Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XLIV

Од Wikisource
Поглавје XLIII Формирање на времено претставителство — Врховистите на работа во македонските братства — Македонски национален комитет, македонската група „Освобождение“ и Федератистите — Тодор Александров дејствува во Источна Македонија — Воената лига ги подржува „Автономистите“ — Конгресот на групата „Освобождение“ — Наместо независна Македонија - создавање Балкански советски републики — Убиството на Ѓорче Петров и Александар Димитров — Јордан Чкатров држи говор пред гробот на Ѓорче Петров

од Алексо Мартулков
Поглавје XLV
Се образува времено претставителство од видни членови и водачи на ВМРО, на чело со Димо Хаџи-Димов, Ѓорче Петров, Михаил Герџиков, Туше Деливанов, Атанас Лозанчев, Петар поп-Арсов и др. Временото претставителство почна да издава свој Билтен, во кој се застапуваше гледиште директно спротивно на гледиштето од неоврховистите — преторијанци. Главно се популаризираше лозунгот за автономијата сред емигрантските маси.

Влијанието на Временото претставителство беше сѐ поголемо. Тоа имаше голема поддршка од страна. на емиграцијата. За жалост, Временото претставителство не го исползува правилно ова свое влијание. По иницијатива на Михаил Герџиков, Временото претставителство испрати во Париз како свој делегат еден католички свештеник од Пловдив (инаку познајник на Герџикова), симпатизер на македонското ослободително дело. Тој има големи врски со видни католички личности на Запад, од кои некои биле и важни фактори на Версајската мировна конференција. И тој свештеник требаше како претставител на македонските прогресивни кругови — вистински изразители на стремежите на македонскиот народ — да пледира за автономија на Македонија пред мировната конференција. За целта му беше дадено полномошно од Временото претставителство. Не се сомневам дека овој католички свештеник бил и искрен и чесен сочувственик на нашата кауза и го направил она што можел. Но можеше ли да се имаат такви илузии дека ќе се постигне нешто во полза на нашата кауза преку лични врски?! Та можеше ли да се очекува од една империјалистичка мировна конференција дека ќе се тргне од справедливите наши барања за автономија?! На конференцијата одговорните фактори не ги интересираше ништо друго, освен тоа — како победници да воспостават мир што наполно ќе ги гарантира нивните империјалистички интереси, спротивни на интересите на национално поробените, меѓу кои беше и нашиот народ.

Врховистите, како што реков, трескаво работеа да ги обноват македонските братства и друштва. И многу од нив беа обновени и почнаа да функционираат. Врховистите се готвеа веќе да свикаат „учредителен“ (основувачки) конгрес. Им беше дадена наредба на братствата и друштвата да извршат избор на делегати за конгресот.

При изборите на делегати, во братствата се разгоре борба меѓу левицата и десницата. Иако Временото претставителство не земеше едно пакосно становиште: да ги бојкотира братстват и конгресот, не учествувајќи во нив, сигурно е — тоа го тврдам — дека во негови раце ќе беше раководството на братствата, зашто неговото влијание сред емиграцијата беше големо. Во Велешкото братство и јас бев избран за делегат, иако во братството имаше влијателни врховисти како проф. Иван Ѓоргов, генерал Танев, д-р Кушев и др. Левицата се наложи. За делегати се избраа наши луѓе.

Опозицијата во секој случај беше достојно претставена на конгресот.

Борбата меѓу опозицијата и делегатите на Врховниот комитет почна уште при изборот на биро за раководење на конгресот. За раководство се избра биро од непрононсирани врховисти. Инаку, врховистите умело маневрираа.

Борбата меѓу опозицијата и делегатите на Врховниот комитет почна уште при изборот на биро за раководење на конгресот. За раководство се избра биро од непрононсирани врховисти. Инаку, врховистите умело маневрираа.

Уште пред да започне работата на конгресот, се направи предлог да се повикаат членовите на Временото претставителство да земат учество во него со право на делегати. Се заврзаа бурни дебати околу то предлог, што можеа да доведат до расцеп на конгресот и до неговото растурање. Најпосле, зеде збор претседателот на конгресот, Никола Попов, делегат од Варна, по професија адвокат. Во својот говор тој истакна дека грамаден дел од емиграцијата се наоѓа надвор од братствата. Емиграцијата во голем дел е со Временото претставителство.

„Затоа ако сакаме на овој основувачки конгрес на братствата да се постават цврсти основи на нашата организација, неопходно е во неа да биде обединета целата наша емиграција. Таква масовна срганизација ќе може да води целесообразна и успешна борба за нашата национална кауза во овие критични моменти. Без учеството и содејството на Временото претставителство, вистинскиот претставител на нашите внатрешни револуционерни сили во минатото и сега, не можеме авторитетно да го издигаме лозунгот за автономијата.“

„Вие — продолжи Попов, обрнувајќи се кон неоврховистите — го проигравте тој лозунг. Сега треба да се потчините и да бидете раководени од вистинските и авторитетни водачи на македонскиот народ.“

Најпосле, неоврховистите беа принудени да ја голтнат многу горчливата пилула за нив: со големо мнозинство беше изгласана резолуција да се избере една делегација од конгресот којашто ќе оди и ќе ги покани членовите на Временото претставителство да дојдат на конгресот и да учествуваат на него со право на полноважни делегати.

За жалост. Временото претставителство и тогаш не можеше да земе правилно становиште при наличноста на многу благопријатни услови да го земат врховното раководство на борбите на емиграцијата во свои раце прогресивните дејци. На поканата дојдоа само Ѓорче Петров и Таската Спасов, серски војвода, санданист, да го поздрават конгресот од свое име.

Ѓорче Петров, којшто и инаку многу дипломатничеше, одржа поздравен говор, полн усукувања и магливости, и јас просто не знам дали тој самиот се разбра што рече, а камоли да го разбереме ние, делегатите на конгресот.

Таската Спасов пак кажа дека во тој момент кога сме се загрижиле за судбината на Македонија, било застрашено постоењето на Бугарија и дека предимно би требало да мислиме за нејзиното постоење. Се разбира, Таската предизвика голем восхит сред делегатите врховисти коишто го наградија со бурни аплаузи.

И така, тие си ја свршија мисијата, си го кажаа лафот и си отидоа.

Но ние, делегатите од левицата, останавме крајно разочарани. Напротив, врховистите се окуражија и почнаа да стануваат активни и експанзивни во работата на конгресот. Колебливите елементи од делегатите беа придобиени од страна на врховистите и при изборот на Националниот комитет го наложија своето мнозинство. Претседател стана Каранџулов, инаку претседател на Врховниот касационен суд, еден од видните идеолози на врховизмот. — По решение на конгресот, Врховниот комитет се преименува во Национален комитет на македонските братства. Исто така се потцрта и се прими становиштето дека главната цел на македонската емигрантска организација е автономијата на Македонија.

По неуспешната мисија на неговиот делегат на мировната конференција во Версај, Временото претставителство се распадна на своите делови. Ние комунистите, на чело со Димо Хаџи-Димов, по иницијатива на Комунистичката партија на Бугарија, образувавме македонска група „Освобождение". Во нејзиното раководство влегоа: Димо Хаџи-Димов, Ангел Поп-Василев, Христо Јанков, Никола Петров, Никола Костадинов. Христо Калајџиев и јас.

Инаку, некои отидоа со федералистите, а повеќето во блажениот неутралитет.

Тогаш се создаде и Федерална македонска организација, којашто си стави за цел: извојување на автономна Македонија изградена врз федерален принцип — слично како Швајцарија: секоја националност што ја населува Македонија да си образува свои кантони за управување. РО да биде изградена врз народностен принцип: да се примат како членови во нејзините редови сите без разлика на народност, вера и политички погледи. На чело на таа организација беа: В. В. Јуруков, од Костурско, инаку архитект, д-р Филип Атанасов, Климент Размов, Павел Шатев, Јордан Анастасов, Кочо Риндов и др. Тие беа наречени федералисти. Развиваа една извонредна активност. Имајќи правилен метод на работа сред братствата, се создадоа здрави бази во емиграцијата и делеа мегдан со врховистите.

Во 1921 година се започна и едно успешно раздви жување и во редовите на старите борци од ВМОРО што зеле учество во борбите до Илинденското востание и по него — за создавање на една организација, преку која да се дејствува за подобрување на материјалната положба на нејзините членови, да се помагаат оние што имаат нужда и да се потпомага борбата на македонскиот народ за неговото ослободување.

По ослободувањето демократите во Бугарија го реконструираа својот кабинет, примајќи ги во него широките социјалисти и земјоделците. Објавија нови избори, откако го растурија Народното собрание, во кое имаа мнозинство радославистите. На изборите добија големо мнозинство земјоделците. Исто така голем успех имаа и комунистите.

По свикувањето на Народното собрание, коалиционата влада падна. Дојдоа на власт земјоделците. Тие образуваа хомогена земјоделска влада на чело со Алаксандар Стамболијски.[1]

Народното собрание донесе закон за судење на виновниците на војната. Меѓу виновниците не можеа да не се најдат и „нашите“ пеливани — преторијанци: Тодор Александров, генерал Протогеров и др. Тие беа уапсени. Меѓутоа, не мина многу време и двајцата преторијанци бегаат од затвор. Така, еден ден кога го воделе во окружниот суд за истрага, Александрова го одвлекуваат специјално подготвени луѓе: го напаѓаат стражарот што го водел и го ослободуваат. Подготвено и извршено беше и бегството на генерал Протогеров од софиската „Александрова болница“, каде што тој се наоѓаше на лекување.

Веднаш по тоа Александров и Протогеров ја почнуваат својата нелегална дејност. Тодор Александров ја префрлува границата и во Кочанско и Кратовско почнува да ја воспоставува старата организација. Тој имаше на расположение доста четнички кадар што му беше верен уште од минатото. Тој успеа таму и се затврди. Во тоа време српската власт во Македонија уште не се беше организирала и стабилизирала, та Организацијата можеше да се засили и да се рашири и во другите реони во источниот дел на Вардарска Македонија.

Во Пиринска Македонија земјоделците не можеа добро да се затврдат. Органите на нивната власт беа комплетирани од редовите на полуинтелигентни селанчиња, а исто така и од декласирани интелигенти, за кои ништо свето немаше освен — парата. Таков еден декласирам тип, на име Козлев, беше поставен за окружен управител во Петрич (тогаш овој град беше окружен град на Пиринска Македонија). Тој Козлев беше станал ортак со една банда бивши комити на чело со Алего Василев за контрабандирање на стоки од и за Грција. Меѓутоа овој ортаклак не продолжи долго и околу ќарот се скаруваат. Плашејќи се од гонењето на Козлева, во чии раце беше власта, ортаците му устројуваат заседа и го убиваат.

По ова убиство тие стануваат нелегални. За да можат да се сокриваат и да наоѓаат јатаци сред населението, започнуваат „револуционерна“ дејност за ослободувањето" на Македонија! Уште од првите дни, се засилуваат и си создаваат здрави бази во Петричко и во соседните реони.

Тодор Александров и генерал Протогеров, научувајќи за работата на тие „ослободители“, прават постапки да се зближат и да се обединат со нив. Се разбира, тоа зближување и обединување беше неопходно и за двете страни. Зашто, обединети — тие ќе бидат посилни и недофатливи. За да ја добијат поткрепата на населението и емиграцијата, тие — за да се маскираат — се нарекоа „автономисти" — иако никогаш не работеле за автономијата на Македонија туку беа секогаш против неа, секогаш нејзини гробари.

Така започна многу шумната дејност на „автономистите“, на нововоспоставената „ВМРО“. За засилувањето и затврдувањето на својата организација, „автономистите" ја имаа поткрепата на т. нар. Воена лига, една организација на офицери во бугарската армија. Таа Воена лига имаше за задача да ја обнови власта на буржоазијата (којашто инаку ја изгуби по воените катастрофи), да го обнови и засили авторитетот на монархот, како и престижот на армијата.

И така, тие две организации:, „автономистите“ и Воената лига заемно се дополнуваа. Всушност, како што видовме, тие беа дренки од еден дол: органи на царот, од кого имаа благослов и поткрепа.

Влијанието на „автономистите“ растеше од ден на ден се повеќе и повеќе. Тие стануваат веќе сила за која не можеше да не се води сметка. Но, за жалост, нашите комунистички кругови го потценува нивното влијание и не зедоа нужни мерки за да го ограничат. Треба да се рече дека имаше возможност да биде задушено тоа влијание на „автономистите" во Пиринска Македонија, зашто престижот на Комунистичката партија сред голем дел од тамошното население беше голем.

А и влијанието на серчани, старите санданисти, уште беше силно. Но повидните и поинтелигентни водачи од серчаните беа се пуштиле по други работи, по трговија (многумина станаа тутунотрговци и се обогатија), не ја гледаа опасноста што идеше и не беа свесни за тоа дека еден ден главите ќе им се тркалаат по улиците. Извесни кругови од серчани беа сврзани и со буржоазните политички партии и нив повеќе ги интересираше личната кариера. Други од нив навлегоа во Земјоделскиот сојуз — а тој беше на власт — пак од лични подбуди: да прават кариера и да си осигурат материјална благосостојба.

И така, ги немаше веќе старите револуционерни традиции на санданистите. За сериозна борба серчаните веќе беа неспособни. Мал дел од нив беа комунисти, но и тие страдаа од истите слабости од кои страдаше и целото партиско движење по однос на македонското прашање.

Ние, комунистите од македонската група „Освобождение“, пројавувавме завидна дејност сред емиграцијата, но таа дејност исклучиво имаше за цел да се создаде кадар на партијата. Курсот на партијата уште беше под влијанието на тесносоцијалистичките идеи. Ние го гледавме разрешувањето на македонското прашање по патот на непомирлива класна борба. Преку социјална револуција ќе дојдеме до господството на социјализмот во Европа и на Балканот, каде што ќе бидат создадени Балкански Советски Сојуз и Македонска Советска Република, како рамноправен член во тој Сојуз. Општата повоена ситуација во Европа, со засилување на борбениот дух на масите, кај мнозина создаваше илузии за скорешна возможност за социјална револуција. Имаше мнозина обземени од левичарството, детската болест на комунизмот, како што велеше Ленин.

И така, нашата дејност сред емиграцијата беше исклучиво партиско-просветна.

Пролетта 1920 година во Софија беше свикан конгрес на македонската група „Освобождение" при КП на Бугарија. Меѓу другата работа, се постави на разгледување прашањето за целта на македонското ослободително движење. Дотогаш, во македонското прогресивно национал-ослободително движење главната цел на борбата беше автономијата на Македонија. Но по се она што се преживеа и при новите услови на историскиот развиток, можеше ли лозунгот за автономија да ги привлекува масите и можеше ли тој да даде едно правилно разрешување на македонското прашање? Природно, се налагаше, автономијата да биде заменета со друга цел: независна Македонија како рамноправен член во рамките на Балканската федерација.

Меѓутоа, референтот по македонското прашање, другарот Димо Хаџи-Димов, се противстави на ова. Тој воопшто беше против тоа да се поставуваат какви и да е други цели во тој однос, оти со тоа ќе се предизвикaле другарите комунисти од Југославија коишто се против поставувањето на македонското прашање на базата на автономија или независност на Македонија. Затоа треба да се изостави секоја тенденција во нашето национал-револуционерно движење за изделување од oпштото комунистичко движење, коешто си поставува за цел — создавањето на Балкански Советски Републики, во кои и ќе се разреши македонското прашање. За српските другари било голема пречка за успешна дејност во Југославија, каде што може да се сретне голема опозиција од едно сепаратистичко движење во Македонија.

Ова мнение на Хаџијата предизвика големо незадоволство кај делегатите, толку повеќе што тој како член од „тричленката“: Васил Главинов, Иван Клинчаров и Димо Хаџи-Димов, се бореше за спроведување на дејноста по македонска линија во КП на Бугарија. И затоа кога се знае дека е тоа од ЦК на Партијата, негодувањето се претвори во бура.

Како може да се ликвидира со македонското револуционерно движење, да се одрекуваат неговите цели: автономна и независна Македонија коишто се животна неопходност за македонскиот народ. Со вака одделени и зафрлени цели, ние ризикуваме конечно да се најдеме во воздух и да изгубиме секакво влијание тука, во Бугарија, меѓу многубројната македонска емиграција, и внатре во самата Македонија, сред македонскиот народ. Зашто, тие цели беа поставени уште во далечното минато од нашето револуционерно движење к во името на нив беше организиран македонскиот народ, којшто во својата епохална борба даде огромни жртви, како никој друг народ на Балканов. Затоа ние, македонските комунисти, би сме извршиле големо престапление и против комунистичкото движење, изгубувајќи го воопшто периметарот за борба сред македонскиот народ и емиграцијата, оставајќи им го него — периметарот — слободен во рацете на патриотарите — врховистите.

Се дојде до таму да го напуштиме конгресот мнозинството од нас и да се замислиме што да се прави. Гледајќи дека сето ова може да има сериозни, лоши последици, големците го пратија другарот Христо Кабакчиев, член на ЦК на партијата, за да ја задуши бурата од негодување, најдувајќи исход во тоа: да се остави во сила старата цел на нашето национал-револуционерно движење: независна Македонија како рамноправен член во рамките на Балканската федерација.

Уште тогај[1] голем дел од нас јасно ја гледавме опасноста од стремежот да се измести национал-револуционерниот карактер на македонското ослободително движење и да се покрие со партиско-класниот карактер, а што ни чинеше многу жртви. Воопшто, јасно се гледаше незрелоста на балканските комунисти и нивното неразбирање на националното прашање.

Но сето тоа стана по принудување од меродавните фактори во партијата, без да се земе поука од настаните и да се тргне искрено и јасно напред за работа во национал-револуционерното движење, така како што го бараа тоа неговите интереси и тоа да стане добар сојузник во општата наша борба против заедничкиот непријател — империјализмот.

Пропуштивме многу време и продолжувавме да правиме многу грешки. Но, биени од жестоката стварност, разбравме, иако доцна, дека треба да се стремиме кон сојуз на национално поробените со социјално потиснатите за општа борба против империјализмот, зашто тој е изворот на националното ропство и социјалното угнетување.

Ние го сфаќавме значењето на Илинденската организација којашто се засили и опфати во себеси стари и млади револуционерни дејци од нашето национал-револуционерно движење. Ние не се стремевме да ја обновиме национал-револуционерната организација, а им дадовме возможност, како што видовте погоре, на врховистите, т.е. на царските преторијанци, под маската на „автономисти“, да создадат една навистина застрашителна сила.

Уште со создавањето на Илинденската организација, ние започнавме една бесна борба во колоните на весник „Освобождение" против неа како создание на врховистите. Тие имаа за цел да направат од неа орган на бугарската буржоазија за успешното спроведување на нејзината „македонска“ политика и да ја употребат како орудие во своите внатрешни политички борби. Ние и објавивме бојкот на оваа организација агитирајќи сред револуционерните дејци да не се запишуваат за нејзини членови.

Можеше ли да се одрече дека револуционерните дејци немаат свои непосредни интереси за својот личен живот и за животот на своите семејства? Можеше ли да се одрече дека меѓу нив имаше луѓе што се наоѓаа во мизерија или поради болест беа неспособни за работа и требаше да им се помогне? Можеше ли нашите стари дејци од борбите за ослободувањето на Македонија да прекинат да се интересираат понатаму за судбината на Мадедонија?[1] Имено, за задоволувањето на непосредните нужди, за помагањето на оние револуционерни дејци што имаа потреба од помош и заради интересот кон ослободителното дело на Македонија, се налагаше создавањето на една организација. Затоа Илинденската организација се создаде и успеа.

Нашите усилби во борбата против создавањето на Илинденската организација останаа бесплодни. Ние и предоставивме на буржоазијата да навлегува во емигрантската организација, во Илинденската организација, да праќа во тие организации свои агенти. Тие го презедоа нивното раководство и ги употребија овие организации за нејзини цели.

Врховистите-преторијанци ја создадоа Македонската младинска организација и Македонското студентско друштво. Како идеолози и раководители во нив беа: Иван Михаилов, Јордан Чкатров, Никола Коларов, Љубен Димитров и др. Од овие организации врховистите врбуваа луѓе и подготвија кадар за својата револуционерна дејност во Македонија и за терористичка дејност во Бугарија.

Буржоазните партии започнаа да се заздравуваат и да водат сериозна борба за преземањето на власата во своите раце. Врховистите-преторијанци им се наоѓаа на услуга. На едно тајно советување за тоа кој да биде убиен од водачите на Земјоделскиот сојуз, за да биде тој ослабен, Тодор Александров настојувал да бидат убиени Ѓорче Петров (чија што соработка со земјоделците не беше тајна за нив) и нивниот најактивен член Александар Димитров, по потекло Македонец, инаку министер за внатрешните работи, а по македонска линија сочувственик санданист. Тие му се сторија најопасни. Врховистите-преторијанци се погрижија за нивното убиство и тие беа убиени. Првин Александар Димитров, а после Ѓорче Петров, еден од нашите најголеми револуционерни водачи.

Убиството на Ѓорчета Петров предизвика стратен револт сред општественото мнение во емиграцијата и воопшто во Бугарија. Националниот комитет на братствата ја зеде позата како да протестира против авторите на ова пеколно дело и ги осуди во својот весник „Македонија“, истовремено величајќи го убиениот и неговите дела. Исто така Националниот комитет го презеде на свој трошок погребот: излегоа многубројни позиви и некролози од сите братства со кои беше поканета емиграцијата да присуствува на погребот. И навистина, целата македонска емиграција во Софија, а исто така и многубројни делегации од провинцијата, присуствуваа на погребот. Имаше огромен број венци и емиграцијата со вистинска жал му оддаде почит на овој голем македонски трибун. Присуствуваа и многубројни почитатели на Ѓорчета Петров од бугарските општествени кругови.

Со еден збор, беше тоа величествена процесија. На погребот се одржаа прочувствени говори во кои се величаше делото на Ѓорче Петров и се отправаа проклетства кон неговите убијци. И што беше најинтересно и најкарактеристично, на гробот на Ѓорче Петров се истопори да зборува познатиот врховист Јордан Чкатров, еден од организаторите на убиството. И тој ги фалеше делата на покојникот и ги проколнуваше неговите убијци. А зад него се наоѓаше неговиот другар Иван Михаилов, цинично потсмевајќи се. Ама слика! Слаб сум да ја опишам и предадам. За неа треба голем уметник на перото. Тогаш Иван Михаилов и Јордан Чкатров беа пунктови началници на организацијата на Тодор Александров и спрема тоа не можеше да има сомнение оти тие се организаторите на убиството.

Александровци долго време се грижеа да го прикријат фактот дека се тие автори на убиството на Ѓорчета Петров. Националниот комитет презеде сѐ што може за да исчезне секакво сомнение за ова убиство. Така, за да остане во тајна убиството, беше убиен убиецот на Ѓорче Петров, Турчето Реџеп. Овој се покајал кога ги видел големите свечености и жалоста на целата емиграција по Ѓорчета Петров и кога ги прочитал сите оние величања на покојниот во весник „Македонија“ и сите оние проклетства против убијците. Прикриен во куќата на Тодор Александров, тој еднаш искажал сомнение пред жената на Тодор Александров: „Дали не сторивме грешка со убиството на Ѓорчета?" Жената на Тодор Александар му го соопштува ова на својот маж и на неговите блиски. Поради ова се реша ва да биде убиен Реџеп.

Белешки

  1. 1,0 1,1 1,2 Печатна грешка во самото издание