исечат главите. Благодарејќи на водачите на Земјоделскиот сојуз, се избегна оваа опасност за главите на блоковите водачи. Но водачите беа уапсени за да бидат судени како виновници за катастрофата на Бугарија предизвикана од војните. За оваа цел беше организиран референдум на кој бугарскиот народ гласаше со бели и црни ливчиња (белите беа „да“, а црните „не“). Комунистичката партија го поткрепи овој референдум на земјоделците и поведе борба сред народот да гласа со белите ливчиња. Партијата се интересираше да знае каков ќе биде односот на „ВМРО“ (на автономистите), којашто стана веќе реална сила во внатрешниот политички живот на Бугарија, спрема референдумот. За да го узнае мнението на автономистите, партијата ме испрати мене да заминам за Петрич. Таму јас можев да влезам во контакт со извесни фактори на „автономистите" и узнав оти тие нема во оваа борба отворено да истапат, но тајно преку свои луѓе ќе воздејствуваат за гласањето со „црни ливчиња“. На јавната агитација на Комунистичката партија нема да ѝ пречат. Нека си прави публични собранија, нека упатува позити за гласање итн. Тие сега не се решаваат да откријат фронт против Комунистичката партија за да ги уголемат своите непријатели и да ја уголемат силата на нивниот непријател бр. 1 — Земјоделскиот сојуз. Успешно ја свршив својата мисија и по враќањето во Софија поднесов извештај. При извршениот референдум мнозинството од бугарскиот народ гласаше со бело ливче („да“). Но во Пиринска Македонија — царството на автономистите под натиск и разни терористички средства народот предимно гласаше со црно ливче („не“). Тодор Александров и генерал Протогеров презедоа веќе и поголеми походи. Така започнаа поход кон Неврокоп, под изговор да ја смачкаат таму опозицијата од серчани и земјоделци, да ја заздрават својата положба во Пиринска Македонија и да ја обидат силата на власта на Земіоделскиот сојуз. Овој поход им излезе успе-шен. Земјоделските административни и полициски сили не реагираа. И така, „автономистите“ ги исклаа сите фатени противници. Такви жестокости не се паметат од одамнешните времиња под турско ропство. Наскоро тие извршија нов поход. Под војводството на Иван Брлјо и Панче Михаилов, „автономистички“ банди навлегоа во Ќустендил. Таму се наоѓаа уште некои од четниците што се отцепија од Александрова. Но походот на 7-800 души не беше управен само против нив. Главната цел негова беше да се испита отпорната сила на власта и реагирањето на војската. Противниците беа исфатени и убиени. Во Софија стана големо раздвижување од вестите за овој поход. Дента кога чув за походот, околу шест часот по пладне, бев во едно кафеане на плоштадот „Бања-Баши“ со другарот Димо Хаџи-Димов и други пријатели. Дојдоа Тодор Атанасов и Димитар Гичев, високи партиски функционери. Тие ми поставија задача да научам што се може побргу: дали, „автономистите“ ќе го продолжат својот поход и кон Софија. Инаку, владата веќе концентрираше вооружени одреди од селата за борба против „автономистите“. Јас веднаш се сретнав со функционери на „ВМРО“ и узнав од нив оти „уште е рано за таков поход“, и дека засега ќе се ограничат само на акцијата во Ќустендил. Ми рекоа уште оти делегација од ќустендилските граѓани, по наредба на војводите Брлјо и Панче Михаилов, е испратена во Софија да ја помолат владата да не подготвува експедиција од вооружените сили, зашто тие ќе се истеглеле откако ќе свршеле со своите противници. Походот не бил насочен против владата. Се научив дури дека во делегацијата е и нашиот другар Тодор Цеков, народен претставител од Ќустендил во Народното собрание. За сѐ што разбрав му реферирав на Андон Иванов, член на ЦК на партијата. Му реков дека опасност за поход кон Софија засега нема, но овие два похода — неврокопскиот и ќустендилскиот — се всушност прелудија за една поголема акција — соборување на земјоделците од власта. Тој ме погледна малку поодвисоко, со една пренебрегнувачка усмевка. Јас отидов од него разочаран од недогледувањето на нашите повисоки партиски кругови. Од шумно најавениот поход на владата ништо не излезе. Воениот министер, којшто стоеше на чело на походот, штом се сретнал со делегацијата на ќустендилските граѓани, ги примил условите на „автономистите“ и им овозможил да се вратат необеспокојувани од никого. Но последиците од тој поход беа: зацврстувањето на „автономистите" по Ќустендил и Дупница. Тие градови беа плацдарм за утрешна генерална акција во Софија. Сѐ ова стануваше со согласието и поткрепата на Воената лига, дирижирана од дворецот. Така бргу се развиваа настаните за деветтојунскиот преврат. Во тоа време имав средба со свои стари пријатели, приврзаници на Земјоделскиот сојуз, а во минатото наши национал-револуционери. Зборувавме за претстојната опасност. Во еден разговор со Петар Ангелов, родум од Хасково (Бугарија), стар паланечки војвода — централист, инаку виден земјоделец, му поставив прашање: зошто земјоделците не преземаат мерки за да ја отстранат опасноста што им грози? Тој ми одговори: „Алармирам пред милистрите и другите влијателни фактори во Сојузот да се преземаат енергични мерки против опасноста и им кажувам оти утре може веќе да биде доцна, зашто може и главите да им се тркалаат. Но гледам едно недогледување, една некадарност да ги организираат своите инаку огромни сили, за да ги парираат намерите на противниците и да ги уништат, да преземат поголема чистка во армијата, да ги смачкаат „автономистите". „Сум се убедил — рече Ангелов — оти една ноќ нашите министри ќе бидат фатени в постела по гаќи и исклани“. И таа ноќ дојде. На 9 јуни 1923 година воените извршија преврат. Нашите преторијанци беа готови и уште во првите часови се наредија во редовите на превратаџиите во Софија — со легалните и нелегалните сили. Јордан Чкатров, Иван Михаилов, Коларов и други „величија“, облечени во воени униформи, како офицери, ја почнаа својата „револуционерна“ работа. Првата грижа им беше да ги приберат македонските прогресивни елементи. Нив ги прибраа во казармите и полициските участоци, од каде што исчезнуваа без трага. Преторијанците, на чело на своите вооружени банди, заминаа за провинцијата да го смират разбунтуваниот народ. Една таква вооружена банда на чело со големиот главорез Величко Велјанов — „Чичото“, родум од с. Црешево, Скопско, заедно со редовните војски, го нападна село Славовица (Пазарџишко), родното село на Стамболјски, кого што таму и го затече превратот. Стамболијски го фатија. Неговата глава, пресечена од „Чичото“, му беше донесена на цар Бориса да се успокои, зашто тој пројавуваше колебања, плашејќи се од големиот водач и трибун на Земјоделскиот сојуз. Успокоен од ова, царот го потпиша манифестот до бугарскиот народ. Тој играше комедија: дека превратот бил извршен без негова волја, за да покаже дека тој, како цар, стои над партиските борби. Чист, уставен, демократичен монарх! Најголем отпор против превратниците укажаа плевенските комунисти. Тие го презедоа градот и го принудија да капитулира тамошниот гарнизон. Меѓутоа, ЦК на партијата зазеде едно становиште на неутралитет спрема превратот, изјавувајќи дека превратот е израз на борбата меѓу селската и градската буржоазија и не ја засега работничката класа! Затоа по наредба на ЦК, плевенските комунисти прекинаа со отпорот. И што стана? — Кога превратациите ја презедоа власта во Плевен и се стабилизираа, тие презедоа хајка против комунистите, ги убија најистакнатите меѓу нив, на чело со Асена Халачев, а другите ги набутаа в затвор. Истата година, на 22 септември стана Септемвриското востание на работниците и селаните под раководството на Георги Димитров и Васил Коларов, членови на ЦК на КПБ. Меѓутоа, востанието не беше добро подготвено и не успеа. Како масовен револуционерен акт, тоа имаше големо политичко и морално значење во понатамошните борби на комунистичкото движење во Бугарија. Востанието беше задушено. За тоа спомогнаа пак „автономистите“ — преторијанци. Тие учествуваа во прочуените „шпицкоманди“, под раководството на главорезот капетан Харлаков, и извршија ужасни ѕверства и клања над бугарските работници и селани. „Клаха така, както турчин не беше клал“ — така се изрази за нив видниот бугарски писател Антон Страшимиров. Името Македонец меѓу бугарскиот народ стана синоним на зборот палач, џелатин. Во Пиринска Македонија работниците и селаните исто така зедоа учество во Септемвриското востание. Во Разлог востанието го раководеше Владимир Поп Томов, родум од с. Белица, Разлошко. Градот беше преземен и гарнизонот капитулира. Востаниците од Горна Џумаја се упатија накај Дупница, откаде се проектираше, според планот, да се оди кон Софија. Меѓутоа, поради апсењето на раководството на востанието во Софија, ова не се остварува. Горноџумајците, што беа стигнати до дупничките лозја, беа принудени да се вратат. „ВМРО“ на Александров — Протогеров во првите дни зазеде став на иснекување, но штом подуши оти терезните напалија кон власта, веднаш почна поход со големи вооружени банди. Овие ги начекаа горноџумајците во с. Рила. При борбата голем дел од востаниците, наоѓајки се во безнадежна положба, се предаваат, а другите се разбегнуваат. Меѓутоа, водачите на востанието беа фатени и главорезите од „ВМРО“ пројавија крајна жестокост над нив. Ги избесија во Горна Џумаја: Иван Илиев, Никола Лисичев, Тодор Чопов (син на Делчева сестра), Димитар Ацев и др. Преторијанците — „автономисти“, како што видовме, секогаш се наоѓаа на помош на реакционерните сили во Бугарија. По сите овие настани, КПБ го измени својот курс, особено по однос на македонското национал-револуционерно движење. Белешки
|